Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЕДИНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ

„Бракот нека биде чесен“

„Бракот нека биде чесен“

„Радувај се со жената на својата младост“ (ИЗРЕКИ 5:18).

1, 2. Кое прашање ќе го разгледаме, и зошто?

ДАЛИ си во брак? Ако си, дали бракот ти е извор на среќа или имаш некои сериозни брачни проблеми? Дали си се отуѓил од својот брачен другар? Дали твојот брачен живот се сведува само на живот под ист покрив? Ако е тоа вистина, веројатно жалиш што ја снемало близината која некогаш сте ја имале. Како христијанин, сигурно ти е важно твојот брак да му носи фалба на Јехова, Богот кого го сакаш. Иако можеби сегашните околности ти задаваат многу грижи и јадови, немој да заклучиш дека нема надеж за твојот брак.

2 Денес, има христијани чиј брак порано не бил вистински жив, туку само живуркал. Сепак, успеале да си ја зајакнат врската. И ти можеш да бидеш среќен во бракот. Како?

БЛИСКОСТ СО БОГ И СО БРАЧНИОТ ДРУГАР

3, 4. Зошто брачните другари ќе станат поблиски ако се трудат да бидат поблиски со Бог? Дај пример.

3 Ќе станеш поблизок со својот брачен другар ако и двајцата се трудите да бидете поблиски со Бог. Зошто? Размисли за следниов пример: Замисли си една планина, која е широка на подножјето, а кон врвот сѐ повеќе се стеснува. Еден човек стои на подножјето на северната падина, а една жена стои на другата страна — на подножјето на јужната падина. И двајцата почнуваат да се качуваат. Кога сѐ уште се близу до подножјето, ги раздвојува огромна далечина. Но, како што се качуваат и се приближуваат кон врвот, далечината помеѓу нив станува сѐ помала и помала. Што можеме да научиме од овој пример?

4 Напорот што го вложувате за да му служите на Јехова може да се спореди со напорот што е потребен за да се искачиш на една планина. Бидејќи го сакате Јехова, вие, на некој начин, веќе со сите сили се трудите заедно да се качувате. Меѓутоа, ако сте се оддалечиле еден од друг, тоа би изгледало како да се качувате по спротивните страни на таа планина. Но, што ќе се случи ако продолжите да се качувате? Точно, во почетокот можеби ве дели прилично голема далечина. Сепак, колку повеќе напор вложувате за да станете поблиски со Бог — односно, да се качите погоре — толку поблиски ќе станувате и еден со друг. И навистина, клучот за да бидеш поблизок со својот брачен другар е да бидеш поблизок со Бог. Но, како можеш да го постигнеш тоа?

Кога се применува, знаењето од Библијата има моќ да го зајакне бракот

5. а) Што е многу важно за да станеш поблизок со Јехова и со својот брачен другар? б) Како Јехова гледа на бракот?

5 Нешто многу важно што ќе ви помогне тебе и на твојот брачен другар да се качувате, така да се каже, е да ги слушате советите за бракот запишани во Божјата Реч (Псалм 25:4; Исаија 48:17, 18). Размисли за овој конкретен совет што го дал апостол Павле. Тој рекол: „Бракот нека биде чесен меѓу сите“ (Евреите 13:4). Што значи тоа? Изворниот грчки збор преведен со „чесен“ укажува дека нешто е ценето и вредно. Токму така Јехова гледа на бракот — го цени како нешто вредно.

ГЛАВНИОТ МОТИВ — ДЛАБОКАТА ЉУБОВ КОН ЈЕХОВА

6. Што покажува контекстот на советот што Павле го дал во врска со бракот, и зошто е важно да го имаме тоа на ум?

6 Се разбира, како слуги на Бог, ти и твојот сопружник веќе знаете дека бракот е скапоцен, па дури и свет. Самиот Јехова го основал бракот. (Прочитај Матеј 19:4-6.) Меѓутоа, ако моментално имате брачни проблеми, самото тоа што знаете дека бракот е скапоцен можеби нема да ве мотивира да се сакате и да се почитувате. Тогаш, што може да ве мотивира? Обрни внимание како Павле се осврнал на чесноста во бракот. Тој не рекол „бракот е чесен“, туку „бракот нека биде чесен“. Ова не било констатација, туку совет. * Ако го имаш тоа јасно на ум, ќе добиеш уште поголема мотивација повторно да почнеш да го цениш својот сопружник. Зошто го велиме ова?

7. а) На кои библиски заповеди сме им послушни, и зошто? б) Какви се резултатите од послушноста?

