Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Подемот и падот на еден огромен лик

Подемот и падот на еден огромен лик

Четврто поглавје

Подемот и падот на еден огромен лик

1. Зошто треба да бидеме заинтересирани за ситуацијата која настанала после една деценија откако цар Навуходоносор ги одвел Даниел и другите во заробеништво?

 ПОМИНАЛА една деценија откако цар Навуходоносор ги одвел Даниел и другите ‚големци на земјата‘ Јуда во заробеништво во Вавилон (4. Царства 24:15). Додека младиот Даниел служи на царскиот двор, настанува ситуација која му го доведува животот во опасност. Зошто би требало да нѐ интересира ова? Затоа што начинот на кој Јехова Бог интервенира во работата не само што го спасува животот на Даниел и на другите туку ни дава и преглед на маршот на светските сили од библиското пророштво сѐ до нашево време.

ЕДЕН МОНАРХ СЕ СООЧУВА СО ТЕЖОК ПРОБЛЕМ

2. Кога Навуходоносор го сонил својот прв пророчки сон?

2 „Во втората година од царувањето свое“, напишал пророкот Даниел, „Навуходоносор сони сон, од кој духот му се смати и сонот побегна од него“ (Даниел 2:1). Сонот го сонил Навуходоносор, царот на Вавилонската Империја. Всушност, тој станал светски владетел во 607 пр.н.е. кога Јехова Бог му дозволил да го уништи Ерусалим и неговиот храм. Во втората година од владеењето на Навуходоносор како светски владетел (606/605 пр.н.е.), Бог му испратил застрашувачки сон.

3. Кој се покажал неспособен да го протолкува сонот на царот, и како реагирал Навуходоносор?

3 Овој сон толку многу го вознемирил Навуходоносор што не можел да заспие. Секако, бил желен да го дознае неговото значење. Но, моќниот цар го заборавил сонот! Затоа ги свикал вавилонските маѓесници, гледачи и гатачи, и побарал да му го раскажат сонот и да му го протолкуваат. Задачата била претешка за нив. Нивниот неуспех толку го разбеснел Навуходоносор што издал наредба да се „истребат сите вавилонски мудреци“. Овој декрет би го соочил пророкот Даниел со назначениот погубител. Зошто? Затоа што и тој и тројцата негови еврејски другари — Ананиј, Мисаил и Азариј — биле сметани за вавилонски мудреци (Даниел 2:2—14).

ДАНИЕЛ ПРИТЕКУВА НА ПОМОШ

4. а) На кој начин Даниел дознал за содржината и за значењето на сонот на Навуходоносор? б) Што рекол Даниел од благодарност кон Јехова Бог?

4 Откако ја дознал причината за строгиот декрет на Навуходоносор, ‚Даниел пошол кај царот и измолил да му даде време за да му го каже на царот толкувањето на сонот‘. Молбата му била одобрена. Даниел се вратил во својот дом, и тој и тројцата негови еврејски пријатели се помолиле, барајќи „милост од Бога небесни за таа тајна“. Истата ноќ, Јехова во визија му ја открил на Даниел тајната на сонот. Даниел со благодарност рекол: „Нека е благословено името на Господа од века и до века, зашто во него има мудрост и сила. Он ги менува времињата и годините, соборува цареви и поставува цареви, дава мудрост на мудри и знаење на разумни. Он открива што е длабоко и сокриено, знае што има во темнината и светлината живее со Него“. За таквиот увид Даниел го фалел Јехова (Даниел 2:15—23).

5. а) Како Даниел му оддал признание на Јехова додека бил пред царот? б) Зошто објаснувањето на Даниел треба да нѐ интересира и нас денес?

5 Следниот ден Даниел му пристапил на Ариох, началникот на телохранителите, кој бил назначен да ги убие вавилонските мудреци. Кога дознал дека Даниел би можел да го протолкува сонот, Ариох брзо го упатил кај царот. Не припишувајќи си никаква заслуга себеси, Даниел му рекол на Навуходоносор: „На небесата има Бог, Кој открива тајни; и Он ќе му открие на царот Навуходоносор сѐ што ќе се збидне во последните денови“. Даниел бил спремен не само да ја открие иднината на Вавилонската Империја туку и краткиот преглед на светските настани од времето на Навуходоносор па сѐ до нашево време, а и после тоа (Даниел 2:24—30).

