Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да разговарам со родителите?

Како да разговарам со родителите?

Поглавје 1

Како да разговарам со родителите?

„Навистина сакав да им кажам на родителите како се чувствувам, но се сплеткав, а тие едноставно го свртеа муабетот. Едвај собрав смелост да зборувам со нив, и пак не испадна како што треба!“ (Рената)

КОГА беше помал, родителите веројатно беа првите од кои бараше совет. Им кажуваше за сѐ што ти се случуваше — и за важните и за неважните работи. Ти беше лесно да им кажеш што мислиш и како се чувствуваш и имаше доверба во нивниот совет.

Но, сега ти се чини како да сте на различна бранова должина. „Еднаш, за време на вечерата, се расплакав и им се отворив на родителите“, вели една девојка по име Ели. „Тие ме слушаа, но ми изгледаше дека не ме разбираат.“ Каков ефект имало тоа врз неа? „Отидов во собата да се доисплачам!“

Од друга страна, понекогаш можеби повеќе би сакал да не им се отвориш на родителите. „Со моите разговарам за многу работи“, вели едно момче по име Кристијан. „Но, убаво ми е што понекогаш не ги знаат баш сите мои размислувања.“

Дали е погрешно некои мисли да ги задржиш само за себе? Не, доколку тоа не го правиш за да измамиш некого (Изреки 3:32). Меѓутоа, сеедно дали ти се чини дека родителите не те разбираат или ти е тешко да им се отвориш, едно е сигурно: Важно е ти да разговараш со нив, а тие да чујат што те мачи.

Не престанувај да разговараш!

Комуникацијата помеѓу тебе и родителите би можеле да ја споредиме со возење автомобил. Ако на патот наидеш на препрека, нема да се вратиш, туку ќе бараш друг пат по кој ќе продолжиш да возиш. Размисли за овие два примера.

ПРЕПРЕКА БР. 1 Сакаш да зборуваш со родителите, но ти се чини дека тие не те ни слушаат. „Тешко ми е да комуницирам со татко ми“, вели една девојка по име Лија. „Некогаш јас му кажувам нешто, а тој по некое време ќе праша: ‚Извини, што рече?‘“

ПРАШАЊЕ: Што ако нешто навистина ја мачи Лија и мора да зборува со татко ѝ? Има најмалку три опции.

Опција А

Да му се развика на татко ѝ. Лија луто извикува: „Тато, па дај сослушај ме! Важно ми е!“

Опција Б

Да престане да зборува со татко ѝ. Лија крева раце и престанува да зборува за она што ја мачи.

Опција В

Да начека погоден момент и повторно да ја начне темата. Лија подоцна разговара со татко ѝ лично или му пишува писмо во кое објаснува што ја мачи.

Според тебе, која опција би требало да ја избере Лија? ․․․․․

Да ја разгледаме секоја од овие опции и да видиме до што би можеле да водат.

Татко ѝ на Лија има нешто друго во мислите и не забележува дека таа почнува да се нервира. Затоа, ако Лија ја избере Опција А, нејзината бурна реакција ќе му дојде како шок. Најверојатно, на тој начин Лија нема да му олесни на татко ѝ да ја сослуша, а ќе покаже и непочитување кон него (Ефешаните 6:2). Значи, со оваа опција нема да постигне ништо.

Опција Б можеби е најлесната, но не и најпаметната. Зошто? Бидејќи „намерите пропаѓаат таму каде што нема доверлив разговор“ (Изреки 15:22). За да ги реши проблемите, Лија мора да разговара со татко ѝ, а за да ѝ помогне, тој мора да знае што се случува во нејзиниот живот. Ништо од ова не ќе биде можно ако престанат да зборуваат.

Но, со Опција В, Лија нема да дозволи препреката да стане ќор-сокак, туку само ќе го одложи разговорот за другпат. А ако одлучи да му напише писмо на татко ѝ, можеби уште веднаш ќе ѝ биде полесно. Тоа може да ѝ помогне да си ги среди мислите и точно да му ги пренесе на татко ѝ. Кога ќе го чита писмото, тој ќе сфати што се обидувала да му каже претходно, а тоа може да му помогне подобро да разбере што ја мачи. Значи, Опција В е добра и за Лија и за татко ѝ.

Кои други опции ги има Лија? Ако ти текнува некоја, запиши ја на празните линии, а потоа напиши до што би можела да води таа.

․․․․․

ПРЕПРЕКА БР. 2 Родителите сакаат да разговарате, но тебе не ти е до муабет. „Нема ништо полошо од тоа да те затрупаат со прашања после тежок ден на училиште“, вели една девојка по име Сара. „Би сакала да го тргнам училиштето од глава, но само што ќе влезам дома, родителите почнуваат: ‚Како си помина? Сѐ ли беше во ред?‘“ Се разбира, родителите на Сара ѝ ги поставуваат овие прашања со најдобри намери. Но, таа се жали: „Не ми се зборува за училиштето кога сум уморна и напната“.

