Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ДОДАТОК

1914 — значајна година во библиските пророштва

1914 — значајна година во библиските пророштва

СО ДЕЦЕНИИ однапред, истражувачите на Библијата објавувале дека во 1914 год. ќе се случат значајни настани. Кои се тие настани, и кои докази потврдуваат дека 1914 год. била толку важна?

Како што е запишано во Лука 21:24, Исус рекол: „Ерусалим ќе биде газен од незнабошците додека не се исполнат одредените времиња на незнабошците“. Ерусалим бил престолнина на еврејскиот народ — седиште на царевите од лозата на цар Давид (Псалм 48:1, 2). Меѓутоа, за разлика од владетелите на другите народи, овие цареви биле нешто посебно. Тие седеле на „Јеховиниот престол“ како претставници на самиот Бог (1. Летописи 29:23). Затоа, Ерусалим бил симбол на Јеховината власт.

Но, како и кога „незнабошците“ почнале ,да ја газат‘ Божјата власт? Ова се случило во 607 год. пр.н.е., кога Вавилонците го освоиле Ерусалим. „Јеховиниот престол“ останал празен и лозата на цареви што биле потомци на Давид била прекината (2. Царевите 25:1-26). Дали тоа ,газење‘ требало да трае засекогаш? Не, бидејќи во пророштвото на Езекиел е кажано следново во врска со Седекија, последниот цар на Ерусалим: „Извади го турбанот и симни ја круната! . . Таа нема да биде ничија сѐ додека не дојде оној што според законот има право на неа, и нему ќе му ја дадам“ (Езекиел 21:26, 27). Оној што „според законот има право“ на Давидовата круна е Исус Христос (Лука 1:32, 33). Значи, ,газењето‘ требало да заврши кога Исус ќе станел Цар.

Кога требало да се случи тој значаен настан? Исус покажал дека незнабошците ќе владеат само одреден временски период. Извештајот од Даниел, 4. поглавје, ни помага да дознаеме колку време требало да трае тој период. Во него е раскажан еден пророчки сон што го сонувал вавилонскиот цар Навуходоносор. Тој видел едно многу високо дрво што било исечено. Пенушката на тоа дрво не можела да расте затоа што била окована во железни и во бакарни окови. Еден ангел објавил: „Седум времиња нека поминат преку него“ (Даниел 4:10-16).

Во Библијата, дрвјата понекогаш се користат како симбол за власт (Езекиел 17:22-24; 31:2-5). Значи, сечењето на тоа симболично дрво покажува дека Божјата власт — која била претставена со царевите во Ерусалим — ќе биде прекината. Меѓутоа, тоа видение покажало дека ,газењето на Ерусалим‘ ќе биде привремено — ќе трае „седум времиња“. Колку време е тоа?

Откровение 12:6, 14 покажува дека три и пол времиња изнесуваат „илјада двесте и шеесет дена“. Според тоа, „седум времиња“ би траеле двапати подолго, односно 2.520 дена. Но, незнабошците не ја ,газеле‘ Божјата власт само 2.520 дена по падот на Ерусалим. Според тоа, јасно е дека ова пророштво се однесува на многу подолг временски период. Врз основа на 4. Мојсеева 14:34 и Езекиел 4:6, каде што се смета „ден за година“, ,седумте времиња‘ требало да траат 2.520 години.

Тие 2.520 години започнале во октомври 607 пр.н.е., кога Вавилонците го освоиле Ерусалим и царот од лозата на Давид бил симнат од престолот. Тој период завршил во октомври 1914 год. Тогаш завршиле „одредените времиња на незнабошците“, а Бог го поставил Исус за Цар на небото * (Псалм 2:1-6; Даниел 7:13, 14).

Точно како што прорекол Исус, неговата „присутност“ во улога на небесен Цар е обележана со драматични настани во светот — војни, глад, земјотреси, смртоносни зарази (Матеј 24:3-8; Лука 21:11). Овие настани се цврст доказ дека во 1914 год. навистина било воспоставено Божјето небесно Царство и дека тогаш започнале „последните денови“ на овој злобен свет (2. Тимотеј 3:1-5).

^ пас. 1 Од октомври 607 пр.н.е. до октомври 1 пр.н.е. поминале 606 години. Бидејќи не постои нулта година, од октомври 1 пр.н.е. до октомври 1914 од н.е. поминале 1.914 години. Кога ќе се соберат 606 години и 1.914 години, добиваме 2.520 години. Повеќе информации за падот на Ерусалим во 607 год. пр.н.е., можеш да најдеш под поимот „Хронологија“ во книгата Увид во Светото писмо (англ.), и на страница 285 од книгата „Све је Писмо од Бога надахнуто и корисно“. Двете публикации се издадени од Јеховините сведоци.