Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ШЕСНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ

Обожавај го Бог на исправен начин

Обожавај го Бог на исправен начин
  • Што вели Библијата за религиозните предмети?

  • Како гледаат христијаните на верските празници?

  • Како можеш тактично да им ги објасниш на другите своите верувања?

1, 2. Кое прашање мораш да си го поставиш откако ќе ја напуштиш лажната религија, и зошто мислиш дека тоа е важно?

ЗАМИСЛИ СИ дека си дознал дека е затруена целата околина каде што живееш. Некој скришно фрлал отровен отпад и сега е загрозен животот на луѓето. Што би сторил во една таква ситуација? Ако можеш, сигурно би се иселил оттаму. Но, дури и тогаш би продолжило да те мачи едно сериозно прашање: ,А што ако сум затруен?‘

2 Слична е и ситуацијата со лажната религија. Библијата учи дека таа е затруена со нечисти учења и обичаи (2. Коринќаните 6:17). Затоа е важно да излезеш од „Големиот Вавилон“, светското царство на лажната религија (Откровение 18:2, 4). Дали си го направил тоа? Ако да, заслужуваш пофалба. Но, не е доволно само да ја напуштиш лажната религија или да истапиш од неа. Откако ќе го сториш тоа, треба да се запрашаш: ,Дали кај мене сѐ уште има некакви траги од лажната религија?‘ Да разгледаме некои примери.

ОБОЖАВАЊЕ НА РЕЛИГИОЗНИ ПРЕДМЕТИ И ПРЕДЦИ

3. а) Што вели Библијата за религиозните предмети, и зошто на некои им е тешко да го прифатат Божјето гледиште за тоа? б) Што треба да направиш со сите твои предмети што се поврзани со лажната религија?

3 Некои имаат дома икони, олтари или кандила. Дали имаш и ти? Ако имаш, можеби мислиш дека е чудно или погрешно да му се молиш на Бог без таков видлив предмет пред себе. Можеби некои од тие предмети ти се посебно драги. Но, Бог е тој што кажува како треба да го обожаваме, а од Библијата учиме дека тој не сака да користиме религиозни предмети. (Прочитај 2. Мојсеева 20:4, 5; Псалм 115:4-8; Исаија 42:8; 1. Јованово 5:21.) Според тоа, можеш да го обожаваш Бог на исправен начин ако ги уништиш сите твои предмети што се поврзани со лажната религија. Гледај на нив исто како што гледа Јехова, а тој ги смета за нешто „одвратно“ (5. Мојсеева 27:15).

4. а) Од каде знаеме дека е бескорисно да се обожаваат мртвите предци? б) Зошто Јехова му забранил на својот народ да се занимава со каков и да е облик на спиритизам?

4 Во многу лажни религии е вообичаено и да се обожаваат мртвите предци. Пред да ја дознаат библиската вистина, некои верувале дека мртвите продолжуваат да живеат во некој невидлив свет и дека можат да им помогнат или да им наштетат на живите. Затоа носат храна на гробишта или им палат свеќи на мртвите. Можеби и ти си правел разни обичаи за да им угодиш на твоите мртви предци. Но, како што научи од шестото поглавје од оваа книга, мртвите не се свесни за ништо и не продолжуваат да живеат никаде. Затоа е бескорисно да се обидуваш да комуницираш со нив. Пораките или соништата кои можеби ни се чини дека доаѓаат од некој близок што ни починал, всушност потекнуваат од демоните. Затоа Јехова им забранил на Израелците да се обидуваат да зборуваат со мртвите или да се занимаваат со каков и да е друг облик на спиритизам. (Прочитај 5. Мојсеева 18:10-12.)

5. Што можеш да направиш ако досега си користел религиозни предмети или си ги обожавал своите мртви предци?

5 Што можеш да направиш ако досега си користел религиозни предмети или си ги обожавал мртвите предци? Читај ги библиските стихови што покажуваат како гледа Бог на тие работи и размислувај за она што го читаш. Секојдневно кажувај му на Јехова во молитва дека сакаш да го обожаваш на исправен начин и моли го да ти помогне да размислуваш како него (Исаија 55:9).

