Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 31

„Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“

„Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“

1-3. а) Што учиме за човечката природа од односот кој постои меѓу родителите и нивното бебе? б) Како обично реагираме кога некој ни покажува љубов, и кое важно прашање треба да си го поставиме?

РОДИТЕЛИТЕ се пресреќни кога ќе видат како нивното бебенце се насмевнува. Тие се надвиваат над него, му гукаат и широко му се насмевнуваат, желно очекувајќи ја неговата реакција. И набрзо желбата им се исполнува! На неговите обравчиња се појавуваат дупченца, крајчињата на устето се извиваат нагоре и на лицето му се разлева неодолива насмевка. Очигледно, таа насмевка е првиот израз на наклоност со кој бебето природно возвраќа на љубовта која родителите ја покажуваат кон него.

2 Ова нѐ потсетува на една важна работа која им е својствена на сите луѓе. Сосема е нормално на љубовта да возвраќаме со љубов. Едноставно, така сме создадени (Псалм 22:9). Можеби се сеќаваш како твоите родители, роднини или пријатели ти покажувале љубов кога си бил дете. Во твоето срце се родило едно пријатно чувство, кое постепено се засилувало и на крајот те поттикнало и ти да им покажеш колку многу ги сакаш. Дали истото може да се каже и за твојот однос со Јехова?

3 Библијата вели: „Ние покажуваме љубов, бидејќи прво тој покажа љубов кон нас“ (1. Јованово 4:19). Во првите три дела од оваа книга, бевме потсетени дека Јехова Бог со љубов ги користи својата моќ, правда и мудрост за наше добро. А во четвртиот дел, видовме како тој на извонреден начин ја покажал својата љубов кон луѓето — и кон тебе лично. Затоа се јавува едно прашање. Всушност, тоа е најважното прашање кое би можеле да си го поставиме: ‚Како ќе возвратам на љубовта што Јехова ја покажува кон мене?‘

Што значи да се сака Бог

4. Зошто повеќето луѓе не знаат што значи да се сака Бог?

4 Јехова, Изворот на љубовта, добро знае дека оваа особина има неопислива моќ да го извлече најдоброто од другите. Затоа, и покрај тоа што луѓето, општо земено, постојано се бунтувале против него, Бог не изгубил надеж дека некои од нив сепак ќе бидат поттикнати да возвратат на неговата љубов. И навистина, милиони го сториле тоа. За жал, религиите во овој расипан свет не им објасниле на луѓето што, всушност, значи да се сака Бог. Иако многу верници тврдат дека го сакаат, по сѐ изгледа мислат дека љубовта кон него е само чувство кое може да се изрази со зборови. Точно е дека во почетокот љубовта кон Бог може да се искаже на ваков начин, исто како што бебето најпрво ја покажува својата наклоност кон родителите со насмевка. Меѓутоа, кај возрасните луѓе љубовта не останува само на тоа. Тие ја покажуваат на многу позрел начин.

5. Како Библијата ни открива што значи да се сака Бог, и зошто ова не треба да нѐ плаши?

5 Самиот Јехова ни открива што значи да го сакаме. Неговата Реч вели: „Љубовта кон Бог значи да се држат неговите заповеди“. Според тоа, љубовта кон Бог треба да се покажува на дело. Точно, на мнозина не им е пријатна помислата дека треба да му бидат послушни некому. Но, во истиот стих понатаму се вели: „А [Божјите] заповеди не се тешки“ (1. Јованово 5:3). Јехова ни ги дава своите закони и начела за да ни помогне, а не за да ни наметне непотребен товар (Исаија 48:17, 18). Божјата Реч содржи многу начела кои ни помагаат да се зближиме со Бог. Да разгледаме три аспекти на нашиот однос со Јехова. Ќе видиме како комуницираме со него, како го обожаваме и како го следиме неговиот пример.

Како комуницираме со Јехова

6-8. а) Како може да го слушаме Јехова? б) Како можеш да си ја оживееш Библијата додека ја читаш?

6 Во првото поглавје од оваа книга видовме дека не е невозможно да разговараме со Бог. Всушност, Мојсеј зборувал со Него. А како е со нас? Денес Јехова не разговара со луѓето преку ангели. Сепак, тој комуницира со нас на извонреден начин. Како може да го слушаме?

