Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто момчињата не ме сакаат?

Зошто момчињата не ме сакаат?

Поглавје 27

Зошто момчињата не ме сакаат?

Знае дека сум популарна девојка затоа што му кажав дека им се допаѓам на многу момчиња. Се смееше кога му раскажував колку глупави се некои мои другарки. Знае и дека сум паметна — го поправив неколкупати додека зборуваше. Гарант ќе ме викне да излеземе.

Убава е, ама многу е плитка! Не можам да дојдам до збор од неа. А кога ќе успеам нешто да кажам, веднаш ме поправа! Како да му ја здувнам најлесно!?

ТЕ МАЧИ ЛИ мислата дека не им се допаѓаш на момчињата? Многу девојки се секираат за тоа — дури и оние за кои не би ни помислила такво нешто! На пример, Џоана е убава, интелигентна девојка и знае убаво да се изразува. Сепак, таа вели: „Често имам чувство дека момчињата не ме сакаат. Неколкумина што ми беа симпатични, некое време беа заинтересирани за мене, но потоа се однесуваа како да не постојам!“

Што им се допаѓа на момчињата кај една девојка? Што не им се допаѓа? Како да му го привлечеш вниманието на некое добро момче?

Што треба да правиш

Запознај се себеси. Најверојатно, кратко откако си влегла во пубертет, момчињата почнале сѐ повеќе да те привлекуваат. Можеби досега си имала неколку симпатии, што е нормално. Но, да се заљубеше до уши во првиот поради кој срцето ти потскокна, тоа можеше лесно да биде пречка за твојот емоционален и духовен развој. Треба време за да стекнеш убави особини, ‚да го обновиш својот ум‘, т.е. да научиш да донесуваш зрели одлуки за важните работи, и да оствариш некои свои цели (Римјаните 12:2; 1. Коринќаните 7:36; Колошаните 3:9, 10).

Точно, на многу момчиња им се допаѓаат девојки што сѐ уште немаат цврсти ставови или што се наивни. Но, тие момчиња првенствено ги интересира телото, а не карактерот на девојката. Факт е дека еден урамнотежен млад човек ќе си бара девојка со убави особини што ќе се надополнуваат со неговите (Матеј 19:6).

Што велат момчињата: „Ми се допаѓа девојка која има свое мислење и свое јас, која самата дошла до своите уверувања“ (Џејмс).

„Ми се допаѓа девојка која умее да разговара искрено и со почит, но која не кима со главата на сѐ што ќе кажам. Дури и ако некоја е убава, не ми е пријатно ако секогаш ми го кажува само она што сакам да го чујам“ (Дарен).

Што мислиш за овие изјави?

․․․․․

Научи да ги почитуваш другите. Колку што ти имаш потреба да бидеш сакана, толку момчињата имаат потреба да бидат почитувани. Не е случајно тоа што Библијата вели дека мажот треба да ја сака својата жена, а жената „длабоко да го почитува“ својот маж (Ефешаните 5:33). Во прилог на ова зборува една анкета. Над 60 отсто од младите мажи вклучени во анкетата рекле дека почитта ја ценат повеќе отколку љубовта. Истото го рекле и над 70 отсто од повозрасните мажи што биле анкетирани.

Да почитуваш некого не значи да се откажеш од своето јас — да не смееш да имаш и да изразиш поинакво мислење (1. Мојсеева 21:10-12). Но, од начинот на кој го изразуваш своето мислење може многу да зависи дали ќе му се допаднеш или ќе му бидеш одбивна на едно момче. Ако постојано му одиш контра или го исправаш за сѐ што ќе каже, може да помисли дека не го почитуваш. Но, ако со почит го сослушаш неговото гледиште и му кажеш со што конкретно се согласуваш, поголема е веројатноста дека и тој ќе го прифати и ќе го цени твоето мислење. Се разбира, еден прониклив млад човек ќе забележи дали постапуваш со почит и кон домашните и кон другите.

Што велат момчињата: „Мислам дека почитта е најважната работа на почетокот од една врска. Љубовта ќе си дојде подоцна“ (Адријан).

„Ако една девојка може да ме почитува, тогаш сум сигурен и дека ќе може да ме сака“ (Марк).

Што мислиш за овие изјави?

․․․․․

Облекувај се скромно и обрни внимание на личната хигиена. Твојата облека и изглед се како звучници кои ги пренесуваат твоите мисли и ставови. Уште пред да му прозбориш на некое момче, твојата облека веќе му кажала многу за тебе. Ако е пристојна и скромна, ќе пренесе позитивна порака (1. Тимотеј 2:9). Но, ако е провокативна или неуредна, пораката е јасна, гласна... и негативна!

Што велат момчињата: „Начинот на кој се облекува една девојка открива многу за нејзиниот став кон животот. Ако носи провокативна или неуредна облека, тоа ми кажува дека очајно сака да привлече внимание“ (Адријан).

