Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Разрешување на мистеријата за големото дрво

Разрешување на мистеријата за големото дрво

Шесто поглавје

Разрешување на мистеријата за големото дрво

1. Што му се случило на цар Навуходоносор, и кои прашања произлегуваат од тоа?

 ЈЕХОВА дозволил цар Навуходоносор да стане светски владетел. Како вавилонски монарх поседувал огромно богатство, раскошна трпеза, величествена палата — сѐ што посакувал во материјален поглед. Но, ненадејно доживеал понижување. Поради тоа што претрпел душевно растројство, Навуходоносор почнал да се однесува како ѕвер! Протеран од царската трпеза и од кралската резиденција, живеел по полињата и јадел трева како вол. Што довело до оваа катастрофа? И зошто тоа би требало да нѐ интересира? (Спореди Јов 12:17—19; Проповедник 6:1, 2.)

ЦАРОТ ГО ВЕЛИЧА СЕВИШНИОТ

2, 3. Што им посакувал вавилонскиот цар на своите поданици, и како тој гледал на Севишниот Бог?

2 Кратко после своето закрепнување од тој потполн душевен слом, Навуходоносор испратил низ целото свое подрачје еден извонреден извештај за она што се случило. Јехова го инспирирал пророкот Даниел да сочува точен запис за тие настани. Записот започнува со овие зборови: ‚Царот Навуходоносор до сите народи, племиња и јазици што живеат по [целата, NW] земја — мирот да ви се умножи! Угодно ми е да ве известам за знаците и чудесата кои Севишниот Бог ги изврши над мене. Колку се големи знаците Негови и колку се силни чудесата Негови! Царството Негово е Царство вечно, и владеењето Негово — од род во род‘ (Даниел 3:98—100).

3 Поданиците на Навуходоносор ‚живееле по целата земја‘ — неговата империја го опфаќала поголемиот дел од светот опишан во библискиот запис. Во врска со Богот на Даниел, царот рекол: „Царството Негово е Царство вечно“. Колку само тие зборови го величале Јехова низ целата Вавилонска Империја! Освен тоа, ова било вторпат на Навуходоносор да му биде покажано дека само Царството Божје е „вечно“, дека само тоа ќе остане засекогаш (Даниел 2:44).

4. Како започнале Јеховините ‚знаци и чудеса‘ во врска со Навуходоносор?

4 Какви ‚знаци и чудеса‘ извршил „Севишниот Бог“? Тие почнале со личното искуство на царот кое самиот го раскажал со следниве зборови: „Јас, Навуходоносор, бев спокоен во својот дом и напредував во сѐ. Но видов сон што ме уплаши, и размислувањата врз леглото мое и виденијата на главата моја ме смутија“ (Даниел 4:1, 2). Што сторил вавилонскиот цар во врска со овој вознемирувачки сон?

5. Како Навуходоносор гледал на Даниел, и зошто?

5 Навуходоносор ги свикал вавилонските мудреци и им го раскажал сонот. Но, колку само потфрлиле тие! Биле потполно неспособни да го протолкуваат. Записот додава: „Последен влезе при мене Даниил, чие име беше Валтазар — според името на мојот бог, и во кого е духот на Бога светецот [светите богови, NW]; нему му го кажав сонот“ (Даниел 4:3—5). Дворското име на Даниел било Валтазар, а лажното божество кое царот го нарекол „мојот бог“ можеби бил Бел, Небо или Мардук. Поради тоа што бил политеист, Навуходоносор гледал на Даниел како на некој во кого бил „духот на светите богови“. А поради Даниеловата положба на префект над сите вавилонски мудреци, царот се осврнал на него како на „главен началник над сите мудреци вавилонски [свештеници кои практикувале маѓија, NW]“ (Даниел 2:48; 4:6; спореди Даниел 1:20). Секако, верниот Даниел никогаш не го напуштил обожавањето на Јехова за да практикува маѓија (3. Мојсеева 19:26; 5. Мојсеева 18:10—12).

ОГРОМНО ДРВО

6, 7. Како ти би го опишал она што Навуходоносор го видел на сон?