7 Размисли како гледаш на другите библиски заповеди, како што е налогот да правиме ученици или да одиме на состаноци (Матеј 28:19; Евреите 10:24, 25). Точно, не е секогаш лесно да им бидеме послушни на овие заповеди. Можеби луѓето на кои им проповедаш не сакаат да слушаат или поради работата си толку уморен што мораш да ги собереш последните сили за да одиш на состанок. И покрај сето тоа, продолжуваш да ја проповедаш пораката за Царството и да одиш на состаноци. Никој не може да те спречи во тоа — дури ни Сатана! Зошто? Затоа што од срце го сакаш Јехова и таа љубов те тера да им бидеш послушен на неговите заповеди (1. Јованово 5:3). Какви се резултатите? Кога проповедаш и одиш на состаноците, чувствуваш внатрешен мир и длабока радост затоа што знаеш дека ја вршиш Божјата волја. Тоа пак, ти дава сила да продолжиш (Неемија 8:10). Што учиме од ова?

8, 9. а) Што може да нѐ поттикне да бидеме послушни на советот бракот да ни биде чесен, и зошто? б) Кои две точки ќе ги разгледаме?

8 Како што длабоката љубов кон Бог те тера да им бидеш послушен на неговите заповеди да проповедаш и да одиш на состаноци и покрај разните пречки, така може да те поттикне да му бидеш послушен и на библискиот совет твојот брак ‚да биде чесен‘, иако понекогаш тоа ти се чини тешко (Евреите 13:4; Псалм 18:29; Проповедник 5:4). Освен тоа, исто како што Јехова те благословува затоа што се трудиш да проповедаш и да одиш на состаноците, така ќе го забележи и ќе го благослови сето она што го правиш за твојот брак да биде чесен (1. Солуњаните 1:3; Евреите 6:10).

9 Но, што можеш да направиш за твојот брак да биде чесен? Не треба да се однесуваш на начин кој ќе го разниша твојот брак. Освен тоа, треба да правиш работи што ќе ја зајакнат вашата брачна врска.

ГОВОР И ОДНЕСУВАЊЕ ШТО ГО ОБЕСЧЕСТУВААТ БРАКОТ

10, 11. а) Кое однесување го обесчестува бракот? б) За кое прашање треба да разговараме со својот брачен другар?

10 Една христијанка пред некое време рекла: „Го молам Јехова да ми даде сила да издржам“. Што да издржи? Таа вели: „Маж ми просто ме шамара со своите зборови. Можеби на мене не се гледаат модринки, но неговите зајадливи забелешки, како: ‚Само товар си ми!‘ и ‚За ништо не те бива!‘, ми оставаат длабоки лузни на срцето“. Оваа сопруга зборува за еден многу сериозен проблем — навредливи зборови меѓу брачните другари.

11 Многу е жално кога двајца христијани што се во брак си дофрлаат остри зборови и си нанесуваат емоционални рани кои тешко се лечат. Очигледно, бракот во кои фрчат погрдни зборови не е чесен. Дали ова е случај и во твојот брак? Еден начин на кој можеш да го дознаеш тоа е понизно да го прашаш својот брачен другар: „Како влијаат моите зборови врз тебе?“ Ако каже дека многу често бил повреден од твоите зборови, мораш да се потрудиш да ја поправиш ситуацијата (Галатите 5:15; прочитај Ефешаните 4:31).

12. Во кој случај би било залудно сѐ што правиш за Бог?

12 Немој да изгубиш од вид дека начинот на кој зборуваш со својот брачен другар влијае врз твојот однос со Јехова. Библијата вели: „Ако некој мисли дека го почитува Бог на исправен начин, а не го зауздува својот јазик, туку го мами своето срце, неговото почитување е залудно“ (Јаков 1:26). Твојот говор е составен дел на твоето обожавање. Библијата не дава никаква поткрепа на мислењето дека, сѐ додека некој тврди дека му служи на Бог, не е важно што се случува дома. Немој да се залажуваш — ова е сериозна работа. (Прочитај 1. Петрово 3:7.) Колку и да си способен и ревносен, ако намерно го повредуваш својот брачен другар со зајадливи зборови, го обесчестуваш бракот и, во Божји очи, сѐ што правиш би било залудно.

13. Како може брачниот другар да нанесе емоционална болка?

