Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Двата цара го менуваат идентитетот

Двата цара го менуваат идентитетот

Четиринаесетто поглавје

Двата цара го менуваат идентитетот

1, 2. а) Што го навело Антиох IV да потклекне на барањата на Рим? б) Кога станала Сирија римска провинција?

 СИРИСКИОТ монарх Антиох IV го напаѓа Египет и се крунисува себеси за негов цар. На барање на египетскиот цар Птолемеј VI, Рим го испраќа во Египет амбасадорот Гај Попилиј Лена. Тој доаѓа со импресивна флота и со наредби од Римскиот сенат Антиох IV да се откаже од своето царување во Египет и да се повлече од земјата. Кај Елевзина, предградие на Александрија, сирискиот цар и римскиот амбасадор се сретнуваат лице в лице. Антиох IV бара време за да се консултира со своите советници, но Лена црта круг околу царот и му вели дека треба да одговори пред да ја пречекори таа линија. Понижен, Антиох IV се повинува на барањата на Рим и се враќа во Сирија во 168 пр.н.е. Со тоа завршува судирот помеѓу сирискиот северен цар и египетскиот јужен цар.

2 Играјќи доминантна улога во работите на Средниот Исток, Рим продолжува да ѝ диктира на Сирија. Значи, и покрај тоа што други цареви од селеукидската династија владеат со Сирија после смртта на Антиох IV во 163 пр.н.е., не го заземаат местото на „северниот цар“ (Даниел 11:15). Сирија на крајот станува римска провинција во 64 пр.н.е.

3. Кога и како Рим се здобил со превласт над Египет?

3 Египетската птолемејска династија и понатаму го држи местото на „јужниот цар“ малку повеќе од 130 години после смртта на Антиох IV (Даниел 11:14). Во битката кај Акциј, во 31 пр.н.е., римскиот владетел Октавијан ги победува здружените сили на последната птолемејска царица — Клеопатра VII — и на нејзиниот римски љубовник, Марко Антониј. После самоубиството на Клеопатра следната година, и Египет станува римска провинција и повеќе не ја игра улогата на јужниот цар. До 30 година пр.н.е., Рим постигнува превласт и над Сирија и над Египет. Треба ли да очекуваме други владетелства да ги преземат улогите на северниот и на јужниот цар?

ЕДЕН НОВ ЦАР ИСПРАЌА „ДАНОЧНИК“

4. Зошто треба да очекуваме друг владејачки ентитет да го преземе идентитетот на северниот цар?

4 Пролетта 33 н.е., Исус Христос им рекол на своите ученици: „Штом ја видите мерзоста на запустението [одвратната работа што предизвикува опустошување, NW] да стои на свето место, за која е зборувано преку пророкот Даниил . . . тогаш оние, што се наоѓаат во Јудеја, да бегаат по планините“ (Матеј 24:15, 16). Цитирајќи од Даниел 11:31, Исус ги предупредил своите следбеници дека ќе постои ‚одвратна работа што предизвикува опустошување‘. Ова пророштво, кое го вклучува северниот цар, било дадено околу 195 години после смртта на Антиох IV, последниот сириски цар во таа улога. Се разбира, друг владејачки ентитет ќе мора да го преземе идентитетот на северниот цар. Но, кој?

5. Кој се издигнал како северен цар, преземајќи ја улогата што некогаш ја имал Антиох IV?

5 Ангелот на Јехова Бог претскажал: „На негово место [на местото на Антиох IV] ќе се издигне друг што ќе прати даночник за да мине по царството на славата. Но и тој по неколку дни ќе загине, и тоа не од востание, ниту во бој“ (Даниел 11:20). Тој што ‚се издигнал‘ на овој начин се покажало дека е првиот римски император, Октавијан, кој бил познат како Цезар Август. (Види „Едниот почитуван, а другиот презрен“, на 248. страница.)

6. а) Кога бил испратен ‚даночникот‘ да мине низ „царството на славата“, и зошто ова било важно? б) Зошто може да се рече дека Август умрел „не од востание, ниту во бој“? в) Каква промена настанала во идентитетот на северниот цар?

6 Августовото ‚царство на славата‘ ја вклучувало „славната земја“ — римската провинција Јудеја (Даниел 11:16). Во 2 година пр.н.е., Август испратил „даночник“ со тоа што наредил да се регистрира, односно попише населението, веројатно за да се дознае неговиот број заради плаќање данок и регрутирање за војска. Поради овој декрет, Јосиф и Марија патувале до Витлеем за да се попишат, што довело до тоа Исус да се роди во претскажаното место (Михеј 5:2; Матеј 2:1—12). Во август 14 н.е. — „по неколку дни“, односно не долго откако наредил да се регистрира населението — Август умрел на 76 години, и тоа „не од востание“ на некој атентатор, ниту „во бој“, туку како последица на болест. Северниот цар навистина го сменил идентитетот! Овој цар дотогаш станала Римската Империја застапувана од своите императори.

