Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да го прифатам новиот брак на мојот родител?

Како да го прифатам новиот брак на мојот родител?

Поглавје 5

Како да го прифатам новиот брак на мојот родител?

ЕДЕН од твоите родители повторно стапува во брак и пресреќен е. Но, ти си далеку од среќен. Зошто? Новиот брак ти ги распрснува сите надежи дека твоите биолошки родители некогаш пак ќе бидат заедно. Освен тоа, може да ти падне особено тешко ако новиот брак дојде набрзо по смртта на родителот кој многу си го сакал.

Како се чувствуваше кога твојот родител повторно стапи во брак? Означи ги со ✔ чувствата низ кои помина.

Се чувствував . . .

□ Среќен

□ Несигурен

□ Изневерен

□ Љубоморен на очувот/маќеата

□ Виновен што почнав да го сакам очувот/маќеата

Последната реакција може да се должи на чувството на лојалност кон другиот родител. Која и да е причината, поради чувствата што се наведени погоре можеби ти доаѓа да си ја олесниш емоционалната болка на неубав начин.

На пример, можеби постојано му го загорчуваш животот на очувот/маќеата. Можеби дури се обидуваш да го скараш со твојот родител, мислејќи дека така ќе ги натераш да се разделат. Меѓутоа, една мудра изрека вели: „Кој ја запустува својата куќа, ќе наследи ветар“, т.е. на крајот ќе остане со празни раце (Изреки 11:29, Превод на д-р Д. Х. Константинов). Не мора да паднеш во таа замка. Има многу подобри начини да се носиш со својот емоционален немир. Да разгледаме неколку примери.

Проблем бр. 1: Да го прифатиш авторитетот на новиот родител

Не е лесно да се навикнеш на авторитетот на новиот родител. Кога тој ќе побара да направиш нешто, можеби ти доаѓа да речеш: ‚Ти не си ми татко/мајка!‘ Таквиот одговор можеби ќе ти донесе краткотрајно чувство на победа, но покажува и дека си незрел.

Од друга страна, со тоа што ќе го прифатиш авторитетот на очувот/маќеата, ќе покажеш дека се држиш за библискиот совет ‚во разборитоста да бидеш возрасен‘ (1. Коринќаните 14:20). Факт е дека новиот родител ги извршува сите должности на вистински родител и затоа заслужува да го почитуваш (Изреки 1:8; Ефешаните 6:1-4).

Ако понекогаш те кара, тоа најчесто е знак дека те сака и се грижи за тебе (Изреки 13:24). Ивона (18) вели: „Точно е дека очувот знае да нѐ искара, но тоа и се очекува од татковците. Ако се лутам кога ќе ми даде некој совет, тогаш како да велам дека не ми е гајле што сите овие години се грижи за нас и во материјален и во духовен поглед. Тоа би било крајно неблагодарно“.

Сепак, можеби твоите приговори се оправдани. Во таков случај, покажи дека си ‚возрасен‘ така што ќе го следиш советот од Колошаните 3:13: „Поднесувајте се еден со друг и спремно простувајте си еден на друг, ако некој има жалба против некого“.

Напиши две или повеќе убави особини што ги има твојот очув/маќеа.

․․․․․

Како тоа што ќе размислуваш за убавите особини на твојот очув/маќеа ќе ти помогне да го почитуваш повеќе?

․․․․․

Проблем бр. 2: Да делиш и да бидеш спремен да попушташ

Арон (24) вели: „Татко ми се прежени уште двапати. Тешко ми беше да го засакам секое ново семејство. Отпрвин, за мене тие беа само туѓинци, но ми беше речено дека морам да ги сакам. Се чувствував изгубен“.

Можеби и ти си во ваква тешка ситуација. На пример, можеби не си повеќе најстарото или единственото дете. Ако си син, можеби долго време ти си бил мажот во куќата — положба што сега ја има очувот. Или можеби се чувствуваш слично како Ивона. Таа вели: „Мојот биолошки татко не ѝ посветуваше никакво внимание на мајка ми. Затоа бев навикната да си ја имам само за себе. Но, кога мама се премажи, очувот ја опсипуваше со внимание. Поминуваа многу време заедно и разговараа за сѐ, а јас имав чувство како да ја краде од мене. Но, по некое време се навикнав на тоа“.

