Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Откриено е времето кога ќе дојде Месијата

Откриено е времето кога ќе дојде Месијата

Единаесетто поглавје

Откриено е времето кога ќе дојде Месијата

1. Со оглед на тоа што Јехова е Големиот Контролор на времето, во што можеме да бидеме сигурни?

 ЈЕХОВА е Големиот Контролор на времето. Под негова контрола се сите времиња и раздобја поврзани со неговото дело (Дела 1:7). Сите настани што ги одредил за овие времиња и раздобја сигурно ќе се случат. Нема да се изјаловат.

2, 3. На кое пророштво му посветил внимание Даниел, и која империја владеела над Вавилон во тоа време?

2 Како марлив проучувач на Писмото, пророкот Даниел имал вера во Јеховината способност да ги распореди настаните и да ги оствари. Од посебен интерес за Даниел биле пророштвата во врска со разорувањето на Ерусалим. Јеремија го запишал Божјето откровение во врска со тоа колку долго ќе остане светиот град опустошен, а Даниел внимателно размислувал за ова пророштво. Тој напишал: „Во првата година од царувањето на Дариј, синот на Асуира, од мидијски род, кој беше поставен за цар над халдејското царство, во првата година на неговото царување јас, Даниил, го разбрав според книгите бројот на годините за словото што беше му го кажал Господ на пророкот Јеремија, дека седумдесет години ќе се навршат над опустошениот Ерусалим“ (Даниел 9:1, 2; Јеремија 25:11).

3 Дариј Медиецот тогаш владеел над „халдејското царство“. Претходното претскажување на Даниел, кога го толкувал ракописот на ѕидот, брзо се исполнило. Вавилонската Империја повеќе не постоела. Им била ‚дадена на Мидијаните и Персијците‘ во 539 пр.н.е. (Даниел 5:24—28, 30, 31).

ДАНИЕЛ ПОНИЗНО ГО МОЛИ ЈЕХОВА

4. а) Што било потребно за да се доживее ослободување од Бог? б) Како му пристапил Даниел на Јехова?

4 Даниел сфатил дека тие 70 години на опустошеност на Ерусалим само што не изминале. Што ќе направи потоа? Самиот ни кажува: „И го свртив лицето свое кон Господа Бога со молитва и со молба, во пост, во кострет и пепел. И му се молев на Господа мојот Бог, се исповедав“ (Даниел 9:3, 4). Била потребна исправна состојба на срцето за да се доживее милосрдно ослободување од Бог (3. Мојсеева 26:31—46; 3. Царства 8:46—53). Биле потребни и вера, понизен дух и целосно покајание за гревовите кои довеле до изгнанство и ропство. Затоа, Даниел му пристапил на Бог во корист на својот грешен народ. Како? Со тоа што постел, тагувал и се облекол во кострет, што е симбол на покајание и на искреност на срцето.

5. Зошто Даниел бил уверен дека Евреите ќе се вратат во својата татковина?

5 Пророштвото на Јеремија му дало на Даниел надеж бидејќи покажувало дека Евреите наскоро ќе бидат вратени во својата татковина Јуда (Јеремија 25:12; 29:10). Без сомнение, Даниел бил уверен дека на подјармените Евреи ќе им биде олеснето бидејќи еден човек кој се викал Кир веќе владеел како цар на Персија. Зарем Исаија не пророкувал дека Кир ќе биде средство за да се ослободат Евреите за повторно да го изградат Ерусалим и храмот? (Исаија 44:28—45:3). Но Даниел немал претстава како ќе се изведе тоа. Затоа продолжил да го преколнува Јехова.

6. Што признал Даниел во молитва?

