Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 22

Дали те води „мудроста одозгора“?

Дали те води „мудроста одозгора“?

1-3. a) Како Соломон покажал извонредна мудрост при еден спор помеѓу две мајки? б) Што ветува Јехова дека ќе ни даде, и кои прашања се поставуваат?

СЕ РАБОТЕЛО за тежок спор — две жени се расправале за едно бебе. Жените живееле во иста куќа и секоја од нив родила син — најпрво едната, а по неколку дена и другата. Едното бебе умрело, и сега секоја жена тврдела дека е мајка на живото бебе. Немало сведоци што би потврдиле што точно се случило. Најверојатно нивниот случај веќе го разгледувале други судии, но не можеле да го решат. Најпосле, дошле и кај Соломон, царот на Израел. Дали тој успеал да ја открие вистината?

2 Соломон некое време ги слушал како се караат, а потоа побарал меч. Тогаш, заповедал детето да биде пресечено на два дела, и на секоја од нив да ѝ се даде по еден дел. Вистинската мајка веднаш почнала да го преколнува царот да ѝ го даде нејзиното мило чедо на другата жена. Но, другата жена упорно барала бебето да биде пресечено на половина. Тогаш на Соломон му станало јасно која е вистината. Знаел колку длабока милост чувствува една мајка кон своето сопствено дете, и тоа го искористил за да го реши овој спор. Замисли си колку ѝ олеснало на мајката кога Соломон ѝ го дал бебето и рекол: „Таа му е мајка“ (1. Царевите 3:16-27).

3 Извонредна мудрост, зарем не? Кога луѓето дознале како Соломон го решил спорот, биле восхитени ‚зашто виделе дека во него има Божја мудрост‘. Да, мудроста на Соломон му била дар од Бог. Јехова му дал „мудро и разумно срце“ (1. Царевите 3:12, 28). Но, како е со нас? Можеме ли и ние да добиеме мудрост од Бог? Да, можеме. Под водство на светиот дух, Соломон напишал: „Јехова дава мудрост“ (Изреки 2:6). Јехова ветува дека ќе им даде мудрост — способност исправно да се применат знаењето, разбирањето и проникливоста — на оние што искрено ја бараат. Како можеме да ја стекнеме мудроста одозгора? И како ќе се види дека таа нѐ води?

Како да ‚стекнеме мудрост‘?

4-7. Кои четири работи се предуслов за да стекнеме мудрост?

4 Мора ли да сме многу интелигентни или да имаме високо образование за да добиеме мудрост од Бог? Не. Јехова е спремен да му даде мудрост на секој човек, без разлика на неговите околности, потекло, воспитување и образование (1. Коринќаните 1:26-29). Но, Библијата нѐ поттикнува да ‚стекнеме мудрост‘, што значи дека и ние мораме да направиме нешто (Изреки 4:7). Да видиме што.

5 Како прво, треба да имаме страв од Бог. Во Изреки 9:10 се вели: „Стравот од Јехова е првото нешто кое е потребно за да се стекне мудрост“. Зошто стравот од Бог е толку важен за да бидеме вистински мудри? Како што веќе спомнавме, мудроста е способност да се примени знаењето. А што значи да имаме страв од Бог? Тоа не значи да чувствуваме некаков болен страв, туку да имаме длабока страхопочит кон него. Таквиот страв е поврзан со довербата во Бог и позитивно влијае врз нас. Тој може силно да нѐ мотивира да го доведеме нашиот живот во склад со Божјата волја. А нема ништо помудро од тоа да живееме според Божјите мерила затоа што тие секогаш се за наше добро.

6 Како второ, за да добиеме мудрост од Бог мора да сме понизни и скромни (Изреки 11:2). Зошто? Ако сме понизни и скромни, ќе бидеме спремни да признаеме дека не знаеме сѐ, дека не сме секогаш во право и дека ни треба водство од Бог. Јехова „им се спротивставува на вообразените“, а на оние што се понизни во срцето им дава мудрост (Јаков 4:6).

