Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПРВО ПОГЛАВЈЕ

Која е вистината за Бог?

Која е вистината за Бог?
  • Дали Бог е заинтересиран за тебе?

  • Каква личност е Бог? Дали има име?

  • Можеме ли да бидеме блиски со Бог?

1, 2. Зошто обично е добро да се поставуваат прашања?

ДАЛИ си забележал колку многу прашања имаат малите деца? Обично почнуваат да прашуваат веднаш штом ќе прозборат. Со широко отворени очиња, ќе се загледаат љубопитно во тебе и ќе почнат: „Зошто небото е сино? Зошто ѕвездите светкаат? Кој ги научил птиците да пеат?“ Можеби навистина се трудиш да им одговориш, но тоа не е секогаш лесно. Кога ќе им го дадеш дури и најдобриот одговор, тие пак ќе прашаат: „А зошто?“

2 Но, не поставуваат прашања само децата. Како што растеме, сите ние постојано прашуваме за многу работи. На пример, прашуваме како да стигнеме некаде, од кои опасности да се чуваме или, едноставно, за да си ја задоволиме љубопитноста. Но изгледа дека, со текот на времето, многу луѓе престануваат да прашуваат, и така пропуштаат да ги постават баш најважните прашања. Па дури и да ги постават, престануваат да бараат одговор.

3. Зошто многу луѓе престануваат да бараат одговор на најважните прашања?

3 Размисли за прашањето од насловната страница на оваа книга, за прашањата што се поставени во уводот, или за оние што се наведени во почетокот на ова поглавје. Тоа се некои од најважните прашања што можеш да ги поставиш. Па сепак, многу луѓе веќе не се ни трудат да ги бараат одговорите. Зошто? Дали Библијата го дава одговорот на овие прашања? Некои мислат дека одговорите што ќе ги најдат во неа се премногу тешки за да се разберат. На други им е срам да прашуваат. А трети сметаат дека е најдобро ваквите прашања да им се препуштат на верските водачи и учители. Што мислиш ти за ова?

4, 5. Кои се некои од најважните прашања што можеме да си ги поставиме, и зошто треба да ги бараме одговорите?

4 Ти сигурно сакаш да го дознаеш одговорот на најважните животни прашања. Без сомнение, понекогаш се прашуваш: ,Која е смислата на животот? Дали со овој живот завршува сѐ? Каков е, всушност, Бог?‘ Добро е да поставуваш вакви прашања, и важно е да не се откажеш сѐ додека не најдеш задоволувачки и веродостојни одговори. Прочуениот учител Исус Христос рекол: „Молете, и ќе ви се даде. Барајте, и ќе најдете. Чукајте, и ќе ви се отвори“ (Матеј 7:7).

5 Ако бараш одговор на овие важни прашања, ќе видиш дека тоа навистина ќе ти се исплати (Изреки 2:1-5). Без разлика што ти велат другите, одговори има и ти можеш да ги најдеш — во Библијата. Овие одговори не се премногу тешки за да се разберат. Што е уште поважно, тие се извор на надеж и радост. Исто така, можат да ти помогнат уште сега животот да ти биде исполнет и смисловен. Најнапред, да разгледаме едно прашање што збунува многу луѓе.

ДАЛИ БОГ Е НЕЗАИНТЕРЕСИРАН И БЕСЧУВСТВИТЕЛЕН?

6. Зошто многу луѓе мислат дека Бог е рамнодушен кон човечкото страдање?

6 Многу луѓе мислат дека одговорот на ова прашање е ,да‘. Тие си велат: ,Да беше Бог заинтересиран за луѓето, зарем светот немаше да биде сосема поинаков?‘ Насекаде околу нас гледаме војни, омраза и беда. Освен тоа, и ние самите знаеме што значи да се разболиме, да страдаме или да ни умре некој близок. Затоа многумина велат: ,Ако се интересираше Бог за нас и за нашите проблеми, немаше ли да спречи да се случуваат такви работи?‘

7. а) Како верските водачи ги наведуваат луѓето да мислат дека Бог е бесчувствителен? б) Што навистина вели Библијата за лошите работи што ги доживуваме?

