Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЧЕТИРИНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ

Како можеш да имаш среќен семеен живот

Како можеш да имаш среќен семеен живот
  • Што значи да се биде добар сопруг?

  • Како може една жена да биде добра сопруга?

  • Што значи да се биде добар родител?

  • Како можат децата да придонесат за среќен семеен живот?

1. Кој е клучот за среќен семеен живот?

ЈЕХОВА БОГ сака твоето семејство да биде среќно. Неговата Реч, Библијата, содржи упатства за секој член на семејството и објаснува каква улога му доделил Бог на секого од нив. Кога сите во семејството ја исполнуваат својата улога применувајќи ги Божјите совети, семејството е среќно. Исус рекол: „Среќни се оние што ја слушаат речта Божја и ја држат“ (Лука 11:28).

2. Што треба да сфатиме за да имаме среќен семеен живот?

2 Семејната среќа зависи главно од тоа дали сфаќаме дека оној што го основал семејството е Јехова, кого Исус го нарекол „Татко наш“ (Матеј 6:9). Секое семејство на Земјата постои благодарение на нашиот небесен Татко, и тој сигурно знае што е потребно за семејствата да бидат среќни (Ефешаните 3:14, 15). Па, што учиме од Библијата за улогата на секој член на семејството?

СЕМЕЈСТВОТО ГО ОСНОВАЛ БОГ

3. Што кажува Библијата за основањето на семејството, и од каде знаеме дека тоа е точно?

3 Јехова ги создал првите луѓе, Адам и Ева, и ги соединил во брак како маж и жена. Ги сместил во прекрасен рајски дом на Земјата — градината Еден — и им рекол да имаат деца. „Плодете се и множете се, наполнете ја земјата“, рекол Јехова (1. Мојсеева 1:26-28; 2:18, 21-24). Ова не е само бајка или мит, бидејќи Исус потврдил дека она што е кажано во Прва Мојсеева за основањето на семејниот живот е точно (Матеј 19:4, 5). Иако се соочуваме со многу проблеми и животот денес не е таков каков што го замислил Бог, можно е семејствата да бидат среќни. Да видиме како.

4. а) Како може секој член на семејството да придонесе за среќен семеен живот? б) Зошто е важно да го проучиме Исусовиот живот ако сакаме да имаме среќен семеен живот?

4 Секој член на семејството може да придонесе за семејната среќа со тоа што ќе се угледа на Бог и ќе покажува љубов (Ефешаните 5:1, 2). Но, како да се угледаме на Бог кога не можеме да го видиме? Можеме да дознаеме како постапува Јехова затоа што тој го испратил својот првороден Син од небото на Земјата (Јован 1:14, 18). Додека бил на Земјата, овој Син, Исус Христос, толку добро ја одразувал личноста на својот небесен Татко што, кога луѓето го гледале и го слушале Исус, било исто како да биле со Јехова и да го слушале него (Јован 14:9). Затоа, ако научиме нешто повеќе за љубовта што ја покажал Исус и ако го следиме неговиот пример, секој од нас ќе може да придонесе семејството да биде посреќно.

ПРИМЕР ЗА МАЖИТЕ

5, 6. а) Каков пример им дал Исус на мажите со начинот на кој постапува со собранието? б) Што мора да правиме за да ни бидат простени гревовите?

5 Библијата вели дека мажите треба да постапуваат со своите жени исто како што Исус постапува со своите ученици. Размисли за следнава заповед што е дадена во Библијата: „Мажи, сакајте ги своите жени, како што и Христос го сакаше собранието и се предаде себеси за него . . . Така и мажите треба да ги сакаат своите жени како своите тела. Кој ја сака својата жена, се сака самиот себе. Зашто, никој не го мрази своето тело, туку го храни и го негува, како и Христос собранието“ (Ефешаните 5:23, 25-29).

6 Со својата љубов кон собранието, односно кон своите ученици, Исус им дал совршен пример на мажите. Исус ,им покажал љубов до крај‘ — тој го жртвувал својот живот за нив, иако тие биле далеку од совршени (Јован 13:1; 15:13). Затоа, на мажите им е речено: „Сакајте ги своите жени и немојте да се гневите на нив“ (Колошаните 3:19). Што ќе му помогне на еден сопруг да го примени овој совет, особено ако неговата сопруга понекогаш постапува непромислено? Тој треба да има на ум дека и самиот греши, и дека и тој мора да прави нешто за Бог да му прости. Што мора да прави? Мора да им прости на оние што му грешат, што значи и на својата жена. Се разбира, и таа треба да простува. (Прочитај Матеј 6:12, 14, 15.) Сфаќаш ли сега зошто некои велат дека успешниот брак е заедница на две лица што знаат да простуваат?