6 Каква била содржината на сонот кој го уплашил вавилонскиот цар? „А виденијата на мојата глава врз леглото мое беа вакви“, рекол Навуходоносор, „видов, ете, во средината на земјата дрво многу високо [огромно, NW]. Големо беше тоа дрво и цврсто, а височината негова достигаше до небото, и се гледаше од сите краишта на целата земја. Лисјата негови — многу убави, и плодовите на него — многубројни, и храна на него имаше — за сите; под него наоѓаа сенка ѕверовите полски, а по гранките негови си правеа гнезда птиците небески и од него се хранеше секое суштество“ (Даниел 4:7—9). Се вели дека Навуходоносор многу ги сакал големите ливански кедри, одел да ги гледа, а од нив донел и во Вавилон како градежен материјал. Но, тој никогаш немал видено дрво како она во сонот. Тоа заземало истакната положба „во средината на земјата“, се гледало од сите краишта на земјата и било толку плодно што ги хранело сите живи суштества.

7 Сонот вклучувал уште многу работи зашто Навуходоносор додал: „И видов виденија на главата моја врз леглото мое, а тоа, од небесата слезе Будниот и Светиот. Откако извика високо, Он рече: ‚Исечете го тоа дрво, искастрете ги гранките негови, истресете ги лисјата од него и расфрлете ги плодовите негови; нека избегаат ѕверовите од под него и птиците од под гранките негови; но [пенушката со, NW] коренот оставете ја во земјата, и во вериги железни и бакарни меѓу полската трева нека се напојува со росата небеска и со животните нека биде делот негов во земјата‘“ (Даниел 4:10—12).

8. Кој бил „Будниот“?

8 Вавилонците си имале свој религиозен концепт за добрите и злите духовни суштества. Но, кој бил овој ‚Буден‘, т.е. стражар, од небото? Тој што е наречен ‚Свет‘ бил еден праведен ангел кој го застапувал Бог. (Спореди Псалм 102:20, 21.) Замисли си само какви прашања сигурно го измачувале Навуходоносор! Зошто да се исече ова дрво? Каква корист има од пенушката со коренот која со помош на железни и бакарни вериги се спречува да расте? Всушност, за што служела само пенушката?

9. Што во основа рекол Будниот, и кои прашања се поставуваат?

9 Сигурно Навуходоносор сосема се збунил кога ги слушнал понатамошните зборови на Будниот: „Срцето човечко ќе му се одземе и ќе му се даде срце ѕверско и над него ќе минат седум времиња. По заповед на Будниот така е определено и по пресуда од светиите така е одредено за да знаат живите дека Севишниот владее над човечкото царство и го дава кому сака и поставува над него понизени [најпонижениот, NW] меѓу луѓето“ (Даниел 4:13, 14). Во пенушката од едно дрво не чука човечко срце. Тогаш, како може на таа пенушка да ѝ се даде ѕверско срце? Што се ‚седумте времиња‘? И како сево ова е поврзано со владетелството на „човечкото царство“? Навуходоносор сигурно сакал да го дознае тоа.

ЛОШИ ВЕСТИ ЗА ЦАРОТ

10. а) Што според Библијата може да симболизираат дрвјата? б) Што е претставено со големото дрво?

10 Кога го слушнал сонот, Даниел за миг се зачудил, а потоа се уплашил. Бидејќи Навуходоносор навалувал да добие објаснување, пророкот рекол: „Господару мој, овој сон нека биде за твоите завидливци, а значењето негово е — за твоите непријатели. Дрвото што си го видел кое беше големо и цврсто . . . тоа си ти царе што си се возвеличил и укрепил, и величието твое пораснало и достигнало до небесата, а власта твоја — до краиштата на земјата“ (Даниел 4:15—19). Во Писмото дрвјата можат да симболизираат поединци, владетели и царства (Псалм 1:3; Јеремија 17:7, 8; Језекиил, поглавје 31). Слично на огромното дрво од неговиот сон, Навуходоносор бил ‚возвеличен и укрепен‘ како водач на една светска сила. Но, со огромното дрво е претставена ‚власта до краиштата на земјата‘, вклучувајќи го целокупното човечко царство. Значи, тоа ја симболизира Јеховината универзална сувереност, особено во однос на Земјата (Даниел 4:14).

11. Како сонот на царот покажал дека тој ќе доживее една понижувачка промена?

11 Навуходоносор го очекувала една понижувачка промена. Укажувајќи на ваквиот развој на настаните, Даниел додал: „А тоа што царот го видел Будниот и Светиот, Кој слегнал од небесата и рекол: исечете го дрвото и уништете го, но главниот корен [пенушката со коренот, NW] оставете го во земјата и тој во вериги железни и бакарни меѓу полската трева да се напојува со небеската роса и дел од него да биде заедно со полските ѕверови, додека не изминат над него седумте времиња, еве што значи тоа царе, и ова е решението на Севишниот што ќе го постигне мојот господар царот“ (Даниел 4:20, 21). Сигурно била потребна храброст за да му се каже ваква порака на моќниот цар!

