Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 12

„Има ли кај Бог неправда?“

„Има ли кај Бог неправда?“

1. Како влијаат неправдите врз нас?

НА ЕДНА остарена вдовица со измама ѝ се одземени парите кои ги штедела цел живот. Една бесчувствителна мајка го напушта своето беспомошно бебенце. Еден човек лежи в затвор за злодело што не го извршил. Какви чувства се будат кај тебе кога слушаш за вакви работи? Веројатно се вознемируваш, и тоа е сосема разбирливо. Ние луѓето имаме силно чувство за исправно и погрешно. Затоа сме лути кога ќе се случи некоја неправда. Сакаме да ѝ се надомести штетата на жртвата, а престапникот да биде изведен пред лицето на правдата. Ако не дојде до тоа, можеби се прашуваме: ‚Па гледа ли Бог што се случува? Зошто не преземе нешто?‘

2. Како реагирал Авакум на неправдите, и зошто Јехова не го прекорил поради тоа?

2 Во текот на човечката историја, некои верни слуги на Јехова поставувале слични прашања. На пример, пророкот Авакум во молитва го прашал Бог: „Зошто ме тераш да гледам такви ужасни неправди? Зошто дозволуваш насекаде да беснеат насилство, беззаконие, злосторства и суровост?“ (Авакум 1:3, Contemporary English Version). Јехова не го прекорил Авакум поради тоа што отворено му го поставил ова прашање. Зошто? Бидејќи самиот Тој го всадил во луѓето чувството за правда. Да, Јехова и нам ни подарил мал дел од своето длабоко чувство за правда.

Јехова ја мрази неправдата

3. Зошто може да се каже дека Јехова е далеку посвесен за неправдите отколку ние?

3 Јехова не ги затвора очите пред неправдите. Тој гледа што се случува. Во врска со времето на Ное, Библијата го вели следново: „Јехова виде дека лошотијата на човекот на земјата е голема и дека сите мисли на неговото срце се секогаш насочени само кон зло“ (1. Мојсеева 6:5). Размисли што значат тие зборови. Обично нашата претстава за неправдата се темели на неколку случаи за кои сме чуле или кои лично сме ги доживеале. За разлика од нас, Јехова е сведок на неправдите што се случуваат низ целиот свет. Тој гледа сѐ! Освен тоа, Бог ги гледа и расипаните мисли во срцата на луѓето кои ги тераат да постапуваат неправедно (Еремија 17:10).

4, 5. а) Како Библијата покажува дека Јехова не е рамнодушен кон оние што се жртви на неправда? б) Каква неправда доживеал и самиот Јехова?

4 Но, Јехова не е само нем сведок на неправдите. Напротив, тој сочувствува со оние што се погодени од нив. Кога непријателите немилосрдно ги малтретирале и ги угнетувале неговите слуги во минатото, на Бог му било многу тешко додека го слушал нивното офкање (Судиите 2:18). Можеби си забележал дека, кога луѓето се изложени на многу неправди, со текот на времето отрпнуваат на нив. Но, тоа не е случај со Јехова! Иако веќе 6.000 години ја гледа сета неправда на Земјата, тој и понатаму ја мрази од дното на душата. Библијата нѐ уверува дека на Јехова му се одвратни ‚лажливиот јазик‘, ‚рацете што пролеваат невина крв‘ и ‚лажниот сведок што зборува лаги‘ (Изреки 6:16-19).

5 Размисли и за острите зборови што Јехова им ги упатил на неправедните водачи на Израел. Тој го поттикнал својот пророк да ги праша: „Зар не треба вие да знаете што е правда?“ Откако многу сликовито опишал како овие нечесни луѓе ја злоупотребувале власта, Бог претскажал каков ќе им биде крајот: „Ќе го викаат Јехова за помош, но тој нема да им одговори. Тогаш тој ќе го скрие своето лице од нив, зашто правеа злодела“ (Михеј 3:1-4). Јехова чувствува голема одбивност кон неправдата! Не е ни чудо, затоа што и самиот ја доживеал! Веќе неколку илјади години, Сатана неправедно се подбива со него (Изреки 27:11). Освен тоа, Јехова бил погоден од најстрашната можна неправда кога неговиот Син, кој ‚не направил грев‘, бил погубен како злосторник (1. Петрово 2:22; Исаија 53:9). Нема никакво сомнение дека Јехова е свесен за неволјите на оние што се жртви на неправда и дека не е рамнодушен кон нивното страдање.

6. Како можеби реагираме кога ќе се соочиме со неправда, и зошто?