СОНОТ — РАЗОТКРИЕН

6, 7. Каков бил сонот на кој Даниел го потсетил царот?

6 Навуходоносор внимателно слушал додека Даниел објаснувал: „Твоето видение, царе, е вакво; ете, некаков си голем, огромен беше тој лик, стоеше пред тебе во голема светлина, и погледот му беше страшен. Главата на тој лик беше од чисто злато, градите и рацете од сребро, додека стомакот и бедрата негови беа бакарни. Потколениците [нозете, NW] железни, а нозете [стапалата, NW] дел железни, дел глинени. Ти го гледаше, додека еден камен не се откачи од планината сам, удри во идолот, во неговите железно-глинени нозе [стапала, NW] и го скрши. Тогаш заедно сѐ се раздроби: железото, глината, бакарот, среброто и златото станаа како прав на летно гумно; ветрот ги однесе, и трага од нив не остана, а каменот што го разби идолот стана голема планина и ја исполни целата земја“ (Даниел 2:31—35).

7 Колку само мора да бил возбуден Навуходоносор кога чул како Даниел му го разоткрива сонот! Но, почекај малку! Вавилонските мудреци ќе бидат поштедени само ако Даниел му го протолкува сонот. Зборувајќи во свое име и во името на тројцата свои еврејски пријатели, Даниел изјавил: „Ете, тоа е сонот, а сега да кажам пред царот и што означува тој“ (Даниел 2:36).

ЦАРСТВО СО ИСТАКНАТА ОДЛИКА

8. а) Кој или што е златната глава, според толкувањето на Даниел? б) Од кога почнала да постои златната глава?

8 „Ти царе, цар над царевите, кому небесниот Бог му подарил царства, власт, сила и слава, и во рацете твои ти ги предал сите човечки синови, каде и да живеат тие, сите ѕверови земни и птици небески и те поставил за господар над сите нив, — ти си таа златна глава“ (Даниел 2:37, 38). Овие зборови се примениле на Навуходоносор откако Јехова го употребил да го уништи Ерусалим, во 607 пр.н.е. Ова може да се каже бидејќи царевите кои биле востоличувани во Ерусалим потекнувале од лозата на Давид, Јеховиниот помазан цар. Ерусалим бил главен град на Јуда, Божјето Царство-претслика кое го претставувало Јеховиниот суверенитет над Земјата. Кога во 607 пр.н.е. тој град бил уништен, ова Божје Царство-претслика престанало да постои (1. Летописи 29:23; 2. Летописи 36:17—21). Оттогаш последователните светски сили претставени со металните делови на ликот можеле да спроведуваат доминација во светот без мешање од страна на Божјето Царство-претслика. Како глава од злато, најскапоцениот метал познат во древно време, Навуходоносор се одликувал со тоа што го соборил тоа царство уништувајќи го Ерусалим. (Види „Еден цар воин гради империја“, на страница 63.)

9. Што било претставено со златната глава?

9 Навуходоносор, кој владеел 43 години, предводел една династија која управувала со Вавилонската Империја. Таа го вклучувала неговиот зет Набонид и најстариот син Евилмеродах. Оваа династија продолжила уште 43 години, сѐ до смртта на Валтазар, синот на Набонид, во 539 пр.н.е. (4. Царства 25:27; Даниел 5:30). Според тоа, златната глава на ликот од сонот го претставувала не само Навуходоносор туку и целата лоза на вавилонски владетели.

10. а) Како сонот на Навуходоносор укажувал дека вавилонската светска сила нема да биде трајна? б) Што претскажал пророкот Исаија за освојувачот на Вавилон? в) Во која смисла Медо-Персија била инфериорна во однос на Вавилон?

