Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали е нормално вака да жалам?

Дали е нормално вака да жалам?

Поглавје 16

Дали е нормално вака да жалам?

Иако во ова поглавје се зборува за загубата на родител, начелата изнесени во него важат и кога ќе почине кој и да било од семејството или некој близок пријател.

„Кога почина мајка ми, се чувствував потполно изгубено и празно. Таа го држеше нашето семејство заедно“ (Карин)

СМРТТА на родителот е еден од најтешките моменти во животот. Може да ти се јават најразлични емоции какви што не си доживеал порано. Брајан, кој имал само 13 години кога татко му починал од срцев удар, вели: „Вечерта кога дознавме, само се гушнавме и плачевме“. Натали, чиј татко починал од рак кога таа имала 10 години, се присетува: „Не знаев како треба да се чувствувам. Затоа, не чувствував ништо, никаква емоција“.

Секој различно реагира на смртта на некој близок. Библијата вели дека „секој“ си има ‚своја неволја и своја болка‘ (2. Летописи 6:29). Имајќи го ова на ум, размисли накратко како влијаеше смртта на твојот родител врз тебе. На линиите опиши 1) како се чувствуваше кога дозна за неговата смрт и 2) како се чувствуваш сега. *

1. ․․․․․

2. ․․․․․

Одговорот на овие прашања можеби открива дека сега, барем во извесна мера, твоите емоции почнуваат да се стабилизираат. Ова е сосем нормално. Тоа не значи дека си го заборавил родителот. Или, можеби твоите чувства сѐ уште се исти, па дури и посилни од порано. А можеби твојата тага е како бранови — доаѓа и си оди, а понекогаш, кога најмалку очекуваш, ќе „те удри“ со сета сила. И ова е нормално — дури и ако се случува со години по смртта на твојот родител. Меѓутоа, прашањето е: Како да се справиш со болката, сеедно како се манифестира?

Исплачи се! Плачењето ја ублажува тагата. Но, можеби се чувствуваш како Алиша, која имала 19 години кога починала мајка ѝ. Таа раскажува: „Мислев дека, ако премногу ги покажувам своите емоции, другите ќе мислат дека немам вера“. Но, размисли, иако бил совршен човек со силна вера во Бог, Исус Христос ‚почнал да рони солзи‘ кога видел колку им е тешко на другите поради смртта на неговиот драг пријател Лазар (Јован 11:35). Затоа, слободно исплачи се. Тоа не значи дека немаш вера! Алиша вели: „На крајот плачев. Многу плачев. И тоа секој ден“. *

Совладај ги чувствата на вина. „Секогаш се качував кај мајка ми за да ја бакнам и да ѝ посакам добра ноќ“, вели Карин, која имала 13 години кога умрела мајка ѝ. „Само еднаш не го направив тоа, и следното утро таа почина. Колку и да звучи нелогично, чувствував вина што таа последна вечер не ја видов, како и за она што се случи следното утро. Татко ми отиде на службено патување и ни рече мене и на сестра ми да се грижиме за мама. Но, тој ден спиевме подолго. Кога влегов во спалната, мајка ми не дишеше. Се чувствував ужасно бидејќи, пред да замине тато, ѝ беше добро!“

Можеби и ти, како Карин, чувствуваш вина бидејќи си пропуштил да сториш нешто. Можеби постојано се измачуваш со некое „камо да“. ‚Камо да го натерав тато да појде на лекар.‘ ‚Камо порано да проверев дали ѝ е добро на мама.‘ Ако те мачат вакви мисли, биди свесен дека е сосема нормално да ти биде криво што не си постапил како што мислиш дека требало. Факт е дека, да си знаел што ќе се случи, сигурно ќе си реагирал поинаку. Но, не си знаел. Затоа, воопшто не треба да се чувствуваш виновен. Ти не си одговорен за смртта на твојот родител! *

Искажи си ги чувствата. Во Изреки 12:25 се вели дека „добриот збор го радува“ човекот. Ако ги потиснуваш чувствата во себе, ќе ти биде потешко да живееш со тагата. Но, ако за нив разговараш со некого во кого имаш доверба, ќе можеш да чуеш ‚добар збор‘ тогаш кога тоа најмногу ќе ти треба.

Разговарај со Бог. Најверојатно, ќе ти биде многу полесно ако во молитва ‚му го излееш срцето‘ на Јехова Бог (Псалм 62:8). Но, молитвата не е само терапија што ќе ти помогне да се чувствуваш подобро. Таа е молба до „Богот на секоја утеха, кој нѐ теши во секоја наша неволја“ (2. Коринќаните 1:3, 4). Еден начин на кој Бог нѐ теши е преку својата Реч, Библијата (Римјаните 15:4). Би можел да си чуваш при рака список со стихови што се особено утешни за тебе. *

Болката поради загубата не поминува преку ноќ. Но, Библијата може да ни даде утеха, затоа што нѐ уверува дека во новиот свет што Бог го ветува, „смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка“ (Откровение 21:3, 4). Можеби и ти ќе можеш полесно да ја поднесеш загубата на твојот родител ако длабоко размислуваш за ваквите ветувања.

