Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Даниел — книга дадена на суд

Даниел — книга дадена на суд

Второ поглавје

Даниел — книга дадена на суд

1, 2. Во која смисла книгата Даниел е на оптуженичка клупа, и зошто мислиш дека е важно да ги разгледаме доказите во нејзина одбрана?

 ЗАМИСЛИ си дека се наоѓаш во судница и присуствуваш на едно важно судење. Еден човек е обвинет за измама. Јавниот обвинител тврди дека човекот е виновен. Но, обвинетиот долго време е на добар глас заради својот интегритет. Зарем нема да бидеш заинтересиран да ги сослушаш доказите на одбраната?

2 Ти си во слична ситуација кога станува збор за библиската книга Даниел. Нејзиниот писател бил човек прочуен по својот интегритет. Книгата која го носи неговото име е високо ценета со илјадници години. Таа се претставува како автентична историја напишана од Даниел, еврејски пророк кој живеел во седмиот и шестиот век пр.н.е. Точната библиска хронологија покажува дека неговата книга го опфаќа периодот кој се протега отприлика од 618 пр.н.е. до 536 пр.н.е., кога всушност била и завршена. Но, книгата е на оптуженичка клупа. Некои енциклопедии и други прирачници сугерираат, или отворено тврдат дека таа е измама.

3. Што вели The New Encyclopædia Britannica во врска со автентичноста на книгата Даниел?

3 На пример, The New Encyclopædia Britannica признава дека книгата Даниел некогаш „главно се сметала за точна историја која содржи вистински пророштва“. Меѓутоа, Britannica всушност тврди дека книгата Даниел „била напишана подоцна, во некое време на национална криза — кога Евреите поднесувале жестоко прогонство од [сирискиот цар] Антиох IV Епифан“. Според енциклопедијата, книгата датира меѓу 167 пр.н.е. и 164 пр.н.е. Истово дело тврди дека писателот на книгата Даниел не ја прорекува иднината, туку само ги презентира „настаните кои за него се мината историја, како пророштва за идни случувања“.

4. Кога започнал критицизмот на книгата Даниел, и што запалило сличен критицизам во последниве векови?

4 Од каде потекнуваат таквите идеи? Критицизмот на книгата Даниел не е нешто ново. Тој започнал во третиот век н.е. со еден филозоф по име Порфир. Како и многу други во Римската Империја, тој се почувствувал загрозен од влијанието на христијанството. Напишал 15 книги за да ја поткопа оваа „нова“ религија. Од нив, 12-тата била насочена против книгата Даниел. Порфир ја прогласил книгата за фалсификат, напишана од некојси Евреин во вториот век пр.н.е. Слични напади имало во 18 и 19 век. Според вишите критичари и рационалистите, пророштвото — претскажувањето на идни настани — е невозможно. Даниел станал омилена мета. Всушност, тој и неговата книга биле дадени на суд. Критичарите тврделе дека имаат изобилство докази дека книгата не ја напишал Даниел за време на изгнанството на Евреите во Вавилон, туку некој друг после неколку векови. * Таквите напади станале толку зачестени што еден автор дури напишал одбрана наречена Даниел во јамата на критичарите.

5. Зошто е важно прашањето за автентичноста на Даниел?

5 Дали постојат докази за самоуверените тврдења на критичарите? Или, пак, доказите ја поддржуваат одбраната? Овде се на коцка многу работи. Не се работи само за репутацијата на оваа древна книга, туку и за нашата иднина. Ако книгата Даниел е измама, тогаш нејзините ветувања за иднината на човештвото во најдобар случај се само празни зборови. Но, доколку содржи вистински пророштва, без сомнение, ќе бидеш желен да научиш што значат тие за нас денес. Имајќи го ова на ум, да испитаме некои од нападите врз Даниел.

6. Кое обвинение понекогаш се изнесува во врска со историјата во книгата Даниел?

6 Земи го за пример обвинението изнесено во The Encyclopædia Americana: „Многу историски детали од пораните периоди [како што е периодот на вавилонското изгнанство] се многу искривени“ во книгата Даниел. Дали навистина е така? Да разгледаме три наводни грешки, една по една.