ПРЕЗРЕНИОТ СЕ ИЗДИГНУВА‘

7, 8. а) Кој се издигнал на местото на Август како северен цар? б) Зошто ‚царските почести‘ му биле неволно доделени на наследникот на Август Цезар?

7 Продолжувајќи со пророштвото, ангелот рекол: „А на негово место [на местото на Август] ќе се издигне презрениот, и нема да му дадат царски почести; но тој ќе дојде без шум и со лаги [мазнење, NW] ќе го освои царството. И напаѓачите ќе бидат потопени и победени од него, дури и кнезот со кого се поврзал [А што се однесува до рацете на поплавата, тие ќе бидат поплавени поради него, и ќе бидат скршени, исто како и Водачот на заветот, NW]“ (Даниел 11:21, 22).

8 „Презрениот“ бил Тибериј Цезар, син ѝ на Ливија, третата жена на Август. (Види „Едниот почитуван, а другиот презрен“, на 248. страница.) Август го мразел овој доведеник поради неговите лоши особини и не сакал тој да стане следниот Цезар. ‚Царските почести‘ неволно му биле доделени нему само откако сите други потенцијални наследници умреле. Август го посвоил Тибериј во 4 н.е. и го поставил за наследник на престолот. По смртта на Август, 54-годишниот Тибериј — презрениот — ‚се издигнал‘, преземајќи ја моќта како римски император и северен цар.

9. Како Тибериј го презел ‚царството со мазнење‘?

9 „Тибериј“, вели The New Encyclopædia Britannica, „манипулирал со Сенатот и скоро еден месец [по смртта на Август] не му дозволувал да го наименува за император.“ Тој му рекол на Сенатот дека никој освен Август не е способен да го носи бремето на владеење со Римската Империја и побарал од сенаторите повторно да ја обноват републиката со тоа што ќе ја доверат таквата власт на група мажи наместо на еден човек. „Не осмелувајќи се да го држи за збор“, пишува историчарот Вил Дјурант, „и Сенатот и тој си се клањале еден на друг сѐ додека тој конечно не ја прифатил власта.“ Дјурант додава: „Претставата добро ја одиграле и двете страни. Тибериј го посакувал принципатот, инаку веќе би нашол начин да го избегне; Сенатот се плашел од него и го мразел, но се воздржувал повторно да воспостави република заснована, како и старата, на чисто теоретски суверени собранија“. Така Тибериј ‚со мазнење го освоил царството‘.

10. Како биле ‚скршени рацете на поплавата‘?

10 „А што се однесува до рацете на поплавата“ — воените сили на околните царства — ангелот рекол: ‚Ќе бидат поплавени и скршени‘. Кога Тибериј станал северниот цар, внук му Германик Цезар бил заповедник на римските трупи на реката Рајна. Во 15 н.е., Германик ги повел своите сили против германскиот херој Арминиј, и постигнал извесен успех. Меѓутоа, ограничените победи биле добиени по висока цена, па Тибериј прекинал со операциите во Германија. Наместо тоа, со унапредување на граѓански војни, се обидел да ги спречи германските племиња да се обединат. Тибериј главно претпочитал дефанзивна надворешна политика и вниманието го насочил кон зајакнување на границите. Таквата политика се покажала прилично успешена. На овој начин „рацете на поплавата“ биле контролирани и „скршени“.

11. Како бил ‚скршен Водачот на заветот‘?

11 Исто така, ‚скршен‘ бил и „Водачот на заветот“ којшто Јехова Бог го склопил со Авраам за да ги благослови сите семејства на Земјата. Исус Христос бил Семето на Авраам што му било ветено со тој завет (1. Мојсеева 22:18; Галатјаните 3:16). На 14 Нисан 33 н.е., Исус застанал пред Понтиј Пилат во палатата на римскиот управител во Ерусалим. Еврејските свештеници го обвиниле за предавство против императорот. Но Исус му рекол на Пилат: „Моето царство не е [дел, NW] од овој свет . . . царството Мое сега не е овде“. За римскиот управител да не го ослободи невиниот Исус, Евреите викале: „Ако Го пуштиш Него, не си му пријател на ќесарот. Секој што се прави цар, противник му е на ќесарот“. Откако барале да се погуби Исус, тие рекле: „Ние немаме цар, освен ќесарот“. Според законот за „повреда на неговото височество“, што Тибериј го проширил да вклучува скоро секаква навреда на Цезарот, Пилат го предал Исус ‚да го скршат‘ односно да го приковаат на маченички столб (Јован 18:36; 19:12—16; Марко 15:14—20).

