Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СЕДУМНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ

‚Изградувај се врз својата најсвета вера‘

‚Изградувај се врз својата најсвета вера‘

„Изградувајќи се врз својата најсвета вера... стојте во Божјата љубов“ (ЈУДА 20, 21).

1, 2. На каква градба работиш, и зошто е важно со каков квалитет си ја вршиш работата?

ВРЕДНО работиш на една градба. Изградбата трае веќе некое време, а ќе продолжи и во иднина. Досега работата е тешка, но те исполнува. Што и да се случи, решен си да не престанеш ниту да забавиш, зашто квалитетот со кој работиш ќе влијае врз твојот живот, па дури и врз твојата иднина. Зошто? Затоа што таа градба си ти!

2 Ученикот Јуда истакнал дека мораме да се изградуваме себеси. Кога ги поттикнал христијаните да ја зачуваат и ‚да стојат во Божјата љубов‘, претходно кажал и што ќе им помогне во тоа: ‚Изградувајте се врз својата најсвета вера‘ (Јуда 20, 21). Кои се некои начини на кои можеш да се изградуваш себеси, зацврстувајќи ја својата вера за да можеш да ја зачуваш Божјата љубов? Да разгледаме три работи што ќе ти помогнат да си ја градиш верата.

ИЗГРАДУВАЈ ВЕРА ВО ЈЕХОВИНИТЕ ПРАВЕДНИ БАРАЊА

3-5. а) Што сака Сатана да те наведе да мислиш за Јеховините барања? б) Како треба да гледаме на Божјите барања, и како ќе влијае тоа врз нас? Дај пример.

3 Пред сѐ, мораме да си ја зајакнеме верата во Божјите закони. Додека ја проучувавме оваа книга, разгледавме повеќе праведни барања што Јехова ги поставува во поглед на однесувањето. Како гледаш ти на нив? Сатана сака да те наведе да мислиш дека Јеховините закони, начела и мерила ти скратуваат нешто добро, па дури и дека се сурови. Тој ја користи оваа тактика уште откако се покажала многу успешна во градината Еден (1. Мојсеева 3:1-6). Ќе му успее ли и кај тебе? Тоа многу ќе зависи од твојот став.

4 Да го објасниме ова со еден пример: Се шеташ низ еден убав парк и забележуваш дека еден дел од паркот е ограден со висока, цврста ограда. Глетката зад оградата е многу убава. Можеби отпрвин ќе помислиш дека оградата непотребно ти ја ограничува слободата. Но, кога подобро ќе погледнеш низ неа, забележуваш дека од другата страна демне еден крволочен лав! Е, сега сфаќаш што, всушност, е оградата — заштита. Дали и тебе те демне некој опасен ѕвер? Божјата Реч нѐ предупредува: „Бидете трезвени, бдејте! Вашиот противник, Ѓаволот, оди наоколу како разрикан лав и бара некого да проголта“ (1. Петрово 5:8).

5 Сатана е крволочен ѕвер. Бидејќи Јехова не сака да станеме негови жртви, дал закони што нѐ штитат од многуте „сплетки“ на злобниот (Ефешаните 6:11). Затоа, секојпат кога размислуваме за Божјите закони, треба да гледаме на нив како на доказ за тоа дека нашиот небесен Татко нѐ сака. Ако гледаме така, Божјите закони ќе ни бидат извор на заштита и радост. Ученикот Јаков напишал: „Оној што ќе се задлабочи во совршениот закон на слободата и ќе се прилепи до него... ќе биде среќен што [го] врши“ (Јаков 1:25).

6. Кој е најдобриот начин да си ја градиме верата во Божјите праведни закони и начела? Дај пример.

6 Најдобриот начин да си ја градиме верата во нашиот Законодавец и во мудроста на неговите закони е да живееме според Божјите закони. На пример, во „законот Христов“ спаѓа и Исусовата заповед да ги поучуваме другите за ‚сѐ што ни заповедал тој‘ (Галатите 6:2; Матеј 28:19, 20). Христијаните сериозно ја сфаќаат и заповедта да се состануваат заедно за да го слават Бог и за да се храбрат еден со друг (Евреите 10:24, 25). Во Божјите заповеди спаѓа и поттикот да му се молиме на Јехова редовно, често и од срце (Матеј 6:5-8; 1. Солуњаните 5:17). Кога живееме во склад со овие заповеди, многу ни е јасно дека тие ни се дадени од голема љубов. Тоа ни носи радост и задоволство какви што не би нашле на ниедно друго место во овој немирен свет. Размислувај како тебе лично ти било од корист тоа што си им послушен на Божјите закони, и ќе видиш дека твојата доверба во нив ќе станува сѐ поцврста.

