Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 18

Мудроста од „Божјата реч“

Мудроста од „Божјата реч“

1, 2. Какво „писмо“ ни напишал Бог, и зошто?

СЕ СЕЌАВАШ ЛИ на последното писмо што си го добил од некој твој близок што живее далеку? Малку работи можат да нѐ израдуваат како едно топло писмо од некој што ни е драг. Се радуваме да чуеме како е, што му се случува во животот и какви планови има. Таквата комуникација нѐ зближува, иако нѐ дели голема далечина.

2 Тогаш, што би можело да нѐ радува повеќе од тоа да добиеме писмо од нашиот сакан Бог? Јехова на некој начин и ни напишал писмо — неговата Реч, Библијата. Во неа ни кажува кој е тој, што направил, какви му се намерите и многу други работи. Јехова ни ја дал својата Реч затоа што сака да бидеме блиски со него. Нашиот бескрајно мудар Бог го избрал најдобриот начин да комуницира со нас. Во начинот на кој е напишана Библијата и во она што е содржано во неа се гледа неспоредлива мудрост.

Зошто пишана Реч?

3. Како Јехова му го пренел Законот на Мојсеј?

3 Некои можеби се прашуваат: ‚Зошто Јехова не користел некој повпечатлив начин да комуницира со луѓето — на пример, да зборува од небото?‘ Всушност, Јехова понекогаш зборувал од небото преку ангел. Тоа било случај кога му го дал Законот на израелскиот народ (Галатите 3:19). Гласот од небото им влеал толкав страв на Израелците што побарале Јехова да не им зборува ним, туку да им пренесе сѐ што треба преку Мојсеј (2. Мојсеева 20:18-20). Така, Законот, кој се состоел од околу 600 одредби, усно му бил пренесен на Мојсеј.

4. Објасни зошто Божјите закони не биле пренесени усно.

4 Но, што ако Законот никогаш не бил запишан? Ќе можел ли Мојсеј да ги запамти точно сите детали од него и без грешка да му ги пренесе на целиот народ? А што е со следните генерации? Тие ќе морале да се потпираат само на усни преданија. Тоа не би бил баш сигурен начин да се пренесуваат Божјите закони. Можеби ја знаеш играта „расипан телефон“. Вклучени се повеќе луѓе — на првиот му кажуваш некоја информација, па тој му ја кажува на следниот, следниот на тој до него и така сѐ до крај. Она што ќе го чуе последниот најверојатно многу ќе се разликува од она што ти си го кажал. Божјиот Закон не бил доведен во таква опасност.

5, 6. Што му рекол Јехова на Мојсеј во врска со своите зборови, и зошто е за наше добро тоа што ја имаме Јеховината Реч во пишан облик?

5 Било многу мудро од Јехова што одлучил неговите зборови да бидат запишани. Тој му рекол на Мојсеј: „Запиши си ги тие зборови, зашто на темел на овие зборови склучувам сојуз со тебе и со Израел“ (2. Мојсеева 34:27). Така, во 1513 год. пр.н.е., почнало пишувањето на Библијата. Во следните 1.610 години, Јехова ‚многупати и на многу начини им зборувал‘ на околу 40 мажи кои ја напишале Библијата (Евреите 1:1). Во целиот тој период имало посветени писари кои многу прецизно ги препишувале светите списи за да бидат верно зачувани (Езра 7:6; Псалм 45:1).

6 Тоа што Јехова ни ги пренел неговите зборови во пишан облик е навистина за наше добро. Си добил ли некогаш писмо кое те утешило и кое ти е толку драго што уште го чуваш и често го читаш? Такво „писмо“ имаме и од Јехова. Бидејќи тој дозволил неговите зборови да бидат запишани, можеме редовно да ги читаме и да размислуваме за нив (Псалм 1:2). „Утехата од Писмата“ можеме да ја добиеме секогаш кога ни е потребна (Римјаните 15:4).

Зошто ја пишувале луѓе?

7. Како се гледа мудроста на Јехова од тоа што одлучил неговата Реч да ја пишуваат луѓе?

7 Мудроста на Јехова се гледа од тоа што одлучил неговата Реч да ја пишуваат луѓе. Размисли за ова: доколку Јехова одлучел Библијата да ја пишуваат ангели, дали таа ќе имаше ист ефект врз нас? Точно, ангелите ќе можеле да ни го прикажат Јехова од своја гледна точка, да ја изразат својата оддаденост кон него и да ни раскажат за верните луѓе што му служеле на Бог. Но, ќе можевме ли ние да го сфатиме гледиштето на совршените духовни суштества, кои имаат далеку повеќе знаење, искуство и моќ од нас? (Евреите 2:6, 7).