6 Даниел го свртел вниманието на Божјата милост и срдечна љубезност. Понизно признал дека Евреите направиле грев со тоа што се противеле, отстапиле од Јеховините заповеди и ги игнорирале неговите пророци. Бог со право „ги прогонил заради нивното отстапништво“. Даниел се молел: „Господи, кај нас на лицата наши има срам, при царевите наши, при кнезовите наши и при татковците наши, зашто згрешивме пред Тебе. А при Господа, нашиот Бог, има милосрдност и проштевање, бидејќи ние станавме против Него. И не го слушавме гласот на Господа, нашиот Бог за да постапиме според Неговите закони што ни ги дава преку своите слуги — пророците. И сиот Израил го престапи Твојот закон и се одврати за да не го слуша Твојот глас; па затоа врз нас се излеа проклетство и клетва, што се напишани во законот Мојсеев, слугата Божји; оти згрешивме пред Него“ (Даниел 9:5—11; 2. Мојсеева 19:5—8; 24:3, 7, 8).

7. Зошто може да се рече дека Јехова постапил праведно кога дозволил Евреите да бидат заробени?

7 Бог ги предупредил Израелците на последиците од непослушноста и занемарувањето на заветот што го склопил со нив (3. Мојсеева 26:31—33; 5. Мојсеева 28:15; 31:17). Даниел ја признава исправноста на Божјите постапки велејќи: „Он ги изврши зборовите Свои што ги кажа против нас и против нашите судии, кои нѐ судеа, испраќајќи против нас голема беда каква што немало под небесата и каква што се извршува над Ерусалим. Како што е напишано во законот Мојсеев, така нѐ постигна сето тоа зло; но не го молевме Господа, нашиот Бог, за да се ослободиме од беззаконијата свои и да ја разбереме Твојата вистина. Господ внимаваше над тоа зло и го испрати врз нас; оти праведен е Господ нашиот Бог во сите Свои дела што ги врши, но ние не го слушавме гласот Негов“ (Даниел 9:12—14).

8. На што ја засновал Даниел својата молба кон Јехова?

8 Даниел не се обидувал да ги оправда постапките на својот народ. Тие со право заслужиле да бидат изгонети, како што тој спремно признава: „Згрешивме, постапивме нечесно“ (Даниел 9:15). Не му било најважно ни да им се олеснат страдањата. Не, тој ја засновал својата молба на Јеховината слава и чест. Кога би им простил на Евреите и би ги вратил во татковината, Бог би го исполнил ветувањето што го дал преку Јеремија и би го посветил Своето свето име. Даниел преколнува: „Господи, по сета Твоја правда нека се одврати гневот Твој и негодувањето Твое од Твојот град, Ерусалим, од Светата Твоја Гора; зашто за гревовите наши и за беззаконијата на татковците наши Ерусалим и народот Твој е поруган, кај сите, што нѐ опкружуваат“ (Даниел 9:16).

9. а) Со какви молби ја завршил Даниел својата молитва? б) Што го вознемирувало Даниел, и како тој покажал дека му значи Божјето име?

9 Во горлива молитва, Даниел продолжува: „А сега чуј ја, Боже наш, молитвата на Твојот слуга и неговото молење, па заради Тебе, Господи, погледај со светлото Твое лице на опустошеното Твое светилиште. Приклони го, Боже мој, увото Свое и послушај, отвори ги очите Свои и погледај ги нашите пустоши и градот, над кој се призива името Твое; оти ние ги принесуваме молењата свои пред Тебе, надевајќи се не на нашата праведност, туку на Твојата голема милосрдност. Чуј Господи [Јехова, NW], Господи прости ни, Господи погледај и изврши, не забавај поради самиот Тебе, Боже мој, зашто името Твое се призива над Твојот град и над Твојот народ!“ (Даниел 9:17—19). Кога Бог не би му простил на својот народ и би го оставил во изгнанство, со што би дозволил неговиот свет град Ерусалим засекогаш да лежи опустошен, би го сметале ли нациите за Универзален Суверен? Зарем не би заклучиле дека Јехова е немоќен пред моќните вавилонски богови? Да, Јеховиното име би било поругано, и тоа го вознемирувало Даниел. Од 19 пати, колку што се сретнува божественото име во книгата Даниел, 18 пати се појавува во поврзаност со оваа молитва!

ГАВРИЕЛ ДОАЃА БРЗО

10. а) Кој бил испратен кај Даниел, и зошто? б) Зошто Даниел зборувал за Гавриел како за „човек“?