СЛУЧАЈОТ СО МОНАРХОТ КОЈ НЕДОСТИГА

7. а) Зошто Даниеловите осврти на Валтазар долго време им биле омилени на критичарите на Библијата? б) Што се случило со идејата дека Валтазар бил само измислена личност?

7 Даниел напишал дека Валтазар, ‚синот‘ на Навуходоносор, владеел како цар во Вавилон кога градот бил поразен (Даниел 5:1, 11, 18, 22, 30). Критичарите долго време ја напаѓале оваа изјава, бидејќи името Валтазар го немало никаде на друго место освен во Библијата. Наместо тоа, древните историчари го идентификувале Набонид, наследникот на Навуходоносор, како последен од вавилонските цареви. Затоа, во 1850 Фердинанд Хициг рекол дека Валтазар очигледно бил плод на фантазијата на писателот. Но, дали мислењето на Хициг не изгледа некако избрзано? На крајот на краиштата, дали тоа што не се спомнува овој цар — особено во период за кој, мора да се признае, историските записи се оскудни — навистина докажува дека тој никогаш не постоел? Како и да е, во 1854 во урнатините на древниот вавилонски град Ур, каде што денес се наоѓа јужен Ирак, биле ископани некои мали глинени цилиндри. Овие документи на клинесто писмо од цар Набонид вклучувале молитва за „Бел-сар-усур, мојот најстар син“. Дури и критичарите морале да се сложат: Ова бил Валтазар од книгата Даниел.

8. Како Даниеловиот опис на Валтазар како владејачки цар се покажал точен?

8 Сепак, критичарите не биле задоволни. „Ова не докажува ништо“, напишал еден од нив по име Х. Ф. Талбот. Тој изнел оптужба дека синот во натписот можеби бил само дете, додека Даниел го претставува како цар кој владее. Но, само една година откако биле објавени забелешките на Талбот, биле ископани и други плочки на клинесто писмо кои укажувале дека Валтазар имал секретари и домашен персонал. Ова не било дете! Конечно, натегањето се решило со помош на други плочки на кои се известувало дека Набонид бил отсутен од Вавилон со години по ред. Исто така, овие плочки покажале дека во тие периоди, тој „му го доверил царувањето“ со Вавилон на својот најстар син (Валтазар). Во тоа време, Валтазар всушност бил цар — корегент на својот татко. *

9. а) Во која смисла можеби Даниел мислел дека Валтазар е син на Навуходоносор? б) Зошто критичарите не се во право кога тврдат дека Даниел дури и не го навестил постоењето на Набонид?

9 Сѐ уште незадоволни, некои критичари се жалат дека Библијата не го нарекува Валтазар син на Набонид, туку син на Навуходоносор. Некои тврдат дека Даниел дури и не го навестил постоењето на Набонид. Меѓутоа, после едно испитување, обата приговора пропаѓаат. Изгледа дека Набонид бил оженет со ќерката на Навуходоносор. Тоа би значело дека Валтазар бил внук на Навуходоносор. Ниту хебрејскиот ниту арамејскиот јазик немаат зборови за „дедо“ или за „внук“; „син на“ може да значи „внук на“ или дури „потомок на“. (Спореди Матеј 1:1.) Освен тоа, библискиот извештај дозволува Валтазар да биде идентификуван како син на Набонид. Кога бил заплашен од кобниот ракопис на ѕидот, очајниот Валтазар го понудил третото место во царството на оној кој ќе може да ги дешифрира тие зборови (Даниел 5:7). Зошто трето, а не второ? Со оваа понуда се подразбира дека првото и второто место веќе биле зафатени. Всушност, и биле зафатени, тие им припаѓале на Набонид и на неговиот син, Валтазар.

10. Зошто извештајот на Даниел за вавилонската монархија е подетален од извештаите на други древни историчари?

10 Значи, тоа што Даниел го спомнал Валтазар не е доказ за „многу искривена“ историја. Напротив, Даниел — иако не ја пишува историјата на Вавилон — ни дава подетална слика за вавилонската монархија отколку древните световни историчари како што биле Херодот, Ксенофон и Беросус. Зошто Даниел можел да запише факти кои ним им недостигале? Затоа што тој се наоѓал во Вавилон. Неговата книга е дело на очевидец, а не на измамник од подоцнежните векови.