7 Што е уште полошо, понекогаш верските водачи ги наведуваат луѓето да мислат дека Бог е бесчувствителен. Како? Па, кога ќе се случи некоја трагедија, велат дека тоа е Божја волја. Всушност, тие го обвинуваат Бог за сите лоши работи што се случуваат. Но, дали е виновен тој? Што навистина вели Библијата за ова? Одговорот го наоѓаме во Јаков 1:13: „Никој, кога ќе се најде во искушение, нека не вели: ,Бог ме искушува‘. Зашто, Бог не може да се искуша со зло, а и тој никого не искушува со зло“. Значи, Бог никогаш не го предизвикува злото што го гледаш во светот. (Прочитај Јов 34:10-12.) Точно, тој дозволува да се случуваат лоши работи. Но, воопшто не е исто да дозволиш да се случи нешто и да го предизвикаш тоа.

8, 9. а) Со кој пример може да се објасни разликата помеѓу тоа да дозволиш злото да постои и да предизвикаш тоа да се случи? б) Зошто не би било праведно да му замеруваме на Бог што им дозволил на луѓето да живеат како што сакаат?

8 На пример, замисли си дека еден мудар и грижлив татко има возрасен син што сѐ уште живее со родителите. Кога синот станува бунтовен и одлучува да си замине од дома, таткото не го спречува во тоа. Синот тргнува по лош пат и запаѓа во неволја. Дали таткото ги предизвикал проблемите на својот син? Не (Лука 15:11-13). Слично на тоа, Бог не ги спречил луѓето кога решиле да тргнат по лош пат, но тој не ги предизвикал ни проблемите до кои дошло потоа. Тогаш, сигурно не би било праведно да го обвинуваме Бог за сите неволји што ги доживуваат луѓето.

9 Бог има добри причини зошто им дозволил на луѓето да одат по лош пат. Како наш мудар и семоќен Творец, тој не е должен да ни ги објасни тие причини. Меѓутоа, затоа што нѐ сака, Бог го прави тоа. Нешто повеќе за овие причини ќе дознаеш во единаесеттото поглавје. Но, биди уверен дека Бог не е виновен за проблемите што ги имаме. Напротив, тој ни дава вистинска надеж дека ќе се решат! (Исаија 33:2).

10. Зошто можеме да имаме доверба дека Бог ќе ги отстрани сите последици од злобата?

10 Освен тоа, Бог е свет (Исаија 6:3). Тоа значи дека тој е апсолутно чист. Кај него нема ниту трошка злоба. Затоа можеме да имаме целосна доверба во него. Ова не можеме да го кажеме за луѓето, бидејќи тие можат да се расипат. Дури и најчесниот човек што е на власт честопати нема моќ да ја поправи штетата што ја прават лошите луѓе. Но, Бог е семоќен. Тој може да ги отстрани сите последици што ги трпи човештвото поради злобата, и навистина ќе го стори тоа. Кога Бог ќе почне да го остварува она што го наумил, ќе го отстрани злото засекогаш! (Прочитај Псалм 37:9-11.)

КАКО ГЛЕДА БОГ НА НЕПРАВДИТЕ ШТО ГИ ТРПИМЕ?

11. а) Како гледа Бог на неправдата? б) Како гледа Бог на твоето страдање?

11 Како гледа Бог на она што се случува денес во светот и во твојот живот? Од Библијата учиме дека Бог „ја сака правдата“ (Псалм 37:28). Затоа, поставил јасни мерила за тоа што е исправно а што е погрешно. Тој мрази секаква неправда. Библијата вели дека Бог ,го доболело во срцето‘ кога во минатото светот се исполнил со злоба (1. Мојсеева 6:5, 6). Тој не се променил (Малахија 3:6). Бог и ден-денес мрази да ги гледа страдањата во светот и многу му е тешко кога гледа дека луѓето страдаат. „Тој се грижи за вас“, вели Библијата. (Прочитај 1. Петрово 5:7.)

Библијата учи дека Јехова е Творецот на целата вселена

12, 13. а) Зошто имаме добри особини како што е љубовта, и како влијае таа врз нашето гледиште за она што се случува во светот? б) Зошто можеш да бидеш сигурен дека Бог навистина ќе стори нешто во врска со проблемите во светот?

12 Зошто можеме да бидеме сигурни дека на Бог не му е мило да ги гледа страдањата? Еве уште еден доказ. Од Библијата учиме дека човекот бил создаден по Божјиот лик (1. Мојсеева 1:26). Според тоа, ние имаме добри особини затоа што Бог има добри особини. На пример, дали те погодува кога гледаш како страдаат невини луѓе? Ако тебе ти е тешко поради таквите неправди, биди уверен дека на Бог му е уште потешко.

