Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 7

Моќ да заштитува — „Бог ни е прибежиште“

Моќ да заштитува — „Бог ни е прибежиште“

1, 2. Во каква опасност се нашле Израелците во близината на Синај, и како Јехова ги утешил?

ИЗРАЕЛЦИТЕ се нашле во опасност кога, во почетокот на 1513 год. пр.н.е., дошле во близина на планината Синај. Ги чекал тежок пат преку една ‚голема и застрашувачка пустина, во која имало змии отровници и скорпии‘ (5. Мојсеева 8:15). Постоела опасност да бидат нападнати и од непријателските народи. Во таква ситуација ги довел Јехова, нивниот Бог. Дали ќе можел да ги заштити?

2 Јехова ги утешил со зборовите: „Видовте што им сторив на Египќаните, како ве носев на орловски крилја и ве доведов кај себе“ (2. Мојсеева 19:4). Јехова го потсетил својот народ дека го избавил од Египќаните како да го носел на орловски крилја за да го одведе на безбедно место. Но, има и други причини зошто изразот „орловски крилја“ дава соодветна слика за Божјата заштита.

3. Зошто изразот „орловски крилја“ дава соодветна слика за Божјата заштита?

3 Орлите не ги користат своите големи, силни крилја само за да летаат во височините. Кога сонцето ќе почне силно да пече, мајката ги шири своите крилја — кои можат да достигнат распон од преку два метра — и прави стреа за да ги заштити своите пиленца од жештината. Во други ситуации таа ги покрива своите орлиња со крилјата за да ги заштити од студениот ветар. Како што орелот ги чува своите пиленца, така и Јехова го бранел и го штител тукушто оформениот израелски народ. Додека оделе низ пустината, Израелците ќе наоѓале засолниште во сенката на неговите моќни крилја сѐ додека му биле верни (5. Мојсеева 32:9-11; Псалм 36:7). Но, дали и ние денес можеме да очекуваме Бог да нѐ штити?

Бог ветува дека ќе ги штити своите слуги

4, 5. Зошто можеме да имаме целосна доверба дека Бог ќе нѐ штити?

4 Без сомнение, Јехова може да ги заштити своите слуги. Тој е „Семоќниот Бог“, што значи дека поседува безгранична моќ (1. Мојсеева 17:1). Како што никој не може да спречи да надојде плимата, така никој не може да го спречи ни Јехова да ја употреби својата моќ. Бидејќи тој може да направи сѐ што е во склад со неговата волја, можеби се прашуваме: ‚Дали е Јеховина волја да ја користи својата моќ за да го штити својот народ?‘

5 Кратко кажано, одговорот е ‚да‘. Јехова ни гарантира дека ќе го штити својот народ. „Бог ни е прибежиште и сила, помош која лесно се наоѓа во неволја“, пишува во Псалм 46:1. Бидејќи Бог „не може да лаже“, можеме да имаме целосна доверба дека ќе нѐ штити, како што ни ветил (Тит 1:2). Да разгледаме некои живописни споредби со кои Јехова ни покажува како нѐ штити.

6, 7. а) На кој начин пастирите од библиски времиња ги штителе своите овци? б) Како Библијата покажува колку многу Јехова сака да ги штити своите овци и да се грижи за нив?

6 Јехова е Пастир, а ние сме „негов народ и овци на неговото пасиште“ (Псалм 23:1; 100:3). Ретко кое друго животно е толку беспомошно како овцата. Пастирите во библиски времиња морале да бидат многу храбри за да ги заштитат своите овци од лавови, волци, мечки и крадци (1. Самоилова 17:34, 35; Јован 10:12, 13). Но, имало и моменти кога пастирот требало да покаже нежност додека се грижел за овците. Кога некоја овца ќе се ојагнела далеку од трлото, грижливиот пастир бил крај неа. Потоа го земал в раце беспомошното јагненце и го носел во трлото.

„Ќе ги носи во пазувите“

7 Јехова се споредува себеси со пастир за да ни покаже колку многу сака да нѐ заштити (Езекиел 34:11-16). Како што видовме во второто поглавје од оваа книга, во Исаија 40:11 Јехова е опишан со следниве зборови: „Како овчар ќе го пасе своето стадо. Со рака ќе ги собере јагнињата, ќе ги носи во пазувите“. На кој начин малото јагненце стигнува во „пазувите“ на овчарот, односно во наборите на неговата наметка? Јагнето може да дојде до овчарот, па дури и нежно да го поттурне по ногата. Сепак, овчарот е тој што мора да се наведне, да го земе в раце и нежно да го стави во пазувите. Овој трогателен опис ни помага да сфатиме колку е спремен да нѐ штити и чува нашиот Голем Пастир!

