Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ШЕСНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ

Спротивстави му се на Ѓаволот и на неговите сплетки

Спротивстави му се на Ѓаволот и на неговите сплетки

„Спротивставете му се на Ѓаволот, и тој ќе побегне“ (ЈАКОВ 4:7).

1, 2. За кого крштавањата се радосни прилики?

АКО веќе со години му служиш на Јехова, веројатно на нашите собири и конгреси си чул многу говори за крштавање. Сепак, без разлика колку пати си бил на таков настан, веројатно сѐ уште ти се растреперува срцето кога оние што седат во првите редови ќе се исправат, спремни да се крстат. Во тој момент, меѓу присутните се чувствува придушена возбуда, а потоа следи бурен аплауз. Можеби очите ти се полнат со солзи кога гледаш како уште една група скапоцени луѓе застануваат на страната на Јехова. Тоа се навистина радосни моменти!

2 Ние можеби неколкупати во годината сме сведоци на такви настани, но ангелите имаат предност да видат многу повеќе. Можеш ли да си замислиш колкава е ‚радоста на небото‘ кога ангелите гледаат како илјадници луѓе низ целиот свет секоја седмица се приклучуваат на видливиот дел на Јеховината организација? (Лука 15:7, 10). Нема сомнение, ангелите се пресреќни поради ова! (Агеј 2:7).

ЃАВОЛОТ „ОДИ НАОКОЛУ КАКО РАЗРИКАН ЛАВ“

3. Зошто Сатана оди наоколу „како разрикан лав“, и што сака да ни направи?

3 Меѓутоа, во остра спротивност на нив, има и духовни суштества кои се бесни кога гледаат како луѓето се крштаваат. За Сатана и за демоните е тежок удар тоа што илјадници му свртуваат грб на овој расипан свет. И нормално е тоа да биде удар за нив, зашто Сатана се фалел дека ниеден човек нема да му служи на Јехова од љубов и дека никој нема да му остане верен кога ќе се најде на голема мака. (Прочитај Јов 2:4, 5.) Секојпат кога некој ќе реши да му се заветува на Јехова, докажува дека Сатана е лажливец. Тоа е како Сатана да добива илјадници шлаканици секоја седмица. Не е ни чудо што „оди наоколу како разрикан лав и бара некого да проголта“! (1. Петрово 5:8). Овој „лав“ сака да нѐ проголта духовно и да ни го наруши или сосема да ни го уништи односот со Бог (Псалм 7:1, 2; 2. Тимотеј 3:12).

Секојпат кога некој ќе му се заветува на Јехова и ќе се крсти, докажува дека Сатана е лажливец

4, 5. а) На кои два начина Јехова му го ограничил влијанието на Сатана? б) Во што можат да бидат сигурни вистинските христијани?

4 Иако имаме жесток непријател, нема зошто да се плашиме претерано, бидејќи Јехова му го ограничил влијанието на овој „разрикан лав“ на два важни начина. Како? Најпрво, Јехова прорекол дека „големо мноштво“ вистински христијани ќе ја преживеат „големата неволја“ (Откровение 7:9, 14). Божјите пророштва никогаш не остануваат неисполнети. Според тоа, и самиот Сатана сигурно знае дека не му може ништо на Божјиот народ како целина.

5 Кое е второто ограничување можеме да сфатиме од еден непобитен факт што го спомнал еден верен Божји слуга од минатото. Пророкот Азарија му рекол на цар Аса: „Јехова ќе биде со вас сѐ додека вие сте со него“ (2. Летописи 15:2; прочитај 1. Коринќаните 10:13). Запишани се безброј примери кои покажуваат дека во минатото Сатана никогаш не успеал да проголта некој Божји слуга кој останал близок со Бог (Евреите 11:4-40). И денес, секој христијанин што ќе остане близок со Бог, ќе може да му се спротивстави на Ѓаволот, па дури и да го победи. Всушност, Божјата Реч нѐ уверува: „Спротивставете му се на Ѓаволот, и тој ќе побегне од вас“ (Јаков 4:7).