13 Брачните другари треба да внимаваат да не си нанесат емоционална болка и на други, не толку директни начини. Да разгледаме два примера: Една самохрана мајка често му се јавува на еден оженет христијанин од собранието за да го праша за совет и потоа разговараат надолго и нашироко; еден неженет брат секоја седмица доста време поминува во службата со една мажена сестра. Венчаните христијани од овие примери можеби имале најдобри намери, но како се одразило нивното однесување врз нивните брачни другари? Една сопруга во слична ситуација рекла: „Ме боли кога гледам дека маж ми ѝ посветува толку време и внимание на друга сестра од собранието. Се чувствувам како јас да сум му помалку важна“.

14. а) Која брачна обврска е нагласена во 1. Мојсеева 2:24? б) Што треба да се запрашаме?

14 Сосема е разбирливо што оваа сестра и други кои се во слична ситуација се чувствуваат повредени. Нивните брачни другари го занемаруваат главниот совет што Бог го дал за бракот: „Човек ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до својата жена“ (1. Мојсеева 2:24). Се разбира, оние што се во брак сѐ уште ги почитуваат своите родители, но во очите на Бог тие пред сѐ имаат обврска кон својот брачен другар. Слично на тоа, христијаните многу ги сакаат соверниците, но првенствено имаат одговорност кон својот брачен другар. Затоа, кога еден христијанин што е во брак поминува премногу време или стане премногу близок со некој соверник, особено од спротивниот пол, го става својот брак под притисок. Дали можеби и во твојот брак тоа е причина за затегнати односи? Запрашај се: ‚Дали му ги давам времето, вниманието и љубовта што со право му ги должам на мојот брачен другар?‘

15. Според Матеј 5:28, зошто венчаните христијани не треба да му посветуваат претерано внимание на некој од спротивниот пол?

15 Освен тоа, венчаните христијани кои му посветуваат премногу внимание на некој од спротивниот пол неразумно си ставаат трн во здрава нога. За жал, се случува некои да се вљубат во оние со кои станале премногу блиски (Матеј 5:28). Ваквата емоционална блискост ги навела да направат работи со кои уште повеќе го обесчестуваат бракот. Да видиме што рекол апостол Павле во врска со ова.

„БРАЧНАТА ПОСТЕЛА НЕКА БИДЕ ЧИСТА“

16. Која заповед ја дал Павле во врска со бракот?

16 Веднаш откако го дал советот „бракот нека биде чесен“, Павле го дал следново предупредување: „Брачната постела нека биде чиста, зашто Бог ќе им суди на блудниците и на прељубниците“ (Евреите 13:4). Со изразот „брачната постела“ Павле укажува на половите односи. Половите односи се ‚чисти‘ само во бракот. Затоа христијаните се послушни на вдахновените зборови: „Радувај се со жената на својата младост“ (Изреки 5:18).

17. а) Зошто врз христијаните не треба да влијае гледиштето што луѓето го имаат за прељубата? б) Како можеме да го следиме примерот на Јов?

17 Оние што имаат полови односи со некој со кого не се во брак покажуваат големо непочитување за Божјите морални закони. Точно, денес мнозина ја сметаат прељубата како нешто сосема нормално. Но, што и да мислат луѓето за прељубата, тоа не смее да влијае врз мислењето на христијаните. Ним им е јасно дека на крајот „Бог ќе им суди на блудниците и на прељубниците“, а не луѓето (Евреите 10:31; 12:29). Затоа, вистинските христијани се држат за гледиштето што Јехова го има во врска со оваа работа. (Прочитај Римјаните 12:9.) Сети се што рекол верниот Јов: „Склучив сојуз со своите очи“ (Јов 31:1). Да, за да не направат макар и еден чекор што би водел до прељуба, вистинските христијани си ги контролираат очите и не гледаат со страст на некој од спротивниот пол. (Види го Додатокот под темата „Што вели Библијата за разводот и за одвоеното живеење“.)

18. а) За колку сериозен престап Јехова ја смета прељубата? б) Која е сличноста помеѓу прељубата и идолопоклонството?

18 За колку сериозен престап Јехова ја смета прељубата? Мојсеевиот закон ни помага да го разбереме тоа. Во Израел, прељубата и идолопоклонството спаѓале во престапите што се казнувале со смрт (3. Мојсеева 20:2, 10). Можеш ли да видиш која е сличноста помеѓу овие два престапа? Па, еден Израелец што се клањал на некој идол го прекршувал својот завет со Јехова. Слично, и Израелецот што ќе направел прељуба го прекршувал заветот со својот брачен другар. И двајцата биле неверни (2. Мојсеева 19:5, 6; 5. Мојсеева 5:9; прочитај Малахија 2:14). Според тоа, за Јехова, верниот Бог, и едниот и другиот заслужувале казна (Псалм 33:4).