[Фусноти]

^ пас. 6 Ако моментално ти е тешко да одговориш на овие прашања, би можел да се обидеш другпат.

^ пас. 10 Немој да мислиш дека мораш да плачеш за да покажеш дека жалиш. Секој жали на различен начин. Најважно е да сфатиш дека, ако ти се плаче, тогаш можеби дошло „време за плачење“ (Проповедник 3:4).

^ пас. 12 Ако ваквите мисли продолжат да те измачуваат, разговарај за нив со другиот родител или со некое возрасно лице. Со текот на времето, ќе гледаш пообјективно на работите.

^ пас. 14 За некои биле утешни следниве стихови: Псалм 34:18; 102:17; 147:3; Исаија 25:8; Јован 5:28, 29.

КЛУЧЕН СТИХ

„[Бог] ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано, помина“ (Откровение 21:4)

ПРЕДЛОГ

Води си дневник. Тоа што ќе си ги запишуваш мислите во врска со родителот што починал може многу да ти помогне да ја поднесеш тагата.

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?

Плачењето не е знак на слабост. Дури и цврсти мажи, како Авраам, Јосиф и Давид, плачеле кога им умрел некој близок (1. Мојсеева 23:2; 50:1; 2. Самоилова 1:11, 12; 18:33).

ПЛАН!

Кога ќе ме притисне тага, ќе ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакал да го прашам мојот родител ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

● Зошто е добро да се навраќаш на убавите спомени што ги имаш за родителот кој починал?

● Зошто може да ти биде полесно да ја поднесеш тагата ако си ги запишуваш мислите?

[Истакната мисла на страница 112]

„Постојано ги потиснував чувствата. Ќе беше подобро да се искажев пред некого. Така ќе можев полесно да се носам со тагата“ (Дејвид)

[Рамка/слика на страница 113]

ШАНТЕЛ

„Татко ми беше болен околу пет години, и здравјето сѐ повеќе му се влошуваше. Имав 16 години кога се самоуби. Потоа, мајка ми ни кажуваше мене и на мојот постар брат за сѐ што се случуваше. Дури нѐ праша за некои работи околу погребот. Тоа многу ни олесни. Мислам дека децата не сакаат да имаат чувство дека некои работи се кријат од нив — особено некои големи работи како оваа. Како што минуваше времето, можев послободно да зборувам за смртта на татко ми. Секој пат кога ми се плачеше, ќе отидев некаде или кај некој пријател да се исплачам. Мојот совет е: кога чувствуваш потреба да зборуваш, зборувај — било со семејството било со пријателите. Искажи ја тагата, не собирај во себе.“

[Рамка/слика на страници 113 и 114]

ЛИЈА

„Кога имав 19 години, мајка ми доби силен мозочен удар, а почина три години подоцна. Кога почина, мислев дека морам да бидам јака. На татко ми не му требаше уште и за мене да се секира. Додека растев, мајка ми секогаш беше тука за мене кога бев болна или кога не ми беше добро. Се сеќавам како со дланката проверуваше дали имам температура. Многу често ми доаѓа болната мисла дека ја нема повеќе. Се трудам да ги скријам моите чувства, но тоа не е здраво. Затоа понекогаш ги разгледувам сликите само за да се исплачам. Ми помага и разговорот со пријателите. Библијата ветува дека оние што умреле ќе бидат воскреснати на рајска Земја (Јован 5:28, 29). Кога размислувам за надежта дека повторно ќе ја видам мајка ми — и кога мислам што треба да правам за да бидам таму — тагата попушта.“

[Рамка/слика на страница 114]

БЕТАНИ

„Камо да имав макар еден спомен од тоа како му велам на татко ми: ‚Те сакам‘. Сигурно сум му рекла, но не се сеќавам и тоа многу ми фали. Имав само пет години кога почина. Татко ми имал мозочен удар додека спиел и со брза помош го однеле во болница. Кога се разбудив следното утро, ми кажаа дека починал. Во почетокот, одбивав да зборувам за татко ми, но подоцна многу сакав да слушам разни случки од неговиот живот, зашто така подобро го запознав. Мојот совет до сите што изгубиле родител е да го сметаат за скапоцен секој момент што го поминале со него и да си ги запишуваат спомените за да не ги заборават. Потоа, правете сѐ за да си ја зајакнете верата за да бидете во новиот свет, кога Бог ќе го воскресне.“

[Рамка на страница 116]

Прашалник

Запишувај си ги мислите

Запиши некои убави спомени од твојот родител. ․․․․․

Запиши што посакуваш да си му кажел на својот родител додека бил жив. ․․․․․

Замисли си дека имаш помлад брат или сестра кои ги измачуваат чувства на вина поради смртта на вашиот родител. Запиши што би им рекол за да ги утешиш. (Ова може да ти помогне и самиот да се избориш со своите чувства на вина.) ․․․․․

Напиши две-три работи што би сакал да ги знаеш за твојот починат родител и потоа замоли го другиот родител да зборувате за една од нив. ․․․․․

Прочитај Дела 24:15. Како надежта што е изнесена во овој стих ти помага да се носиш со смртта на твојот родител? ․․․․․

[Слика на страница 115]

Слично како морските бранови, чувствата на тага може да надојдат неочекувано