Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто да се грижам за здравјето?

Зошто да се грижам за здравјето?

Поглавје 10

Зошто да се грижам за здравјето?

Стави ✔ до секоја цел што би сакал да ја постигнеш.

□ Да ја намалиш напнатоста

□ Да не избувнуваш

□ Да имаш поголема самодоверба

□ Да бидеш посвеж

□ Да имаш повеќе сила

□ Да имаш поздрава кожа

□ Да ослабиш

ИМА работи во животот кои ти, како млада личност, не си можел да ги избереш — родителите, брат ти или сестра ти, каде ќе живееш итн. Но, тоа не важи и за твоето здравје. Точно е дека наследните фактори играат улога, но обично твоето здравје зависи од начинот на живот што самиот ќе го избереш. *

Можеби си мислиш: ‚Ама, уште сум млад за толку да се секирам за здравјето!‘ Но, дали навистина е така? Погледни го списокот на 71. страница. Колку квадратчиња штиклираше? Верувал или не, доброто здравје е многу важно за да ги оствариш тие цели.

Можеби и ти размислуваш како Амбер (17), која вели: „Нема шанси да јадам само житарки и храна без шеќер и без масти!“ Ако и ти имаш ваков став, не плаши се — не мора сосема да се откажеш од благото и да трчаш со километри секоја седмица. Всушност, можеби ќе треба да направиш само неколку едноставни промени за да изгледаш подобро, да се чувствуваш поубаво и да имаш подобри резултати во што и да правиш. Да видиме како некои твои врсници успеале во тоа.

Храни се здраво, изгледај подобро!

Библијата ни кажува да бидеме умерени во сѐ. „Не биди... меѓу оние што лакомо јадат“, стои во Изреки 23:20. Ова не е секогаш лесно.

„Како и многу други тинејџери, секогаш сум гладен. Моите родители велат дека сум како буре без дно!“ (Ендру, 15).

„Бидејќи сега не гледам дека некоја храна ми штети, мислам дека нема ништо лошо ако ја јадам“ (Даниела, 19).

Ти треба ли поголемо самосовладување во поглед на храната? Еве што им помогнало на некои твои врсници.

Слушај што ти кажува стомакот. „Порано ги броев калориите“, вели Јулија (19), „но сега едноставно престанувам да јадам кога сум сита.“

Избегнувај нездрава храна. „Престанав да пијам газирани сокови“, вели Петар (21), „и за еден месец симнав 5 килограми.“

Смени ги лошите навики на исхрана. „Се трудам да не земам репете“, вели Ерин (19).

Клуч за успех: Не прескокнувај оброци! Во спротивно, ќе прегладнеш и потоа поголема е веројатноста да се прејадеш.

Вежбај повеќе, чувствувај се поубаво!

Библијата вели: ‚Телесното вежбање е корисно‘ (1. Тимотеј 4:8). Сепак, изгледа дека повеќето млади баш и не се по вежбањето.

„Нема да ви се верува колку многу деца имаа единица по физичко кога бев во средно. А полесен предмет од тоа немаше!“ (Ричард, 21).

„Некои си мислат: ‚Зошто да трчаш и да се потиш на жешкото кога можеш да играш некоја видеоигра во која си замислуваш дека си некој друг што го прави тоа?‘“ (Рут, 22).

Дали се изморуваш и од самата помисла на вежбање? Ако е така, разгледај три добри причини од кои се исплаќа редовно да се вежба.

Причина бр. 1. Вежбањето ти го зајакнува имунитетот. „Татко ми секогаш велеше: ‚Ако не можеш да си најдеш време за вежбање, порано или подоцна ќе мораш да најдеш време за боледување‘“, вели Рејчел (19).

Причина бр. 2. При вежбање, мозокот ослободува хемиски супстанции што те опуштаат. „Трчањето ми помага да се опуштам кога низ главата ми се вртат илјада работи“, вели Емили (16). „Тоа ме освежува и физички и емоционално.“

Причина бр. 3. Вежбањето може да биде забавно. „Уживам кога сум во природа“, вели Рут (22), „па затоа моето вежбање се состои од планинарење, пливање, сноубординг и возење велосипед.“

Клуч за успех: Одвој барем по 20 минути трипати во седмицата за некоја енергична физичка активност во која уживаш.