10 Додека Даниел сѐ уште се моли, се појавува ангелот Гавриел. Тој вели: „Данииле, сега излегов за да те научам да разбираш. Во почетокот на твоето молење се појави твојот збор и јас дојдов да ти го соопштам, зашто ти си човек сакан [многу пожелен, NW]; па така, внеси се во зборот и разбери го видението“. Но, зошто Даниел зборува за него како за „човекот Гавриел“? (Даниел 9:20—23). Па, кога Даниел барал да ја разбере својата поранешна визија за козелот и овенот, му се појавил „некаков лик на човек“. Тоа бил ангелот Гавриел, кој бил испратен за да му даде увид на Даниел (Даниел 8:15—17). Слично на тоа, откако Даниел се помолил, овој ангел дошол кај него во човечки облик и зборувал со него како човек со човек.

11, 12. а) Иако во Вавилон немало ниту храм ниту олтар на Јехова, како покажувале оддадените Евреи дека им значеле жртвите што се барале со Законот? б) Зошто Даниел бил наречен ‚човек многу пожелен‘?

11 Гавриел пристигнува „во времето на вечерната жртва“. Јеховиниот олтар е уништен заедно со храмот во Ерусалим, а Евреите се заробеници на паганските Вавилонци. Затоа Евреите во Вавилон не му принесуваат жртви на Бог. Меѓутоа, во времето за принесување жртви одредено под Мојсеевиот закон, било соодветно оддадените Евреи во Вавилон да го слават и да го молат Јехова. Како човек длабоко оддаден на Бог, Даниел бил наречен „многу пожелен“. Јехова, ‚Слушачот на молитвата‘, наоѓал задоволство во него, па Гавриел бил брзо испратен за да одговори на Даниеловата молитва на вера (Псалм 65:2NW).

12 Дури и кога животот му бил во опасност поради тоа што се молел на Јехова, Даниел продолжил да му се моли на Бог три пати дневно (Даниел 6:10, 11). Не е чудо што за Јехова тој бил толку пожелен! Освен што се молел, и тоа што медитирал за Божјата реч му овозможило на Даниел да утврди која е Јеховината волја. Даниел истрајал во молитва и знаел како исправно да му пристапи на Јехова за да му биде одговорено на молитвите. Тој ја истакнал Божјата праведност (Даниел 9:7, 14, 16). И, иако неговите непријатели не можеле да му најдат маана, Даниел знаел дека е грешник во Божји очи и спремно ги исповедал своите гревови (Даниел 6:4; Римјаните 3:23).

,СЕДУМДЕСЕТ СЕДМИЦИ‘ ЗА ДА СЕ СТАВИ КРАЈ НА ГРЕВОТ

13, 14. а) Која важна информација му ја открил Гавриел на Даниел? б) Колку долго траат „седумдесетте седмици“, и од каде го знаеме тоа?

13 Каков само одговор добива побожниот Даниел! Јехова не само што го уверува дека Евреите ќе бидат вратени во својата татковина туку му дава и увид во нешто што е од далеку поголемо значење, т.е. во појавувањето на претскажаниот Месија (1. Мојсеева 22:17, 18; Исаија 9:6, 7). Гавриел му вели на Даниел: „Седумдесетте седмици се определени за твојот народ и за светиот твој град за да биде покриен престапот, за да бидат запечатени [да се стави крај на, NW] гревовите и избришани беззаконијата, за да биде доведена вечната правда, за да биде запечатено секое видение и пророк и да биде помазан Светиот на светиите [Светињата над светињите, NW]. И така, знај и разбери: од времето кога излезе законот за обновувањето на Ерусалим, до Христа Владиката [Месијата Водачот, NW] се седум седмици и шеесет и две седмици; и ќе се врати народот и одново ќе се изградат улици и ѕидови, но во тешки времиња“ (Даниел 9:24, 25).

