Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Спремен ли сум да живеам сам?

Спремен ли сум да живеам сам?

Поглавје 7

Спремен ли сум да живеам сам?

„Понекогаш ми се чини дека другите ме гледаат со потценување бидејќи сѐ уште живеам со моите, иако имам 19 години. Како да не сум возрасна само затоа што не живеам сама“ (Кејти)

„Иако имам речиси 20 години, не можам да го живеам животот како што сакам јас. Размислувам да се иселам од дома“ (Фиона)

ЖЕЛБА за самостоен живот може да почувствуваш долго пред да бидеш спремен за такво нешто. Таквата желба е нормална. Впрочем, како што видовме во 3. поглавје, првобитната намера на Бог била младите да созреат и, со текот на времето, да ги остават татко си и мајка си за да основаат свое семејство (1. Мојсеева 2:23, 24; Марко 10:7, 8). Но, како ќе знаеш дали навистина си спремен да живееш сам? Размисли за следниве три важни прашања. Првото е . . .

Од кои мотиви сакам да се иселам?

Разгледај го списокот. Подреди ги по важност причините зошто сакаш да се иселиш од дома.

․․․․․ За да побегнам од проблемите дома

․․․․․ За да имам поголема слобода

․․․․․ За пријателите да имаат подобро мислење за мене

․․․․․ За да му излезам во пресрет на пријател кој бара цимер

․․․․․ За да помагам како доброволец во друго место

․․․․․ За да стекнам искуство

․․․․․ За да им го олеснам финансискиот товар на родителите

․․․․․ Друго ․․․․․

Овие причини не се лоши сами по себе, но прашањето е: Кој е твојот мотив? На пример, ако се иселиш само за да се ослободиш од ограничувањата, најверојатно те чека разочарување!

Кога имала 20 години, Даниела некое време живеела сама. Многу научила од тоа искуство. Таа вели: „Сите мораме да живееме со некакви ограничувања. Кога живееш сам, ограничувањата ти ги наметнуваат обврските на работа или финансиите“. Кармен, која шест месеци живеела во странство, вели: „Ми беше многу убаво, но често имав чувство дека немам слободно време! Морав да ги правам вообичаените работи низ дома — да чистам, да поправам, да ја одржувам градината, да перам, да ги рибам подовите итн.“

Немој под влијание на другите да донесеш избрзана одлука (Изреки 29:20). Дури и да имаш оправдани причини за да се иселиш од дома, ќе ти треба повеќе отколку само добри намери. Треба да знаеш да се грижиш за себе, а тоа нѐ води до второто прашање . . .

Дали сум спремен?

Да живееш сам е слично со планинарење. Дали би тргнал низ непознат предел ако не знаеш да поставиш шатор, да запалиш оган, да готвиш или да читаш карта? Нема шанси! Сепак, многу млади се иселуваат од дома иако речиси и не знаат како се води домаќинство.

Мудриот цар Соломон рекол дека „паметниот внимава на своите чекори“ (Изреки 14:15). За да провериш дали си спремен за самостоен живот, размисли за следните точки. Стави до вештините што ги имаш и X до оние што треба да ги стекнеш.

Ракување со пари: „Никогаш не сум морала сама да плаќам за ништо“, вели Серина (19). „Ме плаши помислата да се иселам од дома и да треба сама да водам сметка за парите.“ Како можеш да научиш да ракуваш со парите?

Една библиска изрека вели: „Мудриот ќе слуша и повеќе ќе научи“ (Изреки 1:5). Затоа, прашај ги родителите колкави би биле месечните трошоци за еден човек за кирија, за храна, за одржување на автомобил или за друг превоз. Потоа, замоли ги да ти помогнат да научиш како да си ги распоредуваш парите и да си ги плаќаш сметките. *

Домашни работи: Брајан (17) вели дека она од што најмногу се плаши е дека, ако се исели од дома, ќе мора сам да си ги пере алиштата. Како да знаеш дали си спремен сам да се грижиш за себе? Арон (20) го дава следниов предлог: „Пробај една седмица да живееш како да си сам. Јади само она што сам ќе си зготвиш, што сам ќе си купиш и што ќе го платиш со пари кои сам си ги заработил. Носи ги само алиштата што сам ќе си ги испереш и испеглаш. Чисти си сам. Сам снајди се за превоз, без да бараш од родителите да те префрлат до некаде“. Ова ќе ти помогне во две работи: 1) ќе стекнеш корисни вештини и 2) повеќе ќе го цениш сето она што го прават твоите родители.

