Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТРИНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ

Божјето гледиште за животот

Божјето гледиште за животот
  • Како гледа Бог на животот?

  • Како гледа Бог на абортусот?

  • Како покажуваме дека го цениме животот?

1. Кој го создал целокупниот жив свет?

„ЈЕХОВА навистина е Бог“, рекол пророкот Еремија. „Тој е жив Бог“ (Еремија 10:10). Освен тоа, Јехова Бог е Творецот на целокупниот жив свет. Небесните суштества му се обратиле со следниве зборови: „Ти создаде сѐ, и поради твојата волја сѐ постои и е создадено“ (Откровение 4:11). Во една песна со која го фалел Бог, цар Давид рекол: „Во тебе е изворот на животот“ (Псалм 36:9). Значи, животот е дар од Бог.

2. Што прави Бог за да нѐ одржи во живот?

2 Јехова го одржува и нашиот живот (Дела 17:28). Тој ни ја дава храната што ја јадеме, водата што ја пиеме, воздухот што го дишиме и земјата на која живееме. (Прочитај Дела 14:15-17.) Јехова ни дава сѐ за да можеме да му се радуваме на животот. Но, за да можеме да му се радуваме потполно, треба да ги знаеме Божјите закони и да ги држиме (Исаија 48:17, 18).

ДА ПОКАЖЕМЕ ДЕКА ГО ЦЕНИМЕ ЖИВОТОТ

3. Како гледал Бог на убиството на Авел?

3 Бог сака да го цениме животот — како нашиот така и животот на другите. На пример, во времето на Адам и Ева, нивниот син Каин многу се разгневил на својот помлад брат Авел. Јехова го предупредил Каин дека гневот би можел да го наведе на тежок грев. Каин не обрнал внимание на тоа предупредување. ,Го нападнал својот брат Авел и го убил‘ (1. Мојсеева 4:3-8). Јехова го казнил Каин за тоа што го убил својот брат (1. Мојсеева 4:9-11).

4. Како Бог јасно покажал во Мојсеевиот закон кое е исправното гледиште за животот?

4 Неколку илјади години по овој настан, Јехова им дал на Израелците закони што требало да им помогнат да му служат на исправен начин. Бидејќи тие закони биле дадени преку пророкот Мојсеј, понекогаш се нарекуваат и Мојсеев закон. Во Мојсеевиот закон, меѓу другото, стоело: „Не убивај!“ (5. Мојсеева 5:17). Ова им покажало на Израелците дека Бог го цени човечкиот живот и дека и тие мораат да го ценат животот на другите луѓе.

5. Како треба да гледаме на абортусот?

5 Како треба да гледаме на животот на едно неродено дете? Па, според Мојсеевиот закон, не било исправно да се предизвика смртта на бебето во мајчината утроба. Да, дури и животот на нероденото дете е скапоцен за Јехова. (Прочитај 2. Мојсеева 21:22, 23; Псалм 127:3.) Тоа значи дека не е исправно да се врши абортус.

6. Зошто не смееме да ги мразиме другите луѓе?

6 Да се цени животот значи и да се има исправно гледиште за другите луѓе. Библијата вели: „Секој што го мрази својот брат е убиец, а знаете дека во ниту еден убиец не останува вечниот живот“ (1. Јованово 3:15). Ако сакаме да добиеме вечен живот, треба да ја искорениме од срцето секоја омраза кон другите луѓе затоа што таа често води до насилство (1. Јованово 3:11, 12). Многу е важно да научиме да се сакаме.

7. Со кои навики покажуваме дека не го цениме животот?

7 Треба ли да го цениме и сопствениот живот? Нормално е човек да не сака да умре, но некои си го ризикуваат животот заради задоволство. На пример, многу луѓе пушат или се дрогираат. Супстанциите што ги користат се штетни за организмот и често водат до смрт. Оној што има навика да користи вакви супстанции не го цени животот како нешто свето. Овие навики се нечисти во Божји очи. (Прочитај Римјаните 6:19; 12:1; 2. Коринќаните 7:1.) За да му служиме на Бог на исправен начин, мораме да прекинеме со тие навики иако можеби тоа ќе ни биде многу тешко. Јехова може да ни помогне и многу му е мило кога гледа дека се трудиме да го цениме животот како скапоцен дар што сме го добиле од него.

8. Зошто треба да обрнеме внимание на безбедноста?

8 Ако го цениме животот, ќе обрнеме внимание на безбедноста. Нема да бидеме невнимателни и нема да се изложуваме на ризици само заради задоволство или возбуда. Нема да возиме со вртоглава брзина и нема да се занимаваме со насилни или опасни спортови (Псалм 11:5). Во Законот што Бог му го дал на древниот Израел стоело: „Ако изградиш нова куќа [со рамен кров], направи и ограда [или ниско ѕитче] на покривот за да не навлечеш вина за крв на својата куќа ако некој падне од неа“ (5. Мојсеева 22:8). Во склад со начелото што е изнесено во овој закон, погрижи се прагот или скалите во твојот дом да бидат во добра состојба за некој да не се спрепне, па да падне и сериозно да се повреди. Ако имаш автомобил, води сметка да биде во исправна состојба. Не дозволувај твојот дом или твојот автомобил да претставуваат опасност за тебе или за другите.