КОЈ БИЛ ДАРИЈ МЕДИЕЦОТ?

11. Според Даниел, кој бил Дариј Медиецот, но што се вели за него?

11 Даниел известува дека кога Вавилон бил поразен, почнал да владее еден цар по име ‚Дариј Медиецот‘ (Даниел 5:31). Дариј Медиецот сѐ уште не е пронајден по име во световните ниту во археолошките извори. Затоа, The New Encyclopædia Britannica тврди дека овој Дариј е „измислена личност“.

12. а) Зошто библиските критичари треба да бидат поразумни отколку само категорично да наведат дека Дариј Медиецот никогаш не постоел? б) Која е една можност во врска со идентитетот на Дариј Медиецот, и кој доказ укажува на тоа?

12 Некои изучувачи биле попретпазливи. На крајот на краиштата, критичарите некогаш и Валтазар го етикетирале како „измислен“. Несомнено, случајот со Дариј ќе испадне сличен. Плочките на клинесто писмо веќе откриле дека Кир Персиецот не ја присвоил титулата „цар на Вавилон“ веднаш после победата. Еден истражувач укажува: „Секој оној кој ја носел титулата ‚цар на Вавилон‘ бил вазален цар под Кир, а не самиот Кир“. Дали Дариј можеби било владејачкото име, или титулата на некој моќен медиски службеник кому му била доверена одговорност за Вавилон? Некои укажуваат дека Дариј можеби бил некој човек по име Губару. Кир го поставил Губару за управител на Вавилон, а световните записи потврдуваат дека тој владеел со значителна моќ. Една плочка со клинесто писмо вели дека тој назначил подуправители над Вавилон. Интересно е тоа што Даниел забележува дека Дариј назначил 120 сатрапи да управуваат со вавилонското царство (Даниел 6:1).

13. Која е една логична причина зошто Дариј Медиецот е спомнат во книгата Даниел, но не и во световните записи?

13 Со текот на времето, можеби ќе биде обелоденет некој подиректен доказ за точниот идентитет на овој цар. Како и да е, привидното молчење на археологијата во овој поглед не е баш некој темел Дариј да се етикетира како „измислен“, а уште помалку за целата книга Даниел да се отфрли како измамничка. Многу поразумно е извештајот на Даниел да се смета за сведоштво на очевидец кое е многу подетално отколку постоечките световни записи.

ВЛАДЕЕЊЕТО НА ЈОАКИМ

14. Зошто не постои противречност меѓу Даниел и Јеремија во врска со годините на владеењето на цар Јоаким?

14 Даниел 1:1 гласи: „Во третата година од царувањето на јудејскиот цар Јоаким се крена вавилонскиот цар Навуходоносор против Ерусалим и го опседна“. Критичарите приговарале на овој стих бидејќи се чини како тој да не се сложува со Јеремија кој вели дека четвртата година на Јоаким била првата година на Навуходоносор (Јеремија 25:1; 46:2). Дали Даниел му противречел на Јеремија? Со повеќе информации работата веднаш станува јасна. Кога првпат бил поставен за цар во 628 пр.н.е. од страна на фараонот Нехо, Јоаким станал само марионетка на тој египетски владетел. Тоа било околу три години пред Навуходоносор да го наследи својот татко на вавилонскиот престол во 624 пр.н.е. Набрзо после тоа (во 620 пр.н.е.), Навуходоносор ја нападнал Јуда и го поставил Јоаким за вазален цар под Вавилон (4. Царства 23:34; 24:1). За еден Евреин кој живеел во Вавилон, „третата година“ на Јоаким би била трета година од вазалната служба на овој цар на Вавилон. Даниел пишувал од таа перспектива. Меѓутоа, Јеремија пишувал од перспектива на Евреите кои живееле во Ерусалим. Значи, тој укажувал дека почетокот на царувањето на Јоаким било кога фараонот Нехо го поставил за цар.

15. Зошто е слаб аргумент да се нападне датирањето кое се наоѓа во Даниел 1:1?

