Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ДОДАТОК

Значењето и употребата на Божјето име

Значењето и употребата на Божјето име

КАКО е преведен Псалм 83:18 во твојата Библија? Во Светото писмо — превод Нов свет овој стих гласи: „За да се знае дека единствено ти, чие име е Јехова, си Севишен над целата земја!“ Слично гласат и други библиски преводи. Меѓутоа, во многу преводи името Јехова е изоставено и заменето со титули како што се „Господ“ или „Вечниот“. Што треба да стои во овој стих? Некоја титула или името Јехова?

Божјето име напишано на хебрејски јазик

Во овој стих станува збор за име. На изворниот хебрејски јазик на кој е напишан поголемиот дел од Библијата, на ова место стои едно единствено лично име. На хебрејски јазик тоа се пишува вака: יהוה (ЈХВХ). На македонски јазик се преведува со „Јехова“ или „Јахве“. Дали ова име се појавува само во еден библиски стих? Не. Во изворниот текст на Хебрејските списи се појавува речиси 7.000 пати!

Колку е важно Божјето име? Размисли за молитвата Оченаш, која ја кажал Исус Христос. Таа почнува вака: „Татко наш, кој си на небесата, да се свети името твое“ (Матеј 6:9). Подоцна, Исус го молел Бог: „Татко, прослави го своето име“. Бог одговорил од небото со следниве зборови: „Го прославив и пак ќе го прославам“ (Јован 12:28). Јасно, Божјето име е многу важно. Тогаш, зошто некои преведувачи не го користат во своите преводи на Библијата и го заменуваат со титули?

Изгледа дека има две основни причини за тоа. Прво, мнозина тврдат дека тоа име не треба да се користи бидејќи денес не се знае како се изговарало првобитно. Старохебрејскиот јазик се пишувал без самогласки. Затоа, денес никој не може со сигурност да тврди како се изговарал зборот ЈХВХ во библиски времиња. Меѓутоа, дали тоа треба да биде причина да не го користиме Божјето име? Во библиски времиња, името Исус можеби се изговарало Јешуа или Јехошуа — точниот изговор никој не го знае. Па сепак, денес луѓето во целиот свет користат различни облици на името Исус и го изговараат онака како што е вообичаено во нивниот јазик. Го користат тоа име иако не знаат како се изговарало во првиот век. Слично на тоа, ако отидеш во некоја друга земја, можеби и твоето име ќе се изговара сосема поинаку на јазикот што се зборува таму. Значи, тоа што не сме сигурни како се изговарало Божјето име во минатото не е причина да не го користиме.

Втората причина што често се наведува како аргумент за да не се користи Божјето име во Библијата е поврзана со една стара еврејска традиција. Многу Евреи сметаат дека Божјето име никогаш не треба да се изговара. Ова верување очигледно се темели на погрешната примена на еден библиски закон, кој гласи: „Не споменувај го името на Јехова, твојот Бог, на недостоен начин, зашто Јехова нема да го остави неказнет оној што недостојно го споменува неговото име“ (2. Мојсеева 20:7).

Овој закон забранува Божјето име да се користи на недостоен начин. Но, дали забранува неговото име да се користи со почит? Во никој случај. Писателите на библиските книги што се пишувани на хебрејски јазик (таканаречени „Стар завет“) биле верни мажи што живееле според Законот кој Бог им го дал на древните Израелци. Па сепак, тие често го користеле Божјето име. На пример, го внеле во многу псалми кои ги пееле мноштвата што го обожавале Јехова. Јехова Бог дури и им заповедал на своите слуги да го повикуваат неговото име, и верните луѓе го правеле тоа (Јоил 2:32; Дела 2:21). Затоа, христијаните денес го користат Божјето име со почит, исто како што правел и Исус (Јован 17:26).

Преведувачите на Библијата прават сериозна грешка кога го заменуваат Божјето име со титули. На тој начин го прикажуваат Бог како да е далечен и безличен. Но Библијата ги поттикнува луѓето да бидат ,блиски со Јехова‘ (Псалм 25:14). Помисли на некој твој близок пријател. Колку навистина ќе бидете блиски ако не знаеш ни како се вика? Слично на тоа, како можат луѓето да бидат блиски со Бог ако не знаат дека се вика Јехова? Освен тоа, кога луѓето не го користат Божјето име, не го знаат ниту неговото прекрасно значење. Што значи Божјето име?

Бог лично му го објаснил значењето на своето име на својот верен слуга Мојсеј. Кога Мојсеј го прашал Бог како гласи неговото име, Јехова одговорил: „Ќе станам сѐ што ќе посакам да станам“ (2. Мојсеева 3:14). Значи, Јехова може да стане сѐ што е потребно за да ги исполни своите намери. Исто така, тој може да предизвика и неговите созданија да станат сѐ што е потребно за да се исполни неговата намера.

Да речеме дека би можел да станеш сѐ што ќе посакаш. Што би направил за своите пријатели? Ако еден од нив тешко се разболи, би можел да станеш добар доктор и да го излекуваш. Ако некој друг пријател претрпи финансиска загуба, би можел да станеш богат добротвор и да му помогнеш. Но, за жал, ти не можеш да станеш сѐ што ќе посакаш. Истото важи за сите нас. Додека ја проучуваш Библијата, ќе се воодушевиш кога ќе видиш дека Јехова станува сѐ што е потребно за да ги исполни своите ветувања. Освен тоа, тој е секогаш спремен да ја употреби својата сила во полза на оние што го сакаат (2. Летописи 16:9). Овие прекрасни црти на Јеховината личност остануваат скриени за оние што не го знаат неговото име.

Сосема е јасно дека името Јехова треба да стои во Библијата. Тоа што често го користиме ова име и го знаеме неговото значење, многу ќе ни помогне да се зближиме со нашиот небесен Татко, Јехова. *

^ пас. 3 Повеќе информации во врска со Божјето име, неговото значење и зошто треба да го користиме, можеш да најдеш во брошурата Божественото име кое ќе остане засекогаш, издадена од Јеховините сведоци. Види и во брошурката Да ја истражуваме Божјата Реч, страници 1-5.