10 Даниел му рекол на Навуходоносор: „По тебе ќе се крене друго царство, помало од твоето“ (Даниел 2:39). Династијата на Навуходоносор требало да ја наследи едно царство, симболизирано со сребрените гради и раце на ликот. Околу 200 години пред тоа, Исаија го претскажал ова царство, па дури и го навел името на неговиот победнички цар — Кир (Исаија 13:1—17; 21:2—9; 44:24—45:7, 13). Тоа била Медо-персиската Империја. Иако Медо-Персија развила една голема цивилизација која не била од споредно значење во однос на Вавилонската Империја, ова царство е претставено со сребро — метал кој има помала вредност од златото. Било инфериорно во однос на вавилонската светска сила во таа смисла што не се одликувало со тоа што ја соборило Јуда, Божјето Царство-претслика со неговиот главен град Ерусалим.

11. Кога престанала да постои династијата на Навуходоносор?

11 После отприлика 60 години откако го протолкувал сонот, Даниел бил сведок на пропаѓањето на династијата на Навуходоносор. Даниел бил присутен ноќта на 5/6 октомври 539 пр.н.е. кога медо-персиската војска го освоила навидум неосвоивиот Вавилон и го погубила цар Валтазар. Со смртта на Валтазар, златната глава на ликот од сонот — Вавилонската Империја — престанала да постои.

ЕДНО ЦАРСТВО ОСЛОБОДУВА ИЗГНАНИЧКИ НАРОД

12. Како декретот кој го издал Кир во 537 пр.н.е. им користел на изгнаните Евреи?

12 Медо-Персија ја заменила Вавилонската Империја како доминантна светска сила во 539 пр.н.е. На 62-годишна возраст, Дариј Медиецот станал првиот владетел на освоениот град Вавилон (Даниел 5:30, 31). Кратко време тој и Кир Персиецот владееле здружено над Медо-персиската Империја. Кога Дариј умрел, Кир бил единствениот кој останал на чело на Персиската Империја. За Евреите во Вавилон, владеењето на Кир значело ослободување од заробеништво. Во 537 пр.н.е. Кир издал декрет со кој им било дозволено на еврејските изгнаници од Вавилон да се вратат во својата татковина и повторно да го изградат Ерусалим и Јеховиниот храм. Меѓутоа, Божјето Царство-претслика не било повторно воспоставено во Јуда и Ерусалим (2. Летописи 36:22, 23; 1. Ездра 1:1—2:2а).

13. Што претставувале сребрените гради и раце на ликот од сонот на Навуходоносор?

13 Сребрените гради и раце на ликот од сонот ја претставувале лозата на персиски цареви која започнала со Кир Велики. Таа династија постоела повеќе од 200 години. Се смета дека Кир умрел додека бил на еден воен поход во 530 пр.н.е. Од околу 12 цареви кои го наследиле на престолот на Персиската Империја, најмалку двајца биле поволно наклонети кон Јеховиниот избран народ. Едниот од нив бил Дариј I (Персиецот), а другиот Артаксеркс I.

14, 15. Каква помош им дале Дариј Велики и Артаксеркс I на Евреите?

14 Дариј I бил трет во лозата на персиски цареви после Кир Велики. Претходните двајца биле Камбис II и неговиот брат Бардија (или можеби еден маг — претендент по име Гаумата). До времето кога Дариј I, познат и како Дариј Велики, седнал на престолот во 521 пр.н.е., повторната изградба на храмот во Ерусалим била под забрана. Откако во архивите на Екбатана бил пронајден документот кој го содржел декретот на Кир, Дариј сторил нешто повеќе освен што ја укинал забраната во 520 пр.н.е. Тој дал и пари од царската ризница за повторна изградба на храмот (1. Ездра 6:1—12).

15 Следниот персиски владетел кој им помогнал на Евреите во напорите за обнова бил Артаксеркс I кој го наследил својот татко Асуир (Ксеркс I) во 475 пр.н.е. Артаксеркс го добил презимето Лонгиманус поради тоа што десната рака му била подолга од левата. Во текот на 20-тата година од своето владеење, во 455 пр.н.е., тој го овластил својот еврејски пехарник Неемија да биде управител на Јуда и повторно да ги изгради ѕидините на Ерусалим. Со оваа постапка бил означен почетокот на ‚седумдесетте седмици од години‘ изложени во 9. поглавје од Даниел и биле одредени датумите за појавувањето и смртта на Месијата, или Христос — Исус од Назарет (Даниел 9:24—27; Неемија 1:1; 2:1—18).

16. Кога и со кој цар завршила медо-персиската светска сила?