15 Значи, оваа наводна противречност само го поткрепува доказот дека Даниел ја напишал својата книга додека се наоѓал меѓу еврејските изгнаници во Вавилон. Но, во овој аргумент против книгата Даниел има и една друга голема дупка. Сети се дека писателот на Даниел очигледно ја имал на располагање книгата Јеремија, па дури и се осврнувал на неа (Даниел 9:2). Доколку писателот на Даниел бил некој паметен фалсификатор, како што тврдат критичарите, зарем тој би ризикувал да му противречи на еден толку почитуван извор како што бил Јеремија — и тоа уште во првиот стих на својата книга? Сигурно не!

ЗНАЧАЈНИ ДЕТАЛИ

16, 17. Како археолошките докази го поддржуваат извештајот на Даниел за а) поставувањето на религиозен лик од страна на Навуходоносор кој требало да го обожава целиот негов народ? б) фалбаџискиот став на Навуходоносор во врска со неговите градежни проекти во Вавилон?

16 Сега, да го свртиме нашето внимание од негативното кон позитивното. Разгледај и некои други детали од книгата Даниел кои покажуваат дека писателот од прва рака имал познавање за времето за кое пишувал.

17 Тоа што Даниел знаел толку ситни детали за древниот Вавилон е уверлив доказ за автентичноста на неговиот извештај. На пример, во Даниел 3:1—6 се известува дека Навуходоносор подигнал еден гигантски лик кој требало да го обожаваат сите луѓе. Археолозите откриле и други докази дека овој монарх барал неговите луѓе да бидат повклучени во националистички и религиозни практики. На сличен начин, Даниел известува за фалбаџискиот став на Навуходоносор во врска со многуте негови градежни проекти (Даниел 4:27). Дури во наше време археолозите потврдиле дека Навуходоносор навистина стоел зад голем дел од она што било изградено во Вавилон. Што се однесува до фалбаџиството — па, тој човек го имал изгравирано своето име дури и на самите цигли! Критичарите на книгата Даниел не можат да објаснат како нивниот наводен фалсификатор од времето на Макавејците (167—63 пр.н.е.) можел да знае за тие градежни проекти — околу четири века откако биле изградени и долго пред археолозите да ги изнесат на виделина.

18. Како извештајот на Даниел за различните облици на казнување под вавилонското и персиското владеење одразува точност?

18 Исто така, книгата Даниел открива некои клучни разлики меѓу вавилонскиот и медо-персискиот закон. На пример, според вавилонскиот закон, тројцата другари на Даниел биле фрлени во вжарена печка заради тоа што одбиле да ја послушаат заповедта на царот. Со децении подоцна, Даниел бил фрлен во лавовска јама заради тоа што одбил да послуша еден персиски закон кој ја повредувал неговата совест (Даниел 3:6; 6:7—9). Некои се обиделе да го отфрлат извештајот за вжарена печка како легенда, но археолозите откриле едно писмо од древниот Вавилон во кое конкретно е наведен овој облик на казнување. Меѓутоа, за Медијците и Персијците огнот бил свет. Затоа се свртувале кон други злобни облици на казнување. Според тоа, лавовската јама не претставува изненадување.

19. Кој контраст меѓу вавилонскиот и медо-персискиот законски систем се разјаснува во книгата Даниел?

19 Се јавува уште еден контраст. Даниел покажува дека Навуходоносор можел да донесува и да менува закони како што ќе му текнело. Дариј не можел да стори ништо за да ги промени ‚законите на Медијците и Персијците‘ — па дури ни оние кои ги донел самиот тој! (Даниел 2:5, 6, 24, 46—49; 3:10, 11, 96; 6:12—16). Историчарот Џон К. Виткомб пишува: „Древната историја ја потврдува оваа разлика меѓу Вавилон, каде што законот му бил подложен на царот, и Медо-Персија, каде што царот му бил подложен на законот“.

20. Кои детали во врска со гозбата на Валтазар го одразуваат спознанието за вавилонските обичаи што го имал Даниел од прва рака?

