Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 33

Исус може да нѐ заштити нас

Исус може да нѐ заштити нас

Како гледаш на Исус — како на моќен Цар или како на беспомошно бебе?

КОГА Исус пораснал и дознал како бил заштитен додека бил мал, дали мислиш дека му се помолил на Јехова и му се заблагодарил?— Што мислиш, што можеби им рекол Исус на Марија и на Јосиф подоцна, кога дознал дека тие му го спасиле животот со тоа што го однеле во Египет?—

Се разбира, Исус веќе не е бебе. Веќе не ни живее на земјата како некогаш. Но, дали си забележал дека денес некои луѓе изгледа си го замислуваат Исус само како едно бебе во јасли?— Ова е очигледно на Божиќ, кога на многу места можат да се видат слики на Исус како бебе.

Иако Исус веќе не живее на земјата, дали веруваш дека тој е жив?— Да, тој бил подигнат од мртвите, и сега е моќен Цар на небото. Што мислиш, што може да направи тој за да ги заштити оние кои му служат?— Па, кога бил на земјата, Исус покажал како може да ги заштити оние што го сакаат. Ајде да видиме како го сторил тоа еден ден кога бил во чамец со своите ученици.

Доцна попладне е. Исус поучувал цел ден покрај Галилејското Море, кое е едно големо езеро долго околу 20 километри и широко 12 километри. Сега тој им вели на своите ученици: „Да преминеме на другата страна од езерото“. Така, седнуваат в чамец и почнуваат да пловат кон другата страна на езерото. Исус е многу уморен, па затоа оди во задниот дел од чамецот и си легнува на една перница. Наскоро цврсто заспива.

Што им вели Исус на ветрот и на брановите?

Учениците остануваат будни за да го одржуваат правецот на чамецот. Едно време сѐ е во ред, но потоа почнува да дува силен ветар. Тој дува сѐ посилно и посилно, а брановите стануваат сѐ поголеми. Брановите почнуваат да го заплиснуваат чамецот и тој почнува да се полни со вода.

Учениците се плашат дека ќе потонат. Но, Исус не се плаши. Тој сѐ уште спие во задниот дел од чамецот. Најпосле учениците го будат и му велат: ‚Учителе, Учителе, спаси нѐ; ќе изгинеме во оваа бура‘. Тогаш Исус станува и им прозборува на ветрот и на брановите: „Молкни! Заќути!“ — вели тој.

Ветрот веднаш престанува да дува, а езерото се смирува. Учениците се вчудовидени. Никогаш порано не виделе такво нешто. Почнуваат да си велат еден на друг: „Кој е всушност овој, зашто им наредува дури и на ветровите и на водата, и тие го слушаат?“ (Лука 8:22-25; Марко 4:35-41).

Дали знаеш ти кој е Исус?— Дали знаеш од каде ја добива својата голема моќ?— Учениците не требало да се плашат кога Исус бил со нив, затоа што тој не бил обичен човек. Можел да прави зачудувачки работи што не можел да ги прави ниеден друг човек. Да ти кажам и уште нешто што направил тој еднаш на бурно море.

Тоа се случува малку подоцна, еден друг ден. Кога се стемнува, Исус им вели на своите ученици да се качат во чамецот и да тргнат пред него кон другата страна на морето. Потоа Исус се качува сам на една планина. Тоа е едно мирно место каде што може да му се моли на својот Татко, Јехова Бог.

Учениците се качуваат во чамецот и почнуваат да пловат кон другата страна на морето. Но, наскоро почнува да дува ветар. Дува сѐ посилно и посилно. Веќе е ноќ. Луѓето го спуштаат едрото и почнуваат да веслаат. Но, не стигнуваат далеку бидејќи силниот ветар дува наспроти нив. Чамецот се лула лево-десно во високите бранови и се полни со вода. Луѓето многу се мачат да стигнат до брегот, но не можат.

Исус е сѐ уште сам на планината. Таму е веќе долго време. Но, сега гледа дека неговите ученици се во опасност во високите бранови. Затоа се спушта од планината до морскиот брег. Исус сака да им помогне на своите ученици, и тргнува да оди кон нив по бурното море!

Што ќе се случи ако ти пробаш да одиш по вода?— Ќе пропаднеш, и може да се удавиш. Но, Исус е поинаков. Тој има посебна моќ. Исус треба долго да оди за да дојде до чамецот. Па така, речиси почнува да се разденува кога учениците гледаат како Исус доаѓа кон нив по водата. Но, не можат да поверуваат во она што го гледаат. Тие се преплашени, и извикуваат од страв. Тогаш Исус им вели: „Бидете храбри, јас сум; не плашете се“.

Зошто Исус правел чуда?

Веднаш штом Исус влегува во чамецот, бурата престанува. Учениците се повторно вчудовидени. Тие паѓаат на колена пред Исус и велат: „Навистина, ти си Божји Син“ (Матеј 14:22-33; Јован 6:16-21).

Зар не би било прекрасно да сме живееле во тоа време и да сме виделе како Исус прави такви работи?— Дали знаеш зошто Исус правел такви чуда?— Затоа што ги сакал своите ученици и сакал да им помогне. Но, тој ги направил тие чуда и за да ја покаже големата моќ што ја имал и која ќе ја употреби во иднина како Владетел на Божјето Царство.

Како Исус ги заштитува своите ученици денес?

Дури и денес Исус често ја користи својата моќ за да ги заштити своите ученици од обидите на Сатана да ги спречи да им кажуваат на другите за Божјето Царство. Но, Исус не ја користи својата моќ за да ги заштити да не се разболат или за да ги излекува кога се болни. Дури и сите апостоли на Исус на крајот умреле. Јаков, братот на Јован, бил убиен, а Јован бил ставен во затвор (Дела 12:2; Откровение 1:9).

Слично е и денес. Сеедно дали му служат на Јехова или не, луѓето можат да се разболат и да умрат. Но, наскоро, за време на владеењето на Исус како Цар на Божјата влада, работите ќе бидат поинакви. Тогаш никој веќе нема да се плаши затоа што Исус ќе ја користи својата моќ за благослов на сите што му се послушни (Исаија 9:6, 7).

Други стихови што ја покажуваат големата моќ на Исус, оној кого Бог го поставува за Владетел на Божјето Царство, се наоѓаат во Даниел 7:13, 14; Матеј 28:18 и Ефешаните 1:20-22.