Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 44

Нашите пријатели треба да го сакаат Бог

Нашите пријатели треба да го сакаат Бог

ПРИЈАТЕЛИ се оние луѓе со кои сакаме да разговараме и со кои сакаме да поминуваме време заедно. Но, важно е нашите пријатели да бидат како што треба. Што мислиш, кој е најдобриот пријател што можеме да го имаме?— Да, Јехова Бог.

Можеме ли навистина да му бидеме пријатели на Бог?— Па, Библијата вели дека Авраам, човек што живеел многу одамна, му бил „пријател на Јехова“ (Јаков 2:23). Знаеш ли зошто?— Библијата одговара дека Авраам му бил послушен на Бог. Бил послушен дури и кога било тешко да го направи она што се барало од него. Значи, за да му бидеме пријатели на Јехова, мораме да го правиме она што го радува, исто како што правел Авраам и како што секогаш правел и Големиот Учител (Битие 22:1-14; Јован 8:28, 29; Евреите 11:8, 17-19).

Зошто Авраам му бил „пријател на Јехова“?

Исус им рекол на своите апостоли: „Вие сте ми пријатели ако го вршите она што ви го заповедам“ (Јован 15:14). Бидејќи сето она што Исус им го зборувал на луѓето дошло од Јехова, Исус сакал да каже дека негови пријатели се оние луѓе што го правеле она што Јехова рекол да го прават. Да, сите негови пријатели го сакале Бог.

Некои од најблиските пријатели на Големиот Учител биле неговите апостоли, чии слики можеш да ги видиш на 75. страница од оваа книга. Тие патувале со него и му помагале да го врши делото на проповедање. Исус поминувал голем дел од своето време со овие луѓе. Тие јаделе заедно. Разговарале за Бог заедно. И заедно правеле многу други работи. Но, Исус имал и многу други пријатели. Тој останувал да поседи на гости кај нив, и убаво си поминувале заедно.

Едно семејство, кај кое Исус сакал да поседи на гости, живеело во гратчето Витанија, недалеку од големиот град Ерусалим. Се сеќаваш ли на нив?— Тоа биле Марија, Марта и нивниот брат Лазар. Исус го нарекол Лазар свој пријател (Јован 11:1, 5, 11). Исус го сакал ова семејство и уживал да биде со него затоа што тоа го сакало Јехова и му служело.

Зошто Исус често останувал да поседи на гости кај ова семејство кога одел во Ерусалим? Им ги знаеш ли имињата?

Ова не значи дека Исус не бил добар со луѓето што не му служеле на Бог. И со нив бил таков. Тој дури одел кај нив дома и јадел со нив. Поради ова некои велеле дека Исус бил „пријател на даночници и на грешници“ (Матеј 11:19). Факт е дека Исус не одел во домовите на овие луѓе затоа што му се допаѓал нивниот начин на живот. Тој одел кај нив за да може да им зборува за Јехова. Се обидувал да им помогне да престанат да прават лоши работи и да му служат на Бог.

Зошто Закхеј се качил на ова дрво?

Вакво нешто се случило еден ден во градот Ерихон. Исус бил само на поминување патувајќи кон Ерусалим. Имало многу луѓе, а меѓу нив бил и еден човек што се викал Закхеј. Тој сакал да го види Исус. Но, Закхеј бил низок, и не можел да го види затоа што пред него имало многу луѓе. Затоа, истрчал напред покрај патот и се качил на едно дрво за да може убаво да види кога ќе поминел Исус.

Кога Исус дошол до тоа дрво, погледнал нагоре и рекол: ‚Побрзај и слези, зашто денес ќе дојдам кај тебе дома‘. Но, Закхеј бил богат човек кој направил многу лоши работи. Зошто Исус сакал да отиде во домот на еден таков човек?—

Тоа не било затоа што на Исус му се допаѓал начинот на којшто живеел тој човек. Отишол таму за да разговара со Закхеј за Бог. Тој видел како тој човек многу се потрудил за да го види. Така знаел дека Закхеј веројатно ќе слуша. Ова било добра прилика да разговара со него за начинот на кој Бог вели дека луѓето треба да живеат.

Зошто Исус оди на гости кај Закхеј, и што ветува Закхеј дека ќе направи?

Па, што гледаме дека се случува сега?— На Закхеј му се допаѓаат учењата на Исус. Многу му е жал затоа што ги мамел луѓето, и ветува дека ќе ги врати парите кои немал право да ги земе. Потоа му станува ученик на Исус. Дури по ова Исус и Закхеј стануваат пријатели (Лука 19:1-10).

Ако учиме од Големиот Учител, дали некогаш ќе одиме кај луѓе што не ни се пријатели?— Да. Но, нема да одиме кај нив дома затоа што ни се допаѓа начинот на кој живеат. И нема да правиме погрешни работи со нив. Ќе одиме кај нив за да разговараме за Бог.

Но, наши блиски пријатели се оние со кои особено сакаме да поминуваме време. За да бидат вистински пријатели, тие мора да бидат онакви какви што сака Бог. Некои можеби дури не ни знаат кој е Јехова. Но, ако сакаат да научат за него, ние можеме да им помогнеме. И тогаш кога ќе го засакаат Јехова како што го сакаме ние, ќе можеме да станеме блиски пријатели.

Има и еден друг начин за да откриеме дали некој може да ни биде добар пријател. Набљудувај ги работите што ги прави тој. Дали на другите луѓе им прави неубави работи и потоа се смее на тоа? Тоа не е како што треба, нели?— Дали секогаш прави бељи? Ние не би сакале да правиме бељи заедно со него, нели?— Дали можеби намерно прави лоши работи и потоа мисли дека е паметен затоа што не го фатиле? Дури и да не го фатиле, Бог видел што сторил тој, зарем не?— Што мислиш, дали луѓето што прават такви работи би биле добри пријатели за нас?—

Може ли да ја земеш Библијата? Ајде да видиме што вели таа за тоа како нашите другари влијаат врз нашиот живот. Отвори во 1. Коринќаните, 15. поглавје, 33. стих. Го најде ли?— Таму вели: „Немојте да се залажувате. Лошите друштва ги расипуваат корисните навики“. Ова значи дека ако се дружиме со лоши луѓе, можеме да станеме лоши. А точно е и тоа дека добрите другари ни помагаат да развиеме добри навики.

Никогаш да не заборавиме дека најважната Личност во нашиот живот е Јехова. Ние не сакаме да си го расипеме пријателството со него, нели?— Затоа, мораме да внимаваме да се спријателуваме само со оние што го сакаат Јехова.

Колку е важно да се има исправен вид другари се гледа во Псалм 119:115; Пословици 13:20; 2. Тимотеј 2:22 и 1. Јованово 2:15.