20 Возбудливиот извештај за гозбата на Валтазар, запишан во Даниел, поглавје 5, изобилува со детали. Изгледа дека таа започнала со безгрижно јадење и изобилно пиење, затоа што има неколку осврти на виното (Даниел 5:1, 2, 4). Всушност, релјефните резби на слични гозби покажуваат дека се пиело само вино. Значи, изгледа дека виното било крајно важно на таквите свечености. Исто така, Даниел спомнува дека на овој банкет биле присутни и жени — второстепените сопруги на царот и неговите конкубини (Даниел 5:3, 23). Археологијата го поддржува овој детаљ од вавилонскиот обичај. Идејата жени да ги придружуваат мажите на некоја гозба била неприфатлива за Евреите и Грците во ерата на Макавејците. Можеби затоа раните верзии на грчката Септуагинта во Даниел испуштаат да ги спомнат овие жени. * Сепак, наводниот фалсификатор на Даниел живеел во истата хеленизирана (грчка) култура, а можеби дури и во текот на истата ера во која била напишана Септуагинтата!

21. Кое е најразумното објаснување за тоа зошто Даниел имал темелно познавање на времињата и обичаите од вавилонското изгнанство?

21 Со оглед на овие детали, се чини дека е речиси неверојатно тоа што Britannica можела да го опише авторот на книгата Даниел како човек кој имал само „површно и неточно“ спознание за времето на изгнанството. Како можел некој фалсификатор од подоцнежните векови да биде толку темелно запознат со древните вавилонски и персиски обичаи? Запомни го и тоа дека обете империи се распаднале долго пред вториот век пр.н.е. Изгледа дека тогаш немало археолози; ниту, пак, Евреите од тоа време можеле да се гордеат со некое познавање на странските култури и историја. Само пророкот Даниел, очевидец на времињата и настаните кои ги опишал, можел да ја напише библиската книга која го носи неговото име.

ДАЛИ НЕКОИ НАДВОРЕШНИ ФАКТОРИ ДОКАЖУВААТ ДЕКА КНИГАТА ДАНИЕЛ Е ФАЛСИФИКАТ?

22. Кое тврдење го изнесуваат критичарите во врска со местото на Даниел во канонот на Хебрејските списи?

22 Еден од највообичаените аргументи против книгата Даниел се однесува на неговото место во канонот на Хебрејските списи. Древните рабини ги подредиле книгите од Хебрејските списи во три групи: Закон, Пророци и Записи. Даниел не го уброиле во Пророците, туку во Записите. Ова значи, како што аргументираат критичарите, дека книгата сигурно била непозната во времето кога се собирале делата на другите пророци. Таа е групирана меѓу Записите наводно затоа што тие биле собрани подоцна.

23. Како древните Евреи гледале на книгата Даниел, и од каде го знаеме тоа?

23 Сепак, сите библиски истражувачи не се сложуваат со тоа што древните рабини го поделиле канонот на толку строг начин или што го исклучиле Даниел од Пророците. Но, дури и ако рабините го ставеле Даниел во Записите, дали тоа би било доказ дека таа е напишана на некој подоцнежен датум? Не. Некои ценети изучувачи укажале на извесен број причини зошто рабините можеби го исклучиле Даниел од пророците. На пример, можеби го сториле тоа бидејќи книгата ги навредувала или затоа што сметале дека Даниел се разликувал од другите пророци по тоа што имал световна служба во странска земја. Како и да е, она што навистина е важно е следново: Древните Евреи имале длабока почит кон книгата Даниел и ја сметале за канонска. Освен тоа, доказот укажува дека канонот на Хебрејските списи бил завршен долго пред вториот век пр.н.е. Подоцнежни додатоци едноставно не биле дозволени, вклучувајќи и некои книги напишани во вториот век пр.н.е.

24. Како апокрифната книга Мудрост Сирахова е користена против книгата Даниел, и што покажува дека ваквото расудување е погрешно?

24 Иронично е тоа што едно од овие подоцна отфрлени дела е користено како аргумент против книгата Даниел. Апокрифната книга Мудрост Сирахова, од Исус Бен Сирах, изгледа била составена околу 180 пр.н.е. Критичарите сакаат да истакнат дека Даниел е испуштен од долгиот список на праведници од таа книга. Расудуваат дека Даниел сигурно бил непознат во тоа време. Овој аргумент е нашироко прифатен кај изучувачите. Но, размисли за ова: истиот список ги испушта Ездра и Мардохеј (обајцата биле големи херои во очите на Евреите од времето после изгнанството), добриот цар Јосафат и праведникот Јов; а од сите судии го спомнува само Самуил. * Бидејќи тие мажи се испуштени од списокот за кој не се ни тврди дека е исцрпен, а се појавува во една неканонска книга, дали треба да ги отфрлиме сите нив како измислени? Самата идеја е апсурдна.