„СЕ БОРИМЕ... ПРОТИВ ЗЛИТЕ ДУХОВНИ СИЛИ“

6. Како се бори Сатана против секој христијанин?

6 Сатана не може да ја добие војната, така да се каже, но може да нѐ совлада како поединци ако не сме претпазливи. Тој знае дека може да нѐ проголта ако ни ја ослабне врската со Јехова. Како се обидува да го постигне тоа? Со жестоки напади, со тоа што нѐ напаѓа како поединци и со тоа што се служи со подмолни сплетки. Да ги разгледаме овие главни тактики на Сатана.

7. Зошто Сатана сѐ пожестоко ги напаѓа Јеховините слуги?

7 Жестоки напади. Апостол Јован напишал: „Целиот свет е под власта на Злобниот“ (1. Јованово 5:19). Овие зборови содржат предупредување за сите вистински христијани. Бидејќи Сатана веќе го има проголтано целиот овој злобен свет, сега им е настрвен на оние што сѐ уште успеваат да му избегаат — Јеховините слуги — и сѐ пожестоко ги напаѓа (Михеј 4:1; Јован 15:19; Откровение 12:12, 17). Тој е бесен зашто знае дека му останува уште малку време. Затоа го зголемува притисокот. Денес живееме во времето на неговото последно пустошење.

8. Што мислел апостол Павле кога рекол дека „се бориме“ против злите духови?

8 Нѐ напаѓа како поединци. Апостол Павле ги предупредил сохристијаните: „Се бориме... против злите духовни сили на небесата“ (Ефешаните 6:12). Зошто Павле го употребил изразот „се бориме“? Затоа што ја пренесува мислата на борба гради в гради. Со овој израз, Павле нагласил дека секој од нас води борба со злите духови. Без разлика дали живееме во земја каде што многу се раширени верувањата во зли духови или не, не треба да заборавиме дека, кога му се заветувавме на Јехова, ние, на некој начин, влеговме во рингот. Од кога се заветувал на Бог, секој христијанин, сакал-нејќел, е вклучен во оваа борба. Не е ни чудо што Павле видел потреба повеќепати да ги поттикне христијаните во Ефес да бидат цврсти! (Ефешаните 6:11, 13, 14).

9. а) Зошто Сатана и демоните се служат со разни „сплетки“? б) Зошто Сатана се обидува да ни ги расипе мислите, и како можеме да му се спротивставиме? (Види ја рамката „ Чувај се од лукавствата на Сатана!“.) в) Која сплетка ќе ја разгледаме сега?

9 Подмолни сплетки. Павле ги поттикнал христијаните да им се спротивстават на Сатановите „сплетки“ (Ефешаните 6:11). Забележи дека Павле зборувал во множина. Злите духови не користат една, туку различни сплетки — и со добра причина. Со текот на времето, некои верници кои издржале еден вид искушенија, паднале на друг. Затоа, Ѓаволот и демоните внимателно набљудуваат како постапува секој од нас за да ни ја најдат слабата точка. Потоа ја искористуваат секоја слабост која може да ни го наруши односот со Бог. Но, за среќа, можеме да препознаеме многу од методите на Ѓаволот затоа што се разоткриени во Библијата (2. Коринќаните 2:11). Во претходните поглавја од оваа книга разгледавме некои од сплетките на Сатана, како што се материјализмот, лошото друштво и сексуалниот неморал. Сега да разгледаме уште една негова сплетка — спиритизмот.

СПИРИТИЗМОТ Е ЧИН НА ПРЕДАВСТВО

10. а) Што е спиритизам? б) Како гледа Јехова на спиритизмот, и како гледаш ти на спиритизмот?