ЕДЕН ТИРАН ,ГИ СМИСЛУВА СВОИТЕ СПЛЕТКИ‘

12. а) Кој стапил во сојуз со Тибериј? б) Како Тибериј ‚се одржал на врвот со малку народ‘?

12 И понатаму пророкувајќи за Тибериј, ангелот рекол: „Оти, откако стапи во сојуз со него, тој ќе дејствува со измама и ќе се искачи и ќе се одржи на врвот со малку народ“ (Даниел 11:23). Членовите на Римскиот сенат ‚стапиле во сојуз‘ со Тибериј преку уставот и тој формално зависел од нив. Но тој бил препреден, и во суштина се одржувал ‚на врвот со малку народ‘. Тој мал народ била римската преторијанска гарда, улогорена во близина на ѕидините на Рим. Таа близина го заплашувала Сенатот и му помагала на Тибериј да го држи во шах позиција секое востание од народот против неговата власт. И така, со помош на 10.000 гардисти, Тибериј останал моќен.

13. На кој начин Тибериј ги надминал своите прататковци?

13 Ангелот пророчки додал: „Ќе влезе во мирни и плодни краишта и ќе го изврши она што не го правеле татковците негови и татковците на татковците негови; пленот, заграбениот имот и богатството ќе го троши како свое и за тврдините ќе помислува [ќе ги смислува своите сплетки, NW], но само за некое време“ (Даниел 11:24). Тибериј бил претерано сомничав, а неговото владеење изобилувало со нарачани убиства. Во голема мера поради влијанието на Сејан, заповедник на преторијанската гарда, последниот период на неговото владеење бил одбележан со терор. На крајот, самиот Сејан бил осомничен и погубен. Во тиранизирање на народот, Тибериј ги надминал своите прататковци.

14. а) Како го растурал Тибериј „пленот, заграбениот имот и богатството“ низ римските провинции? б) За каков го сметале Тибериј во времето на неговата смрт?

14 Меѓутоа, Тибериј го растурал „пленот, заграбениот имот и богатството“ низ римските провинции. До неговата смрт, сите потчинети народи уживале благосостојба. Даноците не биле товар, и тој можел да се покаже великодушен кон оние подрачја кои биле зафатени од неволја. Ако војниците или службениците угнетувале некого или се залагале за непрописно решавање на работите, можеле да очекуваат одмазда од императорот. Цврстата владејачка рака ја одржала јавната безбедност, а подобрените системи за комуникација ѝ помогнале на трговијата. Тибериј се погрижил работите да се вршат непристрасно и доследно, како во Рим така и надвор од него. Законите биле подобрени, а социјалните и моралните кодекси биле збогатени со унапредување на реформите што ги вовел Август Цезар. И покрај тоа, Тибериј ‚ги смислувал своите сплетки‘, па затоа римскиот историчар Тацит го опишал како лицемерен човек, кој вешто се преправал. Во времето на неговата смрт, во март 37 н.е., Тибериј го сметале за тиранин.

15. Во каква состојба се наоѓал Рим кон крајот на првиот и на почетокот на вториот век н.е.?

15 Меѓу наследниците на Тибериј коишто ја пополниле улогата на северниот цар биле Гај Цезар (Калигула), Клавдиј I, Нерон, Веспазијан, Тит, Домицијан, Нерва, Трајан и Хадријан. „Во повеќето случаи“, вели The New Encyclopædia Britannica, „наследниците на Август продолжиле со неговата административна политика и со програмата на изградба, иако со помалку иновации, а со повеќе вообразеност.“ Истиот прирачник понатаму укажува: „На крајот на првиот и на почетокот на вториот век, Рим, по својата големина и по бројот на жители, се наоѓал на врвот“. Иако во овој период Рим имал одредени неволји на границите на империјата, неговиот прв претскажан судир со јужниот цар не се случил сѐ до третиот век н.е.

ЌЕ СЕ КРЕНЕ ПРОТИВ ЈУЖНИОТ ЦАР

16, 17. а) Кој ја презел улогата на северниот цар кој се спомнува во Даниел 11:25? б) Кој ја зазел положбата на јужниот цар и како се случило тоа?

16 Божјиот ангел продолжил со пророштвото, велејќи: „Потоа ќе се охрабри духот негов [на северниот цар] и со многубројна војска ќе се крене против јужниот цар; јужниот цар ќе излезе во војна со голема и уште посилна војска, но [северниот цар] нема да се додржи, оти против него ќе има сплетки. Дури и оние што јадат леб со него ќе му станат убијци, и војската ќе му се распушти, па така многумина ќе паднат убиени“ (Даниел 11:25, 26).

