Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ДОДАТОК

„Душа“ и „дух“ — кое е точното значење на овие зборови?

„Душа“ и „дух“ — кое е точното значење на овие зборови?

НА ШТО помислуваш кога ќе ги чуеш зборовите „душа“ или „дух“? Мнозина мислат дека со овие зборови се означува нешто невидливо и бесмртно што постои во нас. Тие мислат дека при смртта овој невидлив дел од човекот излегува од телото и продолжува да живее. Бидејќи ова верување е толку раширено, многу луѓе се изненадени кога ќе дознаат дека Библијата воопшто не учи такво нешто. Тогаш, што вели Божјата Реч — што е душата, а што духот?

КАКО СЕ КОРИСТИ ВО БИБЛИЈАТА ЗБОРОТ „ДУША“

Најнапред да го разгледаме зборот „душа“. Веројатно се сеќаваш дека Библијата била пишувана главно на хебрејски и на грчки јазик. Кога ја спомнувале душата, библиските писатели ги користеле хебрејскиот збор нефеш или грчкиот збор психи́. Овие два збора се појавуваат преку 800 пати во Библијата, а во Преводот Нов свет се преведени со „душа“, или во главниот текст или во фуснотите. Во Светото писмо, зборовите „душа“ или „души“ во основа се однесуваат на: 1) луѓе, 2) животни, или 3) животот на човекот или животното. Да разгледаме некои стихови во кои се гледаат овие три различни значења.

Луѓе. „Во Ноевите денови... неколкумина, односно осум души, се спасија, поминувајќи преку водата“ (1. Петрово 3:20). Овде е јасно дека зборот „души“ се однесува на луѓе — на Ное, неговата жена, неговите три сина и нивните жени. Во 2. Мојсеева 16:16 се наведени упатствата што им биле дадени на Израелците во врска со собирањето мана. Им било речено: „Соберете од тоа колку што му треба секому... според бројот на душите што се во неговиот шатор“. Значи, количеството мана што требало да го соберат зависело од бројот на членовите на секое семејство. Некои други библиски стихови што покажуваат дека зборовите „душа“ или „души“ се однесуваат на поединци или на повеќе луѓе се: 1. Мојсеева 46:18; Исус Навин 11:11; Дела 27:37 и Римјаните 13:1, (фуснота).

Животни. Во библискиот извештај за создавањето читаме: „Бог рече: ,Водите нека изобилуваат со мноштво живи души и над земјата, по небесниот свод, нека летаат летачки суштества!‘ Потоа Бог рече: ,Земјата нека пушти од себе живи души според нивните видови, домашни животни, други животни што се движат и диви земни животни според нивните видови!‘ И стана така“ (1. Мојсеева 1:20, 24). Во овие стихови, и за рибите и за домашните и дивите животни се користи истиот збор — „души“. Птиците и многу други животни исто така се наречени души во 1. Мојсеева 9:10; 3. Мојсеева 11:46 и 4. Мојсеева 31:28.

Животот на човекот. Понекогаш зборот „душа“ се однесува на човечкиот живот. Јехова му рекол на Мојсеј: „Изумреа сите што ја прогонуваа твојата душа“ (2. Мојсеева 4:19). Што сакале да направат непријателите на Мојсеј? Тие сакале да му го одземат животот. Пред тоа, додека Рахела го раѓала својот син Венијамин, ,животот во неа гаснел [„душата ѝ излегувала“]‘ (1. Мојсеева 35:16-19, види ја фуснотата за 18. стих). Рахела, всушност, го изгубила животот. Исто така, забележи што рекол Јован за Исус: „Љубовта ја спознавме по тоа што тој го даде својот живот [„душа“, фуснота] за нас“ (1. Јованово 3:16). Исус ја дал својата душа, односно живот, за луѓето. Јасно е дека во овие библиски стихови или во фуснотите, зборот „душа“ се однесува на животот на човекот. Други примери за ова значење на зборот „душа“ ќе најдеш во фуснотите на следниве стихови: Матеј 10:39; Јован 15:13 и Дела 20:10.