13 Најубавото нешто кај луѓето е нивната способност да сакаат. И од ова се гледа каков е Бог. Библијата вели дека „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8). Ние можеме да сакаме затоа што и Бог сака. Дали љубовта би те поттикнала да им ставиш крај на страдањата и на неправдите што ги гледаш во светот? Кога би имал моќ, дали би го направил тоа? Се разбира! Затоа, можеш да бидеш сосема сигурен дека Бог ќе им стави крај на страдањата и на неправдите. Ветувањата што се спомнати во уводот на оваа книга не се само сон ниту празни зборови. Божјите ветувања сигурно ќе се исполнат! Меѓутоа, за да веруваш во нив, треба подобро да го запознаеш Богот што ги дал.

БОГ САКА ДА ЗНАЕШ КОЈ Е ТОЈ

Кога сакаш да се запознаеш со некого, зарем не му кажуваш како се викаш? Бог ни го открива своето име во Библијата

14. Како се вика Бог, и зошто треба да го користиме неговото име?

14 Што ќе направиш ако сакаш да се запознаеш со некого? Зар нема да му кажеш како се викаш? Дали Бог има име? Многу религии велат дека тој се вика „Бог“ или „Господ“. Но тоа не се лични имиња, туку само титули, како што се „цар“ или „претседател“. Библијата вели дека Бог има многу титули. „Бог“, „Господ“ и „Господар“ се само некои од нив. Меѓутоа, од Библијата учиме дека Бог има и свое лично име: Јехова. Во Псалм 83:18 стои: „Единствено ти, чие име е Јехова, си Севишен над целата земја!“ Ако во твојата Библија го нема тоа име, од Додатокот под темата „Значењето и употребата на Божјето име“ можеш да дознаеш како дошло до тоа. Во древните библиски ракописи Божјето име се појавува илјадници пати. Значи, Јехова сака да го знаеш и да го користиш неговото име. Би можело да се рече дека тој се служи со Библијата за да ти се претстави.

15. Што значи името Јехова?

15 Бог си одбрал име што има длабоко значење. Неговото име, Јехова, значи дека тој може да го исполни секое ветување што го дал и да направи сѐ што ќе науми. * Божјето име е навистина единствено. Тоа му припаѓа само нему. Но, има и други работи што го прават Јехова единствен. Кои се тие работи?

16, 17. Што можеме да научиме за Јехова од следниве титули: а) „Семоќен“? б) ,Цар на вечноста‘? в) „Творец“?

16 Видовме дека во Псалм 83:18 за Јехова се вели: „Единствено ти . . . си Севишен“. Исто така, само Јехова е наречен „Семоќен“. Во Откровение 15:3 стои: „Големи и чудесни се твоите дела, Јехова Боже, Семоќен! Праведни и сигурни се твоите патишта, Царе на вечноста!“ Титулата „Семоќен“ ни кажува дека Јехова е најмоќната личност што постои. Неговата моќ е ненадминлива — никој друг не е моќен колку него. А титулата ,Цар на вечноста‘ нѐ потсетува дека Јехова е единствен и во една друга смисла. Само тој постои отсекогаш. Во Псалм 90:2 се вели: „Од век до век [или: засекогаш], ти си Бог!“ Оваа мисла ни влева страхопочит, зар не?

17 Јехова е единствен и затоа што само тој е Творец. Во Откровение 4:11 стои: „Достоен си, Јехова, Боже наш, да ја примиш славата и честа и моќта, бидејќи ти создаде сѐ, и поради твојата волја сѐ постои и е создадено“. На што и да помислиш — од невидливите духовни суштества на небото па сѐ до ѕвездите распослани по ноќното небо, од овошјето што расте на дрвјата па сѐ до рибите што пливаат во морињата и реките — сето тоа постои затоа што Јехова го создал!

МОЖЕШ ЛИ ДА БИДЕШ БЛИЗОК СО ЈЕХОВА?

18. Зошто некои луѓе мислат дека никогаш нема да можат да бидат блиски со Бог, но што ни кажува Библијата?