6 Сепак, кога гледаме некоја неправда — или кога некој постапува неправедно со нас — сосема е нормално бурно да реагираме. Ние сме создадени според Божјиот лик, а неправдата е сосема спротивна на самата Јеховина личност (1. Мојсеева 1:27). Тогаш, зошто Бог ги допушта неправдите?

Дали Бог има право да владее?

7. Објасни како било оспорено Божјето право да владее.

7 Одговорот на прашањето „Зошто Бог ги допушта неправдите?“ е поврзан со Божјата врховна власт. Како што видовме, Творецот има право да владее со Земјата и со сите што живеат на неа (Псалм 24:1; Откровение 4:11). Но, уште во почетокот на човечката историја, ова негово право било оспорено. Како дошло до тоа? Јехова му заповедал на првиот човек, Адам, да не јаде од едно дрво во рајската градина. Какви ќе биле последиците ако Адам не послушал? Бог му рекол: „Сигурно ќе умреш“ (1. Мојсеева 2:17). Оваа заповед воопшто не требало да биде тешка за Адам и за неговата жена. Сепак, Сатана ја убедил Ева дека Бог претерано ги ограничува. Што ѝ рекол дека ќе се случи ако јаде од дрвото? Сатана дрско тврдел: „Не, вие нема да умрете. Зашто Бог знае дека, во оној ден кога ќе јадете од него, ќе ви се отворат очите, па ќе станете како Бог и ќе знаете што е добро, а што зло“ (1. Мојсеева 3:1-5).

8. а) Што сакал да ѝ каже Сатана на Ева со изјавата запишана во 1. Мојсеева 3:4, 5? б) Што оспорил Сатана во врска со Јеховината врховна власт?

8 Со таа изјава, Сатана сакал да ѝ каже на Ева дека Јехова скрил некои важни информации од неа, па дури и дека ја излажал. Тој внимавал да не го оспори фактот дека Бог е Севишен Владетел. Наместо тоа, ја навел Ева да мисли дека Бог нема право да владее и дека не ја спроведува својата власт на исправен начин. Со други зборови, тој сакал да каже дека Јехова не владее праведно и дека не му е најважно доброто на неговите поданици.

9. а) Какви последици пожнеале Адам и Ева затоа што биле непослушни, и кои важни прашања биле покренати? б) Зошто Јехова едноставно не ги уништил бунтовниците?

9 Што се случило потоа? Адам и Ева не го послушале Јехова, и јаделе од забранетото дрво. Бидејќи биле непослушни, морало да бидат казнети со смрт, токму како што им кажал Бог. Со својата лага, Сатана покренал неколку важни прашања. Дали Јехова навистина има право да владее над луѓето или, пак, ќе им биде подобро ако владеат самостојно? Дали Бог владее на најдобар можен начин? Јехова можел да ја употреби својата огромна моќ и веднаш да ги уништи бунтовниците. Но, прашањата што биле покренати не се однесувале на неговата моќ, туку на неговото право да владее. Ако ги уништел Адам, Ева и Сатана, Бог немало да докаже дека има право да владее. Всушност, можело да се случи токму спротивното — да се појави уште поголем сомнеж во врска со Божјиот начин на владеење. Само времето ќе покажело дали луѓето навистина можат успешно да владеат сами, без помош од Бог.

10. Што покажала историјата во врска со човечкото владеење?

10 Што покажало времето? Низ вековите, луѓето испробале најразлични облици на владеење, меѓу кои биле автократија, демократија, социјализам и комунизам. Кој бил исходот од сите нив? Библијата кратко и јасно вели: „Човек владее над човек на негова штета“ (Проповедник 8:9). Пророкот Еремија со добра причина напишал: „Добро знам, Јехова, дека патот на земниот човек не е во негова власт. Човекот кој оди не може да управува со своите чекори“ (Еремија 10:23).

11. Зошто Јехова допуштил луѓето да страдаат?

11 Уште од самиот почеток, Јехова знаел дека човечката независност, односно самостојност, ќе предизвика многу страдања. Тогаш, дали било неправедно од негова страна што дозволил луѓето да ги трпат последиците? Во никој случај! Да наведеме еден пример: Да речеме дека твоето дете треба да оди на операција бидејќи има некоја смртоносна болест. Свесен си дека поради операцијата ќе има болки, и многу ти е тешко поради тоа. Сепак, знаеш дека таа ќе му помогне подоцна да има подобро здравје. Слично на тоа, Бог знаел — па дури и претскажал — дека луѓето ќе доживеат болка и страдање затоа што ќе им допушти да владеат сами (1. Мојсеева 3:16-19). Но, исто така знаел дека ќе може да донесе вистинско и трајно олеснување само ако дозволи сите да ги видат лошите последици од побуната. На тој начин, спорното прашање можело да биде одговорено еднаш засекогаш.

