Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто постојано се караме?

Зошто постојано се караме?

Поглавје 2

Зошто постојано се караме?

Во ситуацијата опишана на почетокот од поглавјето, Сандра предизвикува кавга со три постапки. Можеш ли да кажеш кои се тие? Напиши ги своите одговори на линиите, а потоа провери ги во рамката  „Одговори“ на страница 20.

․․․․․

Среда навечер. Сандра (17) завршува со домашните обврски и сега може конечно да се опушти малку! Го вклучува телевизорот и се испружува во својата омилена фотелја.

Во истиот момент, на вратата се појавува мајка ѝ, но не изгледа многу среќна. „Сандра! Губиш време пред телевизорот, а ти реков да ѝ помогнеш на сестра ти со домашното! Никогаш не ме слушаш!“

„Пак иста песна“, промрморува Сандра, но доволно гласно за да се слушне.

Мајка ѝ строго подвикнува: „Што рече!?“

„Ништо“, одговара Сандра со воздишка, превртувајќи со очите.

Е сега мајка ѝ е навистина лута! „Да не сум те чула уште еднаш да ми се обратиш со таков тон!“ — вели таа.

„А со каков тон ми се обраќаш ти?“ — ѝ одвраќа Сандра.

Толку од гледањето телевизија... Почнува уште една расправија.

ТИ ЗВУЧИ ЛИ ова некако познато? Дали ти и твоите родители постојано се расправате? Размисли малку зошто е така. За што најчесто се карате? Стави ✔ кај соодветните одговори или допиши го својот одговор под „Друго“.

□ Став

□ Домашни обврски

□ Облека

□ Пријатели

□ Забава

□ Враќање дома навреме

□ Спротивен пол

□ Друго ․․․․․

Сеедно за што се расправате, по караницата ни ти ни твоите родители не се чувствувате убаво. Се разбира, би можел едноставно да си премолчиш и да се преправаш дека се согласуваш со сѐ што ќе кажат тие. Но, дали Бог го очекува тоа од тебе? Не. Библијата вели ‚да ги почитуваш татка си и мајка си‘ (Ефешаните 6:2, 3). Но, таа исто така те поттикнува да ја развиваш својата „способност за расудување“ и да го користиш „својот разум“ (Изреки 1:1-4; Римјаните 12:1). Кога го правиш тоа, факт е дека ќе стекнеш цврсти ставови, а некои од нив ќе бидат поинакви од ставовите на твоите родители. Меѓутоа, во семејствата што ги применуваат библиските начела, родителите и младите можат смирено да разговараат, дури и кога не се сложуваат за сѐ (Колошаните 3:13).

Како да си го кажеш мислењето без да се вжешти ситуацијата? Лесно е да речеш: „Проблемот не е во мене. Тие секогаш ме влечат за јазик!“ Но, размисли: Можеш ли да ги смениш другите, вклучувајќи ги и твоите родители? Реално гледано, единствената личност што можеш да ја смениш си самиот ти. И биди сигурен дека вреди да го дадеш својот дел за да ја намалиш напнатоста, зашто тогаш има поголеми шанси родителите да останат смирени и да сослушаат што имаш да им кажеш.

Затоа, да видиме што би можел да сториш ти за да им ставите точка на кавгите. Примени ги следниве предлози и, којзнае, можеби ќе ги изненадиш родителите — но и себеси — со твоите нови вештини на комуницирање.

Размисли пред да кажеш нешто. Кога имаш чувство дека те напаѓаат, не дозволувај да ти излета првото нешто што ќе ти падне на ум. На пример, да речеме дека мајка ти ти вели: „Зошто не се измиени садовите? Никогаш не ме слушаш!“ Во таков момент на врв на јазик ти е да речеш: „Ме пукна веќе со тие садови!“ Наместо тоа, користи ја својата способност за расудување. Обиди се да сфатиш какви чувства се кријат зад зборовите на мајка ти. Обично изјавите што содржат зборови како „секогаш“ и „никогаш“ не треба да се сфатат буквално. Сепак, тие укажуваат на некоја скриена емоција. Што би можело да биде тоа?

Можеби мајка ти е нервозна бидејќи има чувство дека дома сѐ се чека од неа. Можеби само сака да ѝ покажеш дека може да смета на тебе. Во таков случај, ако кажеш: „Ме пукна веќе со тие садови!“, нема да постигнеш ништо — освен можеби да се скарате. Наместо тоа, обиди се да ја смириш мајка ти. На пример, би можел да речеш: „Не се лути, мамо. Сега ќе ги измијам“. Но, внимавај да не го кажеш тоа со сарказам. Ако покажеш разбирање за мајка ти, поголема е веројатноста дека ќе смекне и ќе ти каже што вистински ја изнервирало. *

Напиши изјава со која татко ти или мајка ти би можеле да те испровоцираат — ако дозволиш.

․․․․․

А сега, размисли со каков одговор би покажал разбирање за чувствата што се кријат зад нивната изјава.