За да ја стекнеме мудроста одозгора, мораме да вложиме напор и да истражуваме во Библијата

7 Трета важна работа е да ја проучуваме Божјата пишана Реч, која ја содржи мудроста на Јехова. За да стекнеме таква мудрост, мораме да вложиме напор и да истражуваме во Библијата (Изреки 2:1-5). Четврто барање е молитвата. Ако искрено бараме мудрост од Бог, тој великодушно ќе ни ја даде (Јаков 1:5). Ако го молиме да нѐ води со својот свет дух, тој сигурно ќе ни ги услиши молитвите. А светиот дух може да ни помогне во неговата Реч да најдеме скапоцени совети што ќе ни помогнат да ги решаваме проблемите, да ги избегнуваме опасностите и да донесуваме мудри одлуки (Лука 11:13).

8. Како ќе се види дали сме стекнале мудрост од Бог?

8 Како што беше кажано во 17. поглавје, мудроста на Јехова е практична, а не само некакво теоретско знаење. Затоа, ако навистина сме стекнале мудрост од Бог, тоа ќе се види по нашето однесување. Ученикот Јаков го дал следниов опис на мудроста: „Мудроста одозгора пред сѐ е чиста, потоа мирољубива, разумна, спремна да послуша, полна со милосрдие и со добри плодови, непристрасна, нелицемерна“ (Јаков 3:17). Додека ги разгледуваме сите овие аспекти на мудроста, би можеле да се прашаме: ‚Дали се гледа дека мудроста одозгора ме води во животот?‘

„Чиста, потоа мирољубива“

9. Што значи да се биде чист, и зошто е соодветно тоа што чистотата е спомната прва од сите карактеристики на мудроста?

9 „Пред сѐ е чиста.“ Да бидеш чист значи да не си извалкан — не само однадвор туку и однатре. Библијата ја поврзува мудроста со срцето, но небесната мудрост нема да влезе во срце што е извалкано со злобни мисли, желби и мотиви (Изреки 2:10; Матеј 15:19, 20). Но, ако нашето срце е чисто — колку што тоа е можно за несовршени луѓе — ‚ќе се тргаме од злото и ќе правиме добро‘ (Псалм 37:27; Изреки 3:7). Тоа што чистотата е спомната прва од сите карактеристики на мудроста е сосема на место. На крајот на краиштата, ако не сме морално и духовно чисти, како ќе можеме да ги покажуваме другите обележја на мудроста одозгора?

10, 11. а) Зошто е важно да бидеме мирољубиви? б) Ако сфатиш дека си навредил некој соверник, како ќе покажеш дека си миротворец? (Види ја и фуснотата.)

10 „Потоа мирољубива.“ Небесната мудрост нѐ поттикнува да го зачуваме мирот, кој е уште еден плод на Божјиот дух (Галатите 5:22). Не сакаме да го нарушуваме мирот кој придонесува за единство меѓу Јеховиниот народ (Ефешаните 4:3). Исто така, правиме сѐ што можеме за да ги поправаме нарушените односи со соверниците. Зошто ова е важно? Библијата вели: „Живејте во мир, па Богот на љубовта и на мирот ќе биде со вас!“ (2. Коринќаните 13:11). Значи, сѐ додека се трудиме да бидеме во мир со другите, Богот на мирот ќе биде со нас. Начинот на кој постапуваме со соверниците директно влијае врз нашиот однос со Јехова. Но, како ќе покажеме  дека сме миротворци? Да разгледаме еден пример.

11 Што треба да направиш ако сфатиш дека си повредил некој соверник? Исус рекол: „Ако го носиш својот дар на жртвеникот и таму се сетиш дека твојот брат има нешто против тебе, остави го својот дар таму пред жртвеникот, па појди и прво помири се со братот, а потоа врати се и принеси го својот дар“ (Матеј 5:23, 24). Овој совет ќе го примениш ако прво ти му пристапиш на братот. Но, со каква цел треба да му пристапиш? Со цел да се помириш со него. * За да го постигнеш тоа, веројатно ќе треба да признаеш, а не да негираш дека си го повредил. Ако отидеш кај него со цел да се помирите и ако го задржиш тој став, најверојатно ќе го расчистиш секое недоразбирање, ќе се извините и ќе си простите. Ако ти си спремен да го преземеш првиот чекор, покажуваш дека те води Божјата мудрост.

„Разумна, спремна да послуша“

12, 13. a) Што значи зборот кој во Јаков 3:17 е преведен со „разумна“? б) Како можеме да покажеме дека сме разумни?

