Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ДОДАТОК

Вистината за Таткото, Синот и светиот дух

Вистината за Таткото, Синот и светиот дух

ЛУЃЕТО што веруваат во учењето за тројство, или Света Троица, велат дека Бог се состои од три личности — Таткото, Синот и светиот дух. Се вели дека сите три личности се еднакви, дека сите се семоќни и дека немаат почеток. Значи, според доктрината за тројството, Таткото е Бог, Синот е Бог и светиот дух е Бог, а сепак има само еден Бог.

Многу луѓе што веруваат во тројство признаваат дека не можат да ја објаснат оваа доктрина. Сепак, можеби мислат дека ова учење е библиско. Вредно е да се забележи дека зборот „тројство“, или „Света Троица“, воопшто го нема во Библијата. Дали во неа барем со нешто се укажува на тројство? За да одговориме на ова прашање, да разгледаме еден библиски стих кој честопати го наведуваат оние што сакаат да го одбранат тројството.

„ЗБОРОТ БЕШЕ БОГ“

Во Јован 1:1, според преводот Радосна вест, стои: „Уште на почетокот постоеше Зборот. Зборот беше со Бог и Зборот беше Бог“. Понатаму во истото поглавје, апостол Јован јасно покажал дека „Зборот“, или „Речта“, е Исус (Јован 1:14). Но, бидејќи за Речта се вели дека е Бог, некои заклучуваат дека Синот и Таткото сигурно се дел од истиот Бог.

Имај на ум дека овој дел од Библијата бил напишан на грчки јазик. Подоцна грчкиот текст бил преведен на други јазици. Меѓутоа, некои библиски преведувачи не го употребиле изразот „Зборот беше Бог“. Зошто? Врз основа на нивното познавање на грчкиот јазик на кој била пишувана Библијата, тие преведувачи заклучиле дека изразот „Зборот беше Бог“ треба да се преведе поинаку. Како? Еве неколку примери: „Логосот [Зборот, Речта] беше божествена“ (A New Translation of the Bible). „Речта беше бог“ (The New Testament in an Improved Version). „Речта беше со Бог и по природа беше како него“ (The Translator’s New Testament). Според овие преводи, Речта не е самиот Бог. * Но, поради високата положба што ја има во однос на другите Јеховини созданија, за Речта се вели дека е „бог“. Во овој случај, терминот „бог“ (напишан со мала почетна буква) значи „моќен“.

ДОЗНАЈ ПОВЕЌЕ ФАКТИ

Повеќето луѓе не го знаат грчкиот јазик на кој била пишувана Библијата. Тогаш, како можеш да знаеш што навистина сакал да каже апостол Јован? Размисли за овој пример: Наставникот им објаснува нешто на учениците. Но, сите ученици не се сложуваат околу тоа како да го разберат неговото објаснување. Како ќе можат да дознаат што точно мислел наставникот? Би можеле да го замолат да им каже нешто повеќе. Без сомнение, ако дознаат повеќе факти, подобро ќе го разберат материјалот. Слично на тоа, за да го сфатиш значењето на Јован 1:1, во истото евангелие можеш да побараш повеќе информации во врска со положбата на Исус. Ако дознаеш повеќе факти на таа тема, ќе можеш да дојдеш до исправниот заклучок.

На пример, размисли што пишува понатаму Јован во 1. поглавје, 18. стих: „Ниту еден човек никогаш не го видел [Семоќниот] Бог“. Меѓутоа, луѓето го виделе Исус, Синот, бидејќи Јован вели: „Зборот [Исус] стана човек и живееше меѓу нас. Ние ја видовме Неговата слава“ (Јован 1:14Радосна вест). Тогаш, како може Синот да биде дел од Семоќниот Бог? Јован исто така наведува дека Зборот, или Речта, бил „со Бог“. Но, како може некој да биде со некого и во исто време да биде таа личност? Освен тоа, како што пишува во Јован 17:3, Исус направил јасна разлика помеѓу себеси и својот небесен Татко. Тој го нарекува својот Татко „единствениот вистински Бог“. А Јован, кон крајот на своето евангелие, ги резимира работите со следниве зборови: „Овие [чуда] се запишани за да верувате дека Исус навистина е Христос, Синот Божји“ (Јован 20:31). Забележи дека Исус не е наречен Бог, туку Божји Син. Овие додатни информации што ни ги дава евангелието по Јован покажуваат како треба да го разбереме стихот од Јован 1:1. Исус, Речта, е „бог“ во таа смисла што е на висока положба, но не е еднаков со Семоќниот Бог.

ПОТВРДИ ГИ ФАКТИТЕ

Да се вратиме на примерот со наставникот и учениците. Да речеме дека некои ученици сѐ уште не се сосема сигурни како да го разберат објаснувањето, дури и откако наставникот им го доразјаснил материјалот. Што би можеле да направат? Би можеле да замолат некој друг наставник да им даде повеќе информации за истата работа. Ако и тој го потврди објаснувањето на првиот наставник, ќе исчезнат сомневањата на повеќето ученици. На сличен начин, ако не си сигурен што сакал да каже библискиот писател Јован за односот помеѓу Исус и Семоќниот Бог, би можел да видиш што вели за тоа некој друг библиски писател. На пример, забележи што напишал Матеј. Во врска со крајот на овој поредок, тој ги цитирал зборовите на Исус: „За тој ден и час никој не знае, ни ангелите на небото ни Синот, туку само Таткото“ (Матеј 24:36). Како овие зборови потврдуваат дека Исус не е Семоќниот Бог?

Исус вели дека Таткото знае повеќе од Синот. Меѓутоа, кога Исус би бил дел од Семоќниот Бог, би ги знаел истите работи што ги знае и неговиот Татко. Според тоа, не е можно Синот и Таткото да бидат еднакви. Сепак, некои ќе речат: ,Исус имал две природи. Овде тој зборува од гледна точка на човек‘. Но, дури и да е така, што да кажеме за светиот дух? Ако и тој е дел од истиот Бог од кој е дел и Таткото, зошто Исус не вели дека светиот дух го знае она што го знае и Таткото?

Додека и понатаму ја проучуваш Библијата, ќе видиш дека има уште многу други библиски стихови што се поврзани со оваа тема. Тие ја потврдуваат вистината за Таткото, Синот и светиот дух (Псалм 90:2; Дела 7:55; Колошаните 1:15).

^ пас. 3 Повеќе информации во врска со Јован 1:1 можеш да најдеш во статијата „Дали Речта била Семоќниот Бог или еден бог?“ во Стражарска кула од 1 ноември 2008, издадена од Јеховините сведоци.