ПРАШАЊЕ: Што би можела да стори Сара во ваква ситуација? Како и во претходниот пример, и таа има најмалку три опции.

Опција А

Да одбие да зборува. Сара вели: „Оставете ме на мир. Сега не ми се зборува!“

Опција Б

Да зборува. Иако е напната, Сара мрзоволно одговара на прашањата од родителите.

Опција В

Да го остави разговорот за училиштето за подоцна, а сега да зборува за нешто друго. Сара предлага да поразговараат за училиштето во друга прилика, кога ќе биде порасположена. Потоа, со искрен интерес ги прашува: „Како си поминавте вие денес?“

Според тебе, која опција би требало да ја избере Сара? ․․․․․

Да ги разгледаме повторно сите опции и да видиме до што би можеле да водат.

Сара е напната и не ѝ се прави муабет. Ако ја избере Опција А, сѐ уште ќе биде напната, но ќе ја мачи и чувство на вина бидејќи им се развикала на родителите (Изреки 29:11).

Родителите, пак, ќе се навредат што Сара избувнала и што потоа не им зборува. Можеби ќе се посомневаат дека крие нешто од нив. Можеби ќе ѝ вршат уште посилен притисок да им се отвори, а тоа, се разбира, уште повеќе ќе ја изнервира. На крајот, оваа опција нема да води никаде.

Опција Б очигледно е подобра од Опција А. Во тој случај, Сара и нејзините родители барем би зборувале. Но, бидејќи таквиот разговор би бил само површен, никој нема да го добие она што го посакува — отворена и опуштена комуникација.

Меѓутоа, ако ја одбере Опција В, Сара ќе се чувствува подобро бидејќи не мора во моментот да зборува за училиштето. Нејзините родители ќе го ценат тоа што сепак се труди да разговара со нив, што значи дека и тие ќе бидат задоволни. Најверојатно, оваа опција ќе даде најдобри резултати бидејќи и двете страни го применуваат начелото од Филипјаните 2:4, каде што стои: „Не грижете се само за себе туку и за другите“.

Биди јасен

Имај на ум дека она што го кажуваш не е секогаш она што твоите родители го слушаат. На пример, родителите те прашуваат зошто си нерасположен. Ти им велиш: „Нејќам да зборувам за тоа“. Но, тие слушаат: „Не ви верувам доволно за да ви кажам. Ќе зборувам со другарите, а не со вас“. Пробај да ја направиш следнава вежба и запиши ги своите одговори. Замисли си дека имаш некој тежок проблем и родителите ти нудат помош.

Ако речеш: „Не се секирајте. Сам ќе се снајдам“.

Твоите родители можеби слушаат: ․․․․․

Можеби би било подобро да речеш: ․․․․․

Што учиме од сево ова? Внимателно избирај ги своите зборови. Кажи ги со почит (Колошаните 4:6). Гледај на своите родители како на сојузници, а не како на непријатели. И да бидеме реални: Добредојдени ти се сите сојузници ако сакаш да излезеш на крај со тешките ситуации во кои ќе се најдеш.

ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

Што ако не ти е проблем да разговараш со родителите, туку тоа што секој ваш разговор завршува со кавга?

КЛУЧЕН СТИХ

„Зборовите мои се искрени од срцето мое“ (Јов 33:3, Превод на МПЦ)

ПРЕДЛОГ

Ако ти е тешко да седнеш и да разговараш со своите родители за некој проблем, зборувај со нив за тоа додека заедно се шетате, се возите или пазарувате.

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?

Исто како што можеби тебе ти е тешко да зборуваш со родителите за некои сериозни работи, веројатно и ним им е незгодно и не се баш сигурни што да кажат кога зборувате за истите работи.

ПЛАН!

Следниот пат кога ќе ми дојде да престанам да зборувам со родителите, ќе ․․․․․

Ако родителите навалуваат да зборуваме на тема за која не сум расположен да зборувам, ќе им речам ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

● За добра комуникација, колку е важно да го избереш исправниот момент? (Изреки 25:11)

● Зошто вреди да разговараш со своите родители? (Јов 12:12)

[Истакната мисла на страница 10]

„Не е секогаш лесно да разговараш со родителите, но ако им се отвориш и им кажеш што те мачи, многу ќе ти олесни“ (Даниела)

[Слика на страница 8]

Препреката во комуникацијата не мора да биде ќор-сокак — можеш да најдеш начин да разговараш со родителите!