12 „Разумна.“ Што значи да се биде разумен? Според библиските изучувачи, изворниот грчки збор кој во Јаков 3:17 е преведен со „разумна“ тешко се преведува. Некои преведувачи ги користат зборовите „нежна“, „воздржлива“ и „обѕирна“. Според фуснотата во Преводот Нов свет, дословното значење на овој збор е „спремна да попушти“. Како може да го покажеме овој аспект на мудроста одозгора во нашиот живот?

13 Во Филипјаните 4:5 стои: „Вашата разумност нека им биде позната на сите луѓе“. Забележи дека акцентот не е ставен на тоа како ние се гледаме себеси, туку како другите нѐ гледаат нас. Еден разумен човек не инсистира круто да се применуваат правилата и не бара секогаш да биде по негово. Тој е спремен да ги слуша другите и, кога тоа е соодветно, да попушти. Со другите постапува благо, а не грубо. Иако вакво нешто се очекува од сите христијани, ова особено важи за браќата што служат како старешини. Кога старешините се благи, другите се чувствуваат слободни и можат лесно да им пристапат (1. Солуњаните 2:7, 8). Добро е секој од нас да се праша: ‚Дали другите ме сметаат за обѕирен, разумен и благ?‘

14. Како можеме да покажеме дека сме ‚спремни да послушаме‘?

14 „Спремна да послуша.“ Грчкиот збор преведен со „спремна да послуша“ го нема на ниедно друго место во Христијанските грчки списи. Според еден изучувач на Библијата, овој збор „честопати се користи во поврзаност со војничка дисциплина“. Смислата на изразот е „лесно да бидеш убеден“ и „подложен“. Оној што дозволува да го води мудроста одозгора спремно се подложува на она што го вели Светото писмо. Не е познат како човек кој, ако науми нешто, не дозволува врз него да влијаат фактите што покажуваат дека не е во право. Наместо тоа, веднаш прави промени кога ќе му се изнесат јасни библиски докази дека има погрешен став или дека донел погрешен заклучок. Дали си познат кај другите како таков?

„Полна со милосрдие и со добри плодови“

15. Што е милосрдие и зошто е сосема на место тоа што во Јаков 3:17 ‚милосрдието‘ и ‚добрите плодови‘ се спомнати заедно?

15 „Полна со милосрдие и со добри плодови.“ * Милосрдието е важен дел од мудроста одозгора затоа што за оваа мудрост се вели дека е „полна со милосрдие“. Забележи дека ‚милосрдието‘ е спомнато заедно со ‚добрите плодови‘. Ова е сосема на место, бидејќи во Библијата милосрдието честопати е поврзано со активна грижа за другите, сочувство кое нѐ поттикнува на љубезни постапки. Една книга го дефинира милосрдието како „чувство на жалост поради нечија тешка ситуација и обид да се помогне“. Значи, Божјата мудрост не е само студена, интелектуална особина. Таа е срдечна и сочувствителна. Како ќе покажеме дека сме полни со милосрдие?

16, 17. а) Освен љубовта кон Бог што друго нѐ мотивира да проповедаме, и зошто? б) На кои начини можеме да покажеме дека сме полни со милосрдие?

16 Еден важен начин на кој покажуваме милосрдие е така што ја пренесуваме добрата вест за Божјето Царство. Што нѐ мотивира да го правиме тоа? Главниот мотив е љубовта кон Бог. Но, на тоа нѐ поттикнува и милосрдието, односно сочувството кон другите (Матеј 22:37-39). Многу луѓе денес се „измачени и расеани како овци без пастир“ (Матеј 9:36). Пастирите од лажните религии ги запоставуваат и, во духовна смисла, ги заслепуваат своите верници. Како последица на тоа, луѓето не се свесни ниту за мудрите совети во Божјата Реч ниту за благословите што Царството наскоро ќе ги излее врз целата Земја. Според тоа, кога длабоко размислуваме за нивните духовни потреби, искреното сочувство нѐ поттикнува да направиме сѐ што можеме за да ја дознаат Јеховината прекрасна намера.

