Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто сум толку болен?

Зошто сум толку болен?

ПОГЛАВЈЕ 8

Зошто сум толку болен?

„Кога си млад, мислиш дека си непобедлив. И тогаш, одеднаш, некоја сериозна болест ќе ти го избие тоа од глава. Се чувствуваш како да си остарел преку ноќ“ (Џејсон).

КОГА имал 18 години, Џејсон дознал дека има Кронова болест, заболување на цревата проследено со болки, кое го исцрпува болниот. Можеби и ти имаш некоја хронична болест или некој инвалидитет. За работите што мнозина ги сметаат како нешто сосем нормално — на пример, да се облечеш, да јадеш и да одиш во училиште — можеби тебе ти треба голем напор.

Поради некоја хронична болест може да се чувствуваш како да си во затвор, како да ти е ограничена слободата. Можеби си осамен. Можеби дури ќе почнеш да се прашуваш да не си направил нешто со што си го навредил Бог или да не сака Бог со тоа да ти ги испита верата и лојалноста. Меѓутоа, Библијата вели: „Бог не може да се искуша со зло, а и тој никого не искушува со зло“ (Јаков 1:13). Сега засега, болестите едноставно се дел од животот, а „времето и непредвидените настани“ нѐ снаоѓаат сите (Проповедник 9:11).

Среќни сме што Јехова Бог ветил нов свет во кој „никој од жителите нема да рече: ‚Болен сум‘“ (Исаија 33:24). Дури и оние што умреле ќе бидат воскреснати и ќе имаат можност да живеат во новиот свет (Јован 5:28, 29). Но, додека да дојде тоа време, што можеш да направиш за да го извлечеш најдоброто од животот во рамките на твоите околности?

Труди се да бидеш оптимист. Библијата вели: „Веселото срце дејствува добро како лек“ (Изреки 17:22). Некои можеби мислат дека не е на место да се смееш и да бидеш радосен кога имаш некоја тешка болест. Но, пријатниот хумор и доброто друштво можат да те разведрат и да ти дадат волја за живот. Затоа, размислувај како да внесеш повеќе радост во својот живот. Не заборавај дека радоста е еден од плодовите на Божјиот дух (Галатите 5:22). Тој дух може да ти помогне да живееш со својата болест и, сепак, да бидеш радосен (Псалм 41:3).

Поставувај си реалистични цели. „Мудроста е кај скромните“, пишува во Библијата (Изреки 11:2). Скромноста ќе ти помогне да не бидеш ниту претерано безгрижен ниту претерано претпазлив. На пример, ако здравјето ти дозволува, разумната физичка активност ќе ти помогне да се чувствуваш подобро. Од таа причина, медицинските установи честопати за своите помлади пациенти имаат програми за физикална терапија. Во многу случаи, исправното вежбање не само што го забрзува оздравувањето, туку и помага да задржиш позитивен став. Поентата од ова е: искрено процени ја својата ситуација и постави си реалистични цели.

Научи како да се однесуваш со другите. Што ако некој каже нешто непромислено во врска со твоето здравје? Библијата вели: „Не земај го присрце секој збор што ќе го кажат луѓето“ (Проповедник 7:21). Понекогаш во таква ситуација најдобро е едноставно да ги игнорираш тие зборови. Или, можеш да направиш нешто за воопшто да не дојде до такви забелешки. На пример, ако другите се малку напнати во твое друштво затоа што си во инвалидска количка, пробај да ги опуштиш малку. Би можел да кажеш: „Сигурно се прашуваш зошто сум во количка. Сакаш ли да ти кажам?“

Не се предавај. Кога многу страдал, Исус му се молел на Бог, се потпирал на него и не се концентрирал на болката, туку на прекрасната иднина што го чека (Евреите 12:2). Тој учел од тешкотиите што ги поминал во животот (Евреите 4:15, 16; 5:7-9). Прифаќал помош и охрабрување (Лука 22:43). Се концентрирал на тоа да им биде добро на другите, а не на тоа колку нему му било тешко (Лука 23:39-43; Јован 19:26, 27).

Јехова ,се грижи за тебе‘

Каква и да имаш болест, не треба да мислиш дека Бог те гледа како помалку вреден. Напротив, оние што се трудат да ја вршат неговата волја, за Јехова се многу вредни и скапоцени (Лука 12:7). ‚Тој се грижи за тебе‘ и со задоволство те користи во службата за него — и покрај тоа што си болен или инвалид (1. Петрово 5:7).