12. Што требало да го снајде Навуходоносор?

12 Што ќе го снајде Навуходоносор? Замисли си ја неговата реакција кога Даниел додал: „Тебе ќе те одвојат [протераат, NW] од луѓето и ти ќе живееш со ѕверовите полски, со трева ќе те хранат како вол, со небеска роса ќе се напојуваш и седумте времиња ќе минат преку тебе, сѐ додека не разбереш дека Севишниот владее над човечкото царство и го дава кому сака“ (Даниел 4:22). Изгледа дека дури и самите дворски службеници на Навуходоносор ‚ќе го протерале од луѓето‘. Но, дали за него ќе се грижат сочувствителни говедари или пастири? Не, зашто Бог наредил Навуходоносор да живее со „ѕверовите полски“ и да јаде трева.

13. Што требало да се случи, според сонот за дрвото, со положбата на Навуходоносор како светски владетел?

13 Исто како што дрвото било исечено така и Навуходоносор требало да биде соборен од светското владетелство — но, само за извесно време. Даниел објаснил: „А тоа што е заповедано да остане главниот корен [пенушката со коренот, NW] на дрвото, тоа значи дека твоето царство ќе остане при тебе, кога ќе разбереш дека има небесна власт“ (Даниел 4:23). На пенушката од пресеченото дрво во сонот на Навуходоносор ѝ било дозволено да остане, иако била окована за да не расте. На сличен начин, „пенушката“ на вавилонскиот цар требало да остане, иако окована за да не се шири ‚седум времиња‘. Неговата положба како светски владетел требало да биде како окована пенушка на едно дрво. Требало да се чува на сигурно сѐ додека преку неа не поминат седум времиња. Јехова ќе се погрижел во тој период никој да не го наследи Навуходоносор како единствен вавилонски владетел, иако неговиот син по име Евилмеродах можеби го заменувал како привремен владетел.

14. На што бил поттикнат Навуходоносор од страна на Даниел?

14 Со оглед на она што било претскажано за Навуходоносор, Даниел храбро го поттикнал: „Затоа царе нека ти биде благоугоден мојот совет: откупи ги гревовите свои со правда, и беззаконијата твои — со милосрдие спрема бедните; ете со тоа може да се продолжи твојот мир“ (Даниел 4:24). Можеби нешто ќе се сменело за Навуходоносор ако тој се одврател од својот грешен пат на угнетување и од гордоста. На крајот на краиштата, два века пред тоа Јехова решил да го уништи народот во Ниневија, главниот град на Асирија, но не го сторил тоа бидејќи нејзиниот цар и поданиците се покајале (Јона 3:4, 10; Лука 11:32). А што ќе стори горделивиот Навуходоносор? Дали тој ќе ги промени своите патишта?

ПРВОТО ИСПОЛНУВАЊЕ НА СОНОТ

15. а) Каков став продолжил да покажува Навуходоносор? б) Што откриваат натписите за активностите на Навуходоносор?

15 Навуходоносор останал горд. Додека се шетал по покривот на палатата околу 12 месеци после својот сон за дрвото, тој се фалел: „Зар не е величествен овој Вавилон, што го изградив како дом на царството со силата на мојата моќ и за слава на моето величие!“ (Даниел 4:25—27). Нимрод го основал Вавилон (Вавел), но Навуходоносор бил тој што му дал сјај (1. Мојсеева 10:8—10). Во еден свој натпис напишан со клинесто писмо, тој се фали: „Јас сум Навуходоносор, царот на Вавилон, оној кој ги обнови Исагила и Изида, синот на Набополасар . . . Ги зајакнав тврдините на Исагила и Вавилон и го утврдив името на мојата влада засекогаш“ (Archaeology and the Bible [Археологијата и Библијата] од Џорџ А. Бартон, 1949, страници 478, 479). Еден друг натпис укажува на отприлика 20 храмови кои тој ги реновирал или повторно ги изградил. „Под владеењето на Навуходоносор“, вели The World Book Encyclopedia, „Вавилон станал еден од највеличествените градови во древниот свет. Тој во личните записи ретко ги спомнува своите воени активности; наместо тоа пишува за своите градежни проекти и за вниманието што го посветил на боговите на Вавилонија. Веројатно Навуходоносор ги изградил вавилонските висечки градини, едно од Седумте чуда на древниот свет“.

