Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПРВО ПОГЛАВЈЕ

Што значи љубовта кон Бог

Што значи љубовта кон Бог

„Љубовта кон Бог значи да се држат неговите заповеди, а неговите заповеди не се тешки“ (1. ЈОВАНОВО 5:3).

1, 2. Зошто го сакаш Јехова Бог?

ГО САКАШ ЛИ Бог? Ако веќе си му го заветувал својот живот на Јехова, сигурно од срце ќе речеш „да“ — и тоа со право! Сосема природно е да го сакаме Јехова. Всушност, ние само му возвраќаме за љубовта што тој ни ја покажува нам. Библијата вели: „Ние покажуваме љубов, бидејќи прво тој [Јехова] покажа љубов кон нас“ (1. Јованово 4:19).

2 Јехова го направил првиот чекор за да ни покаже дека нѐ сака. Ни дал прекрасен дом — Земјата. Се грижи за нашите физички потреби (Матеј 5:43-48). Што е уште поважно, се грижи и за нашите духовни потреби. Ни ја дал својата Реч, Библијата. Освен тоа, нѐ повикува да му се молиме и нѐ уверува дека ќе нѐ услиши и ќе ни го дава својот свет дух да ни помага (Псалм 65:2; Лука 11:13). Но, најважно од сѐ, го испратил својот најмил Син да нѐ откупи за да можеме да бидеме спасени од гревот и смртта. Колку голема љубов ни покажува Јехова! (Прочитај Јован 3:16; Римјаните 5:8.)

3. а) Што се бара од нас ако сакаме да ја зачуваме Божјата љубов? б) За кое важно прашање треба да размислиме, и каде ќе го најдеме одговорот?

3 Јехова сака засекогаш да ја имаме неговата љубов. Но, дали ќе ја имаме или не, зависи од нас. Божјата Реч нѐ поттикнува: „Стојте во Божјата љубов додека... се надевате на вечниот живот“ (Јуда 21). Изразот „стојте во“ на изворниот грчки јазик буквално значи „зачувајте се во“ и укажува дека од нас се бара да правиме нешто ако сакаме да ја зачуваме Божјата љубов. Треба да му возвратиме на Бог за неговата љубов на конкретен начин. Затоа, мораме да размислиме за едно многу важно прашање: ‚Како можам да покажам дека го сакам Бог?‘ Одговорот на ова прашање се наоѓа во вдахновените зборови на апостол Јован: „Љубовта кон Бог значи да се држат неговите заповеди, а неговите заповеди не се тешки“ (1. Јованово 5:3). Треба добро да разбереме што значат овие зборови, бидејќи сакаме да му покажеме на нашиот Бог колку голема љубов чувствуваме кон него.

„ЉУБОВТА КОН БОГ“

4, 5. Опиши како кај тебе почнала да се раѓа љубов кон Јехова.

4 Апостол Јован го започнал овој стих со зборовите „љубовта кон Бог значи...“ Да видиме како објаснил тој што значи да го сакаме Бог. Но, пред тоа, сети се како почнала во твоето срце да се раѓа љубов кон Јехова.

Заветот и крштавањето го означуваат почетокот на еден живот во кој сме му послушни на Јехова од сѐ срце

5 Присети се за миг на времето кога првпат ја дозна вистината за Јехова и за неговите намери, и кога кај тебе почнала да расте вера. Си научил дека, иако поради наследениот грев си бил отуѓен од Бог, Тој преку Христос ти овозможува да станеш совршен како што бил Адам и да добиеш вечен живот (Матеј 20:28; Римјаните 5:12, 18). Си сфатил колку голема жртва направил Јехова кога го испратил својот најмил Син да умре за тебе. Тоа те допрело до срце и си почнал да чувствуваш љубов кон Бог, кој покажал дека многу те сака. (Прочитај 1. Јованово 4:9, 10.)

6. По што се гледа вистинската љубов, и на што те поттикнала љубовта кон Бог?

6 Но, тоа чувство било само почетокот на твојата вистинска љубов кон Јехова. А љубовта не е само чувство ниту, пак, се покажува само со зборови. Вистинската љубов кон Бог вклучува повеќе отколку само да речеш: „Јас го сакам Јехова“. Исто како верата, и вистинската љубов се покажува со постапките на кои таа нѐ поттикнува (Јаков 2:26). Љубовта особено се гледа по она што го правиме за оној што го сакаме. Според тоа, кога од срце си го засакал Јехова, си бил поттикнат да го радуваш својот небесен Татко со сѐ што правиш во животот. Дали си крстен Сведок? Ако си, тогаш оваа длабока љубов и лојалност кон Бог те поттикнале да ја донесеш најважната одлука во животот. Си му се заветувал на Јехова дека ќе ја вршиш неговата волја и си дал доказ за тоа кога си се крстил. (Прочитај Римјаните 14:7, 8.) Апостол Јован понатаму кажува што е потребно за да го исполниш ова ветување.

„ДА СЕ ДРЖАТ НЕГОВИТЕ ЗАПОВЕДИ“

7. Кои се некои од Божјите заповеди, и што значи да се држат тие заповеди?

