Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што да носам?

Што да носам?

Поглавје 11

Што да носам?

Нина се спрема да излезе, но нејзините родители не можат да си поверуваат на очите.

„Ќе излезеш така облечена?“ — запрепастено прашува татко ѝ.

„Зошто, што ми фали?“ — одговара Нина зачудено. „Ќе одам само до трговскиот со другарките.“

„Не, така облечена нема да одиш!“ — вели мајка ѝ.

„Ама, мамо“, се буни Нина, „па сите се облекуваат вака. Освен тоа, облеката кажува која сум!“

„Е па, нам не ни се допаѓа она што твојата облека го кажува!“ — ѝ одвраќа остро татко ѝ. „Оди горе и преоблечи се или нема одење никаде!“

РАСПРАВИИТЕ околу облеката не се ништо ново. Можеби на твои години и твоите родители воделе иста борба со своите родители. Веројатно и тие се чувствувале исто како што се чувствуваш и ти! Но, сега тие се на другата страна од „фронтот“ и меѓу вас постојано има „престрелки“ поради твојата облека.

Ти велиш: Удобна е.

Тие велат: Неуредна е.

Ти велиш: Просто е неодолива!

Тие велат: Премногу е провокативна.

Ти велиш: На половина цена е.

Тие велат: И треба да е... половина сукња ти фали!

Има ли шанси да склучите примирје? Да! Меган, која сега има 23 години, знае како се постигнува тоа. „Не мора да дојде до кавга“, вели таа. „Може да се постигне договор.“ Договор? Дали тоа значи дека ќе мора да се облекуваш како тетка?! Смири се! Да постигнете договор едноставно значи ти и твоите родители да разговарате за вашите различни гледишта и да најдете решенија со кои ќе бидете задоволни сите. Зошто е тоа добро?

1. Ќе изгледаш убаво, дури и во очите на врсниците.

2. Има помалку шанси родителите да ја критикуваат твојата облека.

3. Откако ќе видат дека си одговорна на ова подрачје, можеби родителите ќе ти дадат поголема слобода и за други работи.

Затоа, да тргнеме по ред. Помисли на некое парче облека што „едноставно мора“ да го имаш, а кое си го видела на интернет или во некоја продавница. Прво нешто што треба да направиш е...

Размисли за библиските начела

Интересно, но Библијата многу малку зборува за облеката. Всушност, сите библиски совети што се директно поврзани со таа тема можеш да ги прочиташ за само две-три минути! Но, и за толку кратко време ќе најдеш проверени, корисни совети. На пример:

● Библијата ги советува жените да се облекуваат ‚скромно и разборито‘ * (1. Тимотеј 2:9, 10).

Можеби малку те загрижува зборот ‚скромно‘. Можеби ќе речеш: ‚Па, зарем морам да се облекувам демоде?‘ Не! Во овој контекст, скромноста значи дека твојата облека покажува дека имаш самопочит и обѕир кон чувствата на другите (2. Коринќаните 6:3). Многу видови облека одговараат на овој опис. „Можеби е предизвик“, вели Даниела (23), „но можеш да бидеш модерен без да се облекуваш крајно упадливо.“

● Библијата вели дека, кога станува збор за изгледот, пред сѐ треба да обрнеме внимание на „тајниот човек на срцето“, или како што вели преводот Радосна Вест, на нашата „внатрешна убавина“ (1. Петрово 3:4).

Со нескромна облека можеби за момент ќе привлечеш погледи, но внатрешната убавина е таа што ќе ти донесе нешто потрајно — почитта и на возрасните и на врсниците. На врсниците? Да — дури и тие можеби ќе сфатат колку е бесмислено да се претерува во облекувањето. „Ми се гади кога ќе видам жени кои со својата провокативна облека просто како да им се нудат на мажите!“ — вели Британи (16). И Кеј го дели нејзиното мислење. За една поранешна пријателка таа го вели следново: „Сѐ што носеше како да викаше ‚видете ме‘. Сакаше да им го привлече вниманието на машките, и затоа носеше облека што веднаш паѓаше в очи“.

Зборувај со родителите

Решението не е во тоа да пикнеш во ранецот некоја провокативна облека во која ќе се преоблечеш штом ќе стигнеш на училиште. Родителите ќе имаат поголема доверба во тебе ако си отворена и искрена со нив, дури и за работи за кои мислиш дека можеш да се извлечеш без да дознаат. Всушност, би било добро да ги прашаш за мислење кога размислуваш да купиш некое парче облека (Изреки 15:22). (Користи го прашалникот „Избор на гардероба“, на страници 82 и 83.)

Но, зошто би направила такво нешто? Зарем целта на родителите не им е да го уништат твојот осет за мода? Не е така. Точно е дека мајка ти и татко ти можеби поинаку гледаат на работите. Но, понекогаш токму тоа и ти треба. „Ги ценам советите на моите родители“, вели Натали (17), „зашто не сакам, кога ќе излезам од дома, да служам за потсмев или луѓето да зборуваат лошо за мене поради мојот изглед.“

Освен тоа, да бидеме реални: сѐ додека живееш под нивен покрив, тие имаат авторитет над тебе (Колошаните 3:20). Сепак, кога ќе ги разбереш нивните гледишта — а и тие твоите — можеби ќе се изненадиш колку често можете да дојдете до заедничко решение. Тоа може да значи крај на расправиите околу облеката!

