Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 36

Кои ќе бидат воскреснати? Каде ќе живеат?

Кои ќе бидат воскреснати? Каде ќе живеат?

ВО ПОСЛЕДНИТЕ две поглавја, за колку луѓе читавме дека воскреснале?— За пет. Колку од нив биле деца?— Три. За четвртиот се вели дека бил младич. Според тебе, што покажува ова?—

Па, тоа покажува дека Бог ги сака младите. Но, тој ќе воскресне и многу други. Дали Бог ќе ги воскресне само оние што правеле добро?— Можеби ќе си помислиме така. Сепак, многу луѓе никогаш не ја дознале вистината за Јехова Бог и за неговиот Син. Па така, го правеле она што е лошо затоа што биле поучени да прават погрешни работи. Што мислиш, дали Јехова ќе воскресне такви луѓе?—

Библијата вели: „Ќе има воскресение и на праведните и на неправедните“ (Дела 24:15). Зошто ќе бидат воскреснати оние што не биле праведни, или што не го правеле она што било исправно?— Затоа што тие никогаш немале прилика да учат за Јехова и за она што тој сака луѓето да го прават.

Зошто Бог ќе воскресне некои што не го правеле она што е исправно?

Што мислиш, кога ќе бидат воскреснати луѓето?— Ајде да се вратиме наназад. Кога Лазар умрел, Исус ѝ ветил на неговата сестра Марта: „Твојот брат ќе стане“. Марта одговорила: „Знам дека ќе стане при воскресението во последниот ден“ (Јован 11:23, 24). Што мислела Марта кога рекла дека Лазар ќе стане во „последниот ден“?—

Каде е Рајот за кој Исус му зборува на човекот?

Па, Марта чула за ветувањето што го дал Исус: ‚Сите оние што се во спомен-гробовите ќе излезат‘ (Јован 5:28, 29). Значи, „последниот ден“ е кога сите што се во Божјето сеќавање ќе бидат вратени во живот. Овој последен ден не е ден од 24 часа. Тој ќе трае илјада години. Библијата вели дека во тој ден ‚Бог ќе им суди на луѓето на земјата‘. И воскреснатите ќе бидат меѓу оние што тој ќе ги суди (Дела 17:31; 2. Петрово 3:8).

Помисли само колку прекрасен ден ќе биде тоа! Во текот на овој ден од илјада години, милиони луѓе што умреле ќе бидат вратени во живот. Местото каде што ќе бидат вратени во живот Исус го нарекува Рај. Да видиме каде ќе биде Рајот и како ќе биде таму.

Околу три часа пред да умре на маченички столб, Исус зборува за Рај со еден човек на столбот до него. Овој човек е казнет со смрт поради злосторствата што ги направил. Но, додека го гледа Исус и слуша што зборуваат за Него, овој злосторник почнува да верува во Исус. Па затоа вели: „Сети се на мене кога ќе дојдеш во своето царство“. Исус одговара: „Навистина ти велам денес: Ќе бидеш со мене во Рајот“ (Лука 23:42, 43).

Кога читаме за Рајот, што треба да си замислиме?

Што сакал Исус да каже со ова? Каде е Рајот?— Размисли. Каде бил Рајот во почетокот?— Сети се, на првиот човек Адам и на неговата жена, Бог им дал да живеат во рај токму овде, на земјата. Тој бил наречен градината Еден. Во таа градина имало животни, но тие не биле опасни. Имало и дрвја со многу вкусни плодови, како и една голема река. Тоа било прекрасно место за живеење! (Битие 2:8-10).

Значи, кога читаме дека овој злосторник ќе биде во Рај, треба во мислите да си ја претставиме целата земја претворена во прекрасно место за живеење. Дали, во Рајот, Исус ќе биде токму овде, на земјата, со поранешниот злосторник?— Не. Знаеш ли зошто нема да биде тука?—

Затоа што Исус ќе биде на небото од каде што ќе владее како Цар над Рајот на земјата. Значи, Исус ќе биде со овој човек во таа смисла што ќе го подигне од мртвите и ќе се грижи за неговите потреби. Но, зошто Исус ќе му дозволи на еден поранешен злосторник да живее во Рајот?— Ајде да видиме дали можеме да откриеме.

Дали злосторникот знаел за Божјите намери пред да разговара со Исус?— Не. Тој правел лоши работи затоа што не ја знаел вистината за Бог. Во Рајот ќе биде поучен за Божјите намери. Тогаш ќе има прилика да докаже дека навистина го сака Бог со тоа што ќе ја врши Неговата волја.

Дали сите што ќе воскреснат ќе живеат во Рајот на земјата?— Не. Знаеш ли зошто?— Затоа што некои ќе бидат воскреснати за да живеат со Исус на небото. Тие ќе владеат како цареви со него над рајската земја. Да видиме од каде го знаеме тоа.

Ноќта пред да умре, Исус им вели на своите апостоли: ‚Во домот на мојот татко на небото има многу места за живеење, и јас одам да ви подготвам место‘. Потоа Исус им ветува: „Повторно ќе дојдам и ќе ве примам дома кај себе, и вие да бидете таму каде што сум јас“ (Јован 14:2, 3).

Каде оди Исус откако е воскреснат?— Да, назад на небото за да биде со својот Татко (Јован 17:4, 5). Значи Исус им ветува на своите апостоли и на другите ученици дека ќе ги воскресне за да можат да бидат со него на небото. Што ќе прават тие со Исус таму?— Библијата вели дека неговите ученици што ќе воскреснат при „првото воскресение“ ќе живеат на небото и ќе владеат над земјата „како цареви со него илјада години“ (Откровение 5:10; 20:6; 2. Тимотеј 2:12).

Колкумина ќе воскреснат при „првото воскресение“ и ќе владеат со Исус како цареви?— Исус им рекол на своите ученици: „Не плаши се, мало стадо, зашто вашиот Татко нашол за добро да ви го даде царството“ (Лука 12:32). Бројот на оние од ова „мало стадо“, кои ќе бидат воскреснати за да бидат со Исус во неговото небесно Царство, е точно одреден. Библијата покажува дека „сто четириесет и четири илјади“ се воскреснати од земјата (Откровение 14:1, 3).

Каде ќе живеат воскреснатите, и што ќе прават?

Колкумина ќе живеат во Рајот на земјата?— Библијата не кажува. Но, Бог им рекол на Адам и на Ева додека биле во градината Еден да имаат деца и да ја наполнат земјата. Точно, тие не го сториле тоа. Но, Бог ќе се погрижи да биде извршена неговата намера — земјата да биде наполнета со добри луѓе (Битие 1:28; Исаија 45:18; 55:11).

Замисли си само колку ќе биде прекрасно да се живее во Рај! Целата земја ќе стане како парк. Таа ќе врие од птици и животни и ќе ја разубавуваат секакви дрвја и цвеќиња. Никој нема да има болки затоа што е болен и никој нема да мора да умре. Секој ќе биде пријател со секого. Ако сакаме да живееме засекогаш во Рајот, сега е време да се подготвуваме за него.

Прочитај повеќе за Божјата намера со земјата во Пословици 2:21, 22; Проповедник 1:4; Исаија 2:4; 11:6-9; 35:5, 6 и 65:21—24.