Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 16

‚Постапувај праведно‘ додека одиш со Бог

‚Постапувај праведно‘ додека одиш со Бог

1-3. а) Зошто сме му должници на Јехова? б) Што очекува нашиот грижлив Спасител од нас?

ЗАМИСЛИ СИ дека се наоѓаш на брод што тоне. Токму кога помислуваш дека веќе нема никаква надеж, се појавува еден спасувач. Сигурно ти паѓа камен од срце кога тој те извлекува од опасната ситуација, и ти вели: „Сега си на безбедно!“ Зар нема да се чувствуваш како негов должник? Всушност, ти дословно му го должиш својот живот!

2 На некој начин, овој пример покажува што сторил Јехова за нас. Ние сме негови должници затоа што тој ја обезбедил откупнината, и со тоа ни овозможил да бидеме избавени од канџите на гревот и смртта. Се чувствуваме безбедни бидејќи знаеме дека, сѐ додека покажуваме вера во таа скапоцена жртва, нашите гревови се простени и нашата надеж за вечен живот е сигурна (1. Јованово 1:7; 4:9). Како што видовме во 14. поглавје, откупнината е најголемиот израз на Јеховината љубов и правда. Како треба да му возвратиме на нашиот Бог за тој бесценет дар?

3 Добро е да размислиме за она што нашиот грижлив Спасител го очекува од нас. Преку пророкот Михеј, Јехова рекол: „Тој ти кажа, земен човеку, што е добро. Бара ли Јехова, твојот Бог, од тебе нешто друго, освен да постапуваш праведно, да ја сакаш добротата и скромно да одиш со него?“ (Михеј 6:8). Забележи дека една работа што Бог ја бара од нас е да ‚постапуваме праведно‘. Како можеме да го правиме тоа?

Барај ја ‚вистинската праведност‘

4. Од каде знаеме дека Јехова очекува да живееме во склад со неговите праведни мерила?

4 Јехова очекува да живееме во склад со неговите мерила за исправно и погрешно. Бидејќи тие мерила се праведни, ние ја бараме правдата кога се држиме за нив. Во Исаија 1:17 пишува: „Учете се да правите добро, барајте правда“. Божјата Реч нѐ поттикнува да ‚ја бараме праведноста‘ (Софонија 2:3). Исто така, нѐ советува ‚да ја облечеме новата личност, која е создадена по Божја волја во вистинска праведност‘ (Ефешаните 4:24). Вистинската праведност или правда нема ништо заедничко со насилството, нечистотијата и неморалот, бидејќи тие го валкаат она што е свето (Псалм 11:5; Ефешаните 5:3-5).

5, 6. а) Зошто не ни е претешко да живееме во склад со Јеховините мерила? б) На кој начин Библијата покажува дека треба постојано да се напрегаме за да постапуваме праведно?

5 Дали е претешко да живееме според Јеховините праведни мерила? Не. Божјите заповеди не се никаков товар за оној што во своето срце чувствува силна љубов кон Јехова. Затоа што го сакаме Јехова и неговите мерила, ние имаме голема желба да го радуваме со својот живот (1. Јованово 5:3). Сети се дека тој „ги сака праведните дела“ (Псалм 11:7). Но, за да можеме навистина да постапуваме во склад со Божјата правда, мора да научиме да го сакаме она што го сака Јехова и да го мразиме она што го мрази тој (Псалм 97:10).

6 Поради нашата грешна природа, не ни е секогаш лесно да постапуваме праведно. Мора да се трудиме ја соблечеме старата личност и нејзините дела, и да ја облечеме новата личност. Библијата вели дека новата личност „се обновува“ преку доброто познавање на Божјата волја (Колошаните 3:9, 10). Зборот „обновува“ покажува дека облекувањето на оваа ‚нова личност‘ е постојан процес и дека тоа од нас бара напор. Затоа што сме несовршени, колку и да се трудиме да го правиме она што е исправно, понекогаш сепак грешиме во мислите, во зборовите или во постапките (Римјаните 7:14-20; Јаков 3:2).

7. Како треба да реагираме кога нема да успееме да постапиме праведно?