„Целото Писмо е вдахновено од Бог“

8. Во која смисла на писателите им било дозволено да остават свој печат на она што го запишувале? (Види ја и фуснотата.)

8 Со тоа што користел луѓе да ги запишат неговите мисли, Јехова ни го дал токму она што ни е потребно — запис што е ‚вдахновен од Бог‘, а сепак зрачи со човечка топлина (2. Тимотеј 3:16). Како го постигнал ова? Во многу случаи, тој очигледно им дозволил на писателите да остават свој печат и да изберат ‚пријатни зборови и да ги напишат точните зборови на вистината‘ (Проповедник 12:10, 11). Ова објаснува зошто во Библијата може да се сретнат разни стилови — во записите се одразуваат потеклото и личноста на оние што ги запишале. * Сепак, овие мажи ‚ги кажувале зборовите што доаѓале од Бог така како што ги водел светиот дух‘ (2. Петрово 1:21). Затоа, со право може да се каже дека Библијата е „реч Божја“ (1. Солуњаните 2:13).

9, 10. Како тоа што Библијата ја пишувале луѓе ѝ дава топлина и привлечност?

9 Тоа што Библијата ја пишувале луѓе ѝ дава неизмерна топлина и привлечност. И тие имале чувства како нашите. Бидејќи биле несовршени, се бореле со проблеми и притисоци какви што имаме и ние. Во некои случаи, Јеховиниот дух ги поттикнал да пишуваат за своите чувства и тешкотии (2. Коринќаните 12:7-10). Значи, тие пишувале за работи што лично ги доживеале, работи што ниеден ангел не би можел толку добро да ги опише.

10 Да го земеме за пример израелскиот цар Давид. Откако направил неколку тешки гревови, Давид компонирал еден псалм во кој му го излеал срцето на Јехова, молејќи го за прошка. Тој напишал: „Исчисти ме од мојот грев. Зашто, ги знам своите престапи, мојот грев е постојано пред мене. Еве, во престап сум роден, во грев ме зачна мајка ми. Не отфрлај ме од пред своето лице и не одземај ми го својот свет дух. За Бог е жртва скршениот дух. Срце скршено и здробено, о Боже, нема да презреш“ (Псалм 51:2, 3, 5, 11, 17). Просто можеме да ја почувстуваме болката на Давид! Кој друг освен несовршен човек би можел да изрази вакви длабоки чувства?

Зошто книга што зборува за луѓе?

11. Какви реални записи содржи Библијата „за наша поука“?

11 Има уште нешто што ја прави Библијата привлечна. Во неа главно се зборува за луѓе што навистина живееле — и за такви што му служеле на Бог и за такви што не му служеле. Можеме да читаме што им се случувало, какви маки имале и какви радости доживеале. Можеме да видиме до што воделе нивните одлуки. Сите овие работи биле запишани „за наша поука“ (Римјаните 15:4). Преку ваквите реални записи, Јехова нѐ поучува на начин што нѐ допира до срце. Да разгледаме неколку примери.

12. Како ни помагаат библиските записи за неверните луѓе?

12 Во Библијата читаме за неверни, дури и за злобни луѓе, како и за тоа што ги снашло. Преку таквите записи можеме полесно да ги уочиме непожелните особини и да согледаме колку се опасни. На пример, ниедна заповед не би можела толку добро да ни долови што е нелојалност како подмолниот начин на кој Јуда го издал Исус (Матеј 26:14-16, 46-50; 27:3-10). Ваквите извештаи повеќе допираат до срце и ни помагаат да ги препознаеме лошите особини и да ги отфрлиме.

13. Како Библијата ни помага да сфатиме кои особини се пожелни?

13 Но, Библијата зборува и за многу верни слуги на Бог. Во неа читаме за нивната оддаденост и лојалност. Преку нивниот пример гледаме какви особини треба да имаме за да бидеме блиски со Бог. Една таква особина е верата. Библијата дава дефиниција за вера и ни кажува колку е важна оваа особина ако сакаме да му угодиме на Бог (Евреите 11:1, 6). Но, во неа има и примери од кои можеме на дело да видиме што е вера. Размисли за верата што ја покажал Авраам кога требало да го принесе Исак како жртва (1. Мојсеева, 22. поглавје; Евреите 11:17-19). Читајќи вакви извештаи, зборот „вера“ добива поголемо значење и полесно ни е да го сфатиме. Значи, Јехова не само што нѐ поттикнува да стекнеме пожелни особини туку и ни помага да ги видиме преку пример. Колку мудро нѐ поучува нашиот Бог!