17 По околу 300 години откако Октавијан го направил Египет римска провинција, римскиот император Аврелиј ја презел улогата на северниот цар. Во меѓувреме, Септимија Зенобија, царицата на римската колонија Палмира, го зазела местото на јужниот цар. * (Види „Зенобија — воинствената царица на Палмира“, на 252. страница.) Палмирската војска го зазела Египет во 269 н.е. под изговор дека сака да го осигура за Рим. Зенобија сакала да ја направи Палмира доминантен град на истокот и да владее над источните римски провинции. Растревожен од нејзините амбиции, ‚се охрабрил духот‘ на Аврелиј за напад на Зенобија.

18. Каков бил исходот на конфликтот помеѓу императорот Аврелиј, северниот цар, и царицата Зенобија, јужниот цар?

18 Како владејачки ентитет предводен од Зенобија, јужниот цар ‚излегол‘ во војна против северниот цар „со голема и уште посилна војска“ под водство на двајца генерали, Забда и Забај. Но, Аврелиј го освоил Египет, а потоа тргнал во поход низ Мала Азија и Сирија. Зенобија била поразена кај Емеса (денешен Хомс), а потоа се повлекла во Палмира. Кога Аврелиј го опколил градот, Зенобија храбро го бранела, но без успех. Таа и син ѝ побегнале кон Персија, но Римјаните ги заробиле кај реката Еуфрат. Палмирците го предале својот град во 272 н.е. Аврелиј ја поштедил Зенобија и ја направил главна атракција во својата триумфална поворка низ Рим во 274 н.е. Остатокот од својот живот таа го поминала како римска матрона.

19. Како паднал Аврелиј ‚оти против него имало сплетки‘?

19 Самиот Аврелиј ‚не се додржал, оти против него имало сплетки‘. Во 275 н.е. тргнал во поход против Персијците. Додека во Тракија чекал прилика да премине преку протокот во Мала Азија, оние ‚што јаделе леб со него‘ ги спровеле на дело сплетките против него и ‚му станале убијци‘. Аврелиј сакал да го повика на одговорност својот секретар Ерос поради некои неправилности. Меѓутоа, Ерос фалсификувал список со имиња на извесни офицери кои требало да бидат убиени. Кога го виделе овој список, офицерите биле мотивирани да сковаат план за атентат врз Аврелиј и да го убијат.

20. Како ‚му се распуштила војската‘ на северниот цар?

20 Кариерата на северниот цар не завршила со смртта на императорот Аврелиј. Следеле други римски владетели. Некое време имало император на западот и император на истокот. Под водство на овие луѓе, „војската“ на северниот цар била ‚распуштена‘ или „растурена“ * и многумина ‚паднале убиени‘ поради нападите на германските племиња од север. Во четвртиот век н.е., Готите ги пробиле римските граници. Нападите продолжиле едноподруго. Во 476 н.е., германскиот водач Одоакар го отстранил и последниот император кој владеел од Рим. До почетокот на шестиот век, Римската Империја на западот била растурена, а германските цареви владееле во Британија, Галија, Италија, Северна Африка и Шпанија. Источниот дел од империјата се одржал сѐ до 15 век.

ПОДЕЛБА НА ЕДНА ГОЛЕМА ИМПЕРИЈА

21, 22. Какви промени предизвикал Константин околу четврти век н.е.?

21 Без да изнесува непотребни детали за распадот на Римската Империја, што се протегал низ векови, Јеховиниот ангел продолжил да ги претскажува натамошните потфати на северниот и на јужниот цар. Меѓутоа, едно кратко разгледување на развојот на извесни настани во Римската Империја ќе ни помогне да ги идентификуваме двата сопернички цара во подоцнежно време.

22 Во четвртиот век, римскиот император Константин му дал државно признание на отпадничкото христијанство. Тој дури го свикал и лично претседавал на црковниот концил во Никеја, Мала Азија, во 325 н.е. Подоцна Константин ја преселил царската престолнина од Рим во Визант, т.е. Константинопол, со што го претворил во свој нов главен град. Римската Империја продолжила да постои под владетелството на само еден император сѐ до смртта на императорот Теодосиј I, на 17 јануари 395 н.е.

23. а) До каква поделба на Римската Империја дошло после смртта на Теодосиј? б) Кога ѝ дошол крајот на Источната Империја? в) Кој владеел со Египет во 1517?