10 Кога некој се занимава со спиритизам, односно демонизам, стапува во директен контакт со злите духови. Во спиритизам спаѓаат гатање, магии, фрлање клетви, повикување на мртви и слично. Како што добро знаеме, спиритизмот „му е одвратен на Јехова“ (5. Мојсеева 18:10-12; Откровение 21:8). Бидејќи и ние мораме ‚да го мразиме злото‘, незамисливо е да имаме нешто со злите духовни сили (Римјаните 12:9). Тоа би било страшен чин на предавство против нашиот небесен Татко, Јехова!

11. Зошто би било голема победа за Сатана ако успее да нѐ намами да се вплеткаме во спиритизам? Дај пример.

11 Меѓутоа, токму затоа што плеткањето во спиритизмот е страшно предавство против Јехова, Сатана е решен да натера и некои од нас да почнат да се занимаваат со него. Секојпат кога ќе успее да намами некој христијанин да се вплетка во демонизам, Сатана извојува голема победа. Зошто? Размисли за оваа споредба: Ако еден војник биде убеден да дезертира, да ја предаде својата војска и да премине на противничката страна, непријателскиот заповедник ќе биде пресреќен. Можеби дури и ќе прошета наоколу со предавникот како со некој трофеј само за да го навреди претходниот заповедник на војникот. Слично на тоа, ако еден христијанин почне да се занимава со спиритизам, тој свесно и намерно „дезертира“, односно го напушта Јехова и доаѓа под директна команда на Сатана. Замисли си колку радосен би бил Сатана да прошета наоколу со тој дезертер како со некој воен трофеј. Зарем некој од нас би сакал да му донесе таква победа на Ѓаволот? Апсолутно не! Ние не сме предавници.

ОБИДИ ДА СЕ ВСАДАТ СОМНЕЖИ

12. Која метода ја користи Сатана за да влијае врз нашето гледиште за спиритизмот?

12 Сѐ додека го мразиме спиритизмот, Сатана нема да нѐ фати во таа замка. Затоа, јасно му е дека мора да се обиде да влијае врз нашите мисли. Како? Тој сака да ги збуни христијаните до тој степен што некои ќе почнат да мислат дека ‚доброто е зло, а злото добро‘ (Исаија 5:20). За таа цел, Сатана честопати се служи со една своја проверена метода — се обидува да ни всади сомнежи.

13. Како Сатана во минатото се обидел да всади сомнежи?

13 Забележи како ја користел оваа метода во минатото. Во градината Еден ја прашал Ева: „Навистина ли рекол Бог дека не смеете да јадете од секое дрво во градината?“ Во времето на Јов, кога сите ангели се собрале пред Јехова, Сатана го поставил прашањето: „Зарем Јов залудно се бои од Бог?“ А на почетокот на Исусовата служба на Земјата, Сатана го предизвикал со зборовите: „Ако си Божји син, кажи им на овие камења да станат лебови“. Замисли си — во случајот на Исус, Сатана се дрзнал да ги доведе во прашање зборовите што лично Јехова ги кажал шест седмици претходно: „Ова е мојот сакан Син, кој ми е по волја“! (1. Мојсеева 3:1; Јов 1:9; Матеј 3:17; 4:3).

14. а) Како ја користи Сатана својата тактика да создаде сомнежи во врска со спиритизмот? б) Што ќе разгледаме сега?

14 Денес, Ѓаволот користи слична тактика за да ги наведе луѓето да гледаат на спиритизмот како на нешто што не е толку опасно. За жал, ова му успева кај некои христијани. Тие почнуваат да се прашуваат дали некои облици на спиритизмот се навистина толку лоши. (2. Коринќаните 11:3). Како да им помогнеме да го сменат ставот? Што можеме да направиме за да не влијаат и врз нас сомнежите што Сатана сака да ни ги всади? За да го дознаеме одговорот на овие прашања, да разгледаме две подрачја од животот што Сатана подмолно ги загадил со спиритистички елементи — забавата и грижата за нашето здравје.

ГИ ИСКОРИСТУВА НАШИТЕ ЖЕЛБИ И ПОТРЕБИ

15. а) Како се гледа на спиритизмот на Запад? б) Како влијаело врз некои христијани гледиштето на светот за спиритизмот?