14, 15. Што ни кажува Библијата за една жена која дошла во храмот, и што учиме за Јехова од овој извештај?

14 Од вистинските случки запишани во Библијата многу често можеме да дознаеме нешто повеќе за тоа каква личност е Јехова. Размисли за еден настан поврзан со една жена што Исус ја видел во храмот. Тој седел во близина на садовите за прилози и гледал како луѓето пуштаат пари во нив. Дошле мнозина богати луѓе кои пуштиле „од својот вишок“. Но, на Исус му паднала в очи една сиромашна вдовица која пуштила само „две парички“. * Тоа биле последните пари што ги имала. Исус, кој размислувал исто како Јехова, рекол: „Оваа сиромашна вдовица пушти повеќе од сите што пуштаат пари во садовите за прилози“. Според зборовите на Исус, таа дала повеќе отколку сите други заедно (Марко 12:41-44; Лука 21:1-4; Јован 8:28).

15 Зарем не е интересно што од сите луѓе кои дошле во храмот тој ден, само вдовицата е спомната во Библијата? Преку овој пример, Јехова ни помага да сфатиме дека тој е благодарен Бог. Тој со радост ги прифаќа даровите што му ги даваме од срце, колку и да се мали во споредба со она што го даваат другите. Преку примерот на вдовицата, Јехова го избрал најдобриот начин да нѐ поучи за овој утешен факт!

Што не е вклучено во Библијата

16, 17. Како мудроста на Јехова се гледа дури и во тоа што одлучил да не вклучи некои информации во својата Реч?

16 Кога му пишуваш писмо на некој близок, не можеш да го вклучиш секој детаљ. Затоа, внимателно размислуваш и одлучуваш што ќе напишеш. Слично на тоа, Јехова одлучил во својата Реч да спомне некои поединци и настани. Но, во тие извештаи не се вклучени сите детали (Јован 21:25). На пример, она што е запишано во Библијата во врска со Божјиот суд можеби не дава одговор на секое наше прашање. Мудроста на Јехова се гледа дури и во тоа што одлучил да не вклучи некои информации во својата Реч. Во која смисла?

17 Начинот на кој е напишана Библијата открива што имаме во срцето. Во Евреите 4:12 пишува: „Речта [или, пораката] Божја е жива и делотворна, поостра е од секој меч со две сечила и продира дури дотаму што ги разделува душата и духот... па може да ги процени мислите и намерите на срцето“. Пораката на Библијата продира длабоко и ги разоткрива нашите вистински мисли и мотиви. Оние што ја читаат Божјата Реч со предрасуди и со неисправни мотиви често се фаќаат за извештаи кои, според нив, би требало да содржат повеќе информации. Можеби дури се сомневаат дека Јехова е мудар, праведен и полн со љубов.

18, 19. а) Зошто не треба да се вознемируваме ако некој конкретен извештај повлече прашања за кои не можеме веднаш да најдеме одговор? б) Што е потребно за да ја разбереме Божјата Реч, и како ова ја потврдува огромната мудрост на Јехова?

18 Од друга страна, кога ја проучуваме Библијата внимателно и со искрени мотиви, го запознаваме Јехова земајќи предвид сѐ што пишува за него во неа. Затоа, не се вознемируваме ако некој конкретен извештај повлече прашања за кои не можеме веднаш да најдеме одговор. Да наведеме еден пример: кога составуваме голема сложувалка, можеби нема веднаш да најдеме некое конкретно делче или, пак, делчето го имаме, ама не можеме да видиме каде се вклопува. Сепак, можеби сме составиле доволно делчиња кои ни даваат претстава како ќе изгледа целата слика. Слично на тоа, кога ја проучуваме Библијата, постепено дознаваме каков Бог е Јехова и добиваме јасна претстава за него. Дури и ако во почетокот не можеме да разбереме конкретен извештај или не можеме да го поврземе со личноста на Јехова, проучувајќи ја Библијата, ние веќе сме дознале доволно за него за да бидеме уверени дека тој секогаш постапува праведно и со љубов.