Дали човекот ќе му остане верен на Бог?

12. На кој начин случајот со Јов ни открива какво обвинение изнел Сатана против луѓето?

12 Со спорното прашање е поврзана уште една работа. Кога ги навел првите луѓе да помислат дека Јехова нема право да биде Севишен Владетел и дека Неговиот начин на владеење не е најдобар, Сатана не само што го наклеветил Бог туку ја довел во прашање и верноста на Неговите слуги. На пример, забележи што му рекол Сатана на Јехова во врска со праведниот Јов: „Зарем ти не ги огради и него и неговата куќа и сѐ што има секаде наоколу? Го благослови делото на неговите раце, и неговата стока се намножи по земјата. Туку, те молам, пружи ја раката и допри сѐ што има, па види дали нема да те проколне в лице!“ (Јов 1:10, 11).

13. Што сакал да каже Сатана со обвиненијата кои ги изнел против Јов, и во која смисла тие се однесуваат на сите луѓе?

13 Сатана тврдел дека Јехова ја користи својата заштитничка моќ за да го поткупи Јов да му биде верен. Со други зборови, сакал да каже дека овој човек се преправа дека му е верен на Бог но, всушност, му служи само од корист. Сатана изјавил дека дури и Јов ќе го проколне својот Творец ако Бог му го одземе својот благослов. Ѓаволот многу добро знаел дека Јов е извонреден човек — „беспрекорен и праведен, кој се бои од Бога и го одбегнува злото“. * Затоа, ако успеел да ја скрши беспрекорноста на Јов, зар не би можел да го постигне тоа и кај сите други луѓе? На тој начин, Сатана, всушност, ја довел во прашање верноста на сите оние што сакаат да му служат на Бог. Тоа го потврдуваат и следниве зборови кои му ги кажал на Јехова: „Човекот [а не само Јов] ќе даде сѐ што има за својата душа“ (Јов 1:8; 2:4).

14. Што покажала историјата во врска со обвиненијата кои Сатана ги изнел против луѓето?

14 Историјата покажала дека многу луѓе, слично на Јов, му останале верни на Јехова кога се соочиле со неволји, и така ги побиле обвиненијата на Сатана. Тие го израдувале Бог со тоа што му останале верни до крајот на својот живот. На тој начин, Јехова можел да му одговори на Сатана кој дрско му се подбивал тврдејќи дека луѓето ќе престанат да му служат кога ќе се најдат во мака (Евреите 11:4-38). Искрените лица одбиле да му свртат грб на Јехова. Дури и кога се нашле во крајно тешки ситуации, тие уште повеќе се потпирале на Бог, уверени дека тој ќе им ја даде потребната сила да издржат (2. Коринќаните 4:7-10).

15. Кое прашање би можело да се постави во врска со пресудите што Бог ги донесувал во минатото и ќе ги донесе во иднина?

15 Но, Јехова постапува праведно и во други ситуации, а не само кога станува збор за спорните прашања во врска со неговата врховна власт и со верноста на човекот. Во Библијата се известува и за пресуди кои Јехова ги извршувал над поединци и над цели народи. Освен тоа, во неа се запишани и пророштва за пресуди што тој ќе ги изврши во иднина. Зошто може да бидеме сигурни дека Јеховините пресуди секогаш биле и ќе бидат праведни?

Зошто Божјата правда е возвишена

Јехова никогаш нема ,да го погуби праведниот заедно со злиот‘

16, 17. Од кои примери гледаме дека луѓето имаат ограничено гледиште за тоа што значи вистинска правда?

16 Во врска со Јехова, со право може да се каже: „Сите негови патишта се правда“ (5. Мојсеева 32:4). Никој од нас не може да го тврди тоа за себе, бидејќи честопати нашето ограничено гледиште за работите ја замаглува нашата претстава за она што е исправно. На пример, размисли за Авраам. Тој го молел Јехова да не го уништи Содом иако таму била раширена злобата. Авраам го прашал Бог: „Дали навистина ќе го погубиш праведниот заедно со злиот?“ (1. Мојсеева 18:23-33). Се разбира, одговорот бил „не“. Дури откако праведниот Лот стигнал на безбедно во градот Сигор заедно со своите две ќерки, Јехова ‚пуштил на Содом дожд од сулфур и оган‘ (1. Мојсеева 19:22-24). Спротивно на Авраам, Јона ‚се разгневил‘ кога Бог покажал милост кон жителите на Ниневија. Тој веќе им објавил дека ќе бидат уништени и — иако тие се покајале од срце — му било многу криво што Јехова не го сторил тоа (Јона 3:10 — 4:1).