14 Ова било навистина добра вест! Не само што ќе биде повторно изграден Ерусалим, а обожавањето повторно воспоставено во новиот храм, туку и „Месијата Водачот“ ќе се појави во одредено време. Ова требало да се случи во рок од ‚седумдесет седмици‘. Со оглед на тоа што Гавриел не споменува денови, ова не се седмици од по седум дена, што на крајот би изнесувало 490 дена, односно само година и четири месеци. Претскажаната повторна изградба на Ерусалим со „улици и ѕидови“ одзела многу повеќе време. Станува збор за седмици од години. Повеќе современи преводи укажуваат дека секоја седмица трае по седум години. На пример, во Tanakh—The Holy Scriptures, објавен од Еврејското издавачко друштво, во фуснотата за Даниел 9:24 се укажува дека може да се преведе со „седумдесет седмици од години“. An American Translation гласи: „Седумдесет седмици од години му се предодредени на твојот народ и на твојот свет град“. Слични варијанти се појавуваат и во преводите на Мофат и Ротерхам.

15. На кои три периоди се поделени „седумдесетте седмици“, и кога ќе започнат?

15 Според зборовите на ангелот, „седумдесетте седмици“ ќе бидат поделени на три периоди: 1) „седум седмици“, 2) „шеесет и две седмици“ и 3) една седмица. Тоа ќе изнесува 49 години, 434 години и 7 години — вкупно 490 години. Интересно е дека The Revised English Bible вели: „Седумдесет пати по седум години се одредени за твојот народ и за твојот свет град“. Откако биле изгонети и страдале во Вавилон 70 години, Евреите требало да доживеат посебна наклоност од Бог за 490 години, или 70 години помножени со 7. Појдовната точка требало да биде ‚кога ќе излезе законот за обновувањето на Ерусалим‘. Кога било тоа?

ЗАПОЧНУВААТ „СЕДУМДЕСЕТТЕ СЕДМИЦИ“

16. Како што покажал со својот декрет, со која цел ги вратил Кир Евреите во нивната татковина?

16 Три значајни настани во врска со почетокот на „седумдесетте седмици“ заслужуваат разгледување. Првиот се случил во 537 пр.н.е. кога Кир издал декрет според кој Евреите требало да се вратат во татковината. Тој гласи: „Вака вели Кир, царот персиски: ‚Господ, Бог небесни, ми ги даде сите земни царства и ми заповеда да му изградам дом во Ерусалим што е во Јудеја. Кој меѓу сите вас е од Неговиот народ, — Бог нека биде со него, и нека оди во Ерусалим, кој е во Јудеја, да гради дом на Господа [Јехова, NW], Бога Израилев, на оној Бог, Кој е во Ерусалим. А сите, што останале во другите места, каде и да живее тој, нека му помогнат жителите од тие места со сребро, со злато, со друг имот, со добиток и доброволни прилози за Божјиот дом, кој е во Ерусалим‘“ (1. Ездра 1:2—4). Јасно е, овој декрет бил издаден со специфична цел повторно да се изгради храмот — ‚домот на Јехова‘ — на своето поранешното место.

17. Според писмото што му било дадено на Ездра, од која причина патувал тој во Ерусалим?

17 Вториот настан се случил во седмата година од владеењето на персискиот цар Артаксеркс (Артаксеркс Лонгиманус, син на Ксеркс I). Во тоа време, препишувачот Ездра поминал четири месеци на пат од Вавилон до Ерусалим. Со себе носел посебно писмо од царот, но со писмото не била овластена повторната изградба на Ерусалим. Наместо тоа, задачата што ја имал Ездра била ограничена, само „да го украси домот Господов“. Токму затоа во писмото се спомнувало злато и сребро, свети садови и прилози од пченица, вино, масло и сол за поддржување на обожавањето во храмот, како и за ослободување од даноци на оние кои служеле таму (1. Ездра 7:6—27).

18. Кои вести го вознемириле Неемија, и како дознал за тоа царот Артаксеркс?