7 Бидејќи „целото Писмо е вдахновено од Бог“, ние го слушаме Јехова кога ја читаме неговата Реч, Библијата (2. Тимотеј 3:16). Затоа псалмистот ги поттикнал Божјите слуги да ја читаат „дење и ноќе“, односно секојдневно (Псалм 1:1, 2). Иако треба да вложиме голем труд за да го послушаме овој совет, тоа нема да биде залудно. Како што видовме во 18. поглавје, Библијата може да се спореди со скапоцено писмо кое ни го испратил нашиот небесен Татко. Затоа не треба да ни биде тешко да ја читаме. Како можеш да уживаш во читањето на Божјата Реч? Мора да си ја оживееш.

8 Труди се да си ги претставиш настаните и библиските личности за кои читаш. Обиди се да разбереш во какви околности живееле и зошто постапувале на одреден начин. Додека длабоко размислуваш за прочитаното, поставувај си прашања, како што се: ‚Што учам од овој извештај за Јехова? Кои негови особини се истакнати во овие стихови? За кое начело сака да ме поучи, и како би можел да го применам во мојот живот?‘ Читај, размислувај и применувај — само тогаш вистински ќе ја почувствуваш нејзината моќ (Псалм 77:12; Јаков 1:23-25).

9. Кој е „верниот и разборит роб“, и зошто е важно внимателно да го слушаме?

9 Јехова ни зборува и преку „верниот и разборит роб“. Во склад со она што го прорекол, Исус поставил една мала група помазани христијани да даваат „храна во вистинско време“ во овие тешки последни денови (Матеј 24:45-47). Кога ги читаме публикациите кои ни помагаат добро да ја запознаеме Библијата и кога одиме на христијанските состаноци и конгреси, ја примаме духовната храна што ни ја обезбедува „верниот и разборит роб“. Бидејќи Христос го поставил овој роб, ние сме послушни на следниов мудар совет што го дал тој: „Внимавајте како слушате“ (Лука 8:18). Слушаме внимателно затоа што сфаќаме дека Јехова комуницира со нас преку верниот роб.

10-12. а) Зошто молитвата е прекрасен дар од Јехова? б) Кога нашите молитви можат да му бидат угодни на Јехова, и зошто може да бидеме уверени дека тој многу ги цени?

10 Но, како можеме ние да комуницираме со Бог? Може ли да зборуваме со Јехова? Самата помисла на тоа нѐ исполнува со страхопочит. Ако се обидеш да закажеш разговор кај најмоќниот владетел во твојата земја за да му изнесеш некој личен проблем, колкава е веројатноста дека ќе успееш во тоа? Во некои случаи може да биде многу опасно дури и да пробаш да направиш такво нешто! На пример, во времето на Естира и Мардохеј, ако некој се обидел да дојде неповикан кај персискиот цар, можел да биде погубен (Естира 4:10, 11). А замисли си каква чест е да можеш да му пристапиш на Севишниот Господар на вселената, за кого дури и најмоќните и највлијателните луѓе се „како скакулци“! (Исаија 40:22). Дали ова треба да нѐ плаши? Воопшто не!

11 Јехова ни овозможува да му пристапиме на многу едноставен начин — преку молитва. Дури и едно мало дете може да му се моли на Јехова во името на Исус (Јован 14:6; Евреите 11:6). Молитвата ни овозможува да му ги изнесеме нашите најскриени и најдлабоки мисли и чувства, па дури и оние кои ни се толку болни што не можеме да ги изразиме со зборови (Римјаните 8:26). Нема потреба да се трудиме да му оставиме впечаток на Јехова со тоа што ќе користиме претерано накитен говор и високопарни зборови или ќе му упатуваме предолги молитви (Матеј 6:7, 8). Од друга страна, тој не ни поставува ограничувања во врска со тоа колку долго или колку често може да разговараме со него. Всушност, преку својата Реч, тој нѐ повикува ‚да се молиме непрестајно‘ (1. Солуњаните 5:17).

12 Не заборавај, само за Јехова се вели дека „ги слуша молитвите“ (Псалм 65:2). Но, дали го прави тоа површно и механички? Не, тој со задоволство ги слуша молитвите на своите верни слуги и искрено сочувствува со нив. Неговата Реч ги споредува тие молитви со запален темјан, кој испушта пријатен и успокојувачки мирис (Псалм 141:2; Откровение 5:8; 8:4). Зарем не е утешно што знаеме дека нашите искрени молитви му се угодни на Јехова? Затоа, ако сакаш да се зближиш со Бог, понизно моли му се секој ден (Псалм 62:8). Слободно кажи му на твојот небесен Татко што те мачи и што те радува, благодари му и фали го. Тоа уште повеќе ќе го зацврсти твоето пријателство со него.

Како го обожаваме Јехова

13, 14. Што значи да се обожава Јехова, и зошто тој заслужува да го обожаваме?