16 Последниот од шесте цареви кои го наследиле Артаксеркс I на престолот на Персиската Империја бил Дариј III. Неговото владеење завршило неочекувано во 331 пр.н.е. кога доживеал тежок пораз од страна на Александар Велики кај Гаугамела, во близина на древната Ниневија. Овој пораз ја окончал медо-персиската светска сила симболизирана со сребрениот дел од ликот во сонот на Навуходоносор. Силата која требало да дојде во некои погледи била супериорна, но во други инфериорна. Тоа ќе ни стане појасно додека слушаме како Даниел го толкува понатаму сонот на Навуходоносор.

ЦАРСТВО — ПРОСТРАНО, НО ИНФЕРИОРНО

17-19. а) Која светска сила ја претставувале стомакот и бедрата од бакар, и колкаво било нејзиното владетелство? б) Кој бил Александар III? в) Како грчкиот станал меѓународен јазик, и за што бил погоден?

17 Даниел му рекол на Навуходоносор дека стомакот и бедрата на огромниот лик претставуваат „друго царство . . . трето царство, бакарно, [кое] ќе владее над целата земја“ (Даниел 2:32, 39). Ова трето царство требало да дојде после Вавилонија и Медо-Персија. Како што бакарот е инфериорен во однос на среброто така и оваа нова светска сила требало да биде инфериорна во однос на Медо-Персија во тој поглед што нема да биде почестена со некоја предност како, на пример, предноста да го ослободи Јеховиниот народ. Меѓутоа, царството слично на бакар требало да „владее над целата земја“, што покажувало дека ќе биде попространо и од Вавилонија и од Медо-Персија. Што потврдуваат историските факти во врска со оваа светска сила?

18 Кратко откако, на 20-годишна возраст, во 336 пр.н.е. го наследил престолот на Македонија, амбициозниот Александар III тргнал во еден освојувачки поход. Поради своите воени успеси, бил наречен Александар Велики. Извојувајќи една победа по друга, продолжил кон подрачјето на Персија. Кога го поразил и Дариј III во битката кај Гаугамела во 331 пр.н.е., Персиската Империја почнала да се распаѓа и така Александар ја основал Грција како нова светска сила.

19 После победата кај Гаугамела, Александар продолжил со освојувањето на персиските главни градови — Вавилон, Суза, Персеполис и Екбатана. Покорувајќи го останатиот дел од Персиската Империја, продолжил со своите освојувања кон западна Индија. Во освоените земји биле основани грчки колонии. На тој начин грчкиот јазик и култура се рашириле низ целото тоа подрачје. Всушност, Грчката Империја станала поголема од која и да било пред неа. Како што претскажал Даниел, бакарното царство ‚владеело над целата земја‘. Заради тоа грчкиот (коине) станал меѓународен јазик. Со своите можности за точно изразување, тој јазик се покажал многу погоден за пишување на Христијанските грчки списи и за ширење на добрата вест за Божјето Царство.

20. Што станало со Грчката Империја после смртта на Александар Велики?

20 Александар Велики живеел само осум години како светски владетел. Така млад, на 32-годишна возраст, после една гозба Александар се разболел и кратко потоа, на 13 јуни 323 пр.н.е., умрел. Со текот на времето, неговата огромна империја била поделена на четири територии, и со секоја од нив владеел по еден од неговите генерали. На тој начин, од едно големо царство настанале четири царства кои на крајот ги проголтала Римската Империја. Светската сила слична на бакар продолжила да постои само до 30 пр.н.е., кога последното од овие четири царства — династијата на Птолемеј која владеела во Египет — конечно потпаднала под Рим.

ЦАРСТВО КОЕ ДРОБИ И УНИШТУВА

21. Како Даниел го опишал „четвртото царство“?

21 Даниел продолжил со своето објаснување на ликот од сонот: „А четвртото царство [после Вавилон, Медо-Персија и Грција] ќе биде цврсто како железо; оти како што железото троши и дроби сѐ, така и тоа железо што крши сѐ, ќе дроби и ќе уништува“ (Даниел 2:40). Со својата сила и способност да дроби, оваа светска сила ќе биде како железо — посилна од империите претставени со злато, сребро или бакар. Римската Империја била таква сила.

22. На кој начин Римската Империја била како железо?