15 Особено на Запад, сѐ помалку луѓе ги сметаат окултизмот, магиите и други облици на спиритизам за нешто штетно. Во филмовите, книгите, ТВ програмите и компјутерските игри сѐ почесто демонските елементи се прикажуваат како интересни, паметни и безопасни. Некои филмови и книги чија главна тема е спиритизмот се толку популарни што нивните приврзаници имаат основано клубови на обожаватели. Очигледно, демоните успеале да го прикажат спиритизмот како нешто сосема безопасно. Дали овој став влијае и врз христијаните? Врз некои, да. Како? Еве еден типичен пример — откако еден христијанин гледал филм во кој имало многу окултни работи, рекол: „Го гледав филмот, ама не направив ништо што е поврзано со спиритизмот“. Зошто е опасно да се размислува вака?

16. Зошто е опасно да избереме забава која главно се врти околу спиритизам?

16 Иако има разлика меѓу тоа да се занимаваш со спиритизам и да гледаш такви работи, тоа секако не значи дека во гледањето нема никаква опасност. Зошто? Размисли за ова: Од Божјата Реч се гледа дека ниту Сатана ниту неговите демони немаат моќ да ни ги читаат мислите. * Затоа, како што веќе беше спомнато, за да дознаат што размислуваме и да забележат кои ни се слабите точки во односот со Бог, злите духови мораат внимателно да ги набљудуваат нашите постапки — вклучувајќи ја и забавата што ја избираме. Кога еден христијанин покажува дека сака филмови или книги во кои се зборува за луѓе што повикуваат духови, за магии, за луѓе опседнати од демони и слично, многу им кажува на демоните за себе. Со други зборови, им ја открива својата слаба точка! Како резултат на тоа, демоните може да почнат пожестоко да се борат со тој христијанин за да му ја искористат слабоста што им ја покажал сѐ додека не го приклештат на подот, така да се каже. Всушност, некои што се заинтересирале за спиритизмот преку забавата во која тој има значајно место, со текот на времето почнале и самите да се занимаваат со спиритизам. (Прочитај Галатите 6:7.)

Кога си болен, користи ја поддршката што Јехова ти ја дава

17. Со помош на која сплетка Сатана може да ја искористи положбата на болните?

17 Сатана не гледа да ја искористи само нашата желба за забава, туку и нашата грижа за здравјето. Како? Еден христијанин чие здравје сѐ повеќе се влошува, и покрај тоа што безброј пати се обидел да најде лек, може да западне во очај (Марко 5:25, 26). Тоа може да им даде на Сатана и на демоните одлична прилика да го нападнат. Демоните може да ја искористат неговата ситуација за да го наведат да побара лекување кое вклучува „магија“, или спиритизам (Исаија 1:13). Ако демоните успеат со оваа сплетка, ќе му го нарушат на болниот односот со Бог. Како?

18. Какви медицински постапки нема да прифати еден христијанин, и зошто?

18 На Израелците кои се служеле со „магија“, Јехова им рекол: „Кога во молитва ги ширите рацете, ги затворам очите пред вас. Кажувате многу молитви, но јас не слушам“ (Исаија 1:15). Се разбира, ние не сакаме да направиме ништо што би ги спречило нашите молитви и би ни ја ускратило помошта од Јехова — посебно кога сме болни (Псалм 41:3). Затоа, ако нешто укажува дека извесна дијагностичка или терапевтска постапка содржи спиритистички елементи, еден вистински христијанин нема да ја прифати * (Матеј 6:13). Ако постапува така, сигурно ќе ја зачува Јеховината љубов. (Види ја рамката „ Дали навистина е спиритизам?“.)

МНОГУ ПРИКАЗНИ ЗА ДЕМОНИ

19. а) Што ги измамил Ѓаволот да веруваат мнозина? б) Какви приказни не треба да раскажуваат вистинските христијани?