ПРВИТЕ ХРИСТИЈАНИ НЕ ГО СЛАВЕЛЕ БОЖИЌ

6, 7. а) Што наводно се одбележува со Божиќ, и дали го славеле Исусовите следбеници во првиот век? б) Со што било поврзано славењето родендени во времето на Исусовите први ученици?

6 Нечии верувања би можеле да бидат затруени од лажната религија и кога станува збор за некои празници. Да го земеме за пример Божиќ. Наводно, со овој празник се одбележува раѓањето на Исус Христос, и тој се слави речиси во сите религии што тврдат дека се христијански. Сепак, нема докази дека Исусовите ученици во првиот век славеле таков празник. Во една книга стои: „Два века по раѓањето на Христос, никој не знаел кога точно бил роден тој, а ретко кого го интересирало тоа“ (Sacred Origins of Profound Things).

7 Дури и кога учениците на Исус би го знаеле точниот датум на неговото раѓање, тие не би го славеле неговиот роденден. Зошто? Затоа што првите христијани „сметале дека славењето на нечиј роденден е пагански обичај“ (The World Book Encyclopedia). Единствените роденденски прослави што се спомнати во Библијата се родендените на двајца владетели што не го обожавале Јехова (1. Мојсеева 40:20; Марко 6:21). Роденденски прослави се одржувале и во чест на паганските божества. На пример, на 24 мај Римјаните го прославувале роденденот на божицата Дијана. Следниот ден го славеле роденденот на Аполон, нивниот бог на сонцето. Значи, славењето родендени било поврзано со паганството, а не со христијанството.

8. Објасни ја поврзаноста помеѓу славењето родендени и суеверието.

8 Има уште една причина зошто христијаните од првиот век не го славеле роденденот на Исус. Тие најверојатно знаеле дека славењето родендени е поврзано со суеверие. На пример, многу Грци и Римјани од античко време верувале дека при раѓањето на секој човек е присутен еден дух што продолжува да го штити во текот на целиот живот. Една книга вели: „Тој дух на некој мистичен начин бил поврзан со богот на чиј роденден била родена таа личност“ (The Lore of Birthdays). На Јехова сигурно не би му било мило да славиме некој празник што би го довел Исус во некаква врска со суеверие (Исаија 65:11, 12). Тогаш, зошто толку многу луѓе го слават Божиќ?

ПОТЕКЛОТО НА БОЖИЌ

9. Како дошло до тоа 25 декември да се слави како ден на Исусовото раѓање?

9 Луѓето почнале да го слават 25 декември како роденден на Исус дури неколку века откако тој живеел на Земјата. * Но, Исус не се родил на тој датум, туку очигледно се родил во октомври. * Тогаш, зошто бил избран баш 25 декември? Некои што подоцна се изјаснувале како христијани веројатно „сакале тој датум да се совпаѓа со паганскиот римски празник на кој се славел ,роденденот на непобедливото сонце‘“ (The New Encyclopædia Britannica). В зима, кога сонцето греело најслабо, паганите правеле обреди за да го натераат овој извор на топлина и светлина да се врати од своите далечни патувања. Се сметало дека сонцето почнува да се враќа на 25 декември. За да ги преобратат паганите, верските водачи го прифатиле овој празник и се обиделе да направат да изгледа „христијански“. *

10. Зошто некои луѓе во минатото не го славеле Божиќ?

10 Одамна е познато дека Божиќ има пагански корени. Поради тоа што има небиблиско потекло, во 17 век Божиќ бил забранет во Англија и во некои американски колонии. Секој што на Божиќ не одел на работа туку останувал дома, морал да плати казна. Но, наскоро старите обичаи повторно станале популарни, а биле додадени и некои нови. Божиќ пак станал голем празник, а во многу земји таков е и денес. Меѓутоа, поради тоа што е поврзан со лажната религија, оние што сакаат да му угодат на Бог не го слават ниту Божиќ ниту некој друг празник што влече корени од некоја паганска религија. *

ДАЛИ ПОТЕКЛОТО Е НАВИСТИНА ВАЖНО?