7 Како треба да реагираме кога понекогаш нема да успееме да постапиме праведно? Се разбира, не би сакале да ја омаловажиме сериозноста на гревот. Но, не смееме ни да одиме во другата крајност и да кренеме раце од себе мислејќи си дека поради нашите маани не сме достојни да му служиме на Јехова. Нашиот сочувствителен Бог им овозможува на сите што искрено се каат да ја стекнат неговата милост. Размисли за следниве утешни зборови што ги кажал апостол Јован: „Ова ви го пишувам за да не направите грев“. Сепак, тој реалистично додал: „Но, ако некој и направи грев [поради наследената несовршеност], имаме помошник кај Таткото — Исус Христос, праведникот“ (1. Јованово 2:1). Јехова ја дал откупната жртва на Исус за да можеме да му служиме на прифатлив начин иако сме грешни. Зарем тоа не нѐ поттикнува да даваме сѐ од себе за да го радуваме Јехова?

Добрата вест и Божјата правда

8, 9. Зошто може да се каже дека објавувањето на добрата вест е доказ за Божјата правда?

8 Ние постапуваме во склад со Божјата правда кога ревносно им ја проповедаме добрата вест за Царството на другите. Како е поврзана Божјата правда со добрата вест?

9 Јехова нема да го уништи овој злобен свет без пред тоа да ги предупреди луѓето. Кога претскажал што ќе се случува во времето на крајот, Исус рекол: „Кај сите народи најпрво мора да се проповеда добрата вест“ (Марко 13:10; Матеј 24:3). Зборот „најпрво“ укажува дека добрата вест ќе се проповеда низ целиот свет пред да се случат други настани, во кои спаѓа и проречената голема неволја, кога ќе бидат уништени злобните и ќе се расчисти патот за Бог да го воспостави својот праведен нов свет (Матеј 24:14, 21, 22). Според тоа, никој нема оправдана причина да го обвини Јехова дека е неправеден кон злите. Со тоа што дозволува да се разгласи предупредувањето, тој им дава можност да ги направат потребните промени и да не бидат уништени (Јона 3:1-10).

Постапуваме во склад со Божјата правда кога непристрасно им ја проповедаме добрата вест на другите

10, 11. Како постапуваме во склад со Божјата правда кога ревносно ја проповедаме добрата вест?

10 На кој начин постапуваме во склад со Божјата правда кога ја проповедаме добрата вест? Како прво, сосема е нормално да сакаме да направиме сѐ што можеме за да им помогнеме на другите да се спасат. Да размислиме повторно за споредбата со бродот која беше спомната во почетокот. Откако ќе влезеш во чамецот за спасување, сигурно ќе сакаш да им помогнеш и на другите кои сѐ уште се во водата. Слично на тоа, ние сакаме да им подадеме рака на оние што сѐ уште се борат со разбрануваните „води“ на овој злобен свет. Точно, мнозина не сакаат да ја прифатат пораката што ја проповедаме. Сепак, сѐ додека Јехова покажува стрпливост, ние сме должни да им помагаме на луѓето „да дојдат до покајание“ за да можат да се спасат (2. Петрово 3:9).

11 Кога им ја проповедаме добрата вест на сите што ги среќаваме, ние постапуваме праведно на уште еден важен начин — покажуваме дека сме непристрасни. Не заборавај дека „Бог не е пристрасен, туку во секој народ го прифаќа оној што се бои од него и го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35). Ако сакаме да постапуваме во склад со Јеховината правда, не смееме да дозволиме во нашето срце да тлеат предрасуди кон луѓето. Наместо тоа, треба да ја споделуваме библиската порака со другите без оглед на нивната раса, општествена положба или материјална состојба. Така им даваме можност на сите да ја слушнат и да ја прифатат добрата вест (Римјаните 10:11-13).

Како постапуваме со другите

12, 13. а) Зошто не треба брзо да им судиме на другите? б) Што сакал да каже Исус со зборовите „не судете“? (Види ја и фуснотата.)

12 Можеме да го правиме она што е праведно и така што ќе постапуваме со другите онака како што Јехова постапува со нас. Многу е лесно да ги осудуваме луѓето, да им наоѓаме маани и да им припишуваме погрешни мотиви. Но, кој од нас би сакал Јехова да му ги стави под лупа слабостите и мотивите, и да му изрече безмилосен суд? Бог не постапува на таков начин со нас. Псалмистот напишал: „Ако гледаш на престапите, о Јах, о Јехова, кој ќе опстане?“ (Псалм 130:3). Зарем не сме благодарни што нашиот праведен и милостив Бог избира да не се задржува на нашите слабости и грешки? (Псалм 103:8-10). Тогаш, како треба да постапуваме ние со другите?