23 По смртта на Теодосиј, Римската Империја била поделена меѓу неговите синови. Хонориј го добил западниот дел, а Аркадиј источниот, со Константинопол како главен град. Британија, Галија, Италија, Шпанија и Северна Африка спаѓале меѓу провинциите на западниот дел. Македонија, Тракија, Мала Азија, Сирија и Египет биле провинции на источниот дел. Во 642 н.е., египетскиот главен град Александрија паднал во рацете на Сарацените (Арапите), и Египет станал провинција на калифи. Во јануари 1449, Константин XI станал последниот император на истокот. Отоманските Турци, под водство на султан Мехмед II, го зазеле Константинопол на 29 мај 1453, со што ѝ ставиле крај на Источната Римска Империја. Во 1517, Египет станал турска провинција. Меѓутоа, со текот на времето оваа земја на древниот јужен цар доаѓа под контрола на друга империја од западниот сектор.

24, 25. а) Според некои историчари, што го означило почетокот на Светата Римска Империја? б) Што се случило на крајот со титулата „император“ на Светата Римска Империја?

24 Во западното крило на Римската Империја се појавил католичкиот бискуп, значајниот папа Лео I, кој бил познат по тоа што спроведувал папски авторитет во петти век н.е. Со текот на времето, папата си зел за право да го круниса императорот на западниот сектор. Ова се случило во Рим, на божиќниот ден во 800 н.е., кога папата Лео III го крунисал франкскиот цар Карло (Карло Велики) за император на новата Западна Римска Империја. Ова крунисување го обновило императорството во Рим и, според некои историчари, го означило почетокот на Светата Римска Империја. Оттогаш постоеле Источната Империја и Светата Римска Империја на запад, и двете тврделе дека се христијански.

25 Како што минувало времето, наследниците на Карло Велики се покажале како неспособни владетели. Некое време императорското место дури било празно. Во меѓувреме, германскиот цар Ото I стекнал контрола над поголемиот дел од северна и централна Италија. Се прогласил себеси за цар на Италија. На 2 февруари 962 н.е., папата Јован XII го крунисал Ото I за император на Светата Римска Империја. Неговиот главен глад бил во Германија, а императорите биле Германци, како и поголемиот дел од поданиците. Пет века подоцна, австрискиот дом на Хабсбурговците се здобил со титулата „император“ и ја задржал во поголемиот дел од преостанатите години на Светата Римска Империја.

ДВАТА ЦАРА ПОВТОРНО ЈАСНО ВО ФОКУСОТ

26. а) Што може да се рече за крајот на Светата Римска Империја? б) Кој се појавил како северниот цар?

26 Наполеон I ѝ задал смртоносен удар на Светата Римска Империја кога после победите во Германија, во 1805 година, одбил да го признае нејзиното постоење. Неспособен да ја одбрани круната, императорот Франц II, на 6 август 1806, се откажал од римскиот статус на император и се повлекол во својата национална влада како император на Австрија. После 1.006 години, на Светата Римска Империја — што ја основале римокатоличкиот папа Лео III и франкскиот цар Карло Велики — ѝ дошол крајот. Во 1870, Рим станал главен град на кралството Италија независно од Ватикан. Следната година, започнала да постои Германската Империја со Вилхелм I кој бил наречен цезар, односно кајзер. Со тоа, современиот северен цар — Германија — стапил на светската сцена.

27. а) Како Египет станал британски протекторат? б) Кој ја зазел положбата на јужниот цар?

27 Но кој е идентитетот на современиот јужен цар? Историјата покажува дека во 17 век Велика Британија приграбила царска моќ. Со желба да ги спречи британските трговски патишта, Наполеон I го освоил Египет во 1798. Следела војна, а британско-отоманската алијанса ги принудила Французите да се повлечат од Египет, кој на почетокот на конфликтот беше идентификуван како јужниот цар. Во текот на следниот век, британското влијание во Египет се зголемило. После 1882, Египет всушност станал зависен од Британија. Кога избила Првата светска војна во 1914, Египет ѝ припаѓал на Турција и со него владеел кедив, односно вицекрал. Меѓутоа, откако Турција во таа војна застанала на страната на Германија, Британија го симнала тој кедив и го прогласила Египет за британски протекторат. Развивајќи постепено блиски врски, Британија и Соединетите Американски Држави станале англо-американска светска сила. Заедно, тие ја зазеле положбата на јужниот цар.

[Фусноти]

^ Со оглед на тоа што ознаките „северниот цар“ и „јужниот цар“ се титули, тие можат да се однесуваат на кој и да е владејачки ентитет, вклучувајќи цар, царица или блок од нации.

^ Види ја фуснотата за Даниел 11:26 во New World Translation of the Holy Scriptures—With References, издаден од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.

ШТО ЗАБЕЛЕЖА?

• Кој римски император се издигнал прв како северниот цар, и кога испратил „даночник“?

• Кој ја презел улогата на северниот цар после Август, и како бил ‚скршен Водачот на заветот‘?

• Каков бил исходот на конфликтот помеѓу Аврелиј како северен цар и Зенобија како јужен цар?

