Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Да прекинам ли со школото?

Да прекинам ли со школото?

Поглавје 19

Да прекинам ли со школото?

Според тебе, кога е време да прекинеш со школувањето? ․․․․․

Кога е време да прекинеш според твоите родители? ․․․․․

ДАЛИ доби два исти одговори? И да е така, ако сѐ уште си ученик, можеби одвреме-навреме посакуваш да излезеш веќе еднаш од школските клупи. Можеш ли да се најдеш во следниве коментари?

„Понекогаш сум под толкав стрес што не ми се станува од кревет. Тогаш си мислам: ‚Зошто морам да одам на училиште и да учам работи што никогаш нема да ми притребаат во животот?‘“ (Рејчел).

„Многупати училиштето ќе ми здосадеше и посакував да прекинам и да си најдам некоја работа. Мислев дека од учењето нема никакво фајде и дека би било попаметно времето да си го трошам за да заработам некоја пара“ (Џон).

„Моето средно училиште беше во опасна населба и ми беше тешко да се вклопам таму. Не ми беше тешко учењето, но не бев прифатен и речиси секогаш бев сам. Дури ни другите деца што не беа прифатени не зборуваа со мене! Бев на големо искушение да го оставам училиштето“ (Рајан).

„Секоја вечер ми требаа речиси четири часа за да научам за следниот ден! Не можев да здивнам од домашни задачи, проекти и тестови. Ми се чинеше дека не можам да издржам повеќе и сакав да му ставам крај на школувањето“ (Синди).

„Во школото имавме тревога за подметната бомба, три обиди за самоубиство, едно самоубиство и тепачки меѓу банди. Понекогаш ми беше преку глава од сето тоа и ми доаѓаше повеќе да не се појавам таму!“ (Роуз).

Дали и ти си имал слични проблеми? Ако е така, која ситуација те навела да помислиш да го прекинеш образованието?

․․․․․

Можеби сериозно размислуваш да прекинеш со школувањето. Но, зошто сакаш да прекинеш? Затоа што сметаш дека веќе си стекнал доволно знаење или само затоа што ти е смачено од учење? Меѓутоа, дали е мудро да го прекинеш школувањето пред време?

Да прекинеш или не?

Во некои земји задолжителното образование трае 5-8, а во други 10-12 години. Значи, не постојат одредена возраст или години на образование што би важеле за сите ученици во светот.

Има и земји во кои образовниот систем ја вклучува можноста еден ученик да го стекне потребното образование дома, без да посетува настава во образовна установа. Ако некој ученик се определи за вакво домашно школување — се разбира, со дозвола и соработка од родителите — не значи дека прекинал со школувањето.

Меѓутоа, ако планираш да го прекинеш школувањето пред да матурираш, сеедно дали станува збор за регуларно или за домашно школување, би било добро да размислиш за следниве прашања:

Што бара законот? Како што беше спомнато, законите за задолжително образование се разликуваат од земја до земја. Колкаво образование пропишува законот во твојата земја? Дали ти го заврши задолжителното образование? Ако прекинеш со школувањето пред годините пропишани со закон, би го прекршил библискиот совет да им бидеш ‚подложен на властите што се над тебе‘ (Римјаните 13:1).

Дали образованието што го имам стекнато досега е доволно за да си ги остварам целите? Дали знаеш што сакаш да постигнеш со образованието? Не си баш сигурен? Би требало да бидеш! Во спротивно би бил како патник во воз кој нема поим каде патува. Затоа, седни со твоите родители и пополни го прашалникот  „Цели во кои ќе ми помогне образованието“, на страница 139. Така ќе ти биде полесно да ги имаш целите јасно пред себе и заедно со родителите да испланираш колкаво образование ти е потребно (Изреки 21:5).

Најверојатно, наставниците и некои други ќе ти го кажат своето мислење во врска со тоа. Но, твоите родители се тие што треба да ја донесат конечната одлука (Изреки 1:8; Колошаните 3:20). Не би било добро да го прекинеш школувањето ако сѐ уште не си го стекнал знаењето што ти е потребно за да го работиш она за што си донел одлука заедно со родителите.

Зошто сакам да прекинам? Внимавај да не почнеш да се залажуваш (Еремија 17:9). Човечка склоност е да си мислиме дека имаме добри причини да постапиме на одреден начин, иако вистинските причини се, всушност, себични (Јаков 1:22).

Напиши од кои себични причини би можело да се прекине школувањето.

․․․․․

Што напиша? Една таква себична причина би била да ги избегнеш учењето или домашните задачи. Поентата е да процениш зошто сакаш да го прекинеш школувањето. Ако го прекинуваш само за да ти биде полесно, можеби ќе те изненадат следниве неколку факти.

Што има лошо во тоа?

Ако предвреме го прекинеш школувањето, тоа е исто како да скокнеш од воз пред да стигнеш онаму каде што си тргнал. Добро, можеби возот е неудобен, а и патниците се непријатни. Но, ако скокнеш од него, нема да стигнеш таму каде што си пошол и најверојатно ќе се повредиш. Истото би важело и ако предвреме прекинеш со школувањето — може нема да ги постигнеш целите што си ги имаш зацртано, и најверојатно ќе си направиш проблеми, и тоа не само моментални, туку и проблеми што ќе те следат цел живот. Еве неколку од можните:

Моментални проблеми: Најверојатно потешко ќе најдеш работа. Дури и ако најдеш, поголема е веројатноста дека ќе биде послабо платена од онаа што ќе си можел да ја добиеш ако си го завршел школувањето. Тоа значи дека, за да ги покриеш основните трошоци, ќе треба подолго да работиш, и тоа во околности што можеби ќе бидат уште понепријатни од оние што сега ги имаш на училиште.