22 Рим ја здробил и уништил Грчката Империја и ги проголтал остатоците од медо-персиската и вавилонската светска сила. Не покажувајќи почит кон Божјето Царство кое го објавувал Исус Христос, таа го погубила на маченички столб во 33 н.е. Во обид да го уништи вистинското христијанство, Рим ги прогонувал Исусовите ученици. Освен тоа, во 70 н.е. Римјаните го уништиле Ерусалим и неговиот храм.

23, 24. Освен Римската Империја, кого уште го претставуваат нозете на ликот?

23 Железните нозе на ликот од сонот на Навуходоносор не ја претставуваат само Римската Империја туку и нејзините политички производи. Разгледај ги овие зборови запишани во Откровение 17:10: ‚А седум се цареви, од кои петмина паднаа, едниот постои, другиот уште не дошол; и кога ќе дојде, малку ќе остане‘. Кога апостол Јован ги напишал овие зборови, Римјаните го држеле во изгнанство на островот Патмос. Петте паднати цареви, или светски сили, биле Египет, Асирија, Вавилон, Медо-Персија и Грција. Шестата — Римската Империја — сѐ уште била на власт. Но, и таа требало да падне, а од една од освоените римски територии требало да се подигне седмиот цар. Која ќе биде таа светска сила?

24 Британија некогаш претставувала северозападен дел на Римската Империја. Но, до 1763 таа станала Британска Империја — Британија која владеела над седум мориња. Во 1776 година 13 нејзини американски колонии објавиле независност за да ги основаат Соединетите Американски Држави. Меѓутоа, во годините кои следеле, Британија и Соединетите Држави станале партнери и во војна и во мир. На тој начин, настанала англо-американската комбинација како седмата светска сила од библиското пророштво. Слично на Римската Империја, таа се покажала „силна како железо“, спроведувајќи железен авторитет. Според тоа, железните нозе на ликот од сонот ги опфаќаат и Римската Империја и англо-американската двојна светска сила.

КРШЛИВА СМЕСА

25. Што рекол Даниел за стапалата и за прстите на нозете на ликот?

25 Потоа Даниел му кажал на Навуходоносор: „А тоа што си ги видел нозете [стапалата, NW] и прстите на нозете направени дел од грнчарска глина и дел од железо, тоа царство ќе биде разделено и во него ќе остане само нешто од цврстината на железото, бидејќи си видел железо, измешано со грнчарска глина. И како што прстите на нозете [стапалата, NW] беа дел од железо, а дел од глина, така и царството ќе биде делум силно, а делум слабо [кршливо, NW]. А она, пак, што си видел железо, измешано со грнчарска глина, тоа значи дека тие преку човечкото семе ќе се измешаат, но нема да се слеат едно со друго, како што железото не е слеано со глината“ (Даниел 2:41—43).

26. Кога се манифестира владетелството прикажано со стапалата и прстите на нозете?

26 Низата светски сили претставени со различните делови на ликот од сонот на Навуходоносор почнала со главата и продолжила сѐ до стапалата. Логично, стапалата и прстите на нозете од ‚железо измешано со грнчарска глина‘ ќе ја симболизираат последната манифестација на човечка влада која ќе постои во „времето на крајот“ (Даниел 12:4NW).

27. а) Која светска ситуација ја прикажуваат стапалата и прстите на нозете од железо измешано со глина? б) Што е прикажано со десетте прсти на нозете на ликот?

27 Во почетокот на 20 век, Британската Империја владеела со секој четврти човек на Земјата. Другите европски империи управувале уште со милиони луѓе. Но, со I светска војна наместо империи се појавиле групи нации. После II светска војна, овој тренд се забрзал. Со натамошното развивање на национализмот, во светот имало драматичен пораст и на бројот на нациите. Десетте прсти на нозете на ликот ги претставуваат сите такви сили и влади кои постојат истовремено, зашто во Библијата бројот десет понекогаш означува земна потполност. (Спореди 2. Мојсеева 34:28; Матеј 25:1; Откровение 2:10.)

28, 29. а) Според Даниел, што претставува глината? б) Што може да се рече за смесата од железо и глина?