• Што се случило со Римската Империја, и кои сили ги зазеле положбите на двата цара на крајот на 19 век?

[Прашања]

[Рамка/слика на страници 248-251]

ЕДНИОТ ПОЧИТУВАН, А ДРУГИОТ ПРЕЗРЕН

ЕДНИОТ ја претворил републиката полна со раздор во светска империја. Другиот за 23 години го зголемил нејзиното богатство дваесеткратно. Едниот, кога умрел бил почитуван, а другиот презрен. Владеењето на овие два римски императора ги опфаќало животот и службата на Исус. Кои биле тие? И зошто едниот бил почитуван, а другиот не?

ТОЈ ,ГО НАШОЛ РИМ ВО ТУЛИ, А ГО ОСТАВИЛ ВО МЕРМЕР‘

Во 44 пр.н.е., кога бил извршен атентат врз Јулиј Цезар, внукот на сестра му, Гај Октавијан, имал само 18 години. Како посвоен син на Јулиј Цезар и главен личен наследник, младиот Октавијан веднаш се упатил во Рим за да го побара своето наследство. Таму наишол на еден тежок противник — главниот поручник на Цезар, Марко Антониј, кој очекувал да биде главниот наследник. Политичките интриги и борбата за власт кои уследиле, траеле 13 години.

Дури откако ги поразил здружените сили на египетската царица Клеопатра и нејзиниот љубовник Марко Антониј (во 31 пр.н.е.), Октавијан станал неоспорен владетел на Римската Империја. Следната година Антониј и Клеопатра извршиле самоубиство, и Октавијан го анектирал Египет. Со тоа, и последната трага од Грчката Империја била отстранета, а Рим станал светска сила.

Имајќи на ум дека врз Јулиј Цезар бил извршен атентат поради тоа што деспотски владеел, Октавијан бил претпазлив да не ја повтори истата грешка. Така, за да не ги повреди чувствата на Римјаните кои биле наклонети кон републиката, ја прикрил својата монархија под републиканскиот плашт. Тој се откажал од титулите „цар“ и „диктатор“. Одејќи чекор понапред, ги соопштил своите намери да му ја префрли управата над сите провинции на Римскиот сенат и предложил да даде оставка од положбите што ги заземал. Оваа тактика успеала. Сенатот, кој многу го ценел тоа, го поттикнал Октавијан да ги задржи своите положби, како и управата над некои провинции.

Освен тоа, на 16 јануари 27 пр.н.е., Сенатот му ја доделил на Октавијан титулата „Август“ што значи „Возвишен, Свет“. Октавијан не само што ја прифатил титулата туку и преименувал еден месец по себеси и позајмил еден ден од февруари за да може август да има ист број денови како јули, месецот кој добил име по Јулиј Цезар. Со тоа Октавијан станал првиот император на Рим и после тоа бил по­знат како Цезар Август или „Возвишениот“. Подоцна ја презел и титулата „понтифекс максимус“ (првосвештеник), а во 2 пр.н.е. — годината на Исусовото раѓање — Сенатот му ја дал титулата Патер патрие, „Татко на татковина⁠та“.

Истата година ‚излегла заповед од ќесарот Август за попис на сите жители . . . И отишле сите да се запишат, секој во својот град‘ (Лука 2:1—3). Како резултат на оваа заповед, Исус се родил во Витлеем и со тоа го исполнил библиското пророштво (Даниел 11:20; Михеј 5:2).

Владеењето на Август било одбележано со извесна мера на чесност и стабилна валута. Август, исто така, воспоставил делотворен поштенски систем и изградил патишта и мостови. Ја реорганизирал војската, оформил постојана морнарица и вовел елитна чета од царски телохранители, позната како преторијанска гарда (Филипјаните 1:13). Под негово покровителство, писатели како Вергилиј и Хорациј цветале, а скулпторите создавале прекрасни дела во она што сега се нарекува класичен стил. Август ги довршил зградите кои Јулиј Цезар ги оставил недовршени и обновил многу храмови. Пакс романа („Римски мир“) што го вовел тој, важел повеќе од 200 години. На 19 август 14 н.е., на 76 години, Август умрел и потоа бил прогласен за бог.

Август се фалел дека ‚го нашол Рим во тули, а го оставил во мермер‘. Тој не сакал Рим да се врати на деновите на поранешната римска република, исполнети со борби, па затоа имал намера да го подготви за служба следниот император. Но, што се однесува до наследникот, имал мал избор. Неговиот сестричник, двајца внуци, еден зет и еден доведеник, сите тие му умреле, па останал само доведеникот Тибериј кој би можел да ја преземе положбата.