19 Значи, за да ја разбереме Божјата Реч, мораме да ја читаме и да ја проучуваме непристрасно и со искрени мотиви. Зарем ова не е уште еден доказ за огромната мудрост на Јехова? Интелигентните луѓе пишуваат книги што можат да ги разберат само „мудрите и умните“. Но, да се напише книга што ќе ја разберат само луѓе со искрени мотиви — за тоа е потребна мудроста на Бог! (Матеј 11:25).

Книга со „практична мудрост“

20. Зошто само Јехова може да ни каже кој е најдобриот начин на живот, и каква помош наоѓаме во Библијата?

20 Во својата Реч, Јехова ни покажува кој е најдобриот начин на живот. Како наш Творец, тој знае што ни е потребно подобро и од нас самите. А основните човечки потреби — желбата да бидеме сакани, да бидеме среќни, да имаме добри односи со другите и слично — не се смениле до ден-денес. Библијата е вистинска ризница на „практична мудрост“ која може да ни помогне да имаме исполнет живот (Изреки 2:7, фуснота). Во секој дел од оваа книга има поглавје од кое учиме како да ги применуваме мудрите совети од Библијата, но овде ќе разгледаме само еден пример.

21-23. Кои мудри совети ни помагаат да не држиме лутина и огорченост?

21 Си забележал ли дека луѓето што држат лутина и огорченост обично си наштетуваат себеси? Огорченоста е тежок товар. Таа може да ни ги преокупира мислите, да ни го одземе спокојот и да ни ја задуши радоста. Научните истражувања покажуваат дека, ако држиме лутина, има поголем ризик да добиеме срцеви заболувања и многу други хронични болести. Меѓутоа, долго пред ваквите истражувања, Библијата го дала следниов мудар совет: „Отфрли го гневот и остави ја лутината“ (Псалм 37:8). Но, како можеме да го постигнеме ова?

22 Во Божјата Реч се запишани овие мудри зборови: „Разбирањето го спречува човекот да се гневи, и чест му е да премине преку престапот“ (Изреки 19:11). Да имаме разбирање меѓу другото значи да имаме увид во работите, да гледаме зад очигледното. Разбирањето ни помага да сфатиме зошто некој кажал или направил нешто. Кога се трудиме да ги согледаме неговите вистински мотиви, чувства и околности, ќе може полесно да ги отфрлиме негативните мисли и чувства што ги имаме кон него.

23 Библијата го дава и овој совет: „Поднесувајте се еден со друг и спремно простувајте си еден на друг“ (Колошаните 3:13). Изразот „поднесувајте се еден со друг“ укажува на тоа дека треба да бидеме стрпливи со другите, да ги толерираме нивните особини што можеби нѐ нервираат. Таквата стрпливост ни помага да не се лутиме за сѐ и сешто. Зборовите „простувајте си“ ја пренесуваат мислата да не останеме огорчени. Нашиот мудар Бог знае дека треба да им простуваме на другите кога имаме основа за тоа. Ова ќе биде добро за нив, но и ние ќе имаме внатрешен мир (Лука 17:3, 4). Божјата Реч навистина содржи голема мудрост!

24. Кој е резултатот кога се трудиме да живееме во склад со Божјата мудрост?

24 Поттикнат од неизмерна љубов, Јехова сакал да комуницира со нас. За таа цел го избрал најдобриот можен начин — ни оставил „писмо“ што го запишале луѓе под водство на светиот дух. Затоа може да се каже дека во него е содржана Јеховината мудрост. Оваа мудрост е ‚достојна за доверба‘ (Псалм 111:7). Кога се трудиме да живееме во склад со неа и да им ја пренесуваме на другите, уште повеќе се зближуваме со нашиот бескрајно мудар Бог. Во следното поглавје ќе зборуваме за еден друг впечатлив пример за мудроста на Јехова: неговата способност да ја претскаже иднината и да ја исполни својата намера.

^ пас. 8 На пример, Давид бил пастир и спомнува работи поврзани со животот на еден пастир (Псалм 23). Матеј, кој бил даночник, во повеќе наврати спомнува бројки и пари (Матеј 17:27; 26:15; 27:3). Како лекар, Лука користел зборови од кои се гледа неговото познавање на медицината (Лука 4:38; 14:2; 16:20).

^ пас. 14 Тие две парички биле лепти, монети со најмала вредност во тоа време. Две лепти имале вредност колку шеесет и четврти дел од една дневница. Со тие две парички не можело да се купи ни едно врапче, најевтината птица што им служела како храна на сиромашните.