․․․․․

Зборувај со почит. Мишел сфатила дека е многу важно како разговара со мајка си. „За што и да се работи, на крајот излегува дека вистинската причина за кавгата е тонот со кој сум зборувала со неа.“ Ако тоа честопати е случај и со тебе, научи да зборуваш потивко и побавно. Не превртувај со очите и не прави какви било други гестови што покажуваат дека си изнервиран (Изреки 30:17). Ако забележиш дека си на граница да избувнеш, помоли му се на Бог кратко во себе (Неемија 2:4). Се разбира, тоа не значи дека треба да се молиш родителите ‚да те остават на раат‘, туку да останеш смирен за да не додадеш дрва на огнот (Јаков 1:26).

На линиите напиши кои твои зборови и гестови што се вообичаени за тебе би било добро да ги избегнуваш.

Зборови:

․․․․․

Гестови (со лицето и со телото):

․․․․․

Слушај. Библијата вели: „При многу зборови неизбежно се греши“ (Изреки 10:19Радосна Вест). Затоа, остави ги родителите да се искажат и слушај ги внимателно. Не ги прекинувај за да се правдаш. Само слушај. Кога ќе завршат, ќе имаш можност да ги прашаш сѐ што сакаш или да им го објасниш своето гледиште. Ако, пак, запнеш во моментот да им објасниш сѐ и не попушташ, може само уште повеќе да ги влошиш работите. Дури и ако имаш да кажеш уште нешто, најверојатно тогаш е „време за молчење“ (Проповедник 3:7).

Биди спремен да се извиниш. Секогаш е исправно да се извиниш ако си придонел да дојде до некоја расправија (Римјаните 14:19). Би можел дури да кажеш дека ти е жал што воопшто дошло до несогласувањето. Ако ти е тешко да се извиниш лично, напиши го тоа во писменце. Потоа ‚изоди уште една милја‘, односно потруди се да ги смениш кај себе оние работи што придонеле за расправијата (Матеј 5:41). На пример, ако причина за кавга било тоа што не си завршил некоја задача што ти ја дале родителите, изненади ги и направи ја. Можеби тоа е една од твоите помалку омилени работи, но зар не би било подобро да ја направиш отколку да ги трпиш последиците кога родителите ќе видат дека сѐ уште не е сработена? (Матеј 21:28-31). Затоа, размислувај каква ќе биде користа ако го дадеш својот дел за да ја намалиш напнатоста помеѓу тебе и твоите родители.

До несогласувања доаѓа и кај успешните семејства, само што тие знаат да ги решаваат на мирен начин. Примени ги предлозите од ова поглавје и ќе видиш дека со твоите родители можеш да разговараш дури и за осетливи теми — и тоа без да се карате!

ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

Дали сметаш дека родителите треба да ти дадат поголема слобода? Што можеш да направиш во врска со тоа?

[Фуснота]

^ пас. 26 Нешто повеќе за ова можеш да прочиташ во том 2, поглавје 21.

КЛУЧЕН СТИХ

„Срцето на праведникот промислува што ќе одговори“ (Изреки 15:28)

ПРЕДЛОГ

Кога родителите ти зборуваат, исклучи ја музиката, остави ја книгата или списанието што го читаш и гледај ги во очи.

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?

Ако се трудиш да ги решаваш расправиите или гледаш воопшто да не дојде до нив, многу ќе си го олесниш животот. Библијата вели дека „добродушниот човек ѝ прави добро на својата душа“ (Изреки 11:17).

ПЛАН!

Од предлозите дадени во ова поглавје, најмногу треба да работам на ․․․․․

Ќе почнам да го применувам овој предлог од (напиши го датумот) ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

● Зошто некои твои врсници мислат дека е успех да излезеш победник во кавгите?

● Зошто Јехова ги смета кавгаџиите за глупави? (Изреки 20:3)

● Од каква корист ќе биде за тебе ако се трудиш да ја намалиш напнатоста помеѓу тебе и твоите родители?

[Истакната мисла на страница 18]

„Понекогаш мајка ми знае да ми се извини со прегратка, што многу ми се допаѓа. Потоа го оставаме зад себе она што се случило. Се трудам и јас да го правам истото. Кога ќе си ја голтнам гордоста и искрено ќе се извинам, работите може многу полесно да се средат, иако, морам да признаам, тоа не е секогаш лесно“ (Лорин)

 [Рамка на страница 20]

Одговори:

1. Сарказмот („Пак иста песна“) само уште повеќе ја налути мајка ѝ.

2. Правејќи гримаси (превртува со очите), Сандра само си ја бараше бељата.

3. Грубото одвраќање („А со каков тон ми се обраќаш ти?“) речиси секогаш предизвикува негативна реакција.

[Слика на страница 19]

Да се расправаш со родителите е како да трчаш на подвижна лента — си ја трошиш силата, а никаде не стигнуваш