13 Ако сфаќаме дека Божјата правда секогаш е проткаена со милост, нема веднаш да ги осудуваме другите за работи што не нѐ засегаат или што не се толку важни. Во својата Проповед на гората, Исус предупредил: „Не судете, за да не бидете судени“ * (Матеј 7:1). Тој бил свесен дека несовршените луѓе се склони строго да ги осудуваат другите. Секој што имал ваква лоша навика, требало да ја искорени.

14. Зошто мора да ‚престанеме да им судиме‘ на другите?

14 Зошто мора да ‚престанеме да им судиме‘ на другите? Една причина е што немаме право на тоа. Ученикот Јаков нѐ потсетува: „Еден е законодавец и судија“ — Јехова. Затоа, Јаков отворено прашува: „Кој си ти да го осудуваш својот ближен?“ (Јаков 4:12; Римјаните 14:1-4). Освен тоа, бидејќи сме несовршени, лесно може да донесеме погрешен суд. Нашите ставови и мотиви, како и предрасудите, повредената гордост, љубомората и самоправедноста, можат да влијаат врз нас и да нѐ наведат да стекнеме погрешна слика за другите. Имаме и други ограничувања и, доколку размислуваме за нив, нема брзо да им бараме маани на луѓето. На пример, не можеме да ги читаме срцата и немаме целосен увид во нечии околности. Тогаш, кои сме ние да им припишуваме лоши мотиви на соверниците или да го критикуваме она што го прават во службата за Бог? Многу подобро е да се угледаме на Јехова и да го бараме доброто кај нашите браќа и сестри наместо да размислуваме само за нивните слабости и недостатоци.

15. За какви зборови и постапки нема место меѓу Божјите слуги, и зошто?

15 А како е со нашето семејство? За жал, во денешниов свет, најострите осуди понекогаш се изрекуваат токму во домот, кој треба да биде топло катче во кое владее мир. Многу често слушаме за насилни мажи, жени или родители кои постојано ги изложуваат членовите на своето семејство на вербално, па дури и физичко малтретирање. Но, меѓу Божјите слуги нема место за груби и зајадливи зборови ниту за какво и да било насилно однесување (Ефешаните 4:29, 31; 5:33; 6:4). Советот „престанете да судите“, кој го дал Исус, не престанува да важи во нашиот дом. Имај на ум дека, за да го правиме она што е праведно, треба да постапуваме со другите онака како што Јехова постапува со нас. А нашиот Бог никогаш не е груб и суров кон нас. Напротив, тој „е полн со сочувство“ кон оние што го сакаат (Јаков 5:11). Јехова е навистина извонреден пример кој треба да го следиме!

Старешини кои служат „по правдата“

16, 17. а) Што очекува Јехова од старешините? б) Што треба да се преземе кога некој што направил грев не покажува дека искрено се кае, и зошто?

16 Сите ние имаме одговорност да постапуваме праведно, но ова особено важи за старешините во христијанското собрание. Размисли како се опишани ‚кнезовите‘, односно старешините, во пророштвото на Исаија: „Еве, царот ќе царува праведно и кнезовите ќе владеат по правдата“ (Исаија 32:1). Значи, Јехова очекува од старешините да ја застапуваат правдата. Како можат да го прават тоа?

17 Овие духовно зрели луѓе се свесни дека правдата налага собранието да биде чисто. Понекогаш тие мора да донесуваат одлуки во случаи кога некој направил тежок грев. Во такви ситуации, имаат на ум дека, кога ја спроведува својата правда, Бог настојува да покаже милост секогаш кога е можно. Поради тоа, и тие се трудат да го поттикнат оној што направил грев да се покае. Но, што ако тој не се кае искрено и покрај нивните обиди да му помогнат? За да се покаже совршена правда и во таков случај, Јеховината реч заповеда да се преземат решителни мерки. Таа вели: „Отстранете го злобниот од својата средина!“ Ова значи дека тој треба да биде исклучен од собранието (1. Коринќаните 5:11-13; 2. Јованово 9-11). На старешините им е жал што мора да постапат така, но сфаќаат дека тоа е неопходно за да се зачува моралната и духовната чистота на собранието. Сепак, дури и тогаш тие не губат надеж дека еден ден грешникот ќе се вразуми и ќе се врати во собранието (Лука 15:17, 18).

18. Што имаат на ум старешините кога им даваат библиски совети на соверниците?