28 Сега, кога се наоѓаме во „времето на крајот“ (NW), сме дошле до стапалата на ликот. Некои влади, претставени со стапалата и прстите на нозете на ликот направени од железо измешано со глина, се како железо — авторитативни или тирански. Други, пак, се како глина. Во кој поглед? Даниел ја поврзал глината со „човечкото семе“ (Даниел 2:43). И покрај кршливата природа на глината од која е направено човечкото семе, традиционалните владетелства слични на железо биле принудени сѐ повеќе да го слушаат обичниот народ кој бара право на глас во владите кои управуваат над него (Јов 10:9). Но, авторитативната влада и обичниот народ не можат да се спојат — исто како што железото не може да се врзе со глината. Во времето кога ликот пропаѓа, светот навистина ќе биде политички расцепкан!

29 Дали поделената состојба на стапалата и прстите на нозете ќе предизвика целиот лик да пропадне? Што ќе се случи со ликот?

ДРАМАТИЧНА КУЛМИНАЦИЈА!

30. Опиши ја кулминацијата на сонот на Навуходоносор.

30 Разгледај ја кулминацијата на сонот. Даниел му рекол на царот: „Ти го гледаше, додека еден камен не се откачи од планината сам, удри во идолот, во неговите железно-глинени нозе [стапала, NW] и го скрши. Тогаш заедно сѐ се раздроби: железото, глината, бакарот, среброто и златото станаа како прав на летно гумно; ветрот ги однесе, и трага од нив не остана, а каменот што го разби идолот стана голема планина и ја исполни целата земја“ (Даниел 2:34, 35).

31, 32. Што било претскажано во врска со последниот дел од сонот на Навуходоносор?

31 Пророштвото продолжува со следново објаснување: „И во деновите на тие царства [цареви, NW] небесниот Бог ќе подигне царство, кое нема да се разруши никогаш, и тоа царство нема да биде предадено на друг народ; тоа ќе ги победи и разруши сите царства, а само тоа ќе остане вечно. Бидејќи ти виде дека каменот што падна од планината сам, го раздроби железото, бакарот, глината, среброто и златото. Великиот Бог му даде на царот да разбере што ќе се случи потоа. И верен е тој сон и точно е неговото толкување!“ (Даниел 2:44, 45).

32 Увидувајќи дека неговиот сон е откриен и објаснет, Навуходоносор признал дека само Богот на Даниел е „Господар на царевите, Кој открива тајни“. Царот ги поставил Даниел и неговите тројца еврејски другари на многу одговорни позиции (Даниел 2:46—49). Но, какво е современото значење на ‚точното толкување‘ на Даниел?

,ПЛАНИНА ЈА ИСПОЛНУВА ЗЕМЈАТА‘

33. Од која ‚планина‘ бил откачен ‚каменот‘, и кога и како се случило тоа?

33 Кога во октомври 1914 завршиле „одредените времиња на народите“ (NW), „небесниот Бог“ го воспоставил небесното Царство со тоа што го востоличил својот помазан Син, Исус Христос, за „Цар над царевите“ и „Господар над господарите“ * (Лука 21:24; Откровение 12:1—5; 19:16). На тој начин со божествена моќ, а не со човечки раце, ‚каменот‘ на месијанското царство бил откачен од „планината“ на Јеховиниот универзален суверенитет. Оваа небесна влада е во рацете на Исус Христос, кому Бог му дал бесмртност (Римјаните 6:9; 1. Тимотеј 6:15, 16). Затоа, ‚царството на нашиот Господ [Бог] и на Неговиот Христос‘ — израз на Јеховиниот универзален суверенитет — нема да биде предадено на никој друг. Тоа ќе остане засекогаш (Откровение 11:15).

34. Како дошло до тоа Божјето Царство да се роди „во деновите на тие цареви“?

34 Раѓањето на Царството се одиграло „во деновите на тие царства [цареви, NW]“ (Даниел 2:44). Тоа не биле само царевите претставени со десетте прсти на нозете на ликот, туку и оние кои биле симболизирани со неговите железни, бакарни, сребрени и златни делови. Иако вавилонската, персиската, грчката и римската империја исчезнале како светски сили, во 1914 година сѐ уште постоеле траги од нив. Во тоа време турската Отоманска Империја ја заземала територијата на Вавилонија, а во Персија (Иран), Грција и Рим (Италија) функционирале национални влади.

