Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Секс без обврски — зошто не?

Секс без обврски — зошто не?

Поглавје 26

Секс без обврски — зошто не?

„Обично младите се договараат да излезат со некого со цел да имаат секс без никакви обврски и за да си го зголемат списокот со партнери со кои спиеле“ (Пени)

„Момците отворено зборуваат за тоа. Се фалат дека имаат девојка, ама дека сепак имаат секс со многу други девојки“ (Едвард)

МНОГУ млади денес се фалат дека имаат секс без никакви обврски. Некои дури имаат и познајници на кои можат да им се јават секојпат кога сакаат секс, без „компликациите“ што ги носат љубовните врски.

Нека не те изненадува ако и тебе ти се чини примамлива таа идеја! (Еремија 17:9). Едвард, цитиран погоре, вели: „Многу девојки ми имаат предложено секс, и најтешката борба што ја имам како христијанин е да им одолеам. Тешко е да речеш ‚не‘!“ Кои библиски начела треба да ги имаш на ум ако некој ти предложи секс без обврски?

Биди на јасно зошто тоа е погрешно

Блудот е толку сериозен грев што оние кои го прават „нема да го наследат Божјето царство“ (1. Коринќаните 6:9, 10). Се разбира, ова важи без разлика дали двајца „се сакаат“ или имаат секс без обврски. За да му се спротивставиш на искушението, мораш да гледаш на блудот онака како што гледа Јехова.

„Цврсто сум уверена дека Јехова најдобро знае како треба да живееме“ (Карен, Канада).

„Секогаш имај на ум дека си нечиј син или ќерка, нечиј пријател, дека си дел од собранието. Ако попуштиш на искушението, ќе ги изневериш сите!“ (Питер, Британија).

Ако гледаш на блудот онака како што гледа Јехова, ќе можеш да ‚го мразиш злото‘, иако твоето тело те влече кон него (Псалм 97:10).

Би можел да прочиташ: 1. Мојсеева 39:7-9. Забележи колку храбро Јосиф ги одбил сексуалните предлози и што му помогнало во тоа.

Биди горд на своите верувања

Не е невообичаено младите да бидат горди на своите уверувања и цврсто да ги бранат. Ти имаш чест да покажеш со своето однесување дека ги прифаќаш и ги застапуваш Божјите мерила. Немој да се срамиш од својот став кон предбрачниот секс.

„Веднаш дај им на другите до знаење дека имаш високи морални мерила“ (Ален, Германија).

„Момчињата со кои учев во средно знаеја која сум и им беше јасно дека само ќе си го губат времето со мене“ (Вики, САД).

Кога цврсто ги браниш своите верувања, покажуваш дека стануваш зрел христијанин (1. Коринќаните 14:20).

Би можел да прочиташ: Изреки 27:11. Забележи дека, кога го правиш она што е исправно, го радуваш Јехова!

Биди цврст!

Многу е важно да речеш ‚не‘. Но, некои може тоа погрешно да го протолкуваат како само да се правиш дека не си „лесен плен“.

„Сѐ во врска со тебе — како се облекуваш, како зборуваш, со кого зборуваш и како постапуваш со другите — треба да покажува дека никогаш не би прифатила таква понуда“ (Џој, Нигерија).

„Мора јасно да им ставиш до знаење дека нема шанси да имаш секс со нив. Никогаш немој да прифаќаш подароци од момчиња што само сакаат некако да те намамат да спиеш со нив. Ако прифатиш, може да го искористат тоа против тебе, како да им должиш нешто за возврат“ (Лара, Британија).

Јехова ќе ти помага ако покажеш дека си цврст. Од лично искуство, псалмистот Давид можел да го каже следново за Јехова: „Со лојалниот постапуваш лојално“ (Псалм 18:25).

Би можел да прочиташ: 2. Летописи 16:9. Забележи дека Јехова е спремен да им помогне на оние што сакаат да го прават она што е исправно.

Биди претпазлив

Библијата вели: „Паметниот човек го гледа злото и се трга“ (Изреки 22:3). Што значи ова за тебе? Мораш да бидеш претпазлив!

„Колку што можеш, избегнувај луѓе што зборуваат за такви работи“ (Наоми, Јапонија).

„Не давај лични податоци, како адреса или телефон“ (Дајана, Британија).

Анализирај се како зборуваш, како се однесуваш, со кого се дружиш и на какви места одиш. Потоа прашај се: ‚Дали несвесно оставам впечаток што на другите им дава слобода да ми предложат секс?‘

Би можел да прочиташ: 1. Мојсеева 34:1, 2. Забележи дека, затоа што се нашла на погрешно место, Дина сносела трагични последици.

Запомни, во очите на Јехова, сексот без обврски е сериозен грев, а така треба да го гледаш и ти. Ако цврсто се држиш за она што е исправно, можеш да зачуваш чиста совест пред Бог и да задржиш самопочит. Како што една девојка по име Карли вели: „Зошто некој да те искористи за да си ги задоволи моменталните желби? Чувај си го добриот однос со Јехова за кој си вложил толку труд!“

ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

Што велат момчињата, какви девојки навистина им се допаѓаат? Може ќе се изненадиш кога ќе дознаеш!

КЛУЧЕН СТИХ

„Дајте сѐ од себе за [Бог] да ве најде неизвалкани и неосквернети и во мир“ (2. Петрово 3:14)

ПРЕДЛОГ

Работи на своите особини (1. Петрово 3:3, 4). Колку подобра личност си толку подобра личност ќе привлечеш.

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?

Јехова ги создал сексуалните односи со цел да бидат извор на задоволство во бракот и сака да уживаш во нив без грижите, несигурноста и каењето што толку често се последица од блудот.

ПЛАН!

И јас можам, како Јосиф, да бидам исто толку решен да останам морално чист ако ․․․․․

Нема да ја направам грешката што ја направила Дина ако ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

● Зошто недозволените сексуални односи се погрешни, иако твоето несовршено тело можеби ги посакува?

● Што ќе направиш ако некој ти предложи секс?

[Истакната мисла на страница 185]

„Биди цврст! Кога едно момче ми дојде со непристоен предлог, му реков: ‚Тргни ја раката од моето рамо!‘ и веднаш си заминав со строг израз на лицето“ (Елен)

[Слика на страница 187]

Со сексот без обврски си ја спушташ цената