7. Што земал предвид Исус, и каков пример им дал на мажите со тоа?

7 Исто така, мажите не смеат да заборават дека Исус секогаш бил обѕирен кон своите ученици. Тој ги земал предвид нивните ограничувања и нивните физички потреби. На пример, кога биле уморни, тој им рекол: „Дојдете со мене на едно осамено место и одморете се малку“ (Марко 6:30-32). И жените заслужуваат со нив да се постапува обѕирно и сочувствително. Библијата ги опишува како „послаби садови“, а на мажите им заповеда да ги почитуваат. Зошто? Затоа што и мажите и жените го добиваат „незаслужениот дар на животот“ (1. Петрово 3:7). Мажите треба да имаат на ум дека за Бог е скапоцен секој што му е верен, без разлика дали е маж или жена (Псалм 101:6).

8. а) Во која смисла мажот што „ја сака својата жена, се сака самиот себе“? б) Што значи за мажот и за жената тоа што се „едно тело“?

8 Библијата вели дека мажот што „ја сака својата жена, се сака самиот себе“. Ова е така затоа што мажот и неговата жена „повеќе не се две, туку едно тело“, како што истакнал Исус (Матеј 19:6). Затоа, тие можат да имаат интимни односи само еден со друг (Изреки 5:15-21; Евреите 13:4). Ќе можат да се придржуваат за ова начело ако секој од нив несебично се грижи за потребите на другиот (1. Коринќаните 7:3-5). Значајно е следново потсетување: „Никој не го мрази своето тело, туку го храни и го негува“. Мажот треба да ја сака својата жена како што се сака себеси, и не треба да заборави дека е одговорен пред својот поглавар, Исус Христос (Ефешаните 5:29; 1. Коринќаните 11:3).

9. Со што се одликува љубовта на Исус спомната во Филипјаните 1:8, и зошто мажите треба да бидат нежни со своите жени?

9 Павле ја спомнал ,љубовта што ја имал Исус Христос‘. Таквата љубов се одликува со „нежни чувства“ (Филипјаните 1:8; 2:1). Нежноста на Исус била особина што освежува и што ги допрела до срце жените што станале негови ученици (Јован 20:1, 11-13, 16). Жените копнеат нивните мажи да бидат нежни со нив.

ПРИМЕР ЗА ЖЕНИТЕ

10. Каков пример им дава Исус на жените?

10 Семејството е една организирана заедница и за да функционира добро, потребен е поглавар, односно глава на семејството. Дури и Исус има свој поглавар, на кого треба да му биде подложен. „Глава на Христос е Бог“, исто како што „глава на жената е мажот“ (1. Коринќаните 11:3). Исусовата подложност на Божјето поглаварство е одличен пример за нас, бидејќи сите ние имаме поглавар на кого мораме да му се подложиме.

11. Каков став треба да има жената кон својот маж, и што може да постигне со своето однесување?

11 Секој несовршен маж греши и честопати не ја извршува идеално својата улога како глава на семејството. Но, како треба да постапи жената? Таа не треба да го омаловажува она што го прави нејзиниот сопруг, а не треба ни да го преземе поглаварството во свои раце. Жената не смее да заборави дека мирниот и благ дух е драгоцен во Божји очи (1. Петрово 3:4). Ако има таков дух, ќе ѝ биде полесно да покажува подложност каква што бара Бог, дури и кога тоа не е лесно. Освен тоа, Библијата вели: „Жената [треба] длабоко да го почитува својот маж“ (Ефешаните 5:33). Но, што ако тој не го прифаќа Христос за свој поглавар? Библијата ги поттикнува жените: „Бидете им подложни на своите мажи, за да ги придобиете без збор, со своето однесување, оние што не ѝ се послушни на Божјата Реч, кога ќе го видат вашето чисто однесување и длабоката почит“ (1. Петрово 3:1, 2).

12. Зошто не е погрешно жената со почит да си го каже своето мислење?