9. Како ќе постапуваме со животните ако го цениме животот?

9 Како треба да гледаме на животот на животните? И нивниот живот е свет во очите на Творецот. Бог дозволува да се убиваат животни за храна и за облека или за да се заштитат луѓето од опасност (1. Мојсеева 3:21; 9:3; 2. Мојсеева 21:28). Меѓутоа, не е исправно свирепо да се постапува со животните или да се убиваат само заради разонода. Оној што го прави тоа би покажал дека воопшто не го цени животот како нешто свето (Изреки 12:10).

ДА СЕ ПОКАЖЕ ЦЕНЕЊЕ ЗА КРВТА

10. Како покажал Бог дека животот и крвта се тесно поврзани?

10 Откако Каин го убил својот брат Авел, Јехова му рекол: „Крвта на брат ти вика кон мене од земјата“ (1. Мојсеева 4:10). Кога Бог зборувал за крвта на Авел, тој всушност мислел на животот на Авел. Каин му го одзел животот на Авел и затоа требало да биде казнет. Тоа било исто како крвта, односно животот на Авел, да викала кон Јехова барајќи да се задоволи правдата. Врската помеѓу животот и крвта повторно била истакната после Потопот во времето на Ное. Пред Потопот, луѓето јаделе само овошје, зеленчук, жита, ореви, лешници, бадеми и слично. После Потопот, Јехова им рекол на Ное и на неговите синови: „Сѐ што се движи и живее нека ви служи за храна. Сето тоа ви го давам како што ви ги дадов зелените растенија“. Меѓутоа, Бог го поставил следново ограничување: „Само не смеете да јадете месо со неговата душа [или живот], односно со неговата крв!“ (1. Мојсеева 1:29; 9:3, 4). Значи, во Јеховините очи животот и крвта на едно суштество се тесно поврзани.

11. Каква забрана во врска со крвта дал Бог уште во времето на Ное?

11 Покажуваме ценење за крвта со тоа што не ја користиме во исхраната. Во Законот што им го дал на Израелците, Јехова им заповедал: „Секој . . . кој ќе фати во лов некаков дивеч или птица што може да се јаде, нека ѝ ја пролее крвта и нека ја затрупа со земја . . . Им реков на синовите на Израел: ,Не смеете да ја јадете крвта од ниту едно тело‘“ (3. Мојсеева 17:13, 14). Божјата заповед да не се јаде крв од животни, што најнапред му била дадена на Ное околу 800 години пред тоа, сѐ уште важела. Јеховиното гледиште било јасно: Неговите слуги можеле да го јадат месото од животните, но не и крвта. Крвта требало да ја пролеат на земјата — како со тоа да му го враќаат на Бог животот на тоа суштество.

12. Која заповед во врска со крвта била дадена преку светиот дух во првиот век, а важи и ден-денес?

12 И за христијаните важи една слична заповед. Апостолите и другите христијани што ги предводеле Исусовите следбеници во првиот век се состанале за да решат кои заповеди треба да ги држат сите членови на христијанското собрание. Тие дошле до следниов заклучок: „Светиот дух и ние решивме да не ставаме никакво додатно бреме на вас, освен ова што е неопходно: да се воздржувате од она што е жртвувано на идоли, од крв, од удавено [чија крв не била исцедена] и од блуд“ (Дела 15:28, 29; 21:25). Значи, мораме ,да се воздржуваме од крв‘. Во Божји очи, тоа е исто толку важно колку што е важно да избегнуваме идолопоклонство и сексуален неморал.

Ако лекарот ти рече да не пиеш алкохол, дали ќе го примиш со инфузија?

13. Наведи пример што покажува зошто заповедта да се воздржуваме од крв се однесува и на трансфузијата на крв.

13 Дали заповедта да се воздржуваме од крв се однесува и на трансфузијата на крв? Да. Еве еден пример: Да претпоставиме дека лекарот ти рекол да се воздржуваш од алкохол. Дали тоа би значело дека не треба да пиеш алкохол, но дека би можел да го примиш со инфузија? Се разбира дека не! Слично на тоа, да се воздржуваме од крв значи да не внесуваме крв во телото на кој и да било начин. Според тоа, заповедта да се воздржуваме од крв значи и да не дозволиме да ни се даде трансфузија.

14, 15. Како ќе реагира еден христијанин ако лекарите речат дека мора да прими крв, и зошто?