Проблеми за цел живот: Истражувањата покажуваат дека кај оние што предвреме прекинуваат со школувањето поголеми се шансите да имаат послабо здравје, да завршат во затвор и да зависат од социјална помош.

Се разбира, тоа што ќе го завршиш школувањето не е гаранција дека ќе немаш вакви проблеми. Но, зошто сам да си ги врзеш рацете со тоа што предвреме ќе го прекинеш?

Зошто да не прекинеш

Кога ќе добиеш слаба оценка или имаш тежок ден на училиште, можеби ти доаѓа да кренеш раце од сѐ и ти се чини дека што и да ти се случи во животот е ништо во споредба со она низ што минуваш сега. Но, пред да ја одбереш „полесната“ варијанта, размисли што велат учениците цитирани на почетокот на поглавјето за тоа каква корист имале што не прекинале предвреме со школувањето.

„Станав истрајна и психички посилна. Научив и дека, за да уживаш во нешто, мора да го смениш начинот на кој го гледаш. Бидејќи решив да го довршам школувањето, научив работи што ќе ми користат откако ќе матурирам“ (Рејчел).

„Сега знам дека, ако запнам, можам да си ги остварам целите. На училиште имам некои стручни предмети преку кои добивам корисна обука за она што планирам да го работам“ (Џон).

„Бидејќи издржав, научив добро да читам и да пишувам. Училиштето ме научи како да извлечам поука од советите и предлозите и како да се изразувам јасно и логично — вештини што ми се корисни во христијанската служба“ (Рајан).

„Училиштето ме научи како да ги решавам проблемите — и во него и надвор од него. Тоа што морав да изнајдам начини да се справам со врсниците, со учењето и слично, многу ми помогна да созреам“ (Синди).

„Училиштето ме подготви за проблемите на работното место. Исто така, имаше многу ситуации што ме принудија да ги преиспитам причините за мојата вера. На крајот, тоа ги зајакна моите религиозни убедувања“ (Роуз).

Мудриот цар Соломон напишал: „Подобар е крајот на една работа отколку нејзиниот почеток. Подобар е оној што е стрплив отколку оној што е вообразен“ (Проповедник 7:8). Значи, наместо да прекинеш со школувањето, стрпливо совладувај ги проблемите на кои наидуваш. Ако правиш така, ќе видиш дека на крајот работите ќе излезат добро за тебе.

ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

Што да правиш ако го мразиш училиштето затоа што не можеш да најдеш заеднички јазик со некој наставник?

КЛУЧЕН СТИХ

„Секој што избрзува сигурно оди кон немаштија“ (Изреки 21:5)

ПРЕДЛОГ

Ако не можеш да ја издржиш атмосферата на училиште, размисли дали би можел да земеш две години во една со што би матурирал порано.

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?

Поголема е веројатноста дека учениците што бегаат од часови нема да го довршат училиштето.

ПЛАН!

Ако некој предмет ми е многу тежок, наместо да се откажам, ќе ․․․․․

Ако поради замор ми доаѓа да прекинам со школувањето, ќе ми биде полесно ако ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

● Зошто е многу важно да научиш добро да читаш, да пишуваш и да знаеш математика?

● Како тоа што ќе си поставуваш цели во врска со учењето ќе ти помогне најдобро да го искористиш периодот на школување?

● Зошто е важно да знаеш што отприлика би сакал да работиш откако ќе завршиш со школувањето?

[Истакната мисла на страница 140]

„Не можеш да избегаш од проблемите. Училиштето ти помага да научиш како да застанеш цврсто зад она во што веруваш, вештина што ќе ти користи и на работа и на секое друго место“ (Рамона)

[Рамка на страница 139]

Прашалник

Цели во кои ќе ми помогне образованието

Главна цел на образованието е да те подготви да најдеш работа што ќе ти помогне да се издржуваш себеси и твоето семејство, доколку стапиш во брак (2. Солуњаните 3:10, 12). Реши ли што би сакал да работиш, и како училиштето може да ти помогне да се подготвиш за таа работа? За да провериш дали образованието те води во исправен правец, одговори на следниве прашања:

Во што сум добар? (На пример, дали си комуникативен? Дали уживаш да изработуваш или да поправаш работи? Дали те бива да анализираш и да решаваш проблеми?) ․․․․․

На кои работни места би можел да го искористам она во што сум добар? ․․․․․

 Какви можности за вработување има во моето место? ․․․․․

Кои предмети што сега ги имам на училиште би ми помогнале да најдам работа? ․․․․․

Какво образование ми е на располагање за да ги остварам своите цели? ․․․․․

Запомни, твоја цел е да стекнеш образование што ќе ти користи во животот. Затоа, не оди ни во другата крајност — цел живот да учиш, или, така да се каже, да останеш во возот само за да ги избегнеш одговорностите што доаѓаат со годините. *

[Фуснота]

^ пас. 64 Повеќе информации има во том 2, поглавје 38.

[Слика на страници 138 и 138]

Да прекинеш предвреме со школувањето е како да скокнеш од воз пред да стигнеш каде што си тргнал