Затоа, не дозволувај стравот или недоволната самодоверба да те спречат да го правиш она што сакаш и она што треба да го правиш. Секогаш барај помош од Јехова Бог. Тој знае што ти треба и разбира како се чувствуваш. Освен тоа, тој може да ти даде „сила, која ја надминува нормалната“ за да можеш да издржиш (2. Коринќаните 4:7). Можеби со текот на времето и ти ќе почнеш да гледаш оптимистично како Тимоти, кај кого на 17 години бил дијагностициран синдром на хроничен замор. Тој вели: „Според 1. Коринќаните 10:13, Јехова нема да дозволи да претрпиме повеќе од она што можеме да поднесеме. Си размислувам, ако мојот Творец е сигурен дека можам да го поднесам ова, тогаш кој сум јас да му противречам?“

Ако познаваш некој болен

Што ако ти си здрав, но познаваш некој што е болен или инвалид? Како можеш да му помогнеш? Најважно е да бидеш ‚сочувствителен и сомилосен‘ (1. Петрово 3:8). Труди се да разбереш низ што минува. Гледај ги неговите проблеми низ неговите очи, а не низ своите. Нина, која е родена со спина бифида (вродена мана на ’рбетниот столб), вели: „Бидејќи имам мало тело и сум во инвалидска количка, некои луѓе зборуваат со мене како со дете. Тоа може многу да ме обесхрабри. Но, други седнуваат и разговараат со мене, и така сме на иста висина. Тогаш се чувствувам многу попријатно!“

Ако гледаш малку подлабоко, ќе видиш дека оние што имаат некој здравствен проблем се многу слични на тебе. И имај на ум дека со своите зборови ти можеш ‚да им дадеш некаков духовен дар‘! Ако го правиш тоа, ќе видиш дека тоа ќе биде добро и за тебе, зашто ‚заемно ќе се охрабрите‘ (Римјаните 1:11, 12).

ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 1, ПОГЛАВЈЕ 13

КЛУЧЕН СТИХ

„Тогаш... никој од жителите нема да рече: ‚Болен сум‘“ (Исаија 33:23, 24)

ПРЕДЛОГ

Знаењето го намалува стравот од непознатото. Затоа, научи што е можно повеќе за твојата болест. Ако нешто не ти е јасно, поставувај му конкретни прашања на твојот лекар.

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?

Твојата болест или хендикеп не е казна од Бог. Тоа е последица на несовршеноста што сите сме ја наследиле од Адам (Римјаните 5:12).

ПЛАН!

За да бидам оптимист и покрај болеста или хендикепот што го имам, ќе ․․․․․

Една реалистична цел што би можел да си ја поставам е ․․․․․

Ако некој каже нешто нељубезно во врска со мојата состојба, ќе гледам на тоа објективно така што ќе ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

Како со информациите од ова поглавје можеш да му помогнеш на некој што е инвалид или има хронична болест?

Ако имаш хронична болест, за кои позитивни работи можеш да размислуваш за да го извлечеш најдоброто од животот во рамките на твоите околности?

Како знаеш дека твојот проблем не е знак дека Бог не те сака?

[Рамка/слика на страница 75]

ДАСТИН (22)

››Кога дознав дека ќе морам да бидам во инвалидска количка, плачев стуткан во прегратката на мајка ми. Тогаш имав само осум години.

Имам мускулна дистрофија. Ми треба помош да се облечам, да се истуширам и да јадам. Воопшто не можам да ги кревам рацете. Сепак, водам активен и среќен живот, и има многу за што да бидам благодарен. Редовно излегувам да проповедам и служам како слуга помошник во собранието. Не мислам многу на болеста. Во службата за Јехова секогаш има што да се прави и на што да се радуваш. Желно го очекувам Божјиот нов свет, каде што ‚ќе скокам како елен‘‹‹ (Исаија 35:6).

[Рамка/слика на страница 75]

ТОМОКО (21)

››Кога имав само четири години, лекарот ми рече: ‚Ќе мораш да примаш инсулин до крајот на животот‘.

Не е лесно еден дијабетичар да си го контролира шеќерот. Многу често не смеам да јадам кога ми се јаде, и морам да јадам кога не ми се јаде. Досега, имам примено околу 25.000 инсулински инјекции. Од тоа, кожата на рацете и нозете каде што се боцкам ми е многу тврда. Но, родителите отсекогаш ми помагале да го извлечам најдоброто од животот во моите околности. Секогаш се ведри и оптимисти, и ме воспитаа да ги ценам духовните работи. И Јехова е добар со мене. Кога здравјето ми дозволи, решив да му го покажам своето ценење со тоа што почнав со полновремена служба.‹‹

[Рамка/слика на страница 76]

ЏЕЈМС (18)

››Луѓето не знаат како да реагираат кога ќе видат некој што изгледа необично, а јас изгледам токму така.