16. Како требало да биде понижен Навуходоносор?

16 Иако се фалел, горделивиот Навуходоносор требало да биде понижен. Инспирираниот извештај вели: „Тој збор уште беше во устата на царот, а од небото се чу глас: ‚За тебе зборуваат, царе Навуходоносоре — царството побегна од тебе! И ќе те одвојат [протераат, NW] од луѓето, па ќе живееш со полските ѕверови; со трева ќе те хранат како вол и седум времиња ќе минат преку тебе сѐ додека не узнаеш дека Севишниот владее над човечкото царство и дека го дава кому сака Он‘“ (Даниел 4:28, 29).

17. Што му се случило на горделивиот Навуходоносор, и во какви околности наскоро се нашол?

17 Навуходоносор веднаш го изгубил разумот. Протеран од луѓето, почнал да јаде трева „како вол“. Надвор, меѓу полските ѕверови, сигурно не седел безделнички во тревата на некој дословен рај, уживајќи секојдневно во свежиот ветрец. Во современ Ирак, каде што се наоѓаат урнатините од Вавилон, температурите варираат од 50 Целзиусови степени во летните месеци па сѐ до прилично под нулата во зима. Додека бил така незгрижен и изложен на временските прилики, долгата разбушавена коса на Навуходоносор почнала да личи на орелски перја, а неисечените нокти на рацете и нозете станале како птичји канџи (Даниел 4:30). Какво само понижување за овој горделив светски владетел!

18. Што се случило со вавилонскиот престол во текот на седумте времиња?

18 Во сонот на Навуходоносор, големото дрво било исечено, а пенушката седум времиња била окована за да се спречи нејзиниот раст. На сличен начин, Навуходоносор ‚бил симнат од царскиот престол‘ кога Јехова го удрил со лудило (Даниел 5:20). Всушност, ова го променило срцето на царот од човечко во срце на вол. Сепак, Бог му го чувал престолот на Навуходоносор сѐ додека не завршиле седумте времиња. Додека Евилмеродах веројатно дејствувал како привремен владетел на државата, Даниел служел „над целата област вавилонска, како главен началник над сите мудреци вавилонски“. Тројцата негови другари Евреи и понатаму ја вршеле должноста на управители на работите во таа област (Даниел 1:11—19; 2:48, 49; 3:97). Четворицата изгнаници го чекале враќањето на Навуходоносор на престолот како цар со здрав разум кој сфатил дека „Севишниот владее над човечкото царство и го дава кому сака“.

ВРАЌАЊЕТО НА НАВУХОДОНОСОР

19. Откако Јехова му го вратил здравиот разум на Навуходоносор, што сфатил вавилонскиот цар?

19 На крајот од седумте времиња Јехова му го вратил здравиот разум на Навуходоносор. Царот тогаш му оддал признание на Севишниот Бог со зборовите: „Но, откако се изврши тоа во оние дни, јас, Навуходоносор, ги кренав очите кон небото и разумот се врати во мене, па Го благословив Севишниот, Го восфалив и Го прославив вечно Живиот, чие владение е вечно и чие царство е од род во род. И сите што живеат на земјата ништо не значат; Он дејствува според Својата волја како во небесната војска, така исто и меѓу живите на земјата и нема никој што би можел да се противи на раката Негова и да му рече: што направи Ти?“ (Даниел 4:31, 32). Да, на крај Навуходоносор сфатил дека Севишниот навистина е Суверен владетел во човечкото царство.

20, 21. а) Каква паралела постои меѓу отстранувањето на металните вериги од пенушката на дрвото од сонот и она што му се случило на Навуходоносор? б) Што признал Навуходоносор, и дали со тоа станал обожавател на Јехова?

20 Кога Навуходоносор се вратил на престолот, било како металните вериги околу пенушката на дрвото од сонот да биле отстранети. Во врска со своето враќање тој рекол: „Во тоа време разумот се поврати во мене и кон славата на моето царство ми се поврати величината и поранешниот вид: тогаш ме побараа советниците мои, великодостоинствениците мои, и јас бев повторно издигнат на царството свое и величието мое уште повеќе се издигна“ (Даниел 4:33). Ако претходно некои дворски службеници го презирале растроениот цар, сега ‚го барале‘ во потполна подложност.