7, 8. Како Божјата Реч ги охрабрува оние што се загрижени дека еден ден може да им се случи да престанат да одат по патот на праведноста?

7 Понекогаш, некои се загрижени дека, како што минуваат годините, ќе им стане премногу тешко да им останат послушни на Јеховините закони. Се плашат дека нема да успеат во тоа. Ако некогаш и ти се почувствуваш вака, помисли на овие зборови: „Јас, Јехова, сум твој Бог, кој те учи да го правиш она што е за твое добро, кој те води по патот по кој треба да одиш. О, да внимаваше на моите заповеди! Твојот мир ќе беше како река и твојата праведност како морски бранови“ (Исаија 48:17, 18). Дали некогаш си размислувал колкаво охрабрување содржат овие зборови?

8 Јехова нѐ потсетува дека е за наше добро да му бидеме послушни. Тој ветува дека ќе ни биде добро во две работи. Прво, нашиот мир ќе биде како река — бистра, бујна и бескрајна. Второ, нашата праведност ќе биде како морски бранови. Кога стоиш на плажа и гледаш како брановите еден по друг го заплискуваат брегот, јасно ти е дека никогаш нема да престанат. Знаеш дека секогаш ќе доаѓаат и ќе се разбиваат на плажата — денес, утре, во цела вечност. Јехова вели дека твојата праведност може да биде како брановите. Сѐ додека се трудиш да му бидеш верен, тој никогаш нема да дозволи да се сопнеш! (Прочитај Псалм 55:22.) Ваквите прекрасни ветувања навистина ни ја изградуваат верата во Јехова и во неговите праведни барања, нели?

„ДА НАПРЕДУВАМЕ КОН ЗРЕЛОСТ“

9, 10. а) Зошто зрелоста е извонредна цел за секој христијанин? б) Како тоа што ќе размислуваме за работи што се својствени на духот ќе ни помогне да бидеме среќни?

9 Друг аспект на твојата градежна работа откриваат следниве вдахновени зборови: „Да напредуваме кон зрелост“ (Евреите 6:1). Зрелоста е извонредна цел за секој христијанин. За разлика од совршенството, кое засега е недостижно за нас, зрелоста е достижна цел. Освен тоа, како што созреваат, на христијаните им причинува уште поголема радост да му служат на Јехова. Зошто?

10 Еден зрел христијанин е духовен човек. Тој гледа на работите како Јехова (Јован 4:23). Павле напишал: „Оние што живеат според телото, размислуваат за она што му е својствено на телото, а оние што живеат според духот, за она што му е својствено на духот“ (Римјаните 8:5). Нема да најдеме голема радост ако размислуваме за работи што му се својствени на телото, зашто таквото размислување најчесто е себично, кусогледо и сконцентрирано на материјални работи. Од друга страна, кога размислуваме за работи што му се својствени на духот, ние сме среќни затоа што тогаш сме сконцентрирани на Јехова, „среќниот Бог“ (1. Тимотеј 1:11). На еден духовен човек најважно му е да го радува Јехова и среќен е дури и кога трпи искушенија и неволји. Зошто? Затоа што тие ни даваат можност да докажеме дека Сатана е лажливец и да ја градиме својата верност, а со тоа го радуваме нашиот небесен Татко (Изреки 27:11; прочитај Јаков 1:2, 3).

11, 12. а) Што рекол Павле за ‚моќта на согледување‘ на еден христијанин, и што значи зборот преведен со „извежбана“? б) Како мора да се вежба телото за да созрее и да стане вешто?

11 Духовноста и зрелоста се стекнуваат со вежбање. Размисли за овој стих: „Тврдата храна е за зрелите, за оние чија моќ на согледување преку искуство им е извежбана да разликува добро и зло“ (Евреите 5:14). Кога рекол дека нашата моќ на согледување е „извежбана“, Павле употребил еден грчки збор што веројатно често се користел во гимнастичките сали во првиот век во Грција. Овој збор уште може да се преведе и со ‚извежбан како гимнастичар‘. Сега размисли што вклучува таквото вежбање.