Односи со другите: Се сложуваш ли добро со родителите и со брат ти или сестра ти? Ако не, можеби си мислиш дека животот ќе ти биде многу полесен ако живееш со некој пријател. Но, размисли за она што го вели Ева (18): „Две мои другарки почнаа да живеат заедно како цимерки. Пред тоа беа најдобри пријателки, но на крај повеќе не можеа да останат под ист покрив. Едната беше уредна, другата не. Едната беше духовна личност, другата не толку духовна. Едноставно не им одеше!“

Кое е решението? Ерин (18) вели: „Додека живееш со родителите, можеш многу да научиш како да се сложуваш со другите. Учиш како да ги решаваш проблемите и да попушташ. Сум забележала дека оние што се иселуваат од дома за да ги избегнат несогласувањата со родителите, всушност, учат да бегаат од конфликтите, а не да ги решаваат“.

Духовни навики: Некои си заминуваат од дома бидејќи не сакаат да бидат активни во религијата на своите родители. Други имаат искрена желба да продолжат редовно да ја проучуваат Библијата и да учествуваат во други духовни активности и откако ќе се иселат од дома, но по кратко време стекнуваат лоши навики. Како да избегнеш „бродолом во верата“? * (1. Тимотеј 1:19).

Јехова Бог сака самите да утврдиме дали е исправно она во што веруваме (Римјаните 12:1, 2). Стекни си навика редовно да ја проучуваш Библијата и да учествуваш во други аспекти од службата за Бог. На еден календар би можел да си направиш план со духовни активности и види дали ќе можеш да го следиш еден месец без да те потсетуваат родителите.

Третото прашање за кое треба да размислиш е...

Која ми е целта?

Дали сакаш да се иселиш од дома за да избегаш од проблемите? Или за да се ослободиш од авторитетот на родителите? Ако тоа е причината, тогаш гледаш само да ги оставиш тие работи зад себе, без да знаеш каде одиш. Тоа е исто како да возиш гледајќи само во ретровизорот — толку си преокупиран со она што е зад тебе што не гледаш што има пред тебе. Што учиме од ова? Не гледај само да си заминеш од дома — направи го тоа со некоја вредна цел на ум.

Некои млади Јеховини сведоци се преселиле за да проповедаат на други подрачја во својата земја, па дури и во странство. Други се селат за да помогнат при изградбата на верски објекти или за да работат во некоја од подружниците на Јеховините сведоци. Трети, пак, сакаат да живеат сами извесно време пред да стапат во брак. *

Која и да е твојата цел, најпрво добро размисли. Една библиска изрека вели: „Плановите на трудољубивиот сигурно донесуваат корист, а секој што избрзува сигурно оди кон немаштија“ (Изреки 21:5, фуснота). Слушај ги советите на твоите родители (Изреки 23:22). Моли се. И додека размислуваш дали да живееш сам, земи ги предвид библиските начела што ги разгледавме.

Вистинското прашање не е: Дали сум спремен да живеам сам?, туку: Дали сум спремен да се грижам за себе? Ако одговорот на ова прашање е „да“, тогаш можеби си спремен да се осамостоиш.

[Фусноти]

^ пас. 23 Нешто повеќе во врска со ова има во том 2, поглавје 19.

^ пас. 27 Нешто повеќе во врска со ова има во том 2, поглавја 34 и 35.

^ пас. 32 Во некои култури е вообичаено детето, а посебно ќерката, да остане дома сѐ додека не се омажи. Библијата не дава конкретен совет за ова.

КЛУЧЕН СТИХ

„Човекот ќе ги остави татка си и мајка си“ (Матеј 19:5)

ПРЕДЛОГ

Извесен период давај им ги на твоите родители парите што ги трошат за тебе за храна, сместување и други трошоци. Ако не можеш или ако не сакаш да си ги покриваш трошоците додека живееш со твоите, тогаш не си подготвен да живееш сам.

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?

Мотивот од кој сакаш да се иселиш од дома може да влијае врз тоа колку ќе бидеш среќен кога ќе го сториш тоа.

ПЛАН!

Би сакал да се иселам од дома за да ја постигнам следнава цел: ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

● Како може да ти помогне тоа што извесно време ќе останеш да живееш со родителите дури и ако животот дома ти е тежок?

● Додека живееш дома, би можел ли да правиш нешто што ќе биде за доброто на семејството и што ќе те подготви за самостоен живот?

[Истакната мисла на страница 52]

„Нормално е да сакаш да се осамостоиш. Но, ако сакаш да се иселиш само за да се ослободиш од правилата, тогаш не си спремен за таков чекор“ (Арон)

[Слика на страници 50 и 51]

Иселувањето од дома може да се спореди со планинарење — пред да тргнеш на пат, треба да стекнеш вештини за преживување