Како би можел и ти, како Ивона, да се навикнеш на новата ситуација? Библијата вели: „Вашата разумност нека им биде позната на сите луѓе“ (Филипјаните 4:5). Изворниот збор преведен со „разумност“ значи „спремност да се попушти“ и укажува на ставот да не се инсистира на она што со право ни следува. Како би можел да го примениш ова? 1) Не живеј во минатото (Проповедник 7:10). 2) Биди спремен да делиш со новите членови на семејството (1. Тимотеј 6:18). 3) Немој да ги третираш како туѓинци.

На која од овие точки треба да работиш најмногу? ․․․․․

Проблем бр. 3: Не те третираат исто како другите

Тара вели: „Очувот си ги сакаше своите деца многу повеќе од мене и сестра ми. Купуваше што сакаа тие за јадење и изнајмуваше филмови што тие сакаа да ги гледаат. Во сѐ им одеше по ќефот“. Не е лесно кога така се двојат децата. Што може да ти помогне? Обиди се да разбереш зошто новиот родител можеби ги нема истите чувства кон тебе како кон своите деца. Можеби не се работи само за крвната врска туку и тоа што поминале многу работи заедно. Ако искрено размислиш, веројатно и ти си поблизок со својот родител отколку со очувот/маќеата.

Но, има една важна разлика помеѓу тоа да те третираат исто како другите и да те третираат фер. Сите луѓе се различни и имаат различни потреби. Затоа, наместо да се секираш што очувот/маќеата не те третира исто како своите сопствени деца, размисли дали се труди да ги задоволи твоите потреби.

Кои твои потреби ги задоволува очувот/маќеата?

․․․․․

Кои потреби сметаш дека не ти се задоволени?

․․․․․

Ако сметаш дека не ти се задоволени некои потреби, би можел со почит да зборуваш за тоа со очувот/маќеата.

Вреди да си стрплив!

Обично треба да поминат неколку години за да стекнете доверба меѓу себе и сите да се чувствувате убаво во вашето ново семејство. Тогаш добро ќе функционирате и покрај вашите различни навики и вредности. Затоа, биди стрплив! Немој да очекуваш дека веднаш ќе го засакаш своето ново семејство и дека веднаш сѐ ќе биде како што треба.

Кога мајка му се премажила, Томас бил, најблаго речено, загрижен. Мајка му имала четири деца, а човекот за кого се омажила имал три. Томас вели: „Доаѓаше до тепачки, караници, големи несогласувања, силен емоционален притисок“. Што им помогнало? „Ги применувавме библиските начела и така успевавме да ги решиме проблемите.“

ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

Живееш со своите родени браќа и сестри, но не можеш да ги поднесеш. Што да правиш?

КЛУЧЕН СТИХ

„Подобар е крајот на една работа отколку нејзиниот почеток. Подобар е оној што е стрплив отколку оној што е вообразен“ (Проповедник 7:8)

ПРЕДЛОГ

Кога живееш со нови лица од спротивниот пол, може да се роди привлечност. Затоа блокирај ги во главата сите сексуални желби и немој ниту да се облекуваш ниту да се однесуваш провокативно.

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?

Можеби и на твоите нови полубраќа и полусестри им е тешко да се привикнат на новата ситуација.

ПЛАН!

Ќе се потрудам да стекнам поголема почит кон очувот или маќеата така што ќе мислам на овие убави работи што ги направил/а за семејството (напиши две позитивни работи): ․․․․․

Ако новите браќа и сестри се ладни со мене, можам да го применам начелото од Римјаните 12:21 на следниов начин: ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакал да го прашам родителот или очувот/маќеата ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

● Што можеби ги загрижува новиот родител и новите браќа и сестри во врска со тоа што сега ќе живеете како едно семејство?

● Зошто е важно да оставиш време односите во твоето ново семејство да си дојдат на место?

[Истакната мисла на страница 38]

„И вториот брак на мајка ми заврши со развод. Но јас и ден-денес сум многу блиска со децата на очувот. Тие се една од најубавите работи во мојот живот“ (Тара)

[Слика на страница 39]

Спојувањето на две семејства е како мешање вода и цемент — треба време и труд, но на крајот може да се добие цврст, издржлив производ