Еден гимнастичар станува вешт со постојано вежбање

12 Кога сме се родиле, нашето тело не било извежбано. На пример, едно бебе речиси и не е свесно за положбата на своите рачиња и ножиња. Затоа, бебињата мавтаат со рацете на слепо, па дури и се удираат по лицето, што често ги изненадува и ги плаши. Но, како што минува времето, бебето сѐ повеќе си го вежба телото. Детенцето најпрво почнува да лази, по некое време проодува, а за неколку месеци веќе трча. * Но, како е со гимнастичарите? Кога ќе видиш еден спортист како скока и се превртува во воздухот со префинети и прецизни движења, сигурно веднаш ти поминува низ главата мислата дека телото му е како добро подмачкана машина. Меѓутоа, тој не ја стекнал својата вештина случајно — морал да вежба со часови. Библијата вели дека таквото телесно вежбање „малку користи“. Колку повеќе вреди да ја вежбаме нашата моќ на согледување! (1. Тимотеј 4:8).

13. Како можеш да си ја вежбаш способноста да разликуваш исправно од погрешно?

13 Во оваа книга зборувавме за многу работи што ќе ти помогнат да ја извежбаш својата моќ на согледување, односно својата способност да разликуваш исправно од погрешно. Тоа, пак, ќе ти помогне да му останеш верен на Јехова како духовен човек. Кога донесуваш одлуки, моли се и длабоко размислувај за Божјите начела и закони. При секоја одлука, прашај се: ‚Кои библиски закони и начела се однесуваат на оваа работа? Како да ги применам? Што ќе го израдува мојот небесен Татко?‘ (Прочитај Изреки 3:5, 6; Јаков 1:5.) Секојпат кога на ваков начин донесуваш одлука, ти уште повеќе ја вежбаш својата способност да разликуваш исправно од погрешно. Таквото вежбање ќе ти помогне да станеш и да останеш духовно зрел човек.

14. Каков апетит треба да развиваме за да растеме духовно, но на што треба да внимаваме?

14 Иако зрелоста е достижна цел, секогаш има простор уште повеќе да растеме духовно. Растењето зависи од храната. Затоа Павле напишал: „Тврдата храна е за зрелите“. Значи, за да си ја изградуваш верата, неопходно е да внесуваш тврда духовна храна. Кога исправно го применуваш она што го учиш, постапуваш мудро, а Библијата вели: „Мудроста е најважна“. Според тоа, мораме да развиеме глад за скапоцените вистини што ни ги дава нашиот Татко (Изреки 4:5-7; 1. Петрово 2:2). Се разбира, тоа што сме стекнале знаење и Божја мудрост не е причина да станеме горделиви и да мислиме дека сме подобри од другите. Треба редовно да се преиспитуваме за да не се роди кај нас гордост или некоја друга слабост. Павле напишал: „Испитувајте дали сте во верата, проверувајте се самите себе“ (2. Коринќаните 13:5).

15. Зошто љубовта е неопходна за нашиот духовен раст?

15 Дури и откако ќе заврши изградбата на една куќа, сѐ уште има работа. Куќата мора да се одржува и да се поправа, а ако се сменат околностите, можеби ќе биде потребна и доградба. Што ни треба за да созрееме и да ја одржуваме духовноста? Пред сѐ, љубов. Треба да продолжиме да ја продлабочуваме нашата љубов кон Јехова и кон соверниците. Ако немаме љубов, сето знаење што го имаме и сѐ што правиме би било залудно, безвредно (1. Коринќаните 13:1-3). Љубовта ни помага да станеме зрели христијани и да продолжиме да растеме духовно.

ДА БИДЕМЕ СКОНЦЕНТРИРАНИ НА НАДЕЖТА ШТО НИ ЈА ДАВА ЈЕХОВА

16. На какво размислување поттикнува Сатана, и каква заштита ни обезбедил Јехова?

16 Да разгледаме уште еден аспект од нашата градежна работа. За да се изградуваш како вистински следбеник на Христос, треба да внимаваш како размислуваш. Сатана, владетелот на овој свет, мајсторски умее да ги наведе луѓето да почнат да размислуваат негативно, песимистички, да немаат доверба во никого и да западнат во очај (Ефешаните 2:2). За еден христијанин таквото размислување е исто толку опасно колку и гнилежот за една дрвена куќа. За среќа, Јехова ни дава многу важно заштитно средство — надежта.

17. Како Божјата Реч покажува колку е важна надежта?

17 Во Библијата се наведени различните делови од духовната воена опрема што ни е потребна за да се бориме против Сатана и овој свет. Важен дел од таа опрема е шлемот, односно „надежта во спасението“ (1. Солуњаните 5:8). Еден војник во библиски времиња знаел дека нема да ја преживее битката ако не го носи својот шлем. Шлемот, кој честопати се изработувал од метал и се носел врз капа од волнена ткаенина или кожа, ги одбивал ударите насочени кон главата и штител од посериозни повреди. Како што шлемот ја штити главата, така надежта може да ти ги заштити умот и мислите.