19. Што може да му даде на еден христијанин уште поголема сила да не направи прељуба, и зошто?

19 Се разбира, христијаните не се под Мојсеевиот закон. Сепак, ако имаат на ум дека во стариот Израел прељубата се сметала за сериозен грев, можеби ќе бидат уште порешени да не направат такво нешто. Зошто? Размисли за следнава споредба: Дали би влегол во црква, би клекнал на колена и би се молел на некоја икона? ‚Нема шанси!‘ ќе речеш. Но, што ако ти понудат многу пари? Дали ќе бидеш на искушение да го направиш тоа? ‚Нема шанси!‘ ќе речеш пак. На еден вистински христијанин му е одбивна и самата помисла да го изневери Јехова со тоа што ќе се моли на некоја икона. Слично на тоа, на христијаните треба да им биде одбивна и помислата да го изневерат својот Бог, Јехова, и својот брачен другар со тоа што ќе направат прељуба — сеедно какви побуди ги тераат на тоа (Псалм 51:1, 4; Колошаните 3:5). Не сакаме никогаш да направиме нешто што би му дало причина на Сатана да се радува, а што би му донело голем срам на Јехова и на бракот.

КАКО ДА СИ ГО ЗАЈАКНЕМЕ БРАКОТ

20. Што се случува со некои бракови? Дај пример.

20 Освен што нема да правиш ништо со што би го обесчестил бракот, што можеш да направиш за да ја заживееш почитта кон својот брачен другар? Следниов пример ќе ни помогне да дојдеме до одговорот: Замисли си дека бракот е една куќа. Љубезните зборови, обѕирните постапки и другите работи со кои брачните другари си покажуваат почит се украси што ја разубавуваат куќата. Ако сте блиски, вашиот брак личи на куќа со украси кои ѝ даваат убавина и топлина. Ако љубовта олади, украсите постепено ги снемува и бракот ви станува како празна куќа без никакви украси. Бидејќи сакате да бидете послушни на Божјата заповед ‚бракот да биде чесен‘, срцето ве тера да ја подобрите ситуацијата. Впрочем, нешто што е скапоцено и достојно за почит вреди да се поправи. Како можете да го направите тоа? Во Божјата Реч пишува: „Со мудрост се гради дом и со разборитост се утврдува. Знаењето ги полни собите со разновидни вредни работи, скапоцени и убави“ (Изреки 24:3, 4). Да видиме како овие зборови важат и за бракот.

21. Како можеме да си го зајакнуваме бракот? (Види ја и рамката „ Како можам да си го подобрам бракот?“.)

21 Некои од ‚скапоцените работи‘ што го исполнуваат еден среќен дом се вистинската љубов, стравот од Бог и цврстата вера (Изреки 15:16, 17; 1. Петрово 1:7). Тие помагаат бракот да биде стабилен. Но, дали забележа од стихот како се полнат собите со скапоцени работи? Со помош на „знаењето“. Да, кога се применува во животот, знаењето од Библијата има моќ да го преобрази размислувањето на луѓето и да ги поттикне повторно да ја разгорат љубовта што ја имале (Римјаните 12:2; Филипјаните 1:9). Според тоа, секојпат кога ќе седнете со брачниот другар да разработите некој дел од Библијата, на пример, дневниот стих или некоја статија од Стражарска кула и Разбудете се! во која се зборува за бракот, вие како да разгледувате некој убав украс што може да ви ја разубави куќата. Кога од љубов кон Јехова ќе ги примените во бракот советите што сте ги разгледале, го внесувате тој украс во вашите ‚соби‘. Како резултат на тоа, во вашиот брак ќе се врати дел од убавината и топлината што порано сте ги имале.

22. Зошто сме среќни кога се трудиме да го дадеме својот дел за да си го зајакнеме бракот?

22 Точно, можеби ќе треба доста време и напор за да се вратат сите тие украси на свое место. Сепак, ако го дадеш својот дел, ќе бидеш среќен затоа што знаеш дека си послушен на библиската заповед: „Предводете во искажувањето почит еден кон друг“ (Римјаните 12:10; Псалм 147:11). А најважно од сѐ, ако искрено се трудиш твојот брак да биде чесен, ќе ја зачуваш Божјата љубов.

^ пас. 6 Контекстот покажува дека зборовите на Павле во врска со бракот се дел од повеќе совети (Евреите 13:1-5).