Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 1

Зошто Исус бил голем учител

Зошто Исус бил голем учител

ПРЕД повеќе од две илјади години се родило едно навистина посебно дете и, кога пораснало, тоа станало најголемиот човек што некогаш живеел. Во тоа време немало ниту авиони ниту автомобили. Немало такви работи како телевизори, компјутери и Интернет.

На тоа дете му дале име Исус. Тој станал најмудриот човек што некогаш живеел на земјата. Исто така, Исус станал најдобриот учител. Тој ги објаснувал тешките работи така што можеле лесно да се разберат.

Исус ги поучувал луѓето секаде каде што ги среќавал. Ги поучувал на морскиот брег и во чамците. Ги поучувал во домовите и кога патувал. Исус немал автомобил, а не патувал ни со автобус ни со воз. Одел пешки од место до место, и ги поучувал луѓето.

Ние учиме многу работи од другите луѓе. Но, најважните работи можеме да ги научиме од Големиот Учител, Исус. Зборовите на Исус се наоѓаат во Библијата. Кога ги слушаме тие зборови од Библијата, исто како да ни зборува Исус.

Зошто бил Исус толку Голем Учител? Една причина е тоа што и самиот Исус бил поучуван. А знаел и колку е важно да се слуша. Но, кого го слушал Исус? Кој го поучувал него?— Неговиот Татко. А Исусов Татко е Бог.

Пред да дојде на земјата како човек, Исус живеел на небото со Бог. Значи, Исус се разликувал од другите луѓе бидејќи ниеден друг човек не живеел на небото пред да се роди на земјата. На небото Исус бил добар Син, Син што го слушал својот Татко. Затоа можел да ги поучува луѓето за она што тој го научил од Бог. Ако ги слушаш тато и мама, и ти можеш да бидеш сличен на Исус.

Една друга причина зошто Исус бил Голем Учител е тоа што ги сакал луѓето. Тој сакал да им помогне да научат за Бог. Исус ги сакал возрасните, но ги сакал и децата. А децата сакале да бидат со Исус затоа што тој разговарал со нив и ги слушал.

Зошто децата сакале да бидат со Исус?

Еден ден, некои родители ги довеле своите малечки деца кај Исус. Но, неговите пријатели мислеле дека Големиот Учител е премногу зафатен за да зборува со мали деца. Затоа им рекле да си одат. Но, што рекол Исус?— Тој рекол: „Пуштете ги дечињата да доаѓаат кај мене; не обидувајте се да ги запрете“. Да, Исус сакал дечињата да дојдат кај него. Значи, иако бил многу мудар и важен човек, Исус наоѓал време да ги поучува малите деца (Марко 10:13, 14).

Знаеш ли зошто Исус ги поучувал и ги слушал децата? Една причина е тоа што сакал да ги направи среќни така што им раскажувал за Бог, неговиот небесен Татко. Како можеш ти да ги направиш луѓето среќни?— Ако им кажуваш за она што си го научил за Бог.

Еднаш Исус употребил едно мало дете за да им даде важна поука на своите пријатели. Го зел детето и го ставил меѓу своите ученици. Потоа Исус рекол дека овие возрасни луѓе мораат да се променат и да станат како тоа малечко дете.

Каква поука можат поголемите деца и возрасните да извлечат од едно мало дете?

Што мислел Исус со тоа? Знаеш ли како еден возрасен човек, па дури и едно малку поголемо дете, може да стане како мало дете?— Па, едно мало дете не знае колку што знае постариот и е спремно да учи. Значи, Исус рекол дека неговите ученици треба да бидат понизни, како малите деца. Да, сите ние можеме да научиме многу работи од другите луѓе. И сите треба да сфатиме дека учењата на Исус се поважни од она што го мислиме ние (Матеј 18:1-5).

Друга причина зошто Исус бил толку Голем Учител е тоа што знаел како да им ги направи работите интересни на луѓето. Тој објаснувал на едноставен, јасен начин. Зборувал за птиците и за цвеќињата и за други обични нешта за да им помогне на луѓето да разберат некои работи за Бог.

Еден ден, кога Исус бил на една планинска падина, кај него дошле многу луѓе. Тој седнал и им одржал говор, или проповед, како што можеш да видиш овде. Овој говор е наречен Проповед на гората. Тој рекол: ‚Погледнете ги птиците на небото. Тие не сеат семе. Не собираат храна во амбарите. Но, небесниот Бог ги храни. Зарем вие не вредите повеќе од нив?‘

Каква поука дал Исус кога зборувал за птиците и за цвеќињата?

Исто така, Исус рекол: ‚Научете од полските кринови. Тие растат, а не работат. И гледајте колку се убави! Дури и богатиот цар Соломон не бил облечен поубаво од полските кринови. Па ако Бог се грижи за цвеќињата што растат, зарем нема да се грижи и за вас?‘ (Матеј 6:25-33).

Ја разбираш ли поуката што ја дал Исус?— Тој не сакал да се грижиме за тоа каде ќе најдеме храна за да јадеме или облека за да се облечеме. Бог знае дека сите тие работи ни се потребни. Исус не рекол дека не треба да работиме за храна и за облека. Но, рекол дека треба на прво место да го ставиме Бог. Ако го правиме тоа, Бог ќе се погрижи да имаме храна за да јадеме и облека за да се облечеме. Веруваш ли ти во ова?—

Кога Исус престанал да зборува, што мислеле луѓето?— Библијата вели дека тие биле зачудени од неговиот начин на поучување. Им било многу интересно да го слушаат. Тоа што го рекол им помогнало на луѓето да го прават она што е исправно (Матеј 7:28).

Значи, многу е важно да учиме од Исус. Знаеш ли како можеме да го правиме тоа?— Па, неговите зборови се запишани во една книга. Дали знаеш која е таа книга?— Тоа е Библијата. Ова значи дека можеме да го слушаме Исус ако обрнеме внимание на она што го читаме во Библијата. Всушност, Библијата има една возбудлива приказна за тоа како самиот Бог ни рекол да го слушаме Исус. Да видиме што се случило.

Еден ден, Исус се искачил со тројца свои пријатели на една планина. Тие се викале Јаков, Јован и Петар. Понатаму ќе научиме многу повеќе за овие луѓе, бидејќи сите тројца му биле блиски пријатели на Исус. Но во оваа посебна прилика лицето на Исус почнало силно да свети. А неговата облека станала сјајна како светлина, како што можеш да видиш овде.

„Ова е мојот Син . . . него слушајте го“

Тогаш Исус и неговите пријатели чуле глас од небото. Тој глас рекол: „Ова е мојот Син, љубениот, кого го одобрив; него слушајте го“ (Матеј 17:1-5). Знаеш ли чиј бил тој глас?— Тоа бил гласот на Бог! Да, Бог бил тој што рекол дека треба да го слушаат неговиот Син.

А како е со нас денес? Дали ќе му бидеме послушни на Бог и дали ќе го слушаме неговиот Син, Големиот Учител?— Сите ние треба да го правиме тоа. Се сеќаваш ли како?—

Да, можеме да го слушаме Божјиот Син ако ги читаме библиските извештаи за неговиот живот. Големиот Учител има да ни каже многу прекрасни работи. Ќе уживаш додека учиш за тие работи што се запишани во Библијата. А ќе бидеш среќен и ако добрите работи што ги учиш им ги кажуваш на твоите другарчиња.

За додатни убави мисли во врска со добрите работи од тоа што го слушаме Исус, отвори ја твојата Библија и прочитај Јован 3:16; 8:28-30 и Дела 4:12.