18, 19. Како покажал Исус колку е значајна надежта, и како можеме да се угледаме на него?

18 Исус најдобро покажал колку е значајна надежта. Сети се што сѐ претрпел последната ноќ од својот живот на Земјата. Еден близок пријател го предал за пари. Друг рекол дека не го познава. Останатите го напуштиле и избегале. Неговите сонародници се свртеле против него и барале римските војници да го мачат и да го убијат. Сигурно ќе се согласиме дека Исус претрпел многу повеќе од она што ние некогаш ќе го доживееме. Што му помогнало да издржи? Одговорот го наоѓаме во Евреите 12:2: „Поради радоста што стоеше пред него, претрпе маченички столб, не мислејќи на срамот, и седна од десната страна на Божјиот престол“. Исус никогаш не ја изгубил од вид ‚радоста што стоела пред него‘.

19 Каква радост стоела пред Исус? Па, знаел дека ако ги издржи сите маки, ќе има удел во посветувањето на Јеховиното име. Ќе можел да го даде најголемиот доказ дека Сатана е лажливец. Ниедна друга надеж не можела да му даде поголема радост на Исус! Исто така, тој знаел дека Јехова многу ќе го награди ако остане верен — дека го чека прекрасно време кога повторно ќе биде со својот Татко. Исус размислувал за таа светла надеж кога му било најтешко. И ние треба да го правиме истото. И пред нас стои радост. Јехова на сите ни ја дава честа да имаме удел во посветувањето на неговото величествено име. Можеме да докажеме дека Сатана е лажливец така што ќе го избереме Јехова за наш Владетел и ќе ја зачуваме љубовта на нашиот Татко, сеедно со какви испити и искушенија ќе се соочиме.

20. Што ќе ти помогне да ја задржиш надежта и да размислуваш позитивно?

20 Јехова не само што сака, туку и чезнее да ги награди своите верни слуги (Исаија 30:18; прочитај Малахија 3:10). Тој со задоволство ќе им ги исполни сите исправни желби (Псалм 37:4). Затоа, секогаш размислувај за надежта што е пред тебе. Никогаш не им подлегнувај на негативните, расипани, изопачени размислувања својствени за Сатановиот свет кој наскоро ќе го нема. Ако забележиш дека духот на светот почнува да ти навлегува во умот или во срцето, горливо моли го Јехова да ти го даде „мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла“. Овој мир ќе ти ги чува срцето и умот (Филипјаните 4:6, 7).

21, 22. а) Каква прекрасна надеж имаат оние од ‚големото мноштво‘? б) Кој дел од христијанската надеж ти значи најмногу, и што си решен да правиш?

21 Навистина имаме прекрасна надеж за која треба да размислуваме! Ако си дел од ‚големото мноштво луѓе‘ кои ќе ‚дојдат од големата неволја‘, помисли само каков живот те чека наскоро (Откровение 7:9, 14). Сатана и демоните ќе ги нема и ќе почувствуваш олеснување какво што денес е тешко и да се замисли. Впрочем, кој од нас некогаш живеел без притисокот од Сатана? Кога ќе го нема тој притисок, ќе биде прекрасно да работиме за да ја преобразиме Земјата во рај со кој ќе владеат Исус и неговите 144.000 небесни совладетели! Многу се радуваме што ќе го видиме крајот на болестите, ќе ги пречекаме нашите сакани што ќе воскреснат и ќе живееме онака како што замислил Бог! Додека се приближуваме до совршенството, ќе добиеме една уште повеличествена награда за која пишува во Римјаните 8:21 — „славната слобода на Божјите деца“.

22 Јехова сака да добиеш слобода каква што не можеш ни да замислиш. Патот до таа слобода е послушноста. Зарем не вреди уште сега да правиме сѐ за да му бидеме послушни на Јехова? Затоа, продолжи да се изградуваш врз својата најсвета вера за да ја зачуваш Божјата љубов засекогаш!

^ пас. 12 Научниците велат дека кај нас се развива едно посебно сетило наречено проприоцепција. Тоа значи дека телото е свесно за движењата и положбата на рацете и нозете. На пример, со помош на ова сетило можеме да плескаме со рацете со затворени очи. Една возрасна пациентка која го изгубила сетилото за проприоцепција не можела да стои, да оди, па дури ни да седи.