7 Јован објаснува што значи љубовта кон Бог: „Да се држат неговите заповеди“. Кои се Божјите заповеди? Во својата Реч, Библијата, Јехова ни дава некои конкретни заповеди. На пример, тој забранува работи како што се пијанство, блуд, идолопоклонство, крадење и лажење (1. Коринќаните 5:11; 6:18; 10:14; Ефешаните 4:28; Колошаните 3:9). Да се држат Божјите заповеди значи да се живее според моралните мерила што се јасно изнесени во Библијата.

8, 9. Како ќе знаеме како би сакал Јехова да постапиме во ситуации за кои нема конкретен библиски закон? Наведи пример.

8 Но, за да го радуваме Јехова, не е доволно да ги слушаме само неговите конкретни заповеди. Јехова не нѐ ограничува со закони за секој аспект од нашиот живот. Тоа значи дека секојдневно може да се најдеме во ситуации за кои нема конкретна заповед во Библијата. Во таков случај, од каде ќе знаеме како би сакал Јехова да постапиме? Од Библијата можеме јасно да видиме како размислува Бог. Додека ја проучуваме, учиме што сака и што мрази Јехова. (Прочитај Псалм 97:10; Изреки 6:16-19.) Дознаваме кои ставови и постапки ги одобрува. Колку подобро го запознаваме Јехова, толку повеќе неговото размислување ќе може да влијае врз нашите одлуки и постапки. Според тоа, дури и во ситуации за кои нема конкретен библиски закон, честопати можеме да сфатиме „што е Јеховината волја“ (Ефешаните 5:17).

9 На пример, во Библијата нема директна заповед која ни забранува да гледаме филмови или ТВ програми во кои се прикажува одвратно насилство или сексуален неморал. Но, зарем ни треба конкретен закон за да не гледаме такви работи? Знаеме што мисли Јехова за тие работи. Неговата Реч отворено ни кажува: „[Јехова] многу го мрази оној што го сака насилството“ (Псалм 11:5). Во неа, исто така, пишува: „Бог ќе им суди на блудниците и на прељубниците“ (Евреите 13:4). Ако размислуваме за овие вдахновени зборови, ќе ни биде јасно што сака Јехова. Затоа ќе избереме да не гледаме програми во кои живописно се прикажани работи што нашиот Бог ги мрази. Знаеме дека Јехова се радува кога ги избегнуваме морално изопачените работи што овој свет сака да ги прикаже како безопасна забава. *

10, 11. Зошто избираме да му бидеме послушни на Јехова, и каква послушност заслужува тој?

10 Која е главната причина зошто ги држиме Божјите заповеди? Зошто се трудиме секој ден од животот да го живееме онака како што сака Бог? Тоа не го правиме само за да ги избегнеме казната или тешките последици кои ги снаоѓаат оние што ја игнорираат Божјата волја (Галатите 6:7). Напротив, со својата послушност имаме прекрасна можност да му покажеме на Јехова дека го сакаме. Како што едно дете ќе направи сѐ само за да го израдува својот татко, и ние правиме сѐ за да го радуваме Јехова (Псалм 5:12). Тој е наш Татко и ние го сакаме. Нема поголема радост и подлабоко задоволство од тоа да знаеме дека живееме на начин со кој ‚стекнуваме милост од Јехова‘ (Изреки 12:2).

11 Значи, ние не сме послушни безволно, ниту само тогаш кога нам ни одговара или под наши услови. * Не избираме да бидеме послушни само на заповеди што ни одат во прилог или кои не ни е тешко да ги послушаме. Напротив, ние сме ‚послушни од срце‘ (Римјаните 6:17). Го чувствуваме истото што го чувствувал и псалмистот, кој напишал: „Ќе уживам во твоите заповеди, кои ги сакам“ (Псалм 119:47). Да, ние од дното на душата сакаме да го слушаме Јехова. Јасно ни е дека тој заслужува — и бара — да му бидеме послушни потполно и безусловно, и ништо помалку од тоа (5. Мојсеева 12:32). Сакаме Јехова за нас да го каже истото што е кажано за Ное. За овој верен човек, кој покажал дека го сака Јехова со тоа што со децении му бил послушен, Библијата вели: „Ное направи сѐ така како што му беше заповедал Бог. Токму така направи“ (1. Мојсеева 6:22).

12. Кога нашата послушност го радува Јехова?

12 Како се чувствува Јехова кога од срце сме му послушни? Неговата Реч вели дека тоа многу го ‚радува‘ (Изреки 27:11). Зарем е можно со својата послушност да го радуваме Севишниот Владетел на целата вселена? Да, и има зошто да се радува! Јехова нѐ создал со слободна волја. Тоа значи дека имаме слобода на избор — можеме да избереме дали ќе му бидеме или нема да му бидеме послушни (5. Мојсеева 30:15, 16, 19, 20). Кога по своја волја избираме да му бидеме послушни и кога на тоа сме поттикнати затоа што од срце го сакаме, нашиот небесен Татко е неизмерно радосен (Изреки 11:20). Воедно го избираме и најдобриот начин на живот.

