Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 46

Еден свет е уништен со вода — ќе се случи ли тоа пак?

Еден свет е уништен со вода — ќе се случи ли тоа пак?

ДАЛИ некогаш си чул како некој зборува за крајот на светот?— Денес многу луѓе зборуваат за тоа. Некои мислат дека светот ќе заврши со војна во која луѓето ќе употребат нуклеарни бомби. Што мислиш, дали Бог ќе им дозволи на луѓето да ја уништат нашата прекрасна земја?—

Како што веќе учевме, Библијата зборува за крајот на светот. „Светот поминува“, вели таа (1. Јованово 2:17). Што мислиш, дали крајот на светот ќе значи и крај на земјата?— Не, Библијата вели дека Бог ја направил земјата „за живеење“, да, за луѓето да живеат на неа и да се радуваат (Исаија 45:18). Псалм 37:29 вели: „Праведните ќе ја наследат земјата и ќе живеат довека на неа“. Од таа причина, Библијата исто така вели дека земјата ќе остане засекогаш (Псалм 104:5; Проповедник 1:4).

Ако крајот на светот не значи крај на земјата, тогаш што значи?— Ќе го најдеме одговорот ако внимателно испитаме што се случило во времето на Ное. Библијата објаснува: „Светот од тоа време претрпе уништување кога беше потопен [или поплавен] со вода“ (2. Петрово 3:6).

Дали некој го преживеал крајот на светот за време на тој Потоп, или голема Поплава, во времето на Ное?— Библијата вели дека Бог ‚го сочувал Ное, проповедникот на праведноста, со седуммина други кога донел потоп на свет од безбожни луѓе‘ (2. Петрово 2:5).

Што бил светот кој бил уништен во деновите на Ное?

Тогаш, што бил тој свет на кој му дошол крај? Дали тоа била земјата или биле лошите луѓе?— Библијата вели дека тоа бил „свет од безбожни луѓе“. И, забележи, Ное е наречен „проповедник“. Што мислиш, за што проповедал тој?— Ное ги предупредувал луѓето дека ќе дојде крај на „светот од тоа време“.

Кога зборувал за големиот Потоп, Исус им кажал на своите ученици што правеле луѓето пред да дојде самиот крај. Еве што им рекол: „Во тие денови пред потопот [луѓето] јадеа и пиеја, мажите се женеа и жените се мажеа, сѐ до оној ден кога Ное влезе во арката; и не обрнаа внимание додека не дојде потопот и ги однесе сите“. Потоа Исус рекол дека луѓето ќе постапуваат токму така пред да дојде крајот на овој свет (Матеј 24:37-39).

Зборовите на Исус ни покажуваат дека можеме да научиме нешто важно од она што го правеле луѓето пред Потопот. Дали се сеќаваш што читавме дека правеле овие луѓе во 10. поглавје од оваа книга?— Некои луѓе биле силеџии и правеле насилнички работи. Но, Исус рекол дека многу други едноставно не слушале кога Бог го испратил Ное да им проповеда.

И така, дошло времето кога Јехова му рекол на Ное дека ќе ги уништи лошите луѓе со потоп. Целата земја — дури и планините — ќе ја покриела вода. Јехова му рекол на Ное да изгради една голема арка. Таа била како една голема, долга кутија, или сандак, како што можеш да видиш на сликата ако свртиш на 238. страница.

Бог му рекол на Ное да ја изгради арката доволно голема за да ги собере на сигурно него, неговото семејство и многуте животни. Ное и семејството работеле многу напорно. Тие исекле големи дрвја, и со нив почнале да ја градат арката. Ова траело многу, многу години бидејќи арката била огромна.

Се сеќаваш ли што друго правел Ное во текот на сите тие години додека ја градел арката?— Тој проповедал и ги предупредувал луѓето за Потопот што доаѓал. Дали барем некој од нив послушал? Никој, освен семејството на Ное. Другите луѓе едноставно биле премногу зафатени со други работи. Се сеќаваш ли што рекол Исус дека правеле?— Биле зафатени со јадење, со пиење, со женење и со мажење. Тие мислеле дека не се толку лоши, и не одвоиле време за да го слушаат Ное. Па, ајде да видиме што им се случило.