„ПРЕЗРЕНИОТ“

Помалку од еден месец по смртта на Август, Римскиот сенат го именувал за император 54-годишниот Тибериј. Тибериј живеел и владеел до март 37 н.е. Според тоа, тој бил император на Рим во времето на Исусовата јавна служба.

Како император, Тибериј имал и доблести и пороци. Меѓу доблестите било тоа што нерадо трошел пари на луксузи. Како резултат на тоа, империјата напредувала и располагала со средства наменети за помош при обнова после катастрофи и кризни периоди. Пофално е и тоа што Тибериј се сметал за обичен човек, одбил голем број почесни титули и обожавањето на императорот главно го насочувал кон Август, а не кон себеси. Тој не именувал ниту еден календарски месец по себе како што направиле Август и Јулиј Цезар, ниту, пак, дозволил да му оддаваат чест на тој начин.

Меѓутоа, пороците на Тибериј ги надминувале неговите доблести. Бил претерано сомничав и лицемерен во односите со другите, а неговото владеење изобилувало со нарачани убиства, меѓу кои спаѓале и многу негови поранешни пријатели. Го проширил законот за лесе⁠-​мажесте (повреда на неговото височество) за да важи, освен за бунтување, и само за погрдни зборови против неговата личност. Веројатно по сила на овој закон, Евреите вршеле притисок врз римскиот управител Понтиј Пилат да го убие Исус (Јован 19:12—16).

Тибериј ја концентрирал преторијанската гарда во близината на Рим така што изградил утврдени касарни северно од ѕидините на градот. Присуството на гардата го застрашувало Римскиот сенат, којшто претставувал закана за неговата власт, и ја држел под контрола секоја непокорност на народот. Тибериј, исто така, поттикнувал да се поткажува, а последниот дел од неговото владеење бил одбележан со терор.

Во времето на неговата смрт, Тибериј го сметале за тиранин. Кога умрел, Римјаните се радувале, а Сенатот одбил да го прогласи за бог. Од овие и од други причини, на Тибериј го гледаме исполнувањето на пророштвото кое вели дека „презрениот“ ќе се издигне како „северниот цар“ (Даниел 11:15, 21).

ШТО ЗАБЕЛЕЖА?

• Како испаднало Октавијан да биде првиот император на Рим?

• Што може да се рече за постигнувањата на владата на Август?

• Кои биле доблестите и пороците на Тибериј?

• Како се исполнило на Тибериј пророштвото во врска со „презрениот“?

[Слика]

Тибериј

[Рамка/слики на страници 252-255]

ЗЕНОБИЈА — ВОИНСТВЕНАТА ЦАРИЦА НА ПАЛМИРА

„ИМАЛА темен тен . . . Забите ѝ биле бисерно бели, а големите црни очи искреле со посебен сјај, ублажен со најпривлечната умилност. Гласот ѝ бил силен и хармоничен. Нејзиното машко разбирање на работите било зајакнато и разубавено со проучување. Не била неупатена во латинскиот јазик, а подеднакво перфектно ги познавала грчкиот, сирискиот и египетскиот јазик.“ Со вакви пофалби ја опсипал историчарот Едвард Гибон Зенобија — воинствената царица на сирискиот град Палмира.

Сопруг на Зенобија ѝ бил палмирскиот благородник Оденат, кому во 258 н.е. му бил доделен рангот конзул на Рим, поради неговата успешна кампања против Персија што ја водел во интерес на Римската Империја. Две години подоцна, Оденат ја добил од римскиот император Галиен титулата corrector totius Orientis (управител на целиот Исток). Ова било во знак на признание за неговата победа над персискиот цар Шапур I. Оденат на крај си ја присвоил титулата „цар над царевите“. Овие успеси на Оденат може во голема мера да се припишат на храброста и разумноста на Зенобија.

ЗЕНОБИЈА СЕ СТРЕМИ ДА СОЗДАДЕ ИМПЕРИЈА

Во 267 н.е., во зенитот на својата кариера, врз Оденат и неговиот наследник бил извршен атентат. Зенобија ја презела положбата на својот сопруг, бидејќи нејзиниот син бил премлад за да го стори тоа. Убава, амбициозна, способна како управителка, навикната на воени походи со својот маж и течно говорејќи неколку јазици, таа успеала да се здобие со почитта и поддршката на своите поданици. Зенобија имала љубов кон учењето и се опкружила со интелектуалци. Еден од нејзините советници бил филозофот и говорник Касиј Лонгин — за кого се вели дека бил „жива библиотека и подвижен музеј“. Во книгата Palmyra and Its Empire​—Zenobia’s Revolt Against Rome (Палмира и нејзината империја — Револтот на Зенобија против Рим), авторот Ричард Стоунмен забележува: „Во текот на петте години после смртта на Оденат . . . Зенобија се прославила во мислите на својот народ како господарка на Истокот“.