Кога кон другите покажуваме милосрдие, односно сочувство, ја одразуваме „мудроста одозгора“

17 На кои други начини можеме да покажеме дека сме полни со милосрдие? Сети се на приказната што ја кажал Исус за Самарјанинот кој наишол на еден човек што лежел покрај патот ограбен и претепан. Од сочувство, Самарјанинот ‚му покажал милосрдие‘ со тоа што му ги преврзал раните и се погрижил за него (Лука 10:29-37). Зарем ова не покажува дека милосрдието вклучува да им помагаме на другите кога тоа им е потребно? Библијата нѐ поттикнува „да им правиме добро на сите, а особено на своите браќа по вера“ (Галатите 6:10). Кои се некои ситуации во кои би можеле да го примениме овој стих? На некој постар соверник можеби му треба превоз за да оди на состаноците. На некоја вдовица од собранието можеби треба да ѝ се поправи нешто дома (Јаков 1:27). На некој што е обесхрабрен можеби му треба ‚добар збор‘ што ќе го разведри (Изреки 12:25). Кога покажуваме милосрдие на вакви начини, се гледа дека нѐ води мудроста одозгора.

„Непристрасна, нелицемерна“

18. Ако нѐ води мудроста одозгора, што ќе се трудиме да искорениме од нашето срце, и зошто?

18 „Непристрасна.“ Божјата мудрост нема ништо заедничко со расните предрасуди и со националната гордост. Ако нѐ води ваквата мудрост, ќе се трудиме да ја искорениме пристрасноста од срцето (Јаков 2:9). Не дозволуваме врз нашето гледиште за другите да влијаат нивното образование, финансиска состојба или одговорности во собранието и не гледаме од високо на нашите соверници, сеедно колку безначајно можеби изгледаат. Ако Јехова смета дека се достојни тој да ги сака, колку повеќе заслужуваат ние да ги сакаме.

19, 20. а) Кое е значењето на грчкиот збор за „лицемер“? б) Како покажуваме ‚нелицемерна братска љубов‘, и зошто ова е важно?

19 „Нелицемерна.“ Грчкиот збор за „лицемер“ може да укажува на „глумец“. Во стари времиња, грчките и римските актери настапувале со големи маски. Од таа причина, грчкиот збор за „лицемер“ почнал да се користи за некој што се преправа, односно се прави дека е нешто што не е. Овој аспект на Божјата мудрост треба да влијае не само врз тоа како постапуваме со другите туку и каков став имаме спрема нив.

20 Апостол Петар рекол дека треба да покажуваме ‚нелицемерна братска љубов‘ од ‚послушност кон вистината‘ (1. Петрово 1:22). Да, нашата љубов кон браќата не смее да биде само фасада. Не сакаме да глумиме со цел да оставиме лажен впечаток кај другите. Нашата љубов мора да биде искрена, да ја покажуваме од срце. А ако е искрена, другите ќе стекнат доверба во нас затоа што ќе се уверат дека не сме дволични. Таквата искреност води до вистински пријателства и придонесува во собранието да владее доверба.

„Зачувај ја мудроста“

21, 22. a) Зошто Соломон не ја зачувал мудроста? б) Како можеме да ја зачуваме мудроста, и каква корист ќе имаме од тоа?

21 Вистинската мудрост е дар од Јехова, дар што треба да го чуваме. Соломон рекол: „Сине мој... зачувај ја мудроста и способноста за расудување“ (Изреки 3:21). За жал, самиот Соломон не го направил тоа. Бил мудар сѐ додека имал послушно срце. Но, на крајот, многуте негови жени од другите народи го навеле да им служи на лажни богови (1. Царевите 11:1-8). Случајот со Соломон покажува дека знаењето нема вредност ако не се употребува.

22 Како можеме ние да ја зачуваме мудроста? Треба редовно да ги читаме Библијата и библиските публикации од „верниот и разборит роб“, но и да се трудиме да го применуваме она што го учиме (Матеј 24:45). Имаме многу причини да ја применуваме мудроста од Бог. Таа овозможува да водиме подобар живот уште сега и ‚да го освоиме вистинскиот живот‘ во иднина (1. Тимотеј 6:19). Што е најважно, тоа што ќе се трудиме да ја покажуваме мудроста одозгора ќе нѐ зближи со Јехова Бог — изворот на сета мудрост.

^ пас. 11 Грчкиот израз преведен со „помири се“ доаѓа од еден глагол што значи „,да промени, да замени‘, па оттаму и ‚да помири‘“. Според тоа, нашата цел треба да биде да ја промениме, односно да ја отстраниме огорченоста од срцето на оној што сме го навредиле, доколку тоа е можно (Римјаните 12:18).

^ пас. 15 Еден друг превод на ова место гласи: „Полна со сочувство и добри дела“ (A Translation in the Language of the People, од Чарлс Б. Вилијамс).