Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да не мислам на секс?

Како да не мислам на секс?

ПОГЛАВЈЕ 29

Како да не мислам на секс?

„ПОСТОЈАНО мислам на девојки — дури и кога нема ниедна во моја близина“, вели младиот Мајкл. „Глупаво е. Некогаш дури не можам ни да се концентрирам!“

Дали и тебе, како на Мајкл, поголемиот дел од денот ти поминува фантазирајќи за некого од спротивниот пол? Ако е така, можеби се чувствуваш како да водиш војна со својот ум. Мислите за секс можат да ти маршираат низ умот како непријателски војници. „Таквите мисли можат да те опседнат“, вели Мајкл. „Може да те натераат да одиш по некој подолг пат само за да поминеш покрај некоја слатка девојка или да отидеш до некој дел од продавницата од каде што ништо не ти треба само за да измеркаш некого.“

Но, имај на ум дека сексуалните нагони не се лоши сами по себе. Бог е тој што ги создал мажот и жената да чувствуваат силна привлечност еден кон друг, и сосема е на место сексуалните желби да се задоволат во бракот. Но, и кога си уште самец може да имаш силни сексуални пориви. Кога ќе се случи тоа, немој да си мислиш дека си непоправливо лош или дека ти не можеш да останеш морално чист. Можеш да бидеш чист ако одлучиш така! Но за да успееш во тоа, мораш да си ги контролираш мислите кога станува збор за спротивниот пол. Како?

Размисли со кого се дружиш. Ако децата на училиште почнат да зборуваат за безобразни работи, можеби ти доаѓа и ти да се вклучиш во муабетот — чисто за да не стрчиш од нив. Меѓутоа, така само ќе ти биде уште потешко да си ги контролираш мислите. Што да правиш во таква ситуација — да станеш и да си заминеш? Се разбира! И не треба да ти биде незгодно поради тоа. Обично има начин да си заминеш без да изгледа дека се правиш важен и без да предизвикаш потсмев.

Избегнувај неморална забава. Се разбира, не е лошо секое CD или секој филм. Сепак, голем дел од денешната забава има цел да ги разгори неисправните сексуални желби. Каков совет дава Библијата? „Да се исчистиме од секоја валканост на телото и духот, и да се усовршуваме во светоста во Божји страв“ (2. Коринќаните 7:1). Држи се подалеку од забава што може да предизвика неморални сексуални желби. *

Како да се прекине со мастурбирањето

Кога сексуално ќе се возбудат, некои млади се обидуваат да се задоволат со мастурбација. Но, од тоа можат да произлезат сериозни проблеми. Библијата ги поттикнува христијаните: „Усмртете го она што е земно во вашите делови на телото: блудот, нечистотијата, сексуалната страст, лошата желба и лакомоста“ (Колошаните 3:5). Мастурбацијата е сѐ освен ‚усмртување на сексуалната страст‘. Напротив, уште повеќе ја разгорува!

Мастурбацијата може да те направи роб на твоите желби (Тит 3:3). Добар почеток во борбата против оваа навика е да се довериш некому. Еден христијанин, кој неколку години имал проблем со мастурбирањето, вели: „Камо уште како млад да соберев храброст да зборувам со некого! Чувството на вина ме измачуваше со години и сериозно ми го наруши односот со другите, а пред сѐ со Јехова“.

Со кого да зборуваш? Обично, најдобро би било да зборуваш со еден од родителите. Исто така, би можел да ти помогне и некој зрел христијанин од собранието. Би можел да почнеш вака: „Би сакал да зборувам со тебе за еден проблем што многу ме мачи“.

Андреј зборувал со еден христијански старешина, и сега е многу среќен што го сторил тоа. „Додека старешината ме слушаше, очите му се наполнија со солзи“, вели Андреј. „Кога завршив, ме увери дека Јехова ме сака. Ми рече дека мојот проблем не е нешто невообичаено. Ми вети дека ќе се интересира како напредувам и дека ќе ми најде повеќе материјал на таа тема во библиските публикации. Откако зборував со него, решив да продолжам да се борам — дури и ако понекогаш ми се случи пак да ја повторам грешката.“

Марио решил да зборува со својот татко, кој бил многу сочувствителен и покажал големо разбирање. Дури му признал на Марио дека и самиот, како млад, се борел со истата навика. „Искреноста и отвореноста на татко ми многу ме охрабрија“, вели Марио. „Си мислев, штом тој ја оставил таа навика, ќе успеам да ја оставам и јас. Толку ме трогна неговиот став што заплакав.“

Како Андреј и Марио, и ти можеш да најдеш помош за да ја оставиш навиката да мастурбираш. Дури и ако некогаш пак ти се случи да го направиш тоа, не се предавај! Биди сигурен дека можеш да победиш! *

Контролирај си ги мислите

Апостол Павле рекол: „Го тепам своето тело и го држам во покорност како роб“ (1. Коринќаните 9:27). Слично на тоа, можеби и ти ќе мораш да бидеш строг со себе кога ќе ти надојдат неисправни мисли во врска со спротивниот пол. Ако продолжат да ти се вртат такви мисли во главата, пробај да правиш физички вежби. Библијата вели: „Телесното вежбање... користи“ (1. Тимотеј 4:8). Неколку минути брзо одење или вежбање можеби ќе бидат доволно за да ги избркаш непожелните мисли.

Пред сѐ, не заборавај на помошта што ни ја дава нашиот небесен Татко. Еден христијанин вели: „Кога ќе ми дојде некоја сексуална желба, горливо се молам“. Да бидеме реални, Бог нема да направи повеќе да не се интересираш за спротивниот пол. Но, може да ти помогне да сфатиш дека има многу други работи за кои можеш да размислуваш.

[Фусноти]

^ За рекреацијата и забавата подетално се зборува во Дел 8 од оваа книга.

^ Повеќе информации во врска со мастурбирањето има во Том 1, поглавје 25.

КЛУЧЕН СТИХ

„Сѐ што е доблесно и сѐ што е достојно за фалба, за тоа размислувајте“ (Филипјаните 4:8)

ПРЕДЛОГ

Ако ти се случи пак да почнеш да мастурбираш, не се предавај! Анализирај се за да видиш што те навело да згрешиш и труди се да не ти се повтори истото.

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?

Она што дозволуваш да ти се врти во мислите може да ти ја обликува личноста и да влијае врз твоите постапки (Јаков 1:14, 15).

ПЛАН!

За да си ги оттргнам мислите од спротивниот пол, ќе ․․․․․

Ако на училиште разговорите станат безобразни или вулгарни, ќе ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

● Зошто на сексуалните желби не треба секогаш да се гледа како на „зло“?

● Зошто треба да си ги контролираш сексуалните нагони?

● Каква забава би можела да те наведе мислите да ти се вртат околу спротивниот пол?

● Зошто е важно да си заминеш кога разговорите ќе станат безобразни или вулгарни?

[Истакната мисла на страница 240]

››Она што ми помага е да почнам да мислам на нешто друго — да ги пресечам мислите што сексуално ме возбудуваат. Се потсетувам дека чувствата или поривите ќе поминат‹‹ (Скот)

[Слика на страница 239]

Би дозволил ли компјутерот да ти го нападнат вируси? Тогаш, зошто да дозволиш во умот да ти влегуваат неморални мисли?