18 Третиот настан се случил 13 години подоцна, во 20-тата година на персискиот цар Артаксеркс. Неемија тогаш му служел како пехарник „во престолниот град Суза“. Остатокот кој се вратил од Вавилон до некоја мера повторно го изградил Ерусалим. Но, не било сѐ во ред. Неемија дознал дека „ѕидовите на Ерусалим — се урнати, и портите негови — со оган изгорени“. Ова многу го вознемирило и му паднало тешко на срцето. Кога бил запрашан зошто е тажен, Неемија одговорил: „Нека е жив царот засекогаш! Како да не ми биде тажно лицето кога градот, домот, каде што се гробовите на татковците мои, е запустен, и портите негови со оган се изгорени!“ (Неемија 1:1—3; 2:1—3).

19. а) Што направил најпрвин Неемија кога царот Артаксеркс го распрашувал? б) Што барал Неемија, и како ја признал улогата на Бог во таа работа?

19 Извештајот што го вклучува Неемија продолжува: „И царот ми рече: ‚Па што бараш?‘ Јас се помолив на Бога небесен и му одговорив на царот: ‚Ако му е угодно на царот, и ако твојот слуга нашол благоволение пред лицето твое, тогаш испрати ме во Јудеја, во градот, каде што се гробовите на татковците мои, за да го изѕидам‘“. Овој предлог му се допаднал на Артаксеркс, кој постапил и според натамошното барање на Неемија: „Ако благоволи царот, нека ми се даде писмо до задречните [зад реката Еуфрат] обласни кнезови, за да ми дозволуваат пропуст, додека стигнам до Јудеја, и писмо до Асафа, чуварот на царските шуми, да ми даде дрва за вратите на тврдината, што е при Божјиот дом, и за градските ѕидишта, и за куќата, во која ќе живеам“. Неемија ја признал улогата што Јехова ја одиграл во сето ова, кога рекол: „И царот ми даде [писма], бидејќи благодатната рака на мојот Бог беше над мене“ (Неемија 2:4—8).

20. а) Кога стапил на сила „законот за обновување на Ерусалим“? б) Кога започнале „седумдесетте седмици“, а кога завршиле? в) Кој доказ укажува на точноста на датумите за почетокот и за крајот на „седумдесетте седмици“?

20 Иако дозволата била издадена во месецот Нисан, на почетокот на 20-тата година од владеењето на Артаксеркс, ‚законот за обновувањето на Ерусалим‘ вистински стапил на сила со месеци подоцна. Тоа било кога Неемија пристигнал во Ерусалим и започнал со делото на обнова. На Ездра патувањето му одзело четири месеци, но Суза била оддалечена преку 300 километри источно од Вавилон, значи била уште подалеку од Ерусалим. Во тој случај, најверојатно Неемија стигнал во Ерусалим при крајот на 20-тата година на Артаксеркс, односно во 455 пр.н.е. Тогаш започнале претскажаните ‚седумдесет седмици‘, односно 490 години. Тие би завршиле при крајот на 36 н.е. (Види „Кога започнал да владее Артаксеркс?“, на страница 197.)

СЕ ПОЈАВУВА „МЕСИЈАТА ВОДАЧОТ“

21. а) Што требало да се постигне во првите „седум седмици“, и покрај какви околности? б) Во која година требало да се појави Месијата, и што се случило во тоа време според евангелието по Лука?

21 Колку години поминале пред Ерусалим да биде во вистинска смисла повторно изграден? Па, обновувањето на градот требало да се изведе „во тешки времиња“ поради проблемите меѓу самите Евреи и поради противењето од страна на Самарјаните и на другите. Оваа работа изгледа била завршена, онолку колку што било неопходно, околу 406 пр.н.е. — во рамките на тие „седум седмици“ или 49 години (Даниел 9:25). Требало да следи период од 62 седмици, односно 434 години. После тој период требало да се појави долгоочекуваниот Месија. Ако се бројат 483 години (49 плус 434) од 455 пр.н.е., се доаѓа до 29 н.е. Што се случило во тоа време? Писателот на едно евангелие, Лука, ни кажува: „Во петнаесеттата година од владеењето на ќесарот Тибериј, кога Понтиј Пилат беше управител во Јудеја, а Ирод — четворовласник над Галилеја . . . му рече Бог на Јована, синот Захариев, во пустињата. И тој го обиколи целиот крај околу Јордан, проповедајќи покајно крштавање за проштавање на гревовите“. Во тоа време ‚луѓето биле во исчекување‘ (NW) да се појави Месијата (Лука 3:1—3, 15).

