Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 31

Каде да се најде утеха

Каде да се најде утеха

ДАЛИ понекогаш се чувствуваш тажно и осамено?— Се прашуваш ли некогаш дали некој те сака?— Некои деца си мислат така. Но, Бог ветува: „Јас нема да те заборавам тебе“ (Исаија 49:15). Зарем не е прекрасно кога ќе помислиме на тоа?— Да, Јехова Бог навистина нѐ сака!

Што мислиш, како се чувствува оваа мала загубена овца?

Еден библиски писател рекол: „Ако татко ми и мајка ми ме остават, Господ ќе ме прими“ (Псалм 27:10). Тоа што го знаеме ова може да биде вистинска утеха за нас, нели?— Да, Јехова ни вели: ‚Не плаши се, зашто Јас сум со тебе . . . Јас ќе ти помагам‘ (Исаија 41:10).

Но, понекогаш Јехова дозволува Сатана да ни прави проблеми. Јехова му дозволува на Сатана дури и да ги испита Неговите слуги. Еднаш Ѓаволот направил Исус толку многу да страда што Исус повикал кон Јехова: „Боже мој, Боже мој, зошто си ме оставил?“ (Матеј 27:46). Иако страдал, Исус знаел дека Јехова го сака (Јован 10:17). Но, Исус исто така знаел дека Бог дозволува Сатана да ги испита Неговите слуги и дека му допушта на Сатана да прави тие да страдаат. Во едно друго поглавје ќе објасниме зошто Бог му го дозволува ова на Сатана.

Кога сме мали, понекогаш е тешко да не се плашиме. На пример, дали некогаш си се загубил?— Ти беше ли страв?— На многу деца би им било страв. Големиот Учител еднаш кажал една приказна за некој што се загубил. Но, тоа што се загубило не било дете. Се загубила една овца.

На некој начин, ти си како овца. Зошто може да се каже така? Па, овците не се ни многу големи ни многу силни. И, ним им треба некој да се грижи за нив и да ги заштитува. Човекот што се грижи за овците се вика овчар, или пастир.

Во својата приказна, Исус раскажал за еден пастир што имал сто овци. Но, потоа, една од овците се загубила. Можеби сакала да види што има од другата страна на ридот. Но, за кратко време, таа овца се нашла далеку од другите. Можеш ли да си замислиш како се чувствувала кога погледнала наоколу и видела дека е сосема сама?—

Што ќе направи пастирот кога ќе види дека таа овца му ја нема? Дали ќе си рече дека овцата и така сама си е крива, па затоа нема потреба тој да ја мисли или, пак, ќе ги остави оние 99 овци на сигурно место и ќе оди да ја бара само таа една што се изгубила? Дали вреди толкав труд за само една овца?— Да беше ти таа загубена овца, дали ќе сакаше пастирот да те бара?—

Кој е како пастирот што ја спасил својата овца?

Пастирот многу ги сакал сите свои овци, па дури и таа што се загубила. Затоа, отишол да ја бара таа што ја немало. Замисли си колку само била среќна таа загубена овца кога видела дека доаѓа пастирот! А Исус рекол дека и пастирот се израдувал што ја нашол својата овца. Ѝ се радувал повеќе на неа отколку на тие 99 овци што не се загубиле. Е сега, кој е како пастирот во Исусовата приказна? Кој се грижи за нас исто колку што тој пастир се грижел за својата овца?— Исус рекол дека тоа е неговиот Татко на небото. А негов Татко е Јехова.

Јехова Бог е големиот Пастир на својот народ. Тој ги сака сите што му служат, вклучувајќи ги и малите како тебе. Тој не сака некој од нас да биде повреден или уништен. Колку само е прекрасно што знаеме дека Бог толку многу се грижи за нас! (Матеј 18:12-14).

Дали Јехова ти е толку вистински колку што ти е вистински тато или некој друг?

Дали ти навистина веруваш во Јехова Бог?— Дали е тој за тебе вистинска личност?— Точно е дека ние не можеме да го видиме Јехова, затоа што тој е Дух. Тој има тело што е невидливо за нашите очи. Но, тој е вистинска личност, и може да нѐ види нас. Знае кога ни треба помош. И, можеме да зборуваме со него во молитва, исто како што зборуваме со некоја друга личност на земјата. Јехова сака да зборуваме со него.

Затоа, ако некогаш се чувствуваш тажно или осамено, што треба да направиш?— Зборувај со Јехова. Приближи му се, и тој ќе те утеши и ќе ти помогне. Не заборавај дека Јехова те сака, дури и тогаш кога се чувствуваш како да си сосема сам. Да ја земеме нашата Библија. Овде, во 23. Псалм, почнувајќи од 1. стих, се вели: „Господ е Пастир мој; ништо нема да ми недостасува. На зелени пасишта Тој ми дава починка; при тивки води — ме води“.

Забележи што додава писателот, во 4. стих: „Ако тргнам и низ долината на смртната сенка, нема да се уплашам од злото, зашто Ти си со мене. Твојот жезал и Твојата палка ме утешуваат“. Вака се чувствуваат луѓето ако нивни Бог е Јехова. Тие наоѓаат утеха кога се во неволја. А ти, се чувствуваш ли вака?—

Како што еден пастир полн со љубов се грижи за своето стадо така и Јехова добро се грижи за својот народ. Им го покажува правиот пат по кој треба да одат, и тие со радост го следат. Дури и кога околу нив има неволји, тие не треба да се плашат. Пастирот го користи својот жезал, т.е. стап или палка, т.е. прачка за да ги штити овците од животни што би можеле да ги повредат. Библијата ни кажува како младиот пастир Давид ги заштитил своите овци од лав и од мечка (1. Самоил 17:34-36). Божјиот народ знае дека Јехова и него ќе го заштити. Може да се чувствува сигурен затоа што Бог е со него.

Исто како што еден пастир ги штити своите овци, кој може да ни помогне кога сме во неволја?

Јехова навистина ги сака своите овци, и нежно се грижи за нив. Библијата вели: ‚Како пастир ќе ги води своите овци. Со своите раце ќе ги собере малечките‘ (Исаија 40:11).

Зарем не се чувствуваш убаво што знаеш дека Јехова е таков?— Сакаш ли да бидеш една од неговите овци?— Овците го слушаат гласот на својот пастир. Тие остануваат близу до него. Дали ти го слушаш Јехова?— Дали остануваш близу до него?— Тогаш, не треба никогаш да се плашиш. Јехова ќе биде со тебе.

Јехова со љубов се грижи за оние што му служат. Да прочитаме заедно што вели Библијата за тоа во Псалм 37:25; 55:22 и Лука 12:29-31.