НАДВОРЕШНО СВЕДОШТВО ВО ПОЛЗА НА ДАНИЕЛ

25. а) Како Јосиф посведочил за вистинитоста на извештајот на Даниел? б) На кој начин извештајот на Јосиф во врска со Александар Велики и книгата Даниел се вклопуваат во познатата историја? (Види ја втората фуснота.) в) Како лингвистичкиот доказ ја поддржува книгата Даниел? (Види страница 26.)

25 Да преминеме повторно на позитивното. Се укажува на тоа дека ниедна друга книга од Хебрејските списи не е толку добро потврдена како Даниел. Да илустрираме: Прочуениот еврејски историчар Јосиф сведочи за нејзината автентичност. Тој вели дека за време на својата војна против Персија во четвртиот век пр.н.е., Александар Велики дошол во Ерусалим, каде што свештениците му покажале примерок од книгата Даниел. Самиот Александар дошол до заклучок дека зборовите од пророштвото на Даниел кои му биле покажани, се однесувале на неговиот воен поход во кој била вклучена Персија. * Тоа би било отприлика еден и пол век пред „фалсификатот“ што го предлагаат критичарите. Секако, тие го нападнале Јосиф во врска со овој дел. Го нападнале и заради тоа што забележал дека некои пророштва од книгата Даниел се исполниле. Сепак, според забелешката на историчарот Џозеф Д. Вилсон, „[Јосиф] веројатно знаел повеќе за таа работа отколку сите критичари на светот“.

26. Како Свитоците од Мртвото Море ја поддржуваат автентичноста на книгата Даниел?

26 Автентичноста на книгата Даниел добила понатамошна поддршка кога во Кумранските пештери (Израел) биле пронајдени Свитоците од Мртвото Море. Меѓу работите пронајдени во 1952 има изненадувачки број свитоци и фрагменти од книгата Даниел. Најстариот датира од крајот на вториот век пр.н.е. Значи, во тој ран период книгата Даниел веќе била добро позната и нашироко почитувана. The Zondervan Pictorial Encyclopedia of the Bible забележува: „Сега треба да се напушти макавејското датирање на Даниел, ако не за друго барем само затоа што не е возможно да постои доволен временски интервал меѓу составувањето на Даниел и неговата појава во облик на преписи во библиотеката на една макавејска религиозна секта“.

27. Кој е најстариот доказ дека Даниел бил вистинска личност која била добро позната во текот на вавилонското изгнанство?

27 Меѓутоа, постои едно многу постаро и подоверливо сведоштво за книгата Даниел. Еден од современиците на Даниел бил пророкот Језекиил. И тој служел како пророк во времето на вавилонското изгнанство. Книгата Језекиил неколкупати го спомнува Даниел по име (Језекиил 14:14, 20; 28:3). Овие осврти покажуваат дека дури и за време на неговиот живот, во шестиот век пр.н.е., Даниел веќе бил добро познат како праведен и мудар човек, достоен да се спомне заедно со богобојазливите Ное и Јов.

НАЈГОЛЕМИОТ СВЕДОК

28, 29. а) Кој е најубедливиот од сите докази дека книгата Даниел е автентична? б) Зошто треба да го прифатиме Исусовото сведоштво?

28 На крај, да го разгледаме најголемиот од сите сведоци за автентичноста на Даниел — никој друг туку Исус Христос. Во својата дискусија за последните денови, Исус укажува на ‚пророкот Даниел‘ и на едно од Даниеловите пророштва (Матеј 24:15; Даниел 11:31; 12:11).