8. а) Само под кој услов ќе бидеме заштитени од Јехова, и како тоа се гледа од Изреки 18:10? б) Што треба да правиме за да најдеме прибежиште во Божјето име?

8 Бог ветува дека ќе нѐ штити, но под еден услов — ако бидеме блиски со него. Во Изреки 18:10 пишува: „Името на Јехова е цврста кула. Во неа бега праведникот и наоѓа заштита“. Во библиски времиња, кулите понекогаш се граделе во пустините за да служат како засолништа. Но, оној што сакал да биде на безбедно требало самиот да побегне во таа кула. Истото важи и за Божјето име. За да биде наше прибежиште, не е доволно само да го повторуваме. Божјето име нема волшебна моќ. Треба да го познаваме Оној што го носи тоа име и да имаме доверба во него. Исто така, треба да живееме во склад со неговите праведни мерила. Јехова со љубов нѐ уверува дека, ако покажуваме доверба во него, тој ќе биде како кула во која можеме да најдеме заштита.

„Нашиот Бог... може да нѐ избави“

9. Дали Јехова останал само на ветувањето дека ќе ги штити своите слуги? Објасни.

9 Јехова не останува само на ветувањето дека ќе ги штити своите слуги. Во минатото тој правел чуда со кои покажал дека навистина може да го заштити својот народ. Со својата силна „рака“, Јехова честопати ги поразувал моќните непријатели на Израелците (2. Мојсеева 7:4). Меѓутоа, Јехова ја користел својата моќ за да штити и поединци.

10, 11. Кои библиски примери покажуваат дека Јехова ја користел својата моќ за да заштити поединци?

10 Кога тројцата млади Евреи — Седрах, Мисах и Авденаго — не сакале да се поклонат пред златниот кип што го поставил цар Навуходоносор, царот се разбеснил и им се заканил дека ќе ги фрли во вжарена печка. „Кој е тој бог што ќе може да ве избави од моиве раце?“, подбивно рекол Навуходоносор, најмоќниот владетел во тоа време (Даниел 3:15). Тројцата млади Евреи имале целосна доверба дека нивниот Бог може да ги заштити. Сепак, не сметале дека бил должен да ги спаси. Затоа одговориле: „Ако треба така да биде, нашиот Бог, кому му служиме, може да нѐ избави“ (Даниел 3:17, 18). И навистина, иако печката била вжарена седумпати повеќе од вообичаено, не претставувала никаков проблем за нивниот семоќен Бог. Тој ги заштитил, а царот морал да признае: „Нема друг бог кој би можел да избави како овој“ (Даниел 3:29).

11 Јехова ја покажал својата моќ да заштитува и кога со чудо го пренел животот на својот единороден Син во утробата на Марија, една Еврејка која била девица. Еден ангел ѝ рекол дека ‚ќе забремени и ќе роди син‘. Тој ѝ објаснил: „Светиот дух ќе дојде врз тебе и силата на Севишниот ќе те засени“ (Лука 1:31, 35). Може да се каже дека во тој период било најлесно да му се наштети на Божјиот Син. Дали гревот и несовршенството од мајката ќе влијаат врз ембрионот? Дали Сатана ќе го убие или ќе му наштети на тоа дете уште пред да се роди? Во никој случај! Јехова подигнал симболичен заштитен ѕид околу Марија за да не може ништо — ниту несовршеноста, ниту некаква сила, ниту некој злобен човек или демон — да му наштети на ембрионот што почнал да се развива. Јехова продолжил да го штити Исус и додека бил дете (Матеј 2:1-15). Сѐ додека не дошло времето што го одредил Јехова, Божјиот Син бил целосно заштитен.

12. Зошто Бог со чудо заштитил некои поединци во минатото?