13 Комуникацијата со Јехова не се сведува само на слушање и зборување, како да е обичен разговор со некој пријател или роднина. Тоа, всушност, е начин на кој го обожаваме нашиот Бог, односно му ја искажуваме честа и почитта кои навистина ги заслужува. Обожавањето на Јехова е најважното нешто во нашиот живот. Тоа е израз на нашата љубов и целосна оддаденост кон него. Освен тоа, вистинското обожавање ги обединува сите верни Божји слуги, и на небото и на Земјата. Во едно видение, апостол Јован ја чул следнава заповед која ја објавил еден ангел: „Обожавајте го оној што ги создаде небото и земјата и морето и изворите на вода!“ (Откровение 14:7, фуснота).

14 Зошто треба да го обожаваме Јехова? Размисли за неговите особини кои ги разгледавме досега, како што се светоста, моќта, самосовладувањето, правдата, храброста, милоста, мудроста, понизноста, љубовта, сочувството, верноста и добрината. Видовме дека тој ја покажува секоја од овие скапоцени особини во најголема можна мера. Кога размислуваме за сите особини што ги поседува Јехова, сфаќаме дека тој е една извонредна личност која е достојна за восхит — но и многу повеќе од тоа! Бог е неизмерно повеличествен и повозвишен од нас (Исаија 55:9). Без сомнение, Јехова е единствениот кој има право да биде наш Севишен Владетел и навистина заслужува да го обожаваме. Но, како треба да го правиме тоа?

15. а) Како може да го обожаваме Јехова „со дух и со вистина“? б) Каква можност имаме на христијанските состаноци?

15 Исус рекол: „Бог е Дух, и оние што го почитуваат мора да му оддаваат почит со дух и со вистина“ (Јован 4:24). За да го обожаваме Бог „со дух“ мора да го имаме неговиот свет дух и да го следиме водството што ни го дава духот. Исто така, треба да му служиме во склад со вистината која се наоѓа во Божјата Реч. Секогаш кога се собираме заедно со нашите соверници имаме прекрасна можност да го обожаваме Јехова „со дух и со вистина“ (Евреите 10:24, 25). Кога му пееме фалби, кога заедно му се молиме и кога слушаме и учествуваме во разгледувањето на неговата Реч, ја покажуваме својата љубов кон него и го обожаваме на исправен начин.

На христијанските состаноци имаме прекрасна можност да го обожаваме Јехова

16. Која е една од најголемите заповеди што им е дадена на христијаните, и зошто спремно ја слушаме?

16 Го обожаваме Јехова и кога јавно го фалиме и им зборуваме на другите за него (Евреите 13:15). Всушност, една од најголемите заповеди што им е дадена на вистинските христијани е налогот да ја проповедаат добрата вест (Матеј 24:14). Ние спремно ја слушаме оваа заповед затоа што го сакаме Јехова. Кога ќе помислиме како „богот на овој свет“, Сатана Ѓаволот, „ги заслепил неверничките умови“ сеејќи злобни лаги за Јехова, зарем не сакаме како Сведоци на нашиот Бог од сѐ срце да ги побиеме таквите клевети? (2. Коринќаните 4:4; Исаија 43:10-12). А кога размислуваме за Јеховините прекрасни особини, зарем во нас не навира желба да им кажуваме на другите за него? Навистина, нема поголема чест од тоа да им помагаме на луѓето да го запознаат и да го засакаат нашиот небесен Татко!

17. На кои полиња од нашиот живот се трудиме да го славиме Јехова, и зошто мора да му служиме беспрекорно?

17 Ние се трудиме да го славиме Јехова на секое поле од нашиот живот (Колошаните 3:23). Бидејќи го признаваме како наш Севишен Господар, даваме сѐ од себе за да ја вршиме неговата волја во семејството, на работното место, во односите со другите и во нашето слободно време. Се трудиме да му служиме „со потполно оддадено срце“, односно беспрекорно (1. Летописи 28:9). За да му угодиме на Бог, не смееме да му служиме со поделено срце или да водиме двоен живот. Со други зборови, не смееме да бидеме лицемери и да се преправаме дека му служиме на Јехова, а во тајност да правиме тешки гревови. Беспрекорноста и љубовта се неспоиви со лицемерството. Освен тоа, Библијата покажува дека е неопходно да имаме страхопочит кон Јехова ако сакаме да останеме блиски со него (Псалм 25:14).

Како го следиме примерот на Јехова

18, 19. Зошто може да заклучиме дека, иако сме несовршени, можеме да го следиме примерот на Јехова Бог?