„НЕГОВИТЕ ЗАПОВЕДИ НЕ СЕ ТЕШКИ“

13, 14. Зошто може да се рече дека Божјите „заповеди не се тешки“, и со кој пример би можеле да го објасниме тоа?

13 Апостол Јован ни кажува нешто многу утешно во врска со она што Јехова го бара од нас: „Неговите заповеди не се тешки“. Во еден друг превод на Библијата овој стих гласи: „Се придржуваме до Неговите заповеди без тие да ни претставуваат бреме“ (Радосна Вест). Јеховините барања не се неразумни или тешки. * Иако сме несовршени, не е невозможно да ги држиме неговите заповеди.

14 Тоа би можеле да го објасниме со следниов пример. Еден близок пријател те замолува да му помогнеш да се пресели во друг стан. Треба да пренесете многу кутии. Некои се доволно лесни за да може да ги носи еден човек, но други се тешки и мораат да ги носат двајца. Твојот пријател ги трга настрана кутиите што треба да ги носиш ти. Што мислиш, дали ќе ти ги даде кутиите кои знае дека се претешки за тебе? Не. Тој не би сакал да се повредиш. Слично на тоа, нашиот добар Бог не ни дал заповеди кои се премногу тешки (5. Мојсеева 30:11-14). Тој никогаш не би барал од нас да носиме толку тежок товар. Јехова знае колку можеме, зашто „тој добро ја познава нашата градба, си спомнува дека сме прав“ (Псалм 103:14).

15. Зошто можеме да бидеме сигурни дека Јеховините заповеди се за наше добро?

15 Јеховините заповеди воопшто не претставуваат тежок товар — тие се за наше добро. (Прочитај Исаија 48:17.) Затоа Мојсеј им рекол на древните Израелци: „Јехова ни заповеда да ги држиме сите овие уредби. Јехова, нашиот Бог, ни заповеда да се боиме од него за да ни биде добро секогаш и да останеме живи, како денес“ (5. Мојсеева 6:24). И ние можеме да бидеме сигурни дека Јехова ни дал закони затоа што ни го мисли најдоброто — нашето вечно добро. А зарем би можеле да очекуваме нешто друго од Јехова? Тој е бескрајно мудар (Римјаните 11:33). Затоа и знае што е најдобро за нас. Исто така, тој е олицетворение на љубовта (1. Јованово 4:8). Љубовта е неразделен дел од Јехова и влијае врз сѐ што прави и вели тој. На неа се темелат сите заповеди што Бог им ги дава на своите слуги.

16. Како можеме да останеме послушни и покрај влијанијата на овој расипан свет и склоностите на нашето несовршено тело?

16 Ова не значи дека е лесно да се биде послушен на Бог. Мораме да се бориме против влијанијата на овој расипан свет, кој „е под власта на Злобниот“ (1. Јованово 5:19). Мораме да се бориме и против своето несовршено тело, кое нѐ тера да ги прекршуваме Божјите закони (Римјаните 7:21-25). Но, нашата љубов кон Бог може да победи. Јехова ги благословува оние што му се послушни и со тоа докажуваат дека го сакаат. Тој им го дава својот свет дух „на оние што му се покоруваат“ (Дела 5:32). Овој дух раѓа убави плодови кај нас — прекрасни особини што можат да ни помогнат да му останеме послушни на Бог (Галатите 5:22, 23).

17, 18. а) Што ќе разгледаме во оваа книга, и што треба да имаме на ум? б) За што ќе се зборува во следното поглавје?

17 Во оваа книга ќе ги разгледаме Јеховините начела и морални мерила, како и многу други работи кои ни ја откриваат неговата волја. Притоа, треба да имаме на ум некои важни работи. Јехова не нѐ присилува да се држиме за неговите закони и начела. Тој сака да му бидеме послушни по своја волја и од срце. Да не изгубиме од вид дека Јехова сака да живееме на начин кој ќе ни донесе големи благослови уште сега и кој ќе ни овозможи вечен живот во иднина. И да не заборавиме дека кога сме му послушни на Јехова од срце, ние му покажуваме колку многу го сакаме.

18 За да ни помогне да разликуваме исправно од погрешно, Јехова со љубов ни дал еден прекрасен дар — совеста. Но, како што ќе видиме во следното поглавје, за да може добро да нѐ води, совеста мора да биде исправно обликувана.

^ пас. 9 Во 6. поглавје од оваа книга се зборува за тоа како да избереме добра забава.

^ пас. 11 Дури и злобните духови може да послушаат нешто безволно. Кога Исус им наредил на демоните да излезат од некои луѓе, демоните биле принудени да се подложат и да ја признаат неговата власт, иако против своја волја (Марко 1:27; 5:7-13).

^ пас. 13 Грчкиот збор што во 1. Јованово 5:3 е преведен со „тешки“, во Дела 20:29, 30 е преведен со „свирепи“ и се однесува на суровите отпадници кои ‚изнесувале искривени учења‘ и сакале да ги заведат другите. Овој збор се користи и во Матеј 23:4, во изразот „тешки товари“, кој ги опишува опсежните правила и човечки традиции кои книжниците и фарисеите му ги наметнале на народот.