Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 38

Зошто треба да го сакаме Исус

Зошто треба да го сакаме Исус

ЗАМИСЛИ СИ дека си во чамец што тоне. Ќе сакаш ли некој да те спаси?— Што ако некој си го даде својот сопствен живот за да те спаси?— Всушност, Исус Христос го направи тоа. Како што научивме во 37. поглавје, тој го дал својот живот како откупнина за ние да бидеме спасени.

Се разбира, Исус не нѐ спасува од давење. Се сеќаваш ли од што нѐ спасува?— Од гревот и од смртта што сите ние сме ги добиле од Адам. Иако некои луѓе правеле многу лоши работи, Исус умрел и за нив. Дали ти би го ризикувал својот живот за да се обидеш да спасиш такви луѓе?—

Библијата вели: „Тешко некој да умре за праведен човек; а за добар човек можеби некој и би се осмелил да умре“. Сепак, Библијата објаснува дека Исус ‚умрел за безбожните луѓе‘. Во нив спаѓаат и луѓето што дури не му ни служат на Бог! Библијата понатаму вели: „Христос умре за нас додека уште бевме грешници [сѐ уште правевме лоши работи]“ (Римјаните 5:6-8).

Знаеш ли кој апостол порано правел многу лоши работи?— Тој апостол напишал: „Христос Исус дојде во светот за да спаси грешници. Од нив прв сум јас“. Апостолот што го кажал ова бил Павле. Тој рекол дека ‚некогаш бил безумен‘ и дека живеел „во злоба“ (1. Тимотеј 1:15; Тит 3:3).

Помисли само колку голема љубов имал Бог за да го испрати својот Син да умре за такви луѓе! Ајде, те молам, земи ја Библијата и да прочитаме во Јован 3. поглавје, 16. стих. Таму вели: „Бог толку многу го љубеше светот [односно, луѓето што живеат на земјата] што го даде својот единороден Син за секој кој практикува вера во него, да не биде уништен, туку да има вечен живот“.

Какви работи претрпел Исус кога го дал својот живот за нас?

Исус докажал дека ја има кон нас истата љубов што ја има Татко му. Можеби се сеќаваш дека во 30. поглавје од оваа книга читавме за некои работи што ги претрпел Исус ноќта кога бил уапсен. Тој бил одведен во домот на првосвештеникот Кајафа, каде што го суделе. Биле доведени лажни сведоци што кажувале лаги за Исус, а луѓето го удирале со тупаници. Тоа било тогаш кога Петар рекол дека не го познава Исус. Ајде сега да си замислиме дека сме токму таму и дека можеме да видиме што друго се случува.

Утро е. Исус бил буден цела ноќ. Затоа што ноќното судење не било исправно, свештениците брзо го свикуваат Синедрионот, или еврејскиот врховен суд, и одржуваат друго судење. Овде повторно го обвинуваат Исус за злосторства против Бог.

Потоа свештениците наредуваат Исус да биде врзан и го водат кај Пилат, римскиот управител. Тие му велат на Пилат: ‚Исус е против владата. Треба да биде убиен‘. Но, Пилат сфаќа дека свештениците кажуваат лаги. Затоа им вели: ‚Не гледам никаква грешка кај овој човек. Ќе го пуштам‘. Но, свештениците и другите извикуваат: ‚Не! Убиј го!‘

Подоцна Пилат повторно се обидува да им каже на луѓето дека ќе го пушти Исус. Но, свештениците ги тераат луѓето да викаат: ‚Ако го пуштиш него, и ти си против владата! Убиј го!‘ Мноштвата луѓе стануваат многу бучни. Знаеш ли што прави Пилат?—

Тој им попушта. Прво наредува да го камшикуваат Исус. Потоа им го дава на војниците за да го убијат. Тие на главата на Исус ставаат круна од трње и го исмејуваат поклонувајќи му се. Потоа му даваат да носи еден голем столб и го водат надвор од градот на едно место што е наречено Место на черепи. Таму му ги приковуваат рацете и нозете на Исус на столбот. Потоа го исправаат столбот така што Исус виси на него. Тој крвари. Болката е многу голема.

Исус не умира веднаш. Тој останува да виси на столбот. Главните свештеници го исмејуваат. Еден минувач вели: „Ако си син Божји, слези од маченичкиот столб!“ Но, Исус знае за што го испратил неговиот Татко. Знае дека мора да го даде својот совршен живот за ние да имаме можност да добиеме вечен живот. На крајот, околу три часот попладне, Исус повикува кон својот Татко и умира (Матеј 26:36—27:50; Марко 15:1; Лука 22:39—23:46; Јован 18:1—19:30).

Колку само се разликувал Исус од Адам! Адам не покажал љубов кон Бог. Тој му бил непослушен на Бог. Не покажал љубов ни кон нас. Затоа што тој згрешил, сите ние се раѓаме со грев. Но, Исус покажал љубов кон Бог и кон нас. Тој секогаш му бил послушен на Бог. И го дал својот живот за да ја отстрани штетата што ни направил Адам.

Што можеме да направиме ние за да покажеме дека го сакаме Исус?

Дали си благодарен за ова прекрасно нешто што го направил Исус?— Кога му се молиш на Бог, дали му заблагодаруваш за тоа што ни го дал својот Син?— Апостол Павле го ценел она што Христос го направил за него. Во врска со Божјиот син, Павле напишал: „Ме љубеше и се предаде себеси за мене“ (Галатите 2:20). Исус исто така умрел и за тебе и за мене. Тој го дал својот совршен живот за да можеме ние да имаме вечен живот! Сигурно дека тоа е силна причина зошто треба да го сакаме Исус.

Апостол Павле им напишал на христијаните во градот Коринт: „Љубовта на Христос нѐ тера на дела“. На какви дела треба да нѐ тера Христовата љубов? Што мислиш ти?— Забележи што одговорил Павле: „Христос умре за сите за тие да живеат за Него. Не треба да живеат за да си угодуваат себеси“ (Курзив од нас; 2. Коринќаните 5:14, 15, New Life Version).

Можеш ли да се сетиш на некои начини со кои ќе покажеш дека живееш за да му угодиш на Христос?— Па, еден начин е да им кажуваш на другите за она што си го научил за него. Или, пак, размисли за ова: Можеби си сам, и мама или тато не можат да видат што правиш, а не може да види ни некој друг човек. Дали ќе гледаш ТВ-програми или можеби ќе гледаш работи на Интернет за кои знаеш дека не му се допаѓаат на Исус?— Не заборавај, Исус сега е жив и може да види сѐ што правиме!

Кој може да гледа сѐ што правиме?

Една друга причина зошто треба да го сакаме Исус е тоа што сакаме да го имитираме Јехова. ‚Таткото ме сака‘, рекол Исус. Дали знаеш зошто Таткото го сака Исус и зошто и ние треба да го сакаме?— Затоа што Исус бил спремен да умре за да се изврши Божјата волја (Јован 10:17). Тогаш, да го правиме она што ни го кажува Библијата: „Станете имитатори на Бог, како љубени деца, и продолжете да одите во љубов, како што и Христос ве љубеше вас и себеси се предаде за вас“ (Ефешаните 5:1, 2).

За да изградиме ценење за Исус и за она што тој го направил за нас, те молам прочитај Јован 3:35; 15:9, 10 и 1. Јованово 5:11, 12.