22. Кога и на кој начин Исус станал претскажаниот Месија?

22 Јован не бил ветениот Месија. Но во врска со она на кое бил сведок при крштавањето на Исус од Назарет, есента 29 н.е., Јован рекол: „Го видов Духот да слегува од небото како гулаб и остана над Него. Јас не Го познавав, но Оној, што ме прати да крштавам со вода, ми рече: ‚Врз Кого видиш да слегува Духот и да останува над Него, Тој е, Кој ќе крштава со Дух Свети‘. И јас видов и посведочив, дека е Овој Син Божји“ (Јован 1:32—34). При своето крштавање, Исус станал Помазаникот — Месијата, или Христос. Кратко потоа, Јовановиот ученик Андреј се сретнал со помазаниот Исус, а потоа му рекол на Симон Петар: „Го најдовме Месија“ (Јован 1:41). Со тоа „Месијата Водачот“ се појавил токму навреме — на крајот од 69-те седмици!

НАСТАНИТЕ ОД ПОСЛЕДНАТА СЕДМИЦА

23. Зошто морал да умре „Месијата Водачот“, и кога требало да се случи ова?

23 Што требало да се постигне во 70-тата седмица? Гавриел рекол дека периодот од „седумдесетте седмици“ бил одреден „за да биде покриен престапот, за да бидат запечатени [им се стави крај на, NW] гревовите и избришани беззаконијата, за да биде доведена вечната правда, за да биде запечатено секое видение и пророк да биде помазан Светиот на светиите [Светињата над светињите, NW]“. За да се постигне ова, „Месијата Водачот“ морал да умре. Кога? Гавриел рекол: „И по шеесет и двете седмици Христос ќе биде предаден на смрт [отсечен, NW] и суд нема да има . . . И во една седмица ќе го потврди [ќе го држи во сила, NW] заветот за мнозина, а во половината на седмицата ќе престане жртвата и приносот“ (Даниел 9:26а, 27а). Критичното време било „половината на седмицата“, односно средината на последната седмица од години.

24, 25. а) Како што било проречено, кога умрел Христос, и на што ставиле крај неговата смрт и воскресение? б) Што овозможила Исусовата смрт?

24 Јавната служба на Исус Христос започнала кон крајот на 29 н.е. и траела три и пол години. Како што било проречено, во почетокот на 33 н.е., Христос бил „отсечен“ кога умрел на маченички столб и го дал својот човечки живот како откуп за човештвото (Исаија 53:8; Матеј 20:28). Кога на небото воскреснатиот Исус му ја принел на Бог вредноста на својот жртвуван човечки живот, престанала потребата од животински жртви и жртвени дарови, што биле пропишани со Законот. Иако еврејските свештеници продолжиле да даваат приноси сѐ до уништувањето на храмот во Ерусалим во 70 н.е., таквите жртви повеќе не биле прифатливи за Бог. Биле заменети со подобра жртва, жртва што никогаш повеќе не требало да се повтори. Апостол Павле напишал: „[Христос] засекогаш принесе една жртва за гревови . . . Зашто, преку еден жртвен принос засекогаш ги направи совршени оние кои се осветуваат“ (Евреите 10:12, 14NW).

25 Иако гревот и смртта продолжиле да го мачат човештвото, со тоа што Исус бил отсечен во смрт и воскреснал за небесен живот се исполнило пророштвото. Тоа ‚го покрило престапот, им ставило крај на гревовите, ги избришало беззаконијата и била доведена вечната правда‘. Бог го отстранил заветот на Законот кој ги разоткрил и ги осудил Евреите како грешници (Римјаните 5:12, 19, 20; Галатјаните 3:13, 19; Ефесјаните 2:15; Колосјаните 2:13, 14). Сега можеле да им бидат поништени гревовите на покајничките престапници и придружните казни да им бидат укинати. Преку помирбената жртва на Месијата, било можно оние коишто практикувале вера да се помират со Бог. Тие можеле со нетрпение да го очекуваат Божјиот дар на „живот вечен во Христа Исуса“ (Римјаните 3:21—26; 6:22, 23; 1. Јованово 2:1, 2).