12 Без оглед на тоа дали сопругот е соверник или не, жената не покажува непочитување ако тактично го каже своето мислење што се разликува од неговото. Можеби нејзиното гледиште е исправно и за сите во семејството ќе биде добро ако мажот ја послуша. Иако Авраам не се согласил кога неговата жена, Сара, предложила практично решение на еден семеен проблем, Бог му рекол: „Послушај го нејзиниот глас“. (Прочитај 1. Мојсеева 21:9-12.) Се разбира, ако мажот на крајот донесе одлука што не е во судир со Божјиот закон, жената ќе покаже подложност со тоа што ќе го поддржи во одлуката (Дела 5:29; Ефешаните 5:24).

Каков убав пример им дала Сара на жените?

13. а) На што ги поттикнува мажените жени стихот од Тит 2:4, 5? б) Што вели Библијата за одвојувањето и за разводот?

13 Жената ја исполнува својата улога и со тоа што се грижи за семејството на различни начини. На пример, Библијата вели дека мажените жени треба „да си ги сакаат мажите, да си ги сакаат децата, да бидат разборити, чесни, примерни домаќинки, добри, подложни на своите мажи“ (Тит 2:4, 5). Кога една сопруга и мајка постапува вака, нејзиното семејство секогаш ќе ја сака и ќе ја почитува. (Прочитај Изреки 31:10, 28.) Меѓутоа, бидејќи бракот е заедница на две несовршени личности, некои сериозни околности можат да доведат до одвојување или до развод. Библијата дозволува одвојување во извесни околности. Сепак, одвојувањето не смее да се сфати како наједноставен и лесен излез, бидејќи Библијата советува: „Жената да не си заминува од мажот . . . и мажот да не ја остава жената“ (1. Коринќаните 7:10, 11). Библиска основа за развод постои само ако едниот брачен партнер направил блуд, односно сексуален неморал (Матеј 19:9).

СОВРШЕН ПРИМЕР ЗА РОДИТЕЛИТЕ

14. Како постапувал Исус со децата, и што им е потребно на децата од родителите?

14 Со начинот на кој постапувал со децата, Исус им дал совршен пример на родителите. Кога другите се обиделе да ги спречат малите деца да доаѓаат кај него, тој рекол: „Пуштете ги децата да доаѓаат кај мене. Не забранувајте им“. Библијата вели дека потоа ,ги зел децата во прегратка и ги благословувал, положувајќи ги рацете врз нив‘ (Марко 10:13-16). Штом Исус одвојувал време за малите деца, зар не треба и ти да го правиш истото кога се во прашање твоите деца? Ним им е потребно да им посветиш многу време, а не само по неколку минутки одвреме-навреме. Треба да одвојуваш време да ги поучуваш, бидејќи Јехова им го заповеда тоа на родителите. (Прочитај 5. Мојсеева 6:4-9.)

15. Како можат родителите да ги заштитат своите деца?

15 Бидејќи овој свет станува сѐ порасипан, на децата многу им се потребни родители кои ќе ги штитат од луѓе што сакаат да им наштетат како, на пример, оние што сакаат сексуално да ги искористат. Забележи како Исус ги заштитил своите ученици, кои од љубов ги нарекол „дечиња“. Кога бил уапсен, ноќта пред да го убијат, Исус им помогнал на учениците да се спасат (Јован 13:33; 18:7-9). Како родител, и ти мора будно да внимаваш на обидите на Ѓаволот да им наштети на твоите деца. Треба однапред да ги предупредиш на опасностите * (1. Петрово 5:8). Никогаш порано децата не биле во толкава опасност во физички, духовен и морален поглед.

Што можат да научат родителите од начинот на кој Исус постапувал со децата?

16. Што можат да научат родителите од начинот на кој реагирал Исус на мааните на своите ученици?

16 Ноќта пред да умре Исус, неговите ученици се расправале за тоа кој од нив е најголем. Наместо да им се налути, Исус со љубов продолжил да ги поучува со зборови и со својот пример (Лука 22:24-27; Јован 13:3-8). Ако си родител, следи го примерот на Исус во начинот на кој ги исправаш своите деца. Точно е дека некогаш треба да ги искараш, но карај ги само „колку што е потребно“ и никогаш во лутина. Не би смеел да зборуваш непромислено ,како да прободуваш со меч‘ (Еремија 30:11; Изреки 12:18). Детето треба да биде искарано на таков начин што подоцна ќе сфати дека карањето навистина било потребно (Ефешаните 6:4; Евреите 12:9-11).