14 Што ако еден христијанин е тешко повреден или треба да оди на тешка операција? Да речеме дека лекарите велат дека ќе умре ако не прими крв. Се разбира, христијанинот не сака да умре. За да го зачува својот живот, кој го смета за скапоцен подарок од Бог, тој ќе прифати други начини на лекување во кои не е вклучена злоупотреба на крвта. Значи, тој ќе побара такво лекување ако е достапно и ќе прифати различни алтернативи на трансфузијата на крв.

15 Дали еден христијанин ќе го прекрши Божјиот закон само за да живее малку подолго? Исус рекол: „Кој сака да си го спаси животот, ќе го изгуби, а кој ќе го изгуби својот живот заради мене, ќе го најде“ (Матеј 16:25). Ние не сакаме да умреме. Но, ако се обидеме да си го спасиме сегашниот живот со тоа што ќе го прекршиме Божјиот закон, ќе се доведеме во опасност да го изгубиме вечниот живот. Затоа е мудро да имаме доверба дека Божјиот закон е праведен и да бидеме потполно уверени дека, ако умреме од која и да е причина, Дарителот на животот ќе се сети на нас во воскресението и повторно ќе ни подари живот (Јован 5:28, 29; Евреите 11:6).

16. На што се цврсто решени Божјите слуги во врска со крвта?

16 Денес, верните слуги на Бог се цврсто решени да го следат неговото упатство во врска со крвта. Тие не јадат ништо што содржи крв. Исто така, не примаат крв ни од медицински причини. * Тие се уверени дека оној што ја создал крвта знае што е најдобро за нив. Дали и ти си уверен во тоа?

ЕДИНСТВЕНИОТ ИСПРАВЕН НАЧИН НА КОРИСТЕЊЕ НА КРВТА

17. Само во кои прилики Јехова Бог одобрувал да се користи крвта во древниот Израел?

17 Во Мојсеевиот закон е изнесен единствениот исправен начин на користење на крвта. Кога Јехова им кажал на древните Израелци како да го обожаваат, тој им заповедал: „Душата [или животот] на телото е во крвта и јас ви ја одредив за жртвеникот за очистување на вашите души; крвта е она што врши очистување“ (3. Мојсеева 17:11). Кога Израелците ќе направеле грев, можело да им биде простено ако принеле животно како жртва и ако ставеле малку од неговата крв на жртвеникот, кој во почетокот се наоѓал пред светиот шатор, а подоцна во Божјиот храм. Крвта можела да се користи само кога се принесувале такви жртви.

18. Кои благослови можеме да ги добиеме благодарение на Исусовата пролеана крв?

18 Вистинските христијани не се под Мојсеевиот закон и затоа не принесуваат животински жртви ниту, пак, излеваат животинска крв на некој жртвеник (Евреите 10:1). Меѓутоа, тоа што во древниот Израел се користела крв на жртвеникот укажувало на скапоцената жртва на Божјиот Син, Исус Христос. Како што видовме во петтото поглавје од оваа книга, Исус го дал својот човечки живот за нас со тоа што дозволил неговата крв да се пролее како жртва. Потоа се вознел на небото и еднаш засекогаш му ја принел на Бог вредноста на својата пролеана крв (Евреите 9:11, 12). Врз основа на тоа можат да ни бидат простени гревовите и да добиеме вечен живот (Матеј 20:28; Јован 3:16). Колку е важно за нас што Исусовата крв била искористена на таков начин! (1. Петрово 1:18, 19). Само ако имаме вера во вредноста на неговата пролеана крв, можеме да бидеме спасени.

Како можеш да покажеш дека ги цениш животот и крвта?

19. Што мораме да правиме за да бидеме ,чисти од крвта на сите‘?

19 Навистина треба да му бидеме многу благодарни на Јехова Бог за животот што ни го дал како скапоцен дар! Зарем ова не треба да нѐ поттикне да им кажуваме на другите дека и тие можат да добијат вечен живот ако покажат вера во Исусовата жртва? Доколку и нам ни е важен животот на другите луѓе како што му е важен на Бог, ќе им зборуваме со горливост и со ревност. (Прочитај Езекиел 3:17-21.) Ако трудољубиво ја исполнуваме оваа одговорност, ќе можеме да го речеме истото што го рекол и апостол Павле: „[Јас] сум чист од крвта на сите, бидејќи не пропуштив да ви ја објавам во потполност Божјата намера“ (Дела 20:26, 27). Тоа што ќе им зборуваме на луѓето за Бог и за неговите намери е одличен начин на кој можеме да покажеме дека навистина ги цениме животот и крвта.

^ пас. 16 Повеќе информации за тоа што може да се користи наместо трансфузија на крв можеш да најдеш во делот „Квалитетни алтернативи за трансфузијата“ од брошурата Како може крвта да ти го спаси животот?, издадена од Јеховините сведоци.