Подобар сон, подобри резултати!

Библијата вели: „Подобар е еден грст одмор отколку два грста труд и трчање по ветар“ (Проповедник 4:6). Кога не спиеш доволно, ништо не ти оди од рака!

„Кога не сум наспана, не ме бива за ништо. Тешко ми е да се концентрирам на што и да било!“ (Рејчел, 19).

„Околу 2 часот попладне толку сум уморна што мислам дека би можела да заспијам на сред муабет!“ (Кристине, 19).

Ти треба ли повеќе сон? Еве што направиле некои твои врсници.

Немој да си легнуваш доцна. „Се трудам да си легнам во разумно време“, вели Катерина (18).

Немој да зборуваш со пријателите до ниедно време. „Понекогаш некој другар ќе ми се јави или ќе ми прати СМС доцна навечер“, вели Ричард (21), „но, од неодамна почнав да ги прекинувам таквите разговори за да можам да се наспијам.“

Труди се да си легнуваш во исто време. Џенифер (20) вели: „Во последно време се трудам секој ден да си легнувам и да станувам во исто време“.

Клуч за успех: Труди се да спиеш најмалку осум часа секоја вечер.

Не треба многу за да си го подобриш здравјето. Потребни се неколку едноставни чекори, но користа ќе биде огромна. Запомни дека доброто здравје ќе ти помогне да изгледаш подобро, да се чувствуваш поубаво и да имаш подобри резултати во што и да правиш. И, за разлика од други работи, твојата здравствена состојба е нешто над кое можеш да влијаеш. Ерин (19) вели: „На крајот на краиштата, твоето здравје зависи само од една личност — од тебе“.

ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

Никако не можеш да најдеш заеднички јазик со родителите кога станува збор за облеката? Дознај како би можеле да постигнете некаков договор!

[Фуснота]

^ пас. 11 Се разбира, многу луѓе се борат со некоја болест или се инвалиди и немаат контрола над тоа. Ова поглавје може и ним да им помогне да си го подобрат здравјето во рамките на своите ограничувања.

КЛУЧЕН СТИХ

‚Телесното вежбање е корисно‘ (1. Тимотеј 4:8)

ПРЕДЛОГ

Вежбај во друштво со некого. Тоа ќе те тера да продолжиш бидејќи нема да сакаш да го разочараш другиот.

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?

При физичка активност се лачат ендорфини, хемиски супстанции во мозокот што можат да ја ублажат болката и што помагаат да се чувствуваш убаво.

ПЛАН!

Една разумна цел што би можел да си ја поставам во врска со мојата исхрана е ․․․․․

Една разумна цел што би можел да си ја поставам во врска со вежбањето е ․․․․․

Ќе се трудам во текот на следниот месец секоја вечер да спијам во просек по ․․․․․ часа.

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

● Како може да се одрази врз твојата самодоверба тоа што ќе водиш сметка за здравјето?

● Што е поважно од грижата за физичкото здравје? (1. Тимотеј 4:8)

[Истакната мисла на страница 74]

„Ми се допаѓа како се чувствувам додека вежбам. А кога ќе видам дека поради тоа почнувам и да изгледам подобро, ми расте самодовербата!“ (Емили)

[Рамка на страница 73]

„Го сменив начинот на живот“

„Како тинејџерка имав нешто што воопшто не го сакав — вишок килограми. Бев незадоволна од својот изглед и се чувствував мизерно. Одвреме-навреме се обидував да ослабам со некои посебни диети, но по диетата килограмите секогаш ми се враќаа. На 15 години сфатив дека морам сериозно да си ја сфатам работата. Сакав да ослабам на исправен начин — начин на кој ќе продолжам да живеам. Купив книга за правилна исхрана и совети за вежбање и се држев за она што беше кажано во неа. Бев решена да не се предавам дури и ако ми се случи на моменти да потклекнам или да се обесхрабрам. И знаете што? Успеав! За една година изгубив 27 килограми. Еве веќе две години ја одржувам истата тежина. Не верував дека тоа е можно! Мислам дека успеав затоа што не се потпирав само на начинот на исхрана, туку го сменив начинот на живот“ (Кетрин, 18).

[Слика на страница 74]

Твоето здравје е како автомобил — ако не го одржуваш, ќе се расипе