Откако Ное и неговото семејство влегле во арката, Јехова ја затворил вратата. Луѓето што биле надвор сѐ уште не верувале дека ќе дојде Потоп. Но, одеднаш, од небото почнала да паѓа вода! Тоа не било само обичен дожд. Тоа било пороен дожд! Набрзо водата се претворила во големи реки, правејќи огромна бучава. Соборувала големи дрвја и тркалала огромни камења како да се ситни камчиња. А што станало со луѓето кои биле надвор од арката?— Исус вели: „Дојде потопот и ги однесе сите“. Сите луѓе што биле надвор од арката умреле. Зошто?— Како што рекол Исус, ‚тие не обрнале внимание‘. Тие не слушале! (Матеј 24:39; Битие 6:5-7).

Зошто не треба да мислиме само на тоа убаво да си поминеме?

Сега, сети се, Исус рекол дека она што им се случило на тие луѓе е поука за нас денес. Каква поука можеме да извлечеме ние?— Па, луѓето биле уништени не само затоа што биле лоши туку и затоа што многу од нив едноставно биле премногу зафатени за да одвојат време да учат за Бог и за она што тој ќе го направел. Ние треба да внимаваме да не бидеме како нив, нели?—

Дали мислиш дека Бог пак ќе го уништи светот со потоп?— Не, Бог ветил дека нема да го направи тоа. Тој рекол: „Своето виножито го ставам во облакот, и тоа треба да служи како знак“. Јехова рекол дека виножитото ќе биде знак дека „никогаш повеќе од водите нема да настане потоп за да го уништи секое тело“ (Битие 9:11-17NW).

Значи, можеме да бидеме сигурни дека Бог нема пак да го уништи светот со потоп. Но, како што видовме, Библијата сепак зборува за крај на светот. Кога Бог ќе го уништи овој свет, кого ќе го остави жив?— Дали ќе ги остави оние луѓе кои толку ги интересирале други работи што никогаш не сакале да учат за Бог? Дали ќе ги остави оние што биле секогаш премногу зафатени за да ја проучуваат Библијата? Што мислиш ти?—

Ние сакаме да бидеме меѓу оние што Бог ќе ги остави да живеат, нели?— Зарем не би било прекрасно нашето семејство да е како семејството на Ное, па Бог да нѐ спаси сите?— За да го преживееме крајот на светот, треба да разбереме како Бог ќе го уништи и како ќе го воспостави својот праведен нов свет. Ајде да видиме како ќе го направи ова.

Библијата ни го дава одговорот во Даниел, 2. поглавје, 44. стих. Овој стих зборува баш за нашето време, кога вели: „Во времето на овие цареви Небесниот Бог ќе подигне царство [или влада] кое никогаш нема да пропадне и не ќе помине врз некој друг народ. Тоа ќе ги разбие и ќе ги уништи сите оние царства, а самото ќе стои довека“.

Го разбираш ли ова?— Библијата вели дека Божјата влада ќе ги уништи сите влади на земјата. Зошто?— Затоа што не му се послушни на Оној кого Бог го поставил за Цар. А кој е тој?— Да, Исус Христос!

Исус Христос, Божјиот избран Цар, ќе го уништи овој свет во Армагедон

Јехова Бог има право да одлучи каква влада треба да владее, и тој го избрал својот Син, Исус, да биде Цар. Наскоро Божјиот Владетел, Исус Христос, ќе предводи во уништувањето на сите влади од овој свет. Библијата, во Откровение 19. поглавје, стихови 11 до 16, опишува како тој ќе го направи тоа, како што покажува и оваа слика. Во Библијата, Божјата војна во која тој ќе ги уништи сите влади на светот е наречена Хар—Магедон, или Армагедон.

Значи, Бог вели дека неговото Царство ќе ги уништи сите човечки влади. Но, дали ни вели ние да го направиме тоа?— Не, во Библијата Армагедон е наречен „војната на големиот ден на Семоќниот Бог“ (Откровение 16:14, 16). Да, Армагедон е Божја војна, и тој го користи Исус Христос за да ги води небесните војски во борбата. Дали војната Армагедон е близу? Да видиме како можеме да дознаеме.

Да прочитаме заедно за времето кога Бог ќе ги отстрани сите зли и ќе ги спаси оние што му служат, во Пословици 2:21, 22; Исаија 26:20, 21; Еремија 25:31-33 и Матеј 24:21, 22.