21 Какви само ‚знаци и чудеса‘ извршил Севишниот Бог! Не треба да нѐ изненади тоа што повторно вратениот вавилонски цар рекол: „Сега јас, Навуходоносор, превознесувам слава и Го величам царот небесни чии сите дела се вистински и патиштата Негови праведни и Кој е силен да ги смири [понижи, NW] оние што одат гордо“ (Даниел 3:99; 4:34). Меѓутоа, таквото признание не го направило Навуходоносор нееврејски обожавател на Јехова.

ПОСТОИ ЛИ СВЕТОВЕН ДОКАЗ?

22. Со кое растројство некои го поистоветиле лудилото на Навуходоносор, но што треба да имаме на ум во врска со причината за таа растроена состојба?

22 Лудилото на Навуходоносор некои го поистоветуваат со ликантропија. Еден медицински речник вели: „ЛИКАНТРОПИЈА . . . од [ликос], lupus, волк; [антропос], homo, човек. Име дадено на болеста кај оние луѓе кои веруваат дека се претвориле во животно, и кои го имитираат гласот или криковите, состојбата или однесувањето на тоа животно. Таквите поединци обично си замислуваат дека се преобразени во волк, куче или мачка; понекогаш во бик, како што било во случајот на Навуходоносор“ (Dictionnaire des sciences mèdicales, par une sociètè de mèdicins et de chirurgiens, Париз, 1818, том 29, страница 246). Симптомите на ликантропија се слични на симптомите кои ги имал Навуходоносор додека бил во состојба на лудило. Меѓутоа, бидејќи неговата душевна болест била божествено одредена, не може конкретно да се поистовети со некое познато заболување.

23. Кое световно сведоштво постои дека Навуходоносор го изгубил здравиот разум?

23 Изучувачот Џон Е. Голдингеј наведува неколку случаи кои се слични на лудилото и оздравувањето на Навуходоносор. На пример, тој вели: „Еден делумен текст пишуван со клинесто писмо изгледа укажува на некое душевно растројство кај Навуходоносор, и можеби на тоа дека го занемарил и напуштил Вавилон“. Голдингеј наведува еден документ наречен „Вавилонскиот Јов“ и вели дека тој „сведочи за сурови казни од Бог, болест, понижување, барање да се толкува некој застрашувачки сон, соборен како дрво, исфрлен надвор, јадење трева, губење на разбирањето, однесување на вол, наврнат од Мардук, деформирани нокти, израсната коса и ставање вериги, а потоа оздравување заради кое го фали тој бог“.

СЕДУМ ВРЕМИЊА КОИ ВЛИЈААТ ВРЗ НАС

24. а) Што симболизира големото дрво од сонот? б) Што било спречено седум времиња, и како се случило тоа?

24 Како што е претставено со големото дрво, Навуходоносор го симболизирал светското владетелство. Но запомни, дрвото претставува владетелство и сувереност кои се далеку повеличествени од оние на вавилонскиот цар. Тоа ја симболизира универзалната сувереност на Јехова, „царот небесни“, особено во однос на Земјата. Пред Вавилонците да го уништат Ерусалим, царството со седиште во тој град, каде Давид и неговите наследници седеле на „престолот Господов [Јеховин, NW]“, ја претставувало Божјата сувереност во однос на Земјата (1. Летописи 29:23). Самиот Бог ја пресекол таа сувереност и ја оковал во 607 пр.н.е. кога го употребил Навуходоносор да го уништи Ерусалим. Спроведувањето на божествената сувереност во однос на Земјата преку царство од лозата на Давид било спречено седум времиња. Колку долго траеле овие седум времиња? Кога започнале, и што го означило нивниот крај?

25, 26. а) Колку долго траеле ‚седумте времиња‘ во случајот на Навуходоносор, и зошто така одговараш? б) Кога и како започнале ‚седумте времиња‘ во главното исполнување?

25 Додека траело лудилото на Навуходоносор, ‚косите му израснале како кај лав и ноктите му биле како кај птиците‘ (Даниел 4:30). Тоа траело подолго од седум денови или седум седмици. Во различни преводи стои „седум времиња“, а алтернативи се и „одредени (утврдени) времиња“ или „временски периоди“ (Даниел 4:13, 20, 22, 29). Една варијанта на старогрчки јазик (Септуагинтата) гласи „седум години“. Јосиф, еврејски историчар од првиот век, ‚седумте времиња‘ ги сметал за „седум години“ (Antiquities of the Jews [Еврејски старини], Книга 10, Поглавје 10, пасус 6). И некои еврејски изучувачи гледале на тие „времиња“ како на „години“. Преводите An American Translation, Today’s English Version и преводот на Џејмс Мофат гласат „седум години“.