29 Сега, доколку макавејската теорија на критичарите била исправна, една од две работи би била точна. Или Исус бил измамен од овој фалсификат, или тој никогаш не ги рекол зборовите кои ги цитирал Матеј. Ниедна од овие можности не може да се одржи. Ако не можеме да имаме доверба во извештајот од евангелието на Матеј, тогаш како ќе можеме да се ослониме на другите делови од Библијата? Доколку ги отстраниме тие реченици, кои зборови ќе ги тргнеме потоа од страниците на Светото писмо? Апостол Павле напишал: „Целото Писмо е од Бога вдахновено и полезно за поука . . . поправање“ (2. Тимотеј 3:16). Значи, ако Даниел бил измамник, тогаш и Павле бил измамник! Дали било можно Исус да биде измамен? Тешко. Тој бил жив на небото кога била напишана книгата Даниел. Исус дури рекол: „Јас постојам уште пред да се роди Авраам“ (Јован 8:58). Од сите луѓе кои некогаш живееле, Исус би бил најмеродавниот кого би можеле да го прашаме за информации во врска со автентичноста на Даниел. Но, не мора да прашуваме. Како што веќе видовме, неговото сведоштво не може да биде појасно.

30. Како Исус дал понатамошна потврда на автентичноста на книгата Даниел?

30 Исус дал понатамошна потврда на автентичноста на книгата Даниел и во времето на своето крштавање. Тогаш станал Месија, исполнувајќи едно пророштво на Даниел во врска со 69-те седмици од години (Даниел 9:25, 26; види 11-то поглавје од оваа книга). Дури и да е точно она што може да се нарече теорија на подоцнежен датум, писателот на Даниел сепак ја знаел иднината 200 години однапред. Секако, Бог не би инспирирал некој фалсификатор да изрече вистински пророштва под лажно име. Не, луѓето кои му се верни на Бог со цело срце го прифатиле сведоштвото на Исус. Ако сите стручњаци, сите критичари на светот би се обединиле за да го побијат Даниел, сведоштвото на Исус ќе докаже дека тие не се во право, зашто тој е „Верниот и Вистинскиот Сведок“ (Откровение 3:14).

31. Зошто многу библиски критичари сѐ уште не се убедени во автентичноста на Даниел?

31 Дури и ова сведоштво не им е доволно на многу библиски критичари. Откако темелно ќе ја разгледа оваа тема, човек не може а да не се праша дали некоја количина докази ќе ги убеди. Еден професор на оксфордскиот универзитет напишал: „Ништо не се добива со едноставно одговарање на приговорите, сѐ додека останува првобитната предрасуда ‚не може да постои натприродно пророштво‘“. Значи, нив ги заслепуваат нивните предрасуди. Но, тоа е нивни избор — и нивна штета.

32. Што нѐ очекува во нашето проучување на Даниел?

32 А како е со тебе? Ако можеш да видиш дека нема вистинска причина за сомневање во автентичноста на книгата Даниел, тогаш си спремен за едно возбудливо патување кон откритија. Ќе увидиш колку е возбудливо раскажувањето на Даниел и колку се фасцинантни пророштвата. Што е уште поважно, ќе увидиш дека со секое поглавје твојата вера ќе станува сѐ посилна. Никогаш нема да зажалиш што обрнуваш целосно внимание на Даниеловото пророштво!

[Фусноти]

^ Некои критичари се обидуваат да го ублажат обвинението за фалсификување со тоа што велат дека писателот го употребил името Даниел како псевдоним, исто како што некои древни неканонски книги биле напишани под псевдоними. Меѓутоа, библискиот критичар Фердинанд Хициг тврдел: „Случајот со книгата Даниел, доколку таа му се припише на некој друг [писател], е поинаков. Тогаш станува фалсификуван запис, а намерата била да се измамат непосредните читатели, но за нивно добро“.

^ Кога Вавилон паднал, Набонид бил отсутен. Значи, Валтазар со право е опишан како цар во тоа време. Критичарите ситничарат дека световните записи не му даваат на Валтазар службена титула цар. Сепак, древните докази укажуваат дека луѓето од тие денови дури и еден управител можеле да го нарекуваат цар.

^ Еврејскиот изучувач К. Ф. Кил за Даниел 5:3 пишува: „LXX овде и во ст. 23 испушта да ги спомне жените, според обичајот на Македонците, Грците и Римјаните“.