19 Додека на Запад многумина не ја сфаќаат сериозно опасноста од моќта на Сатана, во други делови од светот се случува сосем спротивното. Во тие земји, Ѓаволот успеал да измами мнозина да веруваат дека тој е помоќен отколку што навистина е. Некои луѓе живеат, јадат, работат и спијат со страв од злите духови. Има многу приказни за моќните дела на демоните. Таквите приказни обично се прераскажуваат со сласт — луѓето се одушевени од нив. Треба ли и ние да раскажуваме такви приказни? Не, слугите на вистинскиот Бог не го прават тоа од две важни причини.

20. Како може некој, макар ненамерно, да ги шири лагите на Сатана?

20 Прво, кога некој раскажува приказни за тоа што сѐ направиле демоните, тој, всушност, му прави услуга на Сатана. Зошто го велиме тоа? Божјата Реч потврдува дека Сатана може да прави моќни дела, но во исто време нѐ предупредува дека се служи со „лажни чудесни знаци“ и „измама“ (2. Солуњаните 2:9, 10). Сатана е најголемиот измамник и знае како да влијае врз умот на оние што се склони кон спиритизам и како да ги натера да веруваат во работи што не се точни. Тие можеби искрено веруваат дека виделе и чуле некои работи и можеби ги прераскажуваат своите доживувања како вистинити. Со текот на времето, поради постојаното прераскажување од еден на друг, работите во приказните почнуваат да се преувеличуваат. Ако еден христијанин прераскажува такви приказни, тој всушност ја врши волјата на Ѓаволот, кој е „татко на лагата“. На тој начин, би ги ширел лагите на Сатана (Јован 8:44; 2. Тимотеј 2:16).

21. Околу што треба да се вртат нашите разговори?

21 Второ, дури и ако некој христијанин во минатото имал контакт со злите духови, не треба постојано да ги забавува соверниците со приказни за такви работи. Зошто? Даден ни е советот: „Да го впериме погледот во Главниот Застапник и Усовршител на нашата вера, Исус“ (Евреите 12:2). Да, треба да го насочиме вниманието на Исус, а не на Сатана. Интересно, додека бил на Земјата, Исус не ги забавувал своите ученици со приказни за злите духови, иако можел многу да каже за тоа што може и што не може да направи Сатана. Наместо тоа, Исус се концентрирал на пораката за Царството. Затоа, да го следиме неговиот пример и примерот на апостолите и да се трудиме нашите разговори да се вртат околу „величествените Божји дела“ (Дела 2:11; Лука 8:1; Римјаните 1:11, 12).

22. Како ќе придонесеме да има ‚радост на небото‘?

22 Точно, Сатана користи разни сплетки, вклучувајќи го и спиритизмот, за да ни го уништи односот со Јехова. Меѓутоа, ако го мразиме злото и го правиме она што е добро, нема да му дадеме можност на Ѓаволот да ни ја ослабне решеноста да немаме ништо со каков и да било облик на спиритизам. (Прочитај Ефешаните 4:27.) Замисли си колкава ќе биде ‚радоста на небото‘ ако продолжиме да се ‚спротивставуваме на Ѓаволовите сплетки‘, сѐ додека тој не биде уништен! (Лука 15:7; Ефешаните 6:11).

^ пас. 16 Описните имиња што му се дадени на Сатана (Противник, Клеветник, Измамник, Искушувач, Лажливец) со ништо не укажуваат дека тој има моќ да ни ги чита срцето и умот. Но, за разлика од него, за Јехова се вели дека „ги испитува срцата“, а за Исус дека „ги испитува бубрезите и срцата“ (Изреки 17:3; Откровение 2:23).

^ пас. 18 Повеќе информации има во статијата „Тест за вашето здравје?“ во Стражарска кула од 15 декември 1994, страници 19-22, и во статијата „Гледиште на Библијата: Вашиот избор на лекување — дали е важен?“ во Разбудете се! од 8 април 2001.