17 Јехова го уверил Авраам дека, кога ја извршува својата правда, целта не му е само да ги уништи злобните, туку и да ги спаси праведните. Од друга страна, Јона морал да научи дека Јехова е милостив. Бог е ‚спремен да прости‘ доколку злобните го променат своето постапување (Псалм 86:5). За разлика од некои луѓе кои се загрижени за својот углед, Јехова не донесува неповолна пресуда само за да покаже колку е моќен ниту, пак, се колеба да биде сочувствителен од страв дека другите ќе го сметаат за слаб и неодлучен. Тој покажува милост секогаш кога има основа за тоа (Исаија 55:7; Езекиел 18:23).

18. Како Библијата покажува дека Јехова не се поведува слепо по своите чувства?

18 Сепак, Јехова не се поведува слепо по своите чувства. Кога неговиот народ западнал во идолопоклонство, Бог одлучно му рекол: „Ќе ти судам според твоите дела и ќе ги фрлам врз тебе сите твои гадости. Моето око нема да се сожали на тебе и нема да ти се смилувам, зашто твоите дела ќе ги фрлам врз тебе“ (Езекиел 7:3, 4). Ова покажува дека Јехова донесува неповолна пресуда кога луѓето остануваат закоравени и продолжуваат да постапуваат лошо. Меѓутоа, неговите пресуди се темелат на цврсти докази. Затоа, кога до неговите уши стигнала голема „поплака“ во врска со Содом и Гомор, тој изјавил: „Решив да слезам за да видам дали навистина го прават тоа поради кое доаѓа поплаката до мене“ (1. Мојсеева 18:20, 21). Колку сме благодарни што Јехова не е како многу луѓе кои избрзано донесуваат заклучок без да ги сослушаат сите факти! Навистина, тој е токму таков каков што го опишува Библијата — „верен Бог, без неправда“ (5. Мојсеева 32:4).

Имај доверба во Јеховината правда

19. Што може да правиме ако нѐ збунуваат некои прашања во врска со начинот на кој Јехова ја спроведува својата правда?

19 Библијата не дава одговор на секое прашање во врска со начинот на кој Јехова постапувал во минатото. А не го дава ни секој детаљ за тоа како ќе им суди на одредени поединци или групи во иднина. Кога не разбираме некои извештаи или пророштва од Библијата во кои не се откриени сите поединости, можеме да покажеме иста верност како пророкот Михеј, кој рекол: „Готов сум да го чекам Богот на моето спасение“ (Михеј 7:7).

20, 21. Зошто може да бидеме сигурни дека Јехова секогаш ќе постапува на исправен начин?

20 Можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе постапи на исправен начин во секоја ситуација. Дури и кога ни се чини дека луѓето затвораат очи пред некоја неправда, Јехова ветува: „Одмаздата е моја, јас ќе вратам“ (Римјаните 12:19). Ако сме спремни да чекаме, ќе покажеме иста увереност како апостол Павле, кој рекол: „Има ли кај Бог неправда? Никако!“ (Римјаните 9:14).

21 Дотогаш, продолжуваме да живееме во „особено тешки времиња“ (2. Тимотеј 3:1). Поради неправдите и ‚угнетувањата‘, многу луѓе се изложени на сурово малтретирање до ден-денес (Проповедник 4:1). Но, Јехова не се променил. Тој сѐ уште ја мрази неправдата, и многу се грижи за оние што биле нејзини жртви. Ако му останеме верни и ако ја поддржуваме неговата врховна власт, Бог ќе ни даде сила да истраеме сѐ додека не дојде времето што го одредил за да ги исправи сите неправди преку своето Царство (1. Петрово 5:6, 7).

^ пас. 13 Јехова го рекол следново за Јов: „На земјата нема таков како него“ (Јов 1:8). Според тоа, Јов очигледно живеел во периодот по смртта на Јосиф, а пред Мојсеј да биде поставен за водач на Израел. Затоа со право можело да се каже дека во тоа време немало човек на Земјата кој бил беспрекорен како Јов.