Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ДЕЛ 5

Бог ги благословува Авраам и неговото семејство

Бог ги благословува Авраам и неговото семејство

Потомците на Авраам стануваат сѐ побројни. Бог го штити Јосиф во Египет

ЈЕХОВА знаел дека неговиот најмил Син еден ден ќе мора да страда и да умре. На тоа укажувало и пророштвото запишано во 1. Мојсеева 3:15. Но, како можел Бог да им помогне на луѓето да сфатат колку болна ќе биде за него смртта на неговиот Син? Во Библијата е запишан еден настан што ни помага подобро да го разбереме тоа. Бог побарал од Авраам да го жртвува својот сакан син Исак.

Авраам имал силна вера. Како што беше спомнато, Бог му ветил дека проречениот Избавител ќе биде потомок на Исак. Уверен дека Јехова може, ако е потребно, и да го воскресне Исак, Авраам спремно се согласил да го принесе за жртва. Но, еден Божји ангел навреме го спречил во тоа. Бог го пофалил Авраам што бил спремен да го жртвува најмилото, и уште еднаш му ги повторил ветувањата што му ги имал дадено.

Подоцна Исак имал два сина, Исав и Јаков. За разлика од Исав, Јаков ги ценел духовните работи и бил благословен поради тоа. Нему Бог му го сменил името во Израел, а неговите синови станале поглавари на 12-те израелски племиња. Но, како од ова семејство настанал голем народ?

Сѐ започнало кога повеќето синови на Јаков му станале љубоморни на својот помлад брат Јосиф. Тие го продале како роб, и тој бил одведен во Египет. Но, Бог го благословил овој верен и храбар младич. Иако претрпел многу неволји, на крајот Јосиф бил поставен на висока положба од фараонот, владетелот на Египет. Тоа се случило во вистинско време. Бидејќи завладеал голем глад, Јаков морал да испрати некои од своите синови во Египет да купат жито — и тоа токму од Јосиф, кој во тоа време бил задолжен да го надгледува продавањето на храната! По трогателната средба со своите браќа, кои покажале дека се каат за она што му го направиле, Јосиф им простил и се погрижил целото негово семејство да се пресели во Египет. Им била дадена најдобрата земја, каде што можеле убаво да живеат. Јосиф сфатил дека Бог се вмешал во настаните за да ги исполни своите ветувања.

Остарениот Јаков го поминал остатокот од животот во Египет, опкружен со своето сѐ поголемо семејство. На својата смртна постела, тој прорекол дека ветеното Потомство, односно Избавителот, ќе биде моќен Владетел кој ќе се роди во лозата на неговиот син Јуда. Со години подоцна, пред својата смрт, и Јосиф претскажал дека еден ден Бог ќе го изведе семејството на Јаков од Египет.

Се темели на 1. Мојсеева, поглавја 2050, и Евреите 11:17-22.