26 Очигледно, ‚седумте времиња‘ на Навуходоносор вклучувале седум години. Во пророштвото, една година изнесува во просек 360 дена, или 12 месеци од по 30 дена. (Спореди Откровение 12:6, 14.) Значи, ‚седумте времиња‘, т.е. седумте години на царот биле 360 дена помножени со 7, или 2.520 дена. Но, што е со главното исполнување на неговиот сон? Пророчките „седум времиња“ траеле многу подолго од 2.520 дена. Ова го покажуваат Исусовите зборови: ‚Ерусалим ќе го газат незнабошци, сѐ додека не се свршат [одредените, NW] времиња на незнабошците‘ (Лука 21:24). Тоа ‚газење‘ започнало во 607 пр.н.е. кога Ерусалим бил уништен и кога Божјето царство-претслика престанало да дејствува во Јуда. Кога требало да заврши газењето? Во „времињата на обнова на сѐ“, кога божествената сувереност требало повторно да се пројави кон Земјата преку симболичниот Ерусалим — Божјето Царство (Дела 3:21NW).

27. Зошто би рекол дека ‚седумте времиња‘ кои започнале во 607 пр.н.е. не завршиле после дословни 2.520 дена?

27 Ако треба да броиме 2.520 дословни денови од уништувањето на Ерусалим во 607 пр.н.е., тоа би нѐ довело само до 600 пр.н.е., година која нема никакво библиско значење. Дури и во 537 пр.н.е. кога ослободените Евреи се вратиле во Јуда, Јеховината сувереност сѐ уште не била пројавена на Земјата. Тоа било случај бидејќи Зоровавел, наследникот на Давидовиот престол, не бил поставен за цар, туку само за управител на персиската провинција Јуда.

28. а) Кое правило мора да се примени на 2.520-те дена од пророчките „седум времиња“? б) Колку траеле пророчките „седум времиња“, и кои датуми го означуваат нивниот почеток и нивниот крај?

28 Со оглед на тоа што ‚седумте времиња‘ се пророчки, на оние 2.520 денови мораме да го примениме библиското правило „ден за година“. Ова правило е изложено во едно пророштво во врска со вавилонската опсада на Ерусалим (Језекиил 4:6, 7; спореди 4. Мојсеева 14:34). Според тоа, ‚седумте времиња‘ кога на Земјата доминирале нееврејски сили без мешање од Божјето Царство опфаќаат 2.520 години. Тие започнале со опустошувањето на Јуда и Ерусалим во седмиот лунарен месец (15 тишри) 607 пр.н.е. (4. Царства 25:8, 9, 25, 26). Од тој момент па до 1 пр.н.е. има 606 години. Преостанатите 1914 години се протегаат од тој датум па сѐ до 1914 н.е. Значи ‚седумте времиња‘, или 2.520 години, завршиле на 15 тишри, или 4/5 октомври 1914 н.е.

29. Кој е ‚најпонижениот меѓу луѓето‘, и што сторил Јехова за да го востоличи?

29 Во таа година се исполниле ‚одредените времиња на незнабожците‘, и Бог му го дал владетелството на ‚најпонижениот меѓу луѓето‘ (NW) — Исус Христос — кого непријателите го сметале за толку безначаен што дури и го приковале на столб (Даниел 4:14). За да го востоличи месијанскиот Цар, Јехова ги тргнал симболичните железни и бакарни вериги од „пенушката“ на својата сувереност. Значи, Севишниот Бог дозволил царската „фиданка“ да порасне од неа како манифестација на божествената сувереност над Земјата преку небесното Царство во рацете на најголемиот Давидов Наследник, Исус Христос (Исаија 11:1, 2; Јов 14:7—9; Језекиил 21:27). Колку само сме му благодарни на Јехова за овој благословен пресврт на настаните и за разрешувањето на мистеријата за големото дрво!

ШТО ЗАБЕЛЕЖА?

• Што симболизирало големото дрво од сонот на Навуходоносор?

• Што го снашло Навуходоносор во првото исполнување на неговиот сон за дрвото?

• Што признал Навуходоносор откако се исполнил неговиот сон?

• Во главното исполнување на пророчкиот сон за дрвото, колку траеле ‚седумте времиња‘, и кога започнале и завршиле тие?

[Прашања]

[Слика на целата страница 83]

[Слика на целата страница 91]