12 Зошто Јехова штител некои поединци на таков начин? Во многу случаи тој заштитувал поединци за да постигне нешто многу поважно — да го осигура исполнувањето на својата намера. На пример, преживувањето на малиот Исус било од пресудна важност за да се оствари Божјата намера, која е за доброто на целото човештво. Во Светото писмо се запишани многу примери за тоа како Бог ја користел својата моќ да заштитува. Сето тоа било запишано „за наша поука, за преку својата истрајност и преку утехата од Писмата да имаме надеж“ (Римјаните 15:4). Овие примери ни ја зајакнуваат верата во нашиот семоќен Бог. Но, каква заштита од Бог можеме да очекуваме денес?

Што не значи Божјата заштита

13. Дали Јехова мора да прави чуда за нас? Објасни.

13 Тоа што Јехова ветил дека ќе нѐ штити не значи дека мора да прави чуда за нас. Нашиот Бог не ни гарантира живот без проблеми во денешно време. Многу верни слуги на Јехова се соочуваат со огромни тешкотии, како што се сиромаштијата, војните, болестите и смртта. Исус отворено им рекол на своите ученици дека некои од нив ќе бидат убиени поради својата вера. Токму затоа истакнал колку е важно да истраеме до крај (Матеј 24:9, 13). Ако Јехова секогаш ја користи својата моќ за да нѐ избавува правејќи чуда, Сатана ќе има повод да го исмејува и да тврди дека не му служиме на Бог од искрени мотиви (Јов 1:9, 10).

14. Кои примери покажуваат дека Јехова не ги штити сите свои слуги подеднакво?

14 Дури и во библиски времиња, Јехова не ја користел својата моќ за да го заштити секој свој слуга од прерана смрт. На пример, некаде во 44 год. од н.е., Ирод го погубил апостол Јаков. Но, по кратко време, Петар бил избавен „од раката на Ирод“ (Дела 12:1-11). Јован, пак, братот на Јаков, живеел подолго и од Петар и од Јаков. Јасно, не можеме да очекуваме Бог подеднакво да ги штити сите свои слуги. Освен тоа, „времето и непредвидените настани“ нѐ погодуваат сите (Проповедник 9:11). Со оглед на сето ова, на кој начин Јехова нѐ штити нас денес?

Физичка заштита

15, 16. а) Што ни покажува дека Јехова им обезбедува физичка заштита на своите слуги како група? б) Зошто можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе ги штити своите слуги денес, но и во текот на „големата неволја“?

15 Најпрво да кажеме нешто за физичката заштита. Јеховините слуги може да очекуваат таква заштита како група. Инаку би му станале лесен плен на Сатана, „владетелот на овој свет“. Размисли: Сатана од дното на душата би сакал да ги истреби сите што му служат на вистинскиот Бог (Јован 12:31; Откровение 12:17). Некои од најмоќните влади во светот го забраниле нашето проповедничко дело и се обиделе да нѐ искоренат. И покрај сето тоа, Јеховините слуги останале цврсти и не престанале да проповедаат! Зошто дури ни моќни земји не успеале да им стават крај на активностите на оваа релативно мала и навидум беспомошна група христијани? Затоа што Јехова ги штити со своите моќни крилја! (Псалм 17:7, 8).

16 А дали ќе бидеме физички заштитени во текот на „големата неволја“? Не треба да се плашиме од тоа што Бог ќе ги изврши своите осуди. „Јехова знае како да ги избави од искушение луѓето што му се оддадени, а неправедните да ги чува за денот на судот за да бидат казнети“ (Откровение 7:14; 2. Петрово 2:9). Дотогаш, можеме да бидеме сосема сигурни во две работи. Прво, Јехова никогаш нема да дозволи неговите верни слуги да бидат збришани од лицето на Земјата. Второ, тој ќе ги награди верните со вечен живот во својот праведен нов свет — ако треба дури и со тоа што ќе ги воскресне. За умрените нема посигурно место од Божјето сеќавање (Јован 5:28, 29).

17. На кој начин Јехова нѐ штити преку својата Реч?

17 Јехова уште денес нѐ штити преку својата ‚реч‘. Таа е жива и има моќ да ги излечи нашите срца и да нѐ мотивира да правиме промени во животот (Евреите 4:12). Ако ги применуваме нејзините начела, можеме да имаме извесна заштита во физички поглед. Во Исаија 48:17 пишува: „Јас, Јехова, сум твој Бог, кој те учи да го правиш она што е за твое добро“. Значи, ако живееме во склад со Божјата Реч, ќе имаме подобро здравје и подолг живот. На пример, библиските совети да не вршиме блуд и да се исчистиме од секаква валканост нѐ чуваат од лоши навики кои им го уништуваат животот на многу луѓе (Дела 15:29; 2. Коринќаните 7:1). Неизмерно сме благодарни за заштитата што ја добиваме од Божјата Реч!