18 Во последното поглавје од секој дел од оваа книга бевме поттикнати ‚да се угледаме на Бог, како негови љубени деца‘ (Ефешаните 5:1). Многу е важно да имаме на ум дека, иако сме несовршени, сепак можеме да се угледаме на Јехова кој совршено ја користи својата моќ, ја спроведува својата правда, постапува во склад со својата мудрост и покажува љубов. Освен тоа, самото Божје име ни открива дека тој станува сѐ што ќе посака за да ги исполни своите намери. Со право му се восхитуваме поради тоа, но од каде знаеме дека навистина е можно да го следиме неговиот пример?

19 Ние сме создадени според Божјиот лик (1. Мојсеева 1:26). Затоа сме поинакви од сите други суштества на Земјата. Ние не се водиме слепо по инстинкт и со нас не управуваат само гените или некои надворешни фактори. Јехова ни дал еден скапоцен дар — слободната волја. Иако сме несовршени и ограничени, можеме сами да избереме какви ќе бидеме. Дали сакаш да бидеш мудра и праведна личност која е полна со љубов и исправно ја користи својата моќ? Со помош на Јеховиниот дух, можеш да станеш токму таков! Замисли колкаво добро можеш да направиш благодарение на тоа.

20. Што може да постигнеме ако го следиме примерот на Јехова?

20 Ако се трудиш да го следиш примерот на својот небесен Татко, ќе го радуваш неговото срце (Изреки 27:11). Ќе можеш дури и ‚потполно да му угодиш‘, бидејќи тој ги разбира твоите ограничувања (Колошаните 1:9, 10). Додека продолжуваш и понатаму да ги развиваш особините што ги има твојот сакан Татко, ќе имаш една неспоредлива можност — да бидеш светлоносец во овој мрачен свет кој е отуѓен од Бог (Матеј 5:1, 2, 14). Така и ти ќе придонесеш да се шири отсјајот на Јеховината величествена личност низ целиот свет. Зарем има поголема чест?

„Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“

Продолжи и понатаму да стануваш сѐ поблизок со Јехова

21, 22. Какво бескрајно патување ги очекува сите оние што го сакаат Јехова?

21 Ова едноставно охрабрување кое е запишано во Јаков 4:8, не е само цел до која треба да стигнеме — тоа е патување. Сѐ додека му остануваме верни на Бог, ова патување ќе нема крај. Никогаш нема да престанеме да се зближуваме со Јехова. Секогаш ќе учиме нови работи за него. Не треба да мислиме дека од оваа книга научивме сѐ за Јехова. Напротив, во неа само го начнавме она што Божјата Реч го кажува за нашиот Бог! А дури ни Библијата не ни открива сѐ што може да се знае за Бог. Апостол Јован рекол дека, доколку биле запишани сите работи што ги направил Исус во текот на својата служба на Земјата, „целиот свет не би можел да ги собере свитоците што би се напишале“ (Јован 21:25). Ако ова важи за Синот, тогаш колку повеќе важи за Таткото!

22 Дури ни вечниот живот нема да ни биде доволен за да научиме сѐ за Јехова (Проповедник 3:11). Замисли си само што нѐ очекува! Откако ќе поминат стотици, илјадници, милиони па дури и милијарди години, ќе знаеме многу повеќе за Јехова отколку што знаеме сега. Сепак, сѐ уште ќе има безброј други прекрасни работи што ќе можеме да ги учиме за него. Никогаш нема да згасне нашата желба уште подобро да го запознаваме бидејќи секогаш ќе се чувствуваме како псалмистот, кој пеел: „Мене ми е добро да бидам близу до Бог“ (Псалм 73:28). Не можеме ни да си замислиме колку ќе биде интересен и исполнет вечниот живот. Сепак, најдоброто од сѐ ќе биде тоа што ќе можеме и понатаму да стануваме уште поблиски со Јехова!

23. Што си решен да правиш?

23 Возврати му на Јехова за неговата љубов уште сега, со тоа што ќе го сакаш со сето свое срце, душа, ум и сила (Марко 12:29, 30). Твојата љубов кон него нека биде верна и постојана. Во сите одлуки што ги донесуваш секој ден, сеедно дали се мали или големи, нека те води истото начело — секогаш избирај го патот кој уште повеќе ќе ти го зацврсти пријателството со твојот небесен Татко. Но, најважно од сѐ, продолжи и понатаму да се зближуваш со Јехова, а и тој нека станува сѐ поблизок со тебе — сега и во сета вечност!