26. а) Иако бил отстранет заветот на Законот, кој завет ‚бил држан во сила во една седмица‘? б) Што се случило на крајот на 70-та седмица?

26 Така Јехова, со Христовата смрт во 33 н.е., го отстранил заветот на Законот. Тогаш, како може да се рече дека Месијата ‚во една седмица ќе го држи во сила заветот за мнозина‘? Бидејќи тој го задржал во сила авраамскиот завет. Сѐ до крајот на седумдесеттата седмица, Бог продолжил да им ги дава благословите од тој завет на еврејските потомци на Авраам. Но, на крајот на „седумдесетте седмици“ од години, во 36 н.е., апостол Петар му проповедал на оддадениот Италијанец Корнилиј, на неговото домаќинство и на други не-Евреи. И од тој ден натаму, добрата вест почнала да се објавува меѓу луѓето од нациите (Дела 3:25, 26; 10:1—48; Галатјаните 3:8, 9, 14).

27. Која „Светиња над светињите“ била помазана, и како?

27 Пророштвото, исто така, претскажало дека ќе биде помазана „Светињата над светињите“. Ова не се однесува на помазување на Најсветата светиња, односно највнатрешниот оддел на храмот во Ерусалим. Изразот „Светињата над светињите“ овде се однесува на небесното светилиште на Бог. Таму Исус му ја предал на својот Татко вредноста на својата човечка жртва. Исусовото крштавање во 29 н.е. ја помазало, односно ја одвоило таа небесна духовна реалност која била претставена со Најсветата светиња во земниот табернакул и во подоцнежниот храм (Евреите 9:11, 12).

БОГ ГО ПОТВРДУВА ПРОРОШТВОТО

28. Што се мислело со ‚запечатување на визијата и пророкот‘?

28 Месијанското пророштво што го изрекол ангелот Гавриел исто така зборува за ‚запечатување на секое видение [визија, NW] и пророк‘. Ова значи дека сѐ што било претскажано во врска со Месијата — сѐ што тој постигнал преку својата жртва, воскресение и појавување на небото, како и другите работи кои се случувале во текот на 70-те седмици — ќе биде запечатено со печат на божествено одобрување, ќе се покаже вистинито и достојно за доверба. Визијата ќе биде запечатена, ограничена на Месијата. Таа ќе се исполни на него и на Божјето дело преку него. Само во поврзаност со претскажаниот Месија би можеле да го најдеме исправното толкување на визијата. Ништо друго нема да го симне печатот од нејзиното значење.

29. Што требало да му се случи на повторно изградениот Ерусалим, и од која причина?

29 Гавриел претходно пророкувал дека Ерусалим ќе биде повторно изграден. Сега тој го претскажува уништувањето на повторно изградениот град и на неговиот храм, кога вели: „Градот и светилиштето ќе бидат разрушени од народот на водачот што ќе дојде, и крајот ќе му биде како од поплава, и до крајот на војната ќе има опустошување . . . а на крилото од светилиштето ќе настапи мерзост на запустувањето [и на крилото на одвратните работи ќе биде оној кој предизвикува опустошување, NW] и крајот на предопределената погибел ќе го постигне опустошителот“ (Даниел 9:26б, 27б). Иако ова опустошување би настапило после „седумдесетте седмици“, би било директен резултат на настаните за време на последната „седмица“ кога Евреите го отфрлиле Христос и го убиле (Матеј 23:37, 38).

30. Според историскиот извештај, како се исполнила одредбата на Големиот Контролор на времето?