11. Зошто некои луѓе слават празници, но што треба да ни биде најважно?

11 Некои се согласуваат дека празниците како што е Божиќ имаат паганско потекло, но сепак мислат дека не е погрешно да се слават. Всушност, кога ги слават тие празници, повеќето луѓе не мислат дека прават нешто што е поврзано со лажната религија. За нив празниците се прилики кога семејството и роднините можат да се соберат заедно. Дали и ти мислиш така? Ако да, тогаш веројатно љубовта кон семејството, а не кон лажната религија, те тера да мислиш дека е тешко да се обожава Бог на исправен начин. Биди уверен дека Јехова, оној што го основал семејството, сака да имаш добри односи со твоите роднини (Ефешаните 3:14, 15). Но, семејните врски можеш да ги зајакнеш и на начини што ги одобрува Бог. Апостол Павле напишал што треба да ни биде најважно: „Испитувајте што е прифатливо за Господарот“ (Ефешаните 5:10).

Дали би ставил в уста лижавче што си го извадил од калта?

12. Дај пример што покажува зошто не треба да држиме обичаи и да славиме празници што имаат нечисто потекло.

12 Можеби си мислиш дека причината од која денес се слават некои празници веќе нема никаква врска со тоа зошто се славеле во минатото. Дали нивното потекло е навистина важно? Да, важно е! Еве еден пример: Ако во калта видиш лижавче, дали ќе го земеш и ќе го ставиш в уста? Се разбира дека не! Тоа лижавче е нечисто. Слично на ова, можеби и празниците ти изгледаат привлечно, но земени се од нечисти места. За да го обожаваме Бог на исправен начин, треба да имаме ист став како пророкот Исаија, кој им рекол на слугите на вистинскиот Бог: „Не допирајте ништо нечисто“ (Исаија 52:11).

БИДИ ПРОНИКЛИВ ВО ОДНОСИТЕ СО ДРУГИТЕ

13. Во какви ситуации може да се најдеш затоа што не славиш празници?

13 Кога ќе одлучиш да престанеш да славиш празници, може да се најдеш во некои незгодни ситуации. На пример, можеби колегите ќе те прашаат зошто не им се приклучиш кога на работа слават некој празник. Што ако некој ти даде новогодишен подарок? Дали би било погрешно да го земеш? Што ако твојот брачен другар нема исти верувања како твоите? Што можеш да направиш за твоите деца да немаат чувство дека пропуштаат нешто затоа што не славите празници?

14, 15. Што можеш да направиш ако некој ти честита празник или ако сака да ти подари нешто?

14 Мора проникливо да процениш како ќе постапиш во секоја ситуација. Ако случајно се сретнеш со некого и тој ти честита некој празник, би можел едноставно да му се заблагодариш. Но, што ако ти честита некој што често го гледаш или со кого работиш? Тогаш би можел да кажеш нешто повеќе. Како и да е, биди тактичен. Библијата советува: „Вашиот збор секогаш нека биде пријатен, зачинет со сол, да знаете секому да му одговорите како што треба“ (Колошаните 4:6). Внимавај да не покажеш непочитување кон другите. Наместо тоа, тактично објасни го својот став. Јасно кажи дека ти немаш ништо против давањето подароци и дружењето, но дека повеќе сакаш да го правиш тоа во други прилики.

15 Што ако некој сака да ти даде подарок? Многу зависи од околностите. Тој можеби ќе рече: „Знам дека не го славиш овој празник, ама јас би сакал да ти го подарам ова“. Можеби ќе заклучиш дека тоа што ќе го земеш подарокот во таа прилика не значи дека го славиш празникот. Се разбира, ако оној што ти го дава подарокот не знае за твоите верувања, би можел да му кажеш дека ти не го славиш тој празник. Така полесно ќе сфати зошто го земаш подарокот, но ти не му даваш подарок во истата прилика. Од друга страна, пак, мудро е да не земеш некој подарок ако е очигледно дека ти е даден со намера да се покаже дека не се држиш за своите верувања или дека си спремен да направиш компромис заради материјална корист.