Моден совет: Кога пробуваш облека, не потпирај се само на она што го гледаш во огледалото. Облека што навидум е скромна може и да не е толку скромна кога ќе седнеш или кога ќе се наведнеш. Ако е можно, прашај некој од родителите или друг зрел пријател што мисли за облеката.

ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

Дали ти си својот најголем непријател? Што можеш да сториш ако не се сакаш себеси?

[Фуснота]

^ пас. 23 Иако овие библиски совети се упатени до жените, начелата важат и за двата пола.

КЛУЧЕН СТИХ

„Вашиот украс нека не биде... облекувањето облеки, туку тоа нека биде тајниот човек на срцето“ (1. Петрово 3:3, 4)

ПРЕДЛОГ

Немој да носиш провокативна облека. Така може да изгледаш самобендисано и спремна на сѐ.

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?

Првиот впечаток што ќе го добијат луѓето за тебе обично зависи од твојата облека.

ПЛАН!

Некој од семејството или зрел пријател што би можел да го прашам во врска со некоја облека што сакам да ја купам е ․․․․․

Наредниот пат кога ќе купувам облека, ќе ги земам предвид следниве работи: ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

● Зошто меѓу родителите и тинејџерите често има расправии околу облеката?

● Како ќе ти помогне да се изградиш како личност тоа што ќе разговараш со родителите во врска со облеката?

[Истакната мисла на страница 81]

„Кога ќе видам провокативно облечени девојки, веднаш ми паѓа ценењето за нив. Од друга страна, кога ќе видам скромно, но сепак убаво облечени луѓе, си велам: ‚Сакам и мене другите да ме гледаат така‘ “ (Натали)

[Рамка/слики на страници 82 и 83]

Прашалник

Избор на гардероба — прашалник

Упатства: Копирај ги овие страници. Твоите родители нека го пополнат прашалникот на десната, а ти прашалникот на левата страна. Подоцна, сменете си ги листовите и разговарајте за вашите одговори. Се изненадивте ли од некој одговор? Што научивте за вашите гледишта за кои претходно не бевте свесни?

За тебе Размисли за некое конкретно парче облека што сакаш да го носиш или да го купиш.

Зошто сакаш да ја купиш таа облека? Според важноста, означи ги со број факторите наведени подолу.

․․․․․ Добра марка е

․․․․․ Привлечна е за спротивниот пол

․․․․․ Прифатлива е за врсниците

․․․․․ Удобна е

․․․․․ Цената е добра

․․․․․ Друго ․․․․․

Најверојатно првата реакција на моите родители ќе биде:

□ „Нема шанси!“

□ „Можеби“

□ „Нема проблем“

Најверојатно причината за нивниот приговор ќе биде:

□ „Премногу е провокативна“

□ „Премногу е неуредна“

□ „Премногу е помодна“

□ „Остава лоша слика за нас како родители“

□ „Прескапа е“

□ Друго ․․․․․

Можеме ли заедно да најдеме решение?

За кои работи моите родители се во право?

․․․․․

Што би можеле да направиме за да биде облеката прифатлива?

․․․․․

За родителите Размисли за некое конкретно парче облека што твојот тинејџер сака да го носи или да го купи.

Што мислиш, зошто на твоето дете му се допаѓа таа облека? Означи ги со број факторите по оној редослед по кој мислиш дека му се важни.

․․․․․ Добра марка е

․․․․․ Привлечна е за спротивниот пол

․․․․․ Прифатлива е за врсниците

․․․․․ Удобна е

․․․․․ Цената е добра

․․․․․ Друго ․․․․․

Мојата прва реакција е:

□ „Нема шанси!“

□ „Можеби“

□ „Нема проблем“

Причината за мојот приговор е:

□ „Премногу е провокативна“

□ „Премногу е неуредна“

□ „Премногу е помодна“

□ „Остава лоша слика за нас како родители“

□ „Прескапа е“

□ Друго ․․․․․

Можеме ли заедно да најдеме решение?

Дали нашиот приговор е, всушност, само работа на вкус?

□ Да □ Можеби □ Не

Што би можеле да направиме за да биде облеката прифатлива?

․․․․․

Одлука ․․․․․

[Рамка на страница 84]

А што е со момчињата?

Библиските начела за кои се зборува во ова поглавје важат и за момчињата. Биди скромен. Дозволи да дојде до израз твојата личност, или она што си во срцето. Кога размислуваш дали да купиш нешто, прашај се: ‚Што кажува оваа облека за мене? Дали навистина покажува каков сум?‘ Не заборавај, облеката е начин на изразување. Потруди се твојата облека да ги одразува начелата во кои веруваш!

[Слика на страница 80]

Твојата облека е како знак што им кажува на луѓето сѐ за тебе. Што кажува твојот „знак“?