Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 30

Помош за да го победиме нашиот страв

Помош за да го победиме нашиот страв

ДАЛИ ти е лесно да му служиш на Јехова?— Големиот Учител не рекол дека ќе биде лесно. Ноќта пред да биде убиен, Исус им рекол на своите апостоли: „Ако светот ве мрази, знајте дека мене ме мразеше пред да ве мрази вас“ (Јован 15:18).

Петар се фалел дека никогаш нема да го остави Исус, но Исус рекол дека истата таа ноќ Петар трипати ќе рече дека не го познава. Петар го направил токму тоа! (Матеј 26:31-35, 69-75). Како можело да се случи вакво нешто?— Се случило затоа што Петар се исплашил, а се исплашиле и другите апостоли.

Дали знаеш зошто апостолите се исплашиле?— Тие пропуштиле да направат нешто многу важно. Тоа што ќе дознаеме што било ова може да ни помогне да му служиме на Јехова без оглед на тоа што некој би можел да ни го рече или да ни го направи. Но, најпрвин, треба да видиме што се случило последната ноќ која Исус ја поминал со своите апостоли.

Прво, тие ја прославуваат Пасхата заедно. Ова бил еден посебен оброк што се одржувал секоја година за да го потсети Божјиот народ дека бил избавен од ропството во Египет. Потоа, Исус со нив воспоставува еден друг посебен оброк. За тоа ќе зборуваме во едно наредно поглавје и ќе објасниме како тој оброк ни помага да се сеќаваме на Исус. По тој оброк и по зборовите на охрабрување што им ги кажува на апостолите, Исус ги води во градината Гетсиманија. Ова им е омилено место што често го посетуваат.

Во градината, Исус малку се оддалечува од другите за да може да се моли насамо. Тој им кажува и на Петар, Јаков и на Јован да се молат. Но, тие заспиваат. Трипати Исус се оддалечува за да се моли насамо, и трипати кога се враќа, ги наоѓа Петар и другите како спијат! (Матеј 26:36-47). Знаеш ли зошто требало да останат будни за да се молат?— Ајде да позборуваме за ова.

Зошто Петар, Јаков и Јован требало да останат будни?

Малку порано таа вечер, Јуда Искариот бил на Пасхата со Исус и со другите апостоли. Како што можеби се сеќаваш, Јуда станал крадец. Сега станува предавник. Тој го знае местото во градината Гетсиманија каде што Исус често се состанувал со своите апостоли. Па така, Јуда носи војници таму за да го уапсат Исус. Кога стигнуваат, Исус ги прашува: „Кого барате?“

Војниците одговараат: „Исус“. Исус не се плаши, па затоа им вели: „Јас сум тој“. Војниците се толку изненадени од храброста на Исус што се повлекуваат назад и паѓаат на земја. Потоа, Исус вели: ‚Ако ме барате мене, пуштете ги моите апостоли да си одат‘ (Јован 18:1-9).

Кога војниците го зграпчуваат Исус и го врзуваат, апостолите ги фаќа страв и бегаат. Но, Петар и Јован сакаат да видат што се случува, па затоа го следат оддалеку. На крајот, Исус го водат во домот на Кајафа, првосвештеникот. Затоа што првосвештеникот се познава со Јован, вратарката ги пушта него и Петар да влезат во дворот.

Свештениците веќе се собрани за судење во домот на Кајафа. Тие сакаат Исус да биде убиен. Затоа донесуваат сведоци што кажуваат лаги за него. Луѓето му удираат на Исус тупаници и шлаканици. Додека се случува сето ова, Петар е во близина.

Една слугинка, вратарката што ги пуштила Петар и Јован да влезат, го забележува Петар. „И ти беше со Исус!“, вели таа. Но, Петар одрекува дури и дека го познава Исус. По некое време, една друга девојка го препознава Петар и им вели на оние што стојат таму: „Овој човек беше со Исус“. Петар повторно одрекува дека го познава. Нешто подоцна, една група луѓе го здогледуваат Петар и му велат: „И ти си сигурно еден од нив“. По третпат, Петар одрекува, велејќи: „Не го познавам човекот!“ Петар дури и се колне дека ја кажува вистината, а Исус се свртува и го погледнува (Матеј 26:57-75; Лука 22:54-62; Јован 18:15-27).

Зошто Петар толку многу се исплашил што излажал дека не го познава Исус?

Дали знаеш зошто Петар излажал?— Да, затоа што се исплашил. Но, зошто се исплашил? Што пропуштил да направи за да развие храброст? Размисли за тоа. Што сторил Исус за да стекне храброст?— Му се молел на Бог, и Бог му помогнал да има храброст. И сети се, Исус трипати му рекол на Петар да се моли и да остане буден и да бдее. Но, што се случило?—

Секојпат, Петар заспивал. Тој не се молел и не бдеел. Затоа бил фатен неспремен кога Исус бил уапсен. Подоцна, на судењето, кога го удирале Исус и правеле планови да биде убиен, Петар многу се исплашил. А само неколку часа пред тоа, што им рекол Исус на апостолите да очекуваат?— Исус им рекол дека исто како што светот го мразел него, ќе ги мрази и нив.

Како би можел да се најдеш во ситуација слична на онаа во која се нашол Петар?

Сега, да размислиме за нешто што би можело да ни се случи нам, исто како што му се случило на Петар. Замисли си дека си во училница и другите почнуваат да кажуваат лоши работи за луѓето што не го поздравуваат знамето или што не го слават Божиќ. Што ако тогаш некој се сврти кон тебе и те праша: „Точно ли е дека ти не го поздравуваш знамето?“ Или други велат: „Слушнавме дека не го славиш ни Божиќ!“ Ќе ти биде ли страв да ја кажеш вистината?— Дали ќе бидеш искушан да излажеш, како што направил Петар?—

По тоа, на Петар му било многу жал што одрекол дека го познава Исус. Кога сфатил што направил, тој излегол надвор и заплакал. Да, се вратил кај Исус (Лука 22:32). Размисли сега. Што може да ни помогне да не се уплашиме толку многу што ќе кажеме нешто слично на она што го рекол Петар?— Сети се, Петар пропуштил да се моли и да бдее. Па, што ќе кажеш, што треба да правиме за да бидеме ученици на Големиот Учител?—

Без сомнение, треба да му се молиме на Јехова за помош. Кога Исус се молел, дали знаеш што направил Бог за него?— Испратил ангел за да го зајакне (Лука 22:43). Можат ли Божјите ангели да ни помогнат и на нас?— Библијата вели: „Господов ангел се настанува околу оние што се бојат од Него, и ги избавува“ (Псалм 34:7). Но, за да добиеме Божја помош, треба да правиме повеќе отколку само да се молиме за неа. Дали знаеш што друго треба да правиме?— Исус им рекол на своите ученици да бидат будни и да бдеат. Што мислиш, како можеме ние да го правиме тоа?—

Треба внимателно да слушаме што се зборува на нашите христијански состаноци и да обрнуваме внимание на она што го читаме од Библијата. Но, треба и редовно да му се молиме на Јехова и да бараме да ни помага да му служиме. Ако го правиме тоа, ќе добиеме помош да го победиме нашиот страв. Тогаш ќе бидеме среќни кога ќе имаме прилика да им кажуваме на другите за Големиот Учител и за неговиот Татко.

Овие стихови можат да ни помогнат никогаш да не дозволиме стравот од другите луѓе да нѐ спречи да го правиме она што е исправно: Пословици 29:25; Еремија 26:12-15, 20—24 и Јован 12:42, 43.