30 Историските извештаи покажуваат дека во 66 н.е., римските легии под водство на сирискиот управител Цестиј Гал го опколиле Ерусалим. И покрај отпорот на Евреите, римските сили кои ги носеле своите идолопоклонички обележја, односно знамиња, продреле во градот и почнале да ги поткопуваат северните храмски ѕидови. Со тоа што стоеле таму станале „одвратната работа“ која може да предизвика потполно опустошување (Матеј 24:15, 16NW). Во 70 н.е., Римјаните под водство на генерал Тит дошле како „поплава“ и го опустошиле градот со неговиот храм. Ништо не ги запрело, бидејќи ова било одредено — ‚предопределено‘ — од Бог. Големиот Контролор на времето, Јехова, повторно го исполнил она што го рекол!

ШТО ЗАБЕЛЕЖА?

• За што го молел Даниел Јехова во времето кога привршувале 70-те години од опустошувањето на Ерусалим?

• Колку долги биле „седумдесетте седмици“, кога започнале и кога завршиле?

• Кога се појавил „Месијата Водачот“, и во кое критично време бил „отсечен“?

• Кој завет бил ‚држен во сила за мнозина во една седмица‘?

• Што се случило после „седумдесетте седмици“?

[Прашања]

[Рамка/слика на страница 197]

Кога започнал да владее Артаксеркс?

ИСТОРИЧАРИТЕ не се согласуваат во врска со годината кога започнал да владее персискиот цар Артаксеркс. Некои ја зеле за година кога стапил на престолот 465 пр.н.е., бидејќи татко му, Ксеркс, започнал да владее во 486 пр.н.е., а умрел во 21-та година од своето владеење. Меѓутоа, постои доказ дека Артаксеркс стапил на престолот во 475 пр.н.е. и започнал со својата прва владејачка година во 474 пр.н.е.

Натписите на камен и скулптурите откопани на местото на древниот персиски главен град Персеполис, укажуваат дека Ксеркс и татко му Дариј I владееле заедно. Ако тоа траело 10 години, а Ксеркс владеел сам 11 години после смртта на Дариј во 486 пр.н.е, тогаш првата година од владеењето на Артаксеркс би била 474 пр.н.е.

Втората линија на докази го вклучува атинскиот генерал Темистокле, кој ги поразил силите на Ксеркс во 480 пр.н.е. Подоцна тој ја изгубил наклоноста на грчкиот народ и бил обвинет за предавство. Темистокле побегнал и побарал заштита на персискиот двор, каде што му било укажано добредојде. Според грчкиот историчар Тукидид, ова се случило кога Артаксеркс ‚неодамна дошол на престолот‘. Грчкиот историчар Диодор Сикул ја сместува смртта на Темистокле во 471 пр.н.е. Со оглед на тоа што Темистокле побарал една година за да научи персиски пред да има прием кај царот Артаксеркс, мора да пристигнал во Мала Азија не подоцна од 473 пр.н.е. Тој датум го поддржува и Ероним во Chronicle of Eusebius (Хрониката на Евзебиј). Исто така, бидејќи Артаксеркс бил ‚неодамна дојден на престолот‘ кога Темистокле пристигнал во Азија во 473 пр.н.е., германскиот изучувач Ернст Хенгштенберг во својата Christologie des Alten Testaments (Христологија на Стариот завет) вели дека Артаксеркс почнал да владее во 474 пр.н.е, како што велат и други извори. Тој додал: „Дваесетата година од царувањето на Артаксеркс е 455 година пред Христос“.

[Слика]

Биста на Темистокле

[Графикон/слики на страници 188 и 189]

(Види во публикацијата)

‚СЕДУМДЕСЕТ СЕДМИЦИ‘

455 пр.н.е. 406 пр.н.е. 29 н.е. 33 н.е. 36 н.е.

„Законот за Ерусалим Месијата Месијата Крај на

обновување повторно се појавува отсечен „седумдесетте

на Ерусалим“ изграден седмици“

7 седмици 62 седмици 1 седмица

49 години 434 години 7 години

[Слика на целата страница 180]

[Слика на целата страница 193]