Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ДЕЛ 17

Исус ги поучува луѓето за Божјето Царство

Исус ги поучува луѓето за Божјето Царство

Исус ги поучува своите ученици за многу работи, но главната тема на неговото проповедање е Божјето Царство

ЗОШТО Исус дошол на Земјата? Самиот тој рекол: „Морам да... ја објавам добрата вест за Божјето царство, бидејќи за тоа сум испратен“ (Лука 4:43). Ќе разгледаме четири работи кои Исус ги кажал во врска со Царството — главната тема за која проповедал.

1. Исус ќе биде Царот. Исус јасно рекол дека е проречениот Месија (Јован 4:25, 26). Освен тоа, покажал дека тој е Царот што пророкот Даниел го видел во едно видение. Исус им рекол на своите апостоли дека еден ден ќе седне „на својот славен престол“ и дека и тие ќе седнат на престоли (Матеј 19:28). Овие совладетели ги нарекол „мало стадо“. Но, спомнал дека има и „други овци“ кои не спаѓаат во таа група (Лука 12:32; Јован 10:16).

2. Божјето Царство ќе владее праведно. Уште од побуната во Еден, Сатана го оцрнува Божјето име. Исус укажал на тоа дека Царството ќе ја исправи оваа најголема неправда така што ќе го посвети името на Јехова Бог и ќе го отстрани целиот срам што му бил нанесен (Матеј 6:9, 10). Исус постојано покажувал дека е непристрасен бидејќи не правел разлика меѓу луѓето, туку ги поучувал и мажите и жените, и богатите и сиромасите. Иако негова главна задача била да ги поучува Израелците, тој им помагал и на Самарјани и на незнабошци, односно на не-Евреи. За разлика од верските водачи во неговото време, кај него немало ни трага од предрасуди или пристрасност.

3. Божјето Царство нема да биде дел од овој свет. Исус живеел во време на големи политички превирања. Неговата земја била под туѓа власт. Сепак, кога неговите сонародници се обиделе да го вовлечат во политика, тој не им дозволил (Јован 6:14, 15). На еден тогашен политичар му го рекол следново: „Моето царство не е дел од овој свет“ (Јован 18:36). А на своите следбеници им рекол: „Не сте дел од светот“ (Јован 15:19). Не им дозволил да се фатат за оружје, дури ни тогаш кога сакале да го бранат него (Матеј 26:51, 52).

„Почна да оди... од село во село, проповедајќи и објавувајќи ја добрата вест за Божјето царство“ (Лука 8:1)

4. Христовата власт ќе се темели на љубов. Исус ветил дека ќе ги закрепне луѓето и дека ќе им го олесни товарот (Матеј 11:28-30). Тој си стоел на зборот. Со љубов дал практични совети за тоа како да се справиме со животните грижи, како да бидеме во добри односи со другите, како да се спротивставиме на материјализмот и како да бидеме среќни (Матеј, поглавја 5—7). Покажувал љубов кон сите и бил многу пристаплив. Кај него слободно доаѓале луѓе од различни општествени слоеви, дури и оние што биле најобесправени, затоа што биле уверени дека со нив ќе постапува љубезно и со почит. Исус навистина ќе биде идеален Владетел!

Тој поучувал за Божјето Царство на уште еден впечатлив начин. Правел многу чуда. Да видиме зошто.

Се темели на Матеј, Марко, Лука и Јован.