Од едната страна на подрачјето на Зенобија се наоѓала Персија, којашто таа и мажот ѝ ја онеспособиле, а од другата страна, пак, бил Рим кој пропаѓал. Во врска со состојбата во Римската Империја во тоа време, историчарот Џ. М. Робертс вели: „Третиот век бил . . . ужасно време за Рим како на источните така и на западните граници, додека дома започнал нов период на граѓанска војна и спор за правото на наследство. Дваесет и два императора (не сметајќи ги претендентите) дошле и си отишле“. Сириската господарка, од друга страна, била добро утврден апсолутен монарх во своето подрачје. „Контролирајќи го остато⁠кот од двете империи [Персиската и Римската]“, забележува Стоунмен, „таа можела да се стреми да создаде трета империја која би владеела над двете.“

Прилика за Зенобија да ја прошири својата царска моќ се укажала во 269 н.е., кога во Египет се појавил еден претендент кој водел спор околу владетелството на Рим. Војската на Зенобија брзо одмарширала во Египет, го уништила бунтовникот и ја зазела земјата. Прогласувајќи се за царица на Египет, таа дала да се исковаат монети во нејзино име. Нејзиното царство сега се протегало од реката Нил до реката Еуфрат. Во овој момент од својот живот, Зенобија го зазела местото на „јужниот цар“ (Даниел 11:25, 26).

ГЛАВНИОТ ГРАД НА ЗЕНОБИЈА

Зенобија го зајакнала и го разубавила својот главен град, Палмира, до таква мера што можел да се мери со поголемите градови во римскиот свет. Се проценува дека бројот на населението достигнал над 150.000 жители. Раскошни јавни објекти, храмови, градини, столбови и споменици ја исполнувале Палмира, град окружен со ѕидини за кои се вели дека биле со опсег од 21 километар. На главната авенија, во колонада биле наредени околу 1.500 коринтски столбови, високи по 15 метри. Градот изобилувал со статуи и со бисти на херои и богати добротвори. Во 271 н.е., Зенобија подигнала статуи од себеси и од својот починат сопруг.

Храмот на Сонцето бил една од најубавите градби во Палмира и, без сомнение, доминирал на религиозната сцена во градот. Самата Зенобија можеби обожавала божество поврзано со богот-сонце. Меѓутоа, Сирија во третиот век била земја на многу религии. Во подрачјето на Зенобија имало луѓе кои се исповедувале како христијани, Евреи и обожаватели на сонцето и на месечината. Каков бил нејзиниот став кон овие различни начини на обожавање? Авторот Стоунмен забележува: „Една мудра владетелка нема да занемари ниту еден обичај кој изгледа соодветен за нејзиниот народ . . . Се надевале дека боговите биле собрани на страната на Палмира“. Изгледа дека Зенобија била религиозно толерантна.

Со својата впечатлива личност, Зенобија го придобила восхитувањето на многумина. Од најголемо значење била нејзината улога со која претставувала еден политички ентитет проречен во Даниеловото пророштво. Меѓутоа, нејзиното владеење не траело подолго од пет години. Римскиот император Аврелиј ја поразил Зенобија во 272 н.е. и на крајот толку ја ограбил Палмира што повеќе не било возможно да се обнови. Зенобија била помилувана. Се вели дека се омажила за еден римски сенатор и наводно го поминала остатокот од својот живот во повлеченост.

ШТО ЗАБЕЛЕЖА?

• Како е опишана личноста на Зенобија?

• Кои биле некои од подвизите на Зенобија?

• Каков бил ставот на Зенобија кон религијата?

[Слика]

Царицата Зенобија им се обраќа на своите војници

[Табела/слики на страница 246]

ЦАРЕВИ ВО ДАНИЕЛ 11:20—26

Северниот цар Јужниот цар

Дан. 11:20 Август

Дан. 11:21—24 Тибериј

Дан. 11:25, 26 Аврелиј Царицата Зенобија

Претскажаниот Германската Британија,

распад на Римската Империја а после неа

Империја водел англо-американската

до формирање на светска сила

[Слика]

Тибериј

[Слика]

Аврелиј

[Слика]

Статуетка на Карло Велики

[Слика]

Август

[Слика]

Британски воен брод од 17 век

[Слика на целата страница 230]

[Слика на страница 233]

Август

[Слика на страница 234]

Тибериј

[Слика на страница 235]

Поради декретот на Август, Јосиф и Марија патувале до Витлеем

[Слика на страница 237]

Како што било проречено, Исус бил „скршен“ при својата смрт

[Слики на страница 245]

1. Карло Велики 2. Наполеон I 3. Вилхелм I 4. Германски војници, I светска војна