^ За разлика од тоа, инспирираниот список на апостол Павле на верните мажи и жени, спомнат во Евреите, поглавје 11, алудира на настаните запишани во Даниел (Даниел 6:16—24; Евреите 11:32, 33). Меѓутоа, списокот на апостолот не е исцрпен. На тој список не се набројани и многу други, вклучувајќи ги Исаија, Јеремија и Језекиил, но тоа не докажува дека тие никогаш не постоеле.

^ Некои историчари забележале дека тоа би го објаснило фактот зошто Александар бил толку љубезен со Евреите, кои биле долгогодишни пријатели со Персијците. Во тоа време бил во поход на уништување на сите пријатели на Персија.

ШТО ЗАБЕЛЕЖА?

• За што била обвинета книгата Даниел?

• Зошто нападите на книгата Даниел од страна на критичарите немаат цврста основа?

• Кои докази ја поддржуваат автентичноста на извештајот на Даниел?

• Кој е најубедливиот доказ дека книгата Даниел е автентична?

[Прашања]

[Рамка на страница 26]

Работа на јазикот

ПИШУВАЊЕТО на книгата Даниел било завршено околу 536 пр.н.е. Таа била напишана на хебрејски и арамејски јазик, со неколку грчки и персиски зборови. Таква смеса од јазици е невообичаена, но не и единствена во Писмото. И библиската книга Ездра била напишана на хебрејски и арамејски. Сепак, некои критичари тврдат дека писателот на книгата Даниел ги користел овие јазици на начин кој докажува дека тој пишувал во некое време после 536 пр.н.е. Нашироко се цитира еден критичар кој вели дека употребата на грчки зборови во Даниел изискува некој подоцнежен датум на со­ста­ву­ва­ње. Тој тврди дека хебрејскиот јазик поддржува, а арамејскиот јазик барем дозволува таков подоцнежен датум — па дури и толку понов како вториот век пр.н.е.

Меѓутоа, сите лингвисти не се сложуваат со тоа. Некои авторитети рекле дека хебрејскиот јазик на Даниел е сличен на оној на Језекиил и Ездра и дека се разликува од јазикот кој се наоѓа во некои подоцнежни апокрифни книги, како што е Мудрост Сирахова. А што се однесува до употребата на Даниел на арамејски јазик, разгледај два документа кои биле најдени меѓу Свитоците од Мртвото Море. И тие се напишани на арамејски и датираат од првиот и вториот век пр.н.е. — недолго после наводното фалсификување на Даниел. Но, изучувачите забележале една голема разлика меѓу арамејскиот јазик во тие документи и оној кој се наоѓа во Даниел. Затоа, некои сугерираат дека книгата Даниел мора да е со векови постара од датумот што го тврдат нејзините критичари.

А што е со „проблематичните“ грчки зборови во Даниел? Откриено е дека некои од нив воопшто не се грчки зборови туку персиски! Единствените зборови за кои сѐ уште се смета дека се грчки се имињата на три музички инструменти. Дали присуството на овие три зборови навистина изискува на Даниел да му се припише некој подоцнежен датум? Не. Археолозите откриле дека грчката култура била влијателна уште со векови пред Грција да стане светска сила. Освен тоа, доколку книгата Даниел била составена во вториот век пр.н.е., кога грчката култура и грчкиот јазик биле мошне распространети, дали таа би содржела само три грчки зборови? Тешко. Веројатно би содржела многу повеќе. Според тоа, лингвистичкиот доказ навистина ја поддржува автентичноста на Даниел.

[Слика на целата страница 12]

[Слики на страница 20]

(горе) Овој натпис го содржи фалбаџиството на Навуходоносор во врска со неговите градежни проекти

(долу) Цилиндар од вавилонскиот храм кој ги спомнува по име цар Набонид и неговиот син Валтазар

[Слика на страница 21]

Според Набонидовата хроника, војската на Кир влегла во Вавилон без борба

[Слики на страница 22]

(десно) „Извештајот за Набонид во стихови“ известува дека Набонид му го доверил владетелството на својот првороденец

(лево) Вавилонски запис за напаѓањето на Јуда од страна на Навуходоносор