35. Кога ‚каменот‘ ќе удри во ликот, и колку темелно тој ќе биде уништен?

35 Наскоро Божјето небесно Царство ќе удри во стапалата на симболичниот лик. Како последица од тоа, сите царства кои се претставени со него ќе бидат разрушени и ќе престанат да постојат. Навистина, во ‚војната во оној голем ден на Бога Седржителот‘ ударот од тој „камен“ ќе биде толку разорен што ликот ќе биде претворен во прав и ветрот на Божјата бура ќе го разнесе како плева на гумно (Откровение 16:14, 16). Потоа, слично на каменот кој пораснува колку планина и ја исполнува Земјата, Божјето Царство ќе стане владејачка планина која ќе има влијание врз „целата земја“ (Даниел 2:35).

36. Зошто може месијанското Царство да се нарече стабилна влада?

36 Иако месијанското Царство е небесно, тоа ќе ја прошири својата моќ на нашата Земјина топка за благослов на сите нејзини послушни жители. Оваа стабилна влада „нема да се разруши никогаш“ ниту, пак, ќе ‚биде предадена на друг народ‘. За разлика од царствата на смртните човечки владетели ‚само таа ќе остане вечно‘, засекогаш (Даниел 2:44). Нека и ти ја имаш предноста да бидеш еден од неговите поданици за сета вечност.

[Фуснота]

^ Види го 6-то поглавје од оваа книга.

ШТО ЗАБЕЛЕЖА?

• Кои светски сили се претставени со различните делови на огромниот лик од сонот на Навуходоносор?

• Која светска ситуација ја претставуваат стапалата и десетте прсти на нозете од железо измешано со глина?

• Кога и од која ‚планина‘ бил откачен ‚каменот‘?

• Кога ‚каменот‘ ќе удри во ликот?

[Прашања]

[Рамка/слики на страници 63-67]

ЕДЕН ЦАР ВОИН ГРАДИ ИМПЕРИЈА

ВАВИЛОНСКИОТ престолонаследник и неговата војска ги разбиле египетските сили на фараонот Нехо кај Каркемиш (Сирија). Поразените Египќани бегаат на југ кон Египет, а Вавилонците ги следат. Но, една порака од Вавилон го принудува победничкиот кнез да се откаже од својата потера. Тој добива вест дека умрел татко му, Набополасар. Задолжувајќи ги своите генерали со одговорност да ги вратат заробениците и пленот, Навуходоносор брзо се враќа дома и го презема престолот на својот починат татко.

На тој начин Навуходоносор седнал на вавилонскиот престол во 624 година пр.н.е. и станал вториот владетел на Неовавилонската Империја. Во текот на своето 43-годишно владеење ги презел териториите кои некогаш ги окупирала асирската светска сила и го проширил подрачјето на своето владеење, кое се протегало од Сирија на север и Палестина на запад па сѐ до границата на Египет. (Види ја мапата.)

Во четвртата година од своето владеење (620 пр.н.е.) Навуходоносор ја направил Јуда свое вазално царство (4. Царства 24:1). После три години, еден бунт на Јудејците го довел Ерусалим под вавилонска опсада. Навуходоносор ги одвел Јехонија, Даниел и други во заробеништво во Вавилон. Царот зел и некои садови од Јеховиниот храм. Тој го поставил Седекија, чичко му на Јехонија, за вазален цар на Јуда (4. Царства 24:2—17; Даниел 1:6, 7).

После некое време се побунил и Седекија, здружувајќи се со Египет. Навуходоносор повторно го опколил Ерусалим, и во 607 пр.н.е. го пробил ѕидот, го изгорел храмот и го уништил градот. Ги заклал сите синови на Седекија, а потоа го ослепел Седекија и го врзал, па го одвел како заробеник во Вавилон. Навуходоносор го одвел поголемиот дел од народот во ропство, а преостанатите садови од храмот ги пренел во Вавилон. „И Јудејците беа иселени од земјата своја“ (4. Царства 24:18—25:21).