Духовна заштита

18. Каква духовна заштита ни дава Јехова?

18 Што е уште поважно, Јехова ни обезбедува духовна заштита. Нашиот Бог со љубов нѐ штити од сето она што може да ни нанесе духовна штета. Тој ни дава сѐ што ни е потребно за да ги пребродиме искушенијата и да го зачуваме својот личен однос со него. На тој начин, нашиот живот нема да се сведе на неколку децении што брзо прелетуваат, туку ќе трае сета вечност. Да видиме што прави Бог за да нѐ заштити духовно.

19. Како Јеховиниот дух може да ни помогне да издржиме и покрај сите проблеми?

19 Јехова „ги слуша молитвите“ (Псалм 65:2). Кога проблемите во животот ни изгледаат неиздржливи, многу ќе ни олесни ако му го излееме своето срце на Јехова во молитва (Филипјаните 4:6, 7). Иако нема да ни одговори на молитвите така што ќе направи чудо за да ги отстрани нашите проблеми, тој може да ни даде мудрост за да се справиме со нив (Јаков 1:5, 6). Исто така, Јехова им дава свет дух на оние што го молат за тоа (Лука 11:13). Овој моќен дух може да ни помогне да поднесеме секаква неволја. Тој може да нѐ исполни со ‚сила која ја надминува нормалната‘ за да издржиме сѐ додека не дојде новиот свет. Тогаш Јехова ќе му стави крај на сѐ што нѐ мачи (2. Коринќаните 4:7).

20. Како Јеховината моќ да заштитува можеме да ја почувствуваме преку нашите браќа и сестри?

20 Јеховината моќ да заштитува можеме да ја почувствуваме и преку нашите браќа и сестри. Јехова го обединил својот народ во едно меѓународно братство (1. Петрово 2:17; Јован 6:44). Тоа срдечно братство е силен доказ дека Божјиот свет дух влијае позитивно врз луѓето. Тој дух создава во нас убави особини како што се љубовта, љубезноста и добротата (Галатите 5:22, 23). Затоа, кога минуваме низ тежок период и некој соверник ќе ни даде добар совет или ќе нѐ охрабри, треба да му се заблагодариме на Јехова што се грижи за нас и нѐ штити на таков начин.

21. а) Каква духовна храна обезбедува Јехова преку „верниот и разборит роб“? б) Како тебе лично ти користи сето она што Јехова ни го дава за да нѐ заштити во духовен поглед?

21 Јехова нѐ штити и на еден друг начин — преку навремената духовна храна. За да ни помогне да црпиме сила од неговата Реч, Јехова го поставил „верниот и разборит роб“ да ни дава духовна храна. Овој верен роб обезбедува различни публикации, како што се списанијата Стражарска кула и Разбудете се! Исто така, се грижи да имаме состаноци, собири и конгреси. Сето тоа претставува „храна во вистинско време“ — токму она што ни треба и тогаш кога ни треба (Матеј 24:45). Дали некогаш на состанок си слушнал некоја мисла — во коментар, во говор, па дури и во молитва — што ти влеала сила и те охрабрила? Дали те допрела до срце некоја статија од нашите списанија? Не заборавај дека Јехова се грижи да ги имаме сите тие работи за да нѐ заштити во духовен поглед.

22. За која цел Јехова секогаш ја користи својата моќ, и зошто тоа е за наше добро?

22 Без сомнение, Јехова им е „штит на сите што бараат засолниште кај него“ (Псалм 18:30). Видовме дека во денешно време тој не ја користи својата моќ за да нѐ заштити од секоја неволја. Сепак, Јехова ја користи својата моќ за да го води исполнувањето на својата намера. Долгорочно гледано, тоа секогаш е за доброто на неговиот народ. Ако се зближиме со Јехова и останеме во неговата љубов, тој ќе ни даде вечен живот во совршени услови. Ако го имаме ова на ум, секое страдање во овој свет ќе ни изгледа ‚моментално и лесно‘ (2. Коринќаните 4:17).