18 Кога читаат за Јеховините особини кои влеваат страхопочит, некои луѓе малку ги фаќа страв. Си мислат дека Бог е премногу возвишен, дека никогаш нема да можат да бидат блиски со него и дека се безначајни во очите на еден таков величествен Бог. Но, дали е така? Библијата ни го кажува токму спротивното. Таа вели дека Јехова „не е далеку од никого од нас“ (Дела 17:27). Библијата дури и нѐ поттикнува: „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“ (Јаков 4:8).

19. а) Како можеме да почнеме да се зближуваме со Бог, и како ќе ни користи тоа? б) Кои особини на Бог најмногу ти се допаѓаат?

19 Како можеш да се зближиш со Бог? Пред сѐ, продолжи да го правиш она што го правиш сега — учи за Бог. Исус рекол: „За да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат тебе, единствениот вистински Бог, и оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3). Да, Библијата ни кажува дека ќе добиеме „вечен живот“ ако ги запознаеме Јехова и Исус! Како што веќе видовме, „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:16). Јехова има уште многу други убави и привлечни особини. На пример, Библијата вели дека Јехова е „Бог милосрден и љубезен, бавен на гнев, полн со милост и вистина“ (2. Мојсеева 34:6). Тој е ,добар и спремен да прости‘ (Псалм 86:5). Бог е стрплив (2. Петрово 3:9). Тој е лојален (Откровение 15:4). Додека и понатаму ја читаш Библијата, ќе видиш како Јехова покажал дека ги има овие и уште многу други убави особини.

20-22. а) Дали тоа што не можеме да го видиме Бог значи дека не можеме да се зближиме со него? Објасни. б) На што можеби ќе те наговараат некои добронамерни луѓе, но што треба да направиш ти?

20 Се разбира, не можеш да го видиш Бог затоа што тој е невидлив дух (Јован 1:18; 4:24; 1. Тимотеј 1:17). Меѓутоа, додека учиш за него од Библијата, ќе можеш да го запознаеш како Личност. Како што рекол псалмистот, ќе можеш ,да видиш колку е добар Јехова‘ (Псалм 27:4; Римјаните 1:20). Колку повеќе учиш за Јехова, толку пореален ќе ти станува и ќе имаш сѐ повеќе причини да го сакаш и да се чувствуваш близок со него.

Љубовта што еден добар татко ја чувствува кон своите деца покажува колку поголема љубов чувствува кон нас нашиот небесен Татко

21 Ќе сфатиш зошто Библијата нѐ учи да гледаме на Јехова како на наш Татко (Матеј 6:9). Тој не само што ни дал живот туку сака да го имаме најдобриот можен живот — истото што секој грижлив татко им го посакува на своите деца (Псалм 36:9). Библијата ни кажува уште нешто — дека луѓето можат да му станат пријатели на Јехова (Јаков 2:23). Замисли, ти можеш да му станеш пријател на оној што ја создал целата вселена!

22 Додека учиш сѐ повеќе работи од Библијата, можеби некои луѓе со најдобри намери ќе те наговараат да престанеш да проучуваш. Можеби се загрижени дека ќе ги промениш своите верувања. Но, не дозволувај никој да те спречи да го стекнеш најдобриот пријател што можеш да го имаш.

23, 24. а) Зошто треба и понатаму да поставуваш прашања за она што го учиш? б) За што ќе стане збор во следното поглавје?

23 Се разбира, некои работи нема да ги разбереш веднаш. Можеби ќе ти треба малку понизност за да побараш помош. Но, не колебај се да го сториш тоа само затоа што ти е незгодно. Исус рекол дека е добро човек да е понизен како едно мало дете (Матеј 18:2-4). А како што знаеме, децата поставуваат многу прашања. Бог сака да ги дознаеш одговорите. Библијата зборува пофално за некои луѓе што од сѐ срце сакале да го запознаат Бог. Тие внимателно проверувале во Светото писмо за да се уверат дека она што го учат е вистина. (Прочитај Дела 17:11.)

24 Најдобар начин да го запознаеш Јехова е да ја проучуваш Библијата. Таа се разликува од сите други книги. Во кој поглед? За тоа ќе стане збор во следното поглавје.

^ пас. 15 Повеќе информации за значењето и за изговорот на Божјето име можеш да најдеш во Додатокот под темата „Значењето и употребата на Божјето име“.