18 Старешините ја застапуваат правдата и така што даваат библиски совети секогаш кога е потребно. Се разбира, тие не бараат маани кај другите ниту, пак, гледаат да ја искористат секоја прилика за да ги исправаат. Сепак, некој соверник може ‚ненамерно да згреши‘. Бидејќи се свесни дека Божјата правда не е сурова и бесчувствителна, старешините се трудат ‚да го исправат таквиот во дух на благост‘ (Галатите 6:1). Затоа, не се расправаат со оној што згрешил ниту, пак, зборуваат грубо со него. Наместо тоа, со љубов го советуваат затоа што така можат најмногу да го охрабрат. Дури и кога мора строго да го укорат — со тоа што отворено ќе му кажат кои се последиците од неговиот грев — старешините не забораваат дека соверникот што згрешил е овчичка од Јеховиното стадо * (Лука 15:7). Ако му го дадат укорот или советот од љубов и на љубезен начин, има многу поголеми шанси да му помогнат.

19. Какви одлуки честопати мораат да донесуваат старешините, и на што мора да ги темелат?

19 Старешините честопати мораат да донесуваат одлуки што влијаат врз нивните соверници. На пример, тие повремено имаат состаноци на кои разгледуваат дали и други браќа во собранието ги исполнуваат условите за да бидат старешини или слуга-помошници. Бидејќи знаат колку е важно да бидат непристрасни, старешините не се потпираат на своите чувства туку се придржуваат кон Божјите барања кога препорачуваат некого за вакви одговорности. На тој начин, тие ‚не донесуваат суд однапред, и ништо не прават од пристрасност‘ (1. Тимотеј 5:21).

20, 21. а) Што се трудат да бидат старешините за своите соверници, и зошто? б) Како можат старешините да им помагаат на „потиштените души“?

20 Старешините ја спроведуваат Божјата правда и на други начини. Откако прорекол дека тие ќе служат „по правдата“, Исаија додал: „Секој ќе биде како засолниште од ветар и како прибежиште од бура, како водни потоци во безводна земја, како сенка од голема карпа во исушена земја“ (Исаија 32:2). Во склад со овие зборови, старешините се трудат да бидат извор на утеха и охрабрување за своите соверници.

21 Денес на многумина им треба охрабрување затоа што се соочуваат со најразлични проблеми. Старешини, како можете да им помагате на „потиштените души“? (1. Солуњаните 5:14). Слушајте ги сочувствително (Јаков 1:19). Можеби имаат потреба да ја споделат загриженоста во срцето со некого во кого имаат доверба (Изреки 12:25). Уверете ги дека Јехова и нивните браќа и сестри многу ги сакаат и ги ценат (1. Петрово 1:22; 5:6, 7). Освен тоа, можете да ги спомнувате во своите лични молитви, а и да се молите заедно со нив. Тие можат многу да се утешат кога ќе чујат како некој старешина се моли за нив (Јаков 5:14, 15). Богот на правдата сигурно ќе го забележи сето она што со љубов го правите за своите потиштени браќа.

Старешините ја одразуваат Јеховината правда кога ги храбрат потиштените души

22. На кои начини можеме да постапуваме во склад со Јеховината правда, и каков ќе биде резултатот?

22 Додека се трудиме да постапуваме во склад со Јеховината правда, стануваме уште поблиски со него. Кога се држиме за неговите праведни мерила, кога им ја проповедаме животоспасувачката добра вест на луѓето и кога размислуваме за добрите страни на другите наместо да ги бараме нивните маани, ние постапуваме праведно. Старешини, кога се грижите за чистотата на собранието, кога давате корисни библиски совети и кога ги охрабрувате потиштените, вие ја одразувате Божјата правда. Јехова сигурно многу се радува кога гледа од небото како неговите слуги даваат сѐ од себе за да ‚постапуваат праведно‘ додека одат со Него!

^ пас. 13 Во главниот текст на Библијата, овој израз е преведен со „не судете“, што би можело да се сфати и како ‚не почнувајте да судите‘. Меѓутоа, како што се гледа од фуснотата за овој стих во Преводот Нов свет, овој израз може да се преведе и со „престанете да судите“. Ова покажува дека тоа дејство, всушност, веќе било во тек и требало да престане.

^ пас. 18 Во 2. Тимотеј 4:2, Библијата вели дека старешините понекогаш мора да ‚укоруваат, прекоруваат и опоменуваат‘. Грчкиот збор преведен со ‚опоменува‘ (паракале́о), може да значи ‚охрабрува‘. Еден друг сроден грчки збор, пара́клетос, може да се однесува на помошник или застапник во правни работи. Според тоа, дури и кога старешините даваат строг укор, целта е да им помогнат на оние што се духовно болни.