КАКО ДА ПОСТАПИШ СО ЧЛЕНОВИТЕ НА СЕМЕЈСТВОТО

16. Како можеш да бидеш тактичен кога станува збор за работи поврзани со празници?

16 Што ако членовите на твоето семејство немаат исти верувања како твоите? И тогаш биди тактичен. Нема потреба да правиш голема работа од секој обичај или празник што сакаат да го слават твоите роднини. Наместо тоа, почитувај го нивното право на лично мислење, исто како што би сакал и тие да го почитуваат твоето. (Прочитај Матеј 7:12.) Со ништо не учествувај во празникот. Сепак, биди разумен кога станува збор за работи што не се поврзани со самиот празник. Но, внимавај совеста секогаш да ти остане чиста. (Прочитај 1. Тимотеј 1:18, 19.)

17. Како можеш да им помогнеш на твоите деца да немаат чувство дека пропуштаат нешто кога гледаат како другите слават празници?

17 Што можеш да направиш за твоите деца да немаат чувство дека пропуштаат нешто затоа што не славите небиблиски празници? Многу е важно што правите во другите денови од годината. Некои родители планираат да им даваат подароци на своите деца во други прилики. Еден од најубавите подароци што можеш да им го дадеш на своите деца е да им посветиш време, љубов и внимание.

ОБОЖАВАЈ ГО БОГ НА ИСПРАВЕН НАЧИН

Ако го обожаваме Бог на исправен начин, ќе бидеме вистински среќни

18. Како може присуството на христијанските состаноци да ти помогне да го обожаваш Бог на исправен начин?

18 За да му угодиш на Бог, мораш да ја напуштиш лажната религија и да почнеш да го обожаваш Бог на исправен начин. Што вклучува тоа? Библијата вели: „И да размислуваме еден за друг за да се поттикнуваме кон љубов и кон добри дела, и да не ги пропуштаме нашите состаноци, како што некои имаат обичај, туку да се храбриме еден со друг, толку повеќе колку што гледате дека се приближува денот“ (Евреите 10:24, 25). Христијанските состаноци се радосни прилики во кои можеш да го обожаваш Бог на начин што го одобрува тој (Псалм 22:22; 122:1). На тие состаноци ,заемно се охрабруваме‘ со верните христијани (Римјаните 1:12).

19. Зошто е важно да им зборуваш на другите за она што си го научил од Библијата?

19 Можеш да го обожаваш Бог на исправен начин и со тоа што ќе им зборуваш на другите за она што си го научил додека си ја проучувал Библијата со Јеховините сведоци. Многу луѓе навистина тажат и плачат поради злото што денес владее во светот. Можеби познаваш некои луѓе што се чувствуваат така. Зошто не разговараш со нив за твојата библиска надеж за иднината? Додека се дружиш со вистинските христијани и им зборуваш на другите за прекрасните библиски вистини што си ги научил, ќе видиш дека постепено ќе исчезне секоја желба за обичаите на лажната религија што можеби ти останала во срцето. Биди уверен дека ќе бидеш многу среќен и ќе добиеш многу благослови ако го обожаваш Бог на исправен начин (Малахија 3:10).

^ пас. 9 Во некои земји, Божиќ се слави на 7 јануари.

^ пас. 9 Види го Додатокот под темата „Дали Исус бил роден во зима?“.

^ пас. 9 За да се избере 25 декември одиграл улога и празникот Сатурналии. Овој празник во чест на римскиот бог на земјоделството траел од 17 до 24 декември. За време на Сатурналии луѓето се гоштавале, се веселеле и си давале подароци.

^ пас. 10 За тоа како гледаат вистинските христијани на други популарни празници, види го Додатокот под темата „Треба ли да славиме празници?“.