Навуходоносор го освоил и Тир така што поставил опсада на градот — опсада која траела 13 години. За време на опсадата, главите на неговите војници им ‚оќелавеле‘ од триењето на шлемовите, а рамениците им биле ‚ранети‘ од носење на материјалот што го користеле за изградба на опсадата (Језекиил 29:18). На крај, Тир капитулирал пред вавилонските сили.

Изгледа дека вавилонскиот цар бил брилијантен воен стратег. Некои литературни извори, особено од вавилонско потекло, го опишуваат и како праведен цар. И покрај тоа што Писмото не кажува директно дека Навуходоносор бил праведен, пророкот Јеремија рекол дека иако Седекија се побунил, со него требало да се постапува праведно ‚ако отиде при кнезовите на вавилонскиот цар‘ (Јеремија 38:17, 18). И после уништувањето на Ерусалим, Навуходоносор постапувал со Јеремија со почит. Во врска со Јеремија, царот заповедал: „Земи го, грижи се за него, и не прави му ништо лошо, туку постапувај со него онака, како што ќе ти каже тој“ (Јеремија 39:11, 12; 40:1—4).

Како управител, Навуходоносор брзо ги препознал особините и способностите на Даниел и на неговите тројца другари — Седрах, Мисах и Авденаго — чии еврејски имиња биле Ананиј, Мисаил и Азариј. Затоа царот ги поставил на одговорни положби во своето царство (Даниел 1:6, 7, 19—21; 2:49).

Религиозната оддаденост на Навуходоносор била особено насочена кон Мардук, главниот вавилонски бог. За сите свои победи царот му ја припишал заслугата на Мардук. Во Вавилон ги изградил и украсил храмовите на Мардук и на голем број други вавилонски божества. Можеби златниот лик кој го подигнал во низината Деир му бил посветен на Мардук. И изгледа дека Навуходоносор доста се потпирал на гатање кога ги планирал воените потези.

Исто така, Навуходоносор бил горд што го обновил Вавилон, највеличествен град од тоа време опколен со бедеми. Со тоа што ги довршил градските масивни двојни бедеми кои почнал да ги гради татко му, Навуходоносор го направил главниот град навидум неосвоив. Царот реновирал една стара палата која се наоѓала во самиот центар на градот и изградил една летна палата на околу два километра на север. За да ѝ угоди на својата медиска царица, која копнеела по ридовите и шумите на својата татковина, се вели дека Навуходоносор ги изградил висечките градини — кои се сметаат за едно од седумте чуда на древниот свет.

„Зар не е величествен овој Вавилон, што го изградив како дом на царството со силата на мојата моќ и за слава на моето величие!“ — се фалел царот еден ден додека се шетал низ царската палата во Вавилон. ‚Додека тој збор уште бил во устата на царот‘, го фатило лудило. Неспособен да владее седум години, јадел трева, токму како што претскажал Даниел. Кога завршил тој период, царството му било вратено на Навуходоносор кој владеел сѐ до својата смрт во 582 пр.н.е. (Даниел 4:27—33).

ШТО ЗАБЕЛЕЖА?

Што може да се рече за Навуходоносор како

• воен стратег?

• управител?

• обожавател на Мардук?

• градител?

[Карта]

(Види во публикацијата)

ВАВИЛОНСКА ИМПЕРИЈА

ЦРВЕНО МОРЕ

Ерусалим

реката Еуфрат

реката Тигар

Ниневија

Суза

Вавилон

Ур

[Слика]

Вавилон, највеличествениот град од тоа време опколен со бедеми

[Слика]

Змејот бил симбол на Мардук

[Слика]

Прочуените вавилонски висечки градини

[Графикон/слика на страница 56]

(Види во публикацијата)

СВЕТСКИТЕ СИЛИ ОД ПРОРОШТВОТО НА ДАНИЕЛ

Огромниот лик (Даниел 2:31—45)

ВАВИЛОНИЈА од 607 пр.н.е.

МЕДО-ПЕРСИЈА од 539 пр.н.е.

ГРЦИЈА од 331 пр.н.е.

РИМ од 30 пр.н.е.

АНГЛО-АМЕРИКАНСКАТА СВЕТСКА СИЛА од 1763 н.е.

ПОЛИТИЧКИ ПОДЕЛЕНИОТ СВЕТ во времето на крајот

[Слика на целата страница 47]

[Слика на целата страница 58]