Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 23

Зошто луѓето се разболуваат

Зошто луѓето се разболуваат

ПОЗНАВАШ ЛИ некој што е болен?— Веројатно некогаш и ти се разболуваш. Може да настинеш или да те боли стомакот. Некои луѓе се многу болни. Не можат дури ни да станат ако некој не им помогне. Ова често се случува кога луѓето се многу стари.

Сите понекогаш се разболуваме. Знаеш ли зошто луѓето се разболуваат, стареат и умираат?— Еден ден, кај Исус довеле еден човек што не можел да оди, и Исус покажал зошто луѓето се разболуваат и умираат. Сега ќе ти раскажам за тоа.

Исус престојувал во една куќа во еден град близу до Галилејското Море. Мноштво луѓе дошле да го видат. Дошле толку многу луѓе што немало повеќе место други да влезат во куќата. Никој не можел дури ни да се приближи до вратата. Сепак, луѓето продолжиле да доаѓаат! Една група донела парализиран човек што не можел ни да оди. Биле потребни четворица мажи за да го носат на едно креветче, односно носилка.

Знаеш ли зошто сакале да го донесат овој болен човек кај Исус?— Имале вера дека Исус може да му помогне. Верувале дека Исус може да го излекува од таа болест. Знаеш ли како успеале да го доведат тој парализиран човек кај Исус и покрај сите тие луѓе во куќата?—

Па, сликата што ја гледаш овде покажува како го направиле тоа. Прво, го качиле човекот на покривот. Тоа бил рамен покрив. Потоа, во него направиле една голема дупка. На крајот, низ таа дупка го спуштиле болниот човек на носилката право во собата. Колкава само вера имале тие!

Сите луѓе во куќата се изненадиле кога виделе што се случува. Парализираниот човек на носилката бил спуштен токму среде нив. Дали Исус се налутил кога видел што направиле овие луѓе?— Се разбира, не! Му било драго што видел дека имаат вера. Исус му рекол на парализираниот човек: „Простени ти се гревовите“.

Што му рекол Исус на парализираниот човек да направи?

Некои од луѓето мислеле дека не е во ред што Исус го кажал тоа. Мислеле дека Исус не може да простува гревови. Тогаш, за да покаже дека навистина може да го прави тоа, Исус му рекол на човекот: „Стани, земи си ја носилката и оди си дома“.

Кога Исус го рекол тоа, човекот бил излекуван! Веќе не бил парализиран. Сега можел сам да стане и да оди. Луѓето што го виделе ова чудо биле вчудовидени. Никогаш во животот не виделе нешто толку чудесно! Тие го фалеле Јехова што им го дал овој Голем Учител, кој можел дури и да ги лекува луѓето од нивните болести (Марко 2:1-12).

Што учиме од ова чудо?

Што учиме ние од ова чудо?— Учиме дека Исус има моќ да ги простува гревовите и да ги оздравува болните. Но, учиме и нешто друго, нешто многу важно. Учиме дека луѓето се разболуваат поради гревот.

Со оглед на тоа што сите ние понекогаш се разболуваме, дали ова значи дека сите сме грешници?— Да, Библијата кажува дека сите ние сме родени со грев. Знаеш ли што значи да се биде роден со грев?— Тоа значи дека сме родени како несовршени. Понекогаш ги правиме работите погрешно, иако не сакаме. Знаеш ли како дошло до тоа сите ние да имаме грев?—

Сме се родиле со грев затоа што првиот човек Адам не го послушал Бог. Направил грев кога го прекршил Божјиот закон. А од Адам сите ние сме добиле грев. Дали знаеш како сме го добиле нашиот грев од него? Да пробам да ти го објаснам тоа на начин што ќе можеш да го разбереш.

Како дошло до тоа сите ние да имаме грев?

Можеби си видел како некој пече леб или тесто за торта во тепсија. Што ќе се случи со тестото ако во тепсијата има вдлабнатина? Знаеш ли?— Истиот тој знак, или вдлабнатина, ќе се види на сите теста што ќе ги испечеш во таа тепсија, нели?—

Адам бил како таа тепсија, а ние сме како тестото. Кога го прекршил Божјиот закон, тој станал несовршен. Тоа било како да добил вдлабнатина, односно лош знак. Затоа, кога му се родиле деца, какви биле тие?— Сите негови деца го добиле истиот знак на несовршеност.

Повеќето деца не се раѓаат со некоја голема несовршеност што може да ја видиш. Не им фали ни рака ни нога. Но, несовршеноста што ја имаат е доволно сериозна за да се разболат и, со текот на времето, да умрат.

Се разбира, некои луѓе се разболуваат почесто од други. Зошто е така? Дали затоа што се родиле со поголем грев?— Не, секој се раѓа со иста мера грев. Сите сме родени како несовршени. Па затоа, порано или подоцна, секој ќе се разболи од некоја болест. Дури и луѓето што се трудат да им бидат послушни на сите Божји закони и што не прават ништо многу лошо можат да се разболат.

Какво здравје ќе имаме кога ќе го снема нашиот гревот?

Тогаш, зошто некои се разболуваат почесто од другите?— Има многу причини. Можеби немаат доволно храна за јадење. Или, можеби не јадат исправна храна. Можеби јадат премногу торти и чоколади. Друга причина може да биде тоа што си легнуваат многу доцна навечер и не спијат доволно. Или, можеби не се облекуваат доволно пред да излезат надвор кога студи. Телата на некои луѓе се премногу слаби и тие не можат да се борат со болеста, па дури и ако се трудат да се грижат за себеси.

Дали некогаш ќе дојде време кога нема да се разболуваме? Дали некогаш гревот ќе го снема?— Па, што направил Исус за парализираниот човек?— Исус му ги простил гревовите и го излекувал. Со тоа Исус покажал што ќе направи еден ден за сите оние што навистина се трудат да го прават она што е исправно.

Ако покажуваме дека не сакаме да грешиме и дека го мразиме она што е неисправно, Исус ќе нѐ излекува. Во иднина, тој ќе ја отстрани од нас несовршеноста што сега ја имаме. Тоа ќе го направи како Цар на Божјето Царство. Гревот нема одеднаш да биде тргнат од нас. Ќе биде отстрануван низ еден временски период. Тогаш, кога нашиот грев конечно ќе го снема, веќе никогаш нема да се разболуваме. Сите ќе имаме совршено здравје. Каков само благослов ќе биде тоа!

За повеќе мисли во врска со тоа како гревот влијае врз сите нас, прочитај Јов 14:4; Псалм 51:5, Римјаните 3:23; 5:12 и 6:23.