Додека ја проучуваш Божјата Реч, ќе видиш дека на ниедно место во Библијата зборовите „бесмртен“ или „вечен“ не се поврзани со зборот „душа“. Напротив, Библијата вели дека душата е смртна, што значи дека умира (Езекиел 18:4, 20). Затоа, за човек што умрел, Библијата едноставно вели дека е ,душа на мртовец‘ (3. Мојсеева 21:11, фуснота).

ШТО Е „ДУХОТ“

Сега да видиме како во Библијата се користи зборот „дух“. Некои луѓе мислат дека „дух“ е само друг збор за „душа“. Меѓутоа, не е така. Библијата јасно покажува дека „духот“ и „душата“ се две различни работи. Во што е разликата?

Кога зборувале за „духот“, библиските писатели ги користеле хебрејскиот збор руах или грчкиот збор пне́вма. Самата Библија покажува што значат овие зборови. На пример, во Псалм 104:29 стои: ,Ако [ти, Јехова] им го одземеш духот [руах], умираат и се враќаат во својот прав‘. А во Јаков 2:26 стои дека „телото без дух [пне́вма] е мртво“. Значи, во овие стихови, „дух“ се однесува на она што му дава живот на телото. Без дух, телото е мртво. Затоа во Библијата зборот руах не е преведен само со „дух“ туку и со „здив“, односно животна сила. На пример, во врска со Потопот од времето на Ное, Бог рекол: „Јас ќе ги пуштам на земјата водите на потопот за да го уништат секое суштество под небото во кое има здив [руах] на животот“ (1. Мојсеева 6:17; 7:15, 22). Значи, „дух“ се однесува на животниот здив, на невидливата сила (животна искра) што ги одржува во живот сите живи суштества.

Душата и духот не се едно исто. На телото му треба дух исто како што на едно радио му треба струја — за да функционира. Кога во радиото ќе ставиш батерии, струјата што е складирана во нив, така да се рече, го „оживува“ радиото. Но, без батерии, тоа е „мртво“. Истото се случува и кога ќе го исклучиш од штекер радиото што работи на струја. Слично на ова, духот е силата што го оживува нашето тело. Сепак, исто како струјата, духот нема чувства и не може да размислува. Тој е безлична сила. Но, без тој дух, односно без животна сила, нашето тело ,умира и се враќа во својот прав‘, како што рекол псалмистот.

Во врска со смртта на човекот, во Проповедник 12:7 стои: „Тогаш правот [од неговото тело] се враќа во земјата, каде што и бил, а духот се враќа кај вистинскиот Бог, кој го дал“. Кога духот, или животната сила, ќе го напушти телото, тоа умира и се враќа таму од каде што дошло — во земјата. Така и животната сила се враќа онаму од каде што дошла — кај Бог (Јов 34:14, 15; Псалм 36:9). Тоа не значи дека животната сила дословно оди на небото. Напротив, тоа значи дека, за некој што умира, секоја надеж за живот во иднина зависи од Јехова Бог. Може да се каже дека неговиот живот е во Божји раце. Само Бог може повторно да му го даде духот, или животната сила, и тој да живее пак.

Колку е утешно што знаеме дека Бог ќе го направи токму тоа за оние што умреле! (Јован 5:28, 29). При воскресението, Јехова ќе создаде ново тело за личноста што спие во смртен сон и ќе ја врати во живот со тоа што ќе ѝ даде дух, односно животна сила. Колку радосен ден ќе биде тоа!

Ако сакаш да дознаеш нешто повеќе за тоа како се користат во Библијата зборовите „душа“ и „дух“, можеш да најдеш интересни информации во брошурата Што ни се случува кога ќе умреме? и на страници 96-100 и 103-108 од книгата Резоновање на темељу Светог писма. Двете публикации се издадени од Јеховините сведоци.