„Ми се допаѓа девојка која води сметка за својата коса, убаво мириса и зборува со мил глас. И спротивно. На пример, многу ми се допаѓаше една убава девојка, но нејзината лоша хигиена му стави крај на мојот интерес“ (Рајан).

„Кога една девојка ќе се облече провокативно, секако дека ќе привлече внимание. Но, со таква девојка не би сакал да започнам врска“ (Николас).

Што мислиш за овие изјави?

․․․․․

Што не треба да правиш

Не флертувај. Жените можат да имаат силно влијание врз мажите. Ваквата привлечна сила може да се искористи на добар и на лош начин (1. Мојсеева 29:17, 18; Изреки 7:6-23). Ако испробуваш каква моќ имаш над секој дечко што ќе го сретнеш, најверојатно ќе си стекнеш репутација на девојка што флертува.

Што велат момчињата: „За да ти се разбудат чувствата, доволно е една привлечна девојка да седне блиску до тебе и повремено да те допира со рамото. Затоа, мислам дека девојка што често те допира додека зборувате, флертува со тебе“ (Николас).

„Ако една девојка често наоѓа начин да го допре секој дечко што ќе го запознае или ако кокетно го погледнува секое машко што ќе помине покрај неа, мислам дека флертува, а тоа ми е одбивно“ (Хозе).

Не биди посесивна. Библијата вели дека, кога маж и жена ќе стапат во брак, тие стануваат „едно тело“ (1. Мојсеева 2:24). Во таа фаза од нивната врска, и мажот и жената се откажуваат од слободата што ја имале како самци и стануваат приврзани еден кон друг (1. Коринќаните 7:32-34). Меѓутоа, ако со некое момче си почнала да излегуваш од неодамна, немаш право од него да ја очекуваш истата одговорност, ниту, пак, тој од тебе. * Факт е дека, кога го почитуваш неговото право да си има пријатели, можеби уште повеќе ќе му се допаднеш. А од тоа како ја користи таа слобода многу ќе дознаеш за неговиот карактер (Изреки 20:11).

Што велат момчињата: „Според мене, една девојка е премногу посесивна ако постојано сака да знае сѐ што правам и ако изгледа дека не знае што да прави кога не е со мене“ (Дарен).

„Ако некоја девојка што скоро сум ја запознал постојано ми праќа СМС-пораки и сака да знае со кого сум, а посебно ако настојува да дознае кои девојки се во друштвото, веднаш ми се вклучува знакот за тревога“ (Рајан).

„Девојка што не те остава да се дружиш со другарите и се нервира ако си излегол некаде без неа е несамостојна, а тоа воопшто не е привлечно“ (Адријан).

Што мислиш за изјавите во овој дел?

․․․․․

Имај самопочит

Веројатно познаваш девојки што би сториле сѐ за да му го привлечат вниманието и да му се допаднат на некое момче. Други можеби ги спуштаат своите мерила само за да си фатат дечко, па дури и за да си најдат маж. Меѓутоа, начелото ‚ќе го жнееш она што го сееш‘ важи и на ова поле (Галатите 6:7-9). Ако немаш почит кон себеси и кон мерилата според кои се трудиш да живееш, најверојатно ќе привлечеш само момчиња што не те ценат ни тебе ни твоите мерила.

Точно е дека нема да им се допаѓаш на сите момчиња — што може да биде и добро! Но, ако водиш сметка не само за твојата надворешна туку и за твојата внатрешна убавина, ќе бидеш ‚драгоцена во Божји очи‘ — и ќе му се допаднеш на момче какво што најмногу ќе ти одговара (1. Петрово 3:4).

ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

Што ако си момче и се прашуваш: ‚Зошто девојките не ме сакаат?‘

[Фуснота]

^ пас. 30 Се разбира, кога двајца ќе се свршат, имаат поголема одговорност еден кон друг.

КЛУЧЕН СТИХ

„Миловидноста може да биде лажна и убавината суетна но жена која се бои од Јехова заслужува фалба“ (Изреки 31:30)

ПРЕДЛОГ

Не претерувај со шминката! Премногу шминка може да дава погрешни сигнали — дека си вообразена или дури и дека очајно сакаш да привлечеш внимание.

СИ ЗНАЕЛА ЛИ ДЕКА . . . ?

Ако постојано бараш од момчето да ти посветува внимание само тебе, може да си ја расипеш врската.

ПЛАН!

Ќе се трудам да се подобрам во следново ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакала да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

● Како ќе покажеш дека ги почитуваш мислењето и чувствата на едно момче?

● Како ќе покажеш дека се почитуваш себеси?

[Истакната мисла на страница 190]

„Морам да признаам дека вниманието прво ми го привлекуваат убави девојки. Но, тоа може брзо да се смени ако девојката нема јасни и вредни цели. Од друга страна, ако знае што сака во животот — особено ако веќе успеала да оствари некои цели — тоа може да ја направи многу привлечна“ (Дејмијан)

[Слика на страница 191]

Љубовта и почитта се како двете тркала на велосипедот — не можеш без ниедно од нив