ПРИМЕР ЗА ДЕЦАТА

17. Во кои работи Исус им дал совршен пример на децата?

17 Можат ли и децата да научат нешто од Исус? Да, можат! Со својот пример, Исус покажал дека децата треба да ги слушаат своите родители. „Зборувам така како што ме научи Таткото“, рекол тој, а потоа додал: „Секогаш го правам она што нему му е по волја“ (Јован 8:28, 29). Исус му бил послушен на својот небесен Татко, а Библијата им вели на децата да ги слушаат родителите. (Прочитај Ефешаните 6:1-3.) Затоа, иако Исус бил совршен како дете, тој сепак ги слушал своите родители, Јосиф и Марија, кои биле несовршени. Тоа сигурно придонело сите во семејството на Исус да бидат среќни! (Лука 2:4, 5, 51, 52).

18. Зошто Исус секогаш го слушал својот небесен Татко, и кој се радува кога децата ги слушаат своите родители?

18 Како можат децата уште подобро да го следат примерот на Исус и да ги радуваат своите родители? Точно е дека на децата понекогаш им е тешко да ги слушаат родителите, но Бог го бара тоа од нив (Изреки 1:8; 6:20). Исус секогаш го слушал својот небесен Татко, дури и кога тоа не било лесно. Еднаш, кога било Божја волја Исус да направи нешто особено тешко, Исус рекол: „Тргни ја оваа чаша [извесно барање] од мене!“ Сепак, Исус го направил она што го барал Бог, бидејќи бил уверен дека неговиот Татко знае што е најдобро за него (Лука 22:42). Кога учат да бидат послушни, децата многу ги радуваат своите родители, а го радуваат и својот небесен Татко * (Изреки 23:22-25).

На што треба да мислат младите кога се на искушение да направат нешто неисправно?

19. а) Како Сатана ги искушува децата? б) Како ќе се чувствуваат родителите ако децата направат нешто лошо?

19 Ѓаволот го искушал Исус, а можеме да бидеме сигурни дека ќе се обиде и младите да ги стави на искушение да направат нешто неисправно (Матеј 4:1-10). Сатана Ѓаволот го користи притисокот од врсниците, на кој понекогаш е тешко да му се одолее. Затоа, многу е важно децата да не се дружат со оние што го кршат Божјиот закон (1. Коринќаните 15:33). Дина, ќерката на Јаков, се дружела со оние што не го обожавале Јехова, а тоа довело до многу неволји (1. Мојсеева 34:1, 2). Помисли колкава болка би можело да претрпи семејството ако некој од неговите членови изврши неморал! (Изреки 17:21, 25).

КЛУЧОТ ЗА СЕМЕЈНАТА СРЕЌА

20. Што мора да прави секој член на семејството за сите да бидат среќни?

20 Семејните проблеми полесно се решаваат кога се применуваат советите од Библијата. Всушност, тоа е и клучот за семејната среќа. Затоа, мажи, сакајте ги своите жени и постапувајте со нив онака како што постапува Исус со своето собрание. Жени, подложувајте се на поглаварството на своите мажи и следете го примерот на вредната жена што е опишана во Изреки 31:10-31. Родители, воспитувајте ги своите деца (Изреки 22:6). Татковци, ,добро управувајте со својот дом‘ (1. Тимотеј 3:4, 5; 5:8). А вие, деца, слушајте ги родителите (Колошаните 3:20). Никој во семејството не е совршен. Сите прават грешки. Затоа, бидете понизни и спремни да се извините.

21. Каква прекрасна иднина ни претстои, и како можеме да имаме среќен семеен живот уште сега?

21 Библијата навистина содржи многу скапоцени совети и поуки во врска со семејниот живот. Освен тоа, од неа учиме за Божјиот нов свет и за еден рај на Земјата во кој ќе живеат среќни луѓе што го обожаваат Јехова (Откровение 21:3, 4). Колку прекрасна иднина ни претстои! Уште сега можеме да имаме среќен семеен живот ако ги применуваме советите што ни ги дава Бог преку својата Реч, Библијата.

^ пас. 15 Совети за тоа како да ги заштитиш децата можеш да најдеш во 32. поглавје од книгата Учи од Големиот Учител, издадена од Јеховините сведоци.

^ пас. 18 Детето може да не послуша само тогаш кога родителот бара од него да го прекрши Божјиот закон (Дела 5:29).