Имам редок облик на џуџест раст. Изгледот им е многу важен на луѓето, па затоа секогаш морам да докажувам дека не сум мало дете со длабок глас. Но, наместо да паднам во депресија поради она што не сум, јас се трудам да се концентрирам на она што сум. Си го сакам животот. Ја проучувам Библијата и го молам Јехова за помош. Моето семејство е секогаш тука да ме храбри. Со нетрпение го очекувам времето кога Бог ќе ги отстрани сите болести. Во меѓувреме, живеам со својот хендикеп, но не дозволувам тоа да ми го контролира животот.‹‹

[Рамка/слика на страница 76]

ДАНИТРИЈА (16)

››Знаев дека нешто не е во ред штом ми беше толку болно да подигнам макар и чаша вода.

Да се живее со фибромијалгија е вистинска мака, и буквално и фигуративно. Како тинејџерка, и јас сакам да бидам како моите пријатели, но сега за мене сѐ е потешко отколку порано. Дури ми треба цела вечност за да заспијам! Сепак, сфатив дека со помош од Јехова можам да живеам нормално и покрај болеста. Можев дури и да поминам повеќе време во службата како помошен пионер. Беше тешко, но успеав. Давам сѐ од себе. Морам да ‚слушам‘ што ми вели телото и да го правам она што е во рамките на моите можности. Ако некогаш се заборавам, тука е мајка ми да ме потсети!‹‹

[Рамка/слика на страница 77]

ЕЛИСИЈА (20)

››Порано бев супер ученик. Сега ми е тешко да прочитам една едноставна реченица, и понекогаш многу се разочарувам поради тоа.

Кога имаш синдром на хроничен замор, дури и наједноставните работи ти се тешки. Често не можеш да станеш ни од кревет. Сепак, не дозволив болеста да ми ја одредува личноста. Секој ден ја читам Библијата, иако понекогаш тоа се само неколку стиха или некој од семејството мора да ми чита. Многу сум му благодарна на моето семејство. Еднаш татко ми дури се откажа од одговорна задача на еден конгрес за да ми помогне да присуствувам. Никогаш не се пожали за тоа. Рече дека најзначајната задача за него е да се грижи за своето семејство.‹‹

[Рамка/слика на страница 77]

КАЦУТОШИ (20)

››Одеднаш, целиот во паника, ќе почнам да врескам и да се тресам, па дури и да фрлам и да кршам работи.

Имам епилепсија од мојата петта година. Понекогаш имам и седум напади месечно. Морам да пијам лекови секој ден, а од нив лесно се заморувам. Но, се трудам да мислам на другите, не само на себе. Во моето собрание има двајца полновремени објавители кои се на моја возраст и кои многу ми помагаат. Кога завршив со училиштето, почнав повеќе да одам во служба. Епилепсијата е секојдневна борба. Но, кога сум потиштен, гледам повеќе да се одморам. Следниот ден, веќе ми е подобро.‹‹

[Рамка/слика на страница 78]

МЕТЈУ (19)

››Тешко е да ја стекнеш почитта на врсниците кога не се вклопуваш во нивната дефиниција за ‚нормален‘.

Би сакал да спортувам, но не можам. Имам церебрална парализа, па тешко ми е дури и да одам. Сепак, не се концентрирам на она што не можам да го правам. Се зафаќам со работи што можам да ги правам, како што е читањето. Во Салата на Царството можам да бидам тоа што сум, без да се секирам што ќе мислат другите за мене. Исто така, утеха ми е тоа што знам дека Јехова ме сака поради тоа каква личност сум, без оглед на тоа како изгледам. Всушност, јас и не се гледам себеси како инвалид, туку како личност со малку поголем и поспецифичен проблем.‹‹

[Рамка/слика на страница 78]

МИКИ (25)

››Порано се занимавав со спорт. Тогаш, додека сѐ уште бев тинејџерка, одеднаш како да остарев.

Родена сум со тешка срцева маана — имам дупка во срцето. Симптомите почнаа да се појавуваат кога бев во тинејџерските години. Имав операција, но сега — шест години подоцна — сѐ уште лесно се заморувам и имам хронични главоболки. Затоа си поставувам достижни и краткорочни цели. На пример, можам да служам како полновремен проповедник, и во тоа претежно успевам така што пишувам писма и сведочам по телефон. Исто така, болеста ми помогна да стекнам особини што ги немав, како што се долготрпеливоста и скромноста.‹‹

[Слика на страница 74]

Поради некоја хронична болест може да се чувствуваш како да си во затвор — но Библијата дава надеж за слобода