Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто девојките не ме сакаат?

Зошто девојките не ме сакаат?

Поглавје 28

Зошто девојките не ме сакаат?

Ѝ го свртев паметот! Ѝ кажав сѐ за мене — што сѐ имам, каде сѐ сум бил, кого сѐ познавам. Мора да е луда по мене!

Леле, ме удави! Па, зарем не сфаќа? Како да му кажам дека не сум заинтересирана за него?

ДОВОЛНО си возрасен за да започнеш врска. Би сакал да најдеш девојка што ти се допаѓа и која има исти религиозни верувања како тебе (1. Коринќаните 7:39). Но, некако не ти оди со девојките — досега не си успеал кај ниедна. Зошто? Што правиш погрешно? Дали девојките сакаат само убави момци? „Не е лошо да има и по некое мускулче“, признава една девојка по име Лиса. Сепак, повеќето девојки бараат нешто повеќе од тоа. „Убавите момчиња понекогаш немаат суштина“, вели Кери (18).

Што значи да имаш „суштина“? Ако сакаш подобро да запознаеш некоја девојка, кои работи треба да ги земеш предвид? И кои библиски начела би било добро да ги имаш на ум?

Чекор бр. 1

Пред да одлучиш да започнеш врска со некоја девојка, треба да научиш некои основни работи кои ќе ти помогнат да градиш пријателства воопшто. Еве неколку:

Научи се на убави манири. Библијата вели дека љубовта „не се однесува непристојно“ (1. Коринќаните 13:5). Убавите манири покажуваат дека ги почитуваш другите и дека стануваш сѐ позрел и посличен на Христос. Сепак, убавите манири не се костум кој го носиш за да ги воодушевиш другите, а кога ќе влезеш дома веднаш го соблекуваш. Запрашај се: ‚Дали покажувам убави манири и во семејството?‘ Ако одговорот е ‚не‘, тогаш ќе изгледа извештачено кога го правиш тоа со другите. Не заборавај, за да открие каква личност навистина си, една паметна девојка ќе гледа како се однесуваш со членовите на твоето семејство (Ефешаните 6:1, 2).

Што велат девојките: „Нешто што дефинитивно ми се допаѓа кај едно момче се убавите манири што ги покажува во мали работи, како, на пример, да ми ја отвори вратата, но и во поголеми работи — да биде љубезен и внимателен не само со мене туку и со моето семејство“ (Тина).

„Воопшто не ми се допаѓа кога некое момче, со кое само што сум се запознала, веднаш почнува да ми чепка во приватноста со прашања, како: ‚Дали си во врска со некого?‘ и ‚Какви цели имаш?‘ Тоа е непристојно и ме вади од кожа!“ (Катерина).

„Крајно дрско е кога момчињата мислат дека можат да си играат со нашите емоции, како нашите чувства воопшто да не се важни и како да сме толку очајни да се омажиме што мораат да нѐ сожалуваат“ (Алексис).

Обрни внимание на личната хигиена. Ако водиш грижа за личната хигиена, тоа покажува дека имаш почит кон другите, но и кон самиот себе (Матеј 7:12). Ако самиот се почитуваш, најверојатно и другите ќе те почитуваат. Од друга страна, пак, ако се запуштиш, тешко дека ќе имаш шанси кај некоја девојка.

Што велат девојките: „На едно момче кое беше заинтересирано за мене многу му мирисаше здивот. Преку тоа едноставно не можев да поминам“ (Кети).

Научи да разговараш. Добрата комуникација е основа за една трајна врска. Тоа значи да разговараш не само за она што тебе те интересира туку и за она што неа ја интересира (Филипјаните 2:3, 4). Треба да знаеш вистински да ја сослушаш и да го цениш нејзиното мислење.

Што велат девојките: „Ми остава убав впечаток кога момчето може природно да зборува со мене, кога ги помни работите што му ги кажувам и поставува прашања за да може разговорот слободно да тече“ (Кристина).

„Мислам дека момчињата ги привлекува она што го гледаат, а девојките она што го слушаат“ (Лора).

„Убаво е да добиваш подароци. Но, ако момчето знае да прави убав муабет, ако знае да те разведри и да те охрабри со своите зборови... Е, тоа е нешто!“ (Ема).

„Знам едно момче што е учтиво и никогаш не ги преминува границите. Можеме да водиме вистински разговор без да кажува работи како ‚Многу убаво мирисаш‘ или ‚Многу си слатка денес‘. Навистина слуша кога зборувам, а тоа е нешто што ѝ годи на секоја девојка“ (Бет).

„Дефинитивно би сакала подобро да запознаам некој што има смисла за хумор, но кој знае да зборува и за сериозни работи без да глуми“ (Кети).

Биди одговорен. Библијата вели: „Секој ќе го носи својот товар“ (Галатите 6:5). На девојките не им се привлечни момчиња што не можат да задржат работно место затоа што се мрзливи или затоа што времето си го трошат на забава.

Што велат девојките: „Би сакала некои момчиња да бидат поодговорни. Оние што не се, воопшто не се привлечни. Не оставаат добар впечаток“ (Кери).

„Некои момчиња немаат јасни цели во животот. Кога им се допаѓа некоја девојка, ќе ја прашаат какви цели има таа и потоа велат: ‚Вистина?! И јас имам исти цели!‘ Но, нивните постапки го потврдуваат спротивното“ (Бет).

Очигледно, тоа што ќе бидеш одговорен ќе ти помогне да стекнеш вистински пријатели. Сепак, кога ќе се чувствуваш спремен да започнеш сериозна врска со некоја девојка, што треба да направиш?

Чекор бр. 2

Преземи иницијатива. Ако мислиш дека девојката што ти се допаѓа би можела да ти биде добар брачен партнер, кажи ѝ дека си заинтересиран за неа. Јасно и отворено кажи ѝ што чувствуваш. Точно, тоа може да ти се чини прилично страшно. Се плашиш да не те одбие. Но, твојата спремност да преземеш иницијатива е доказ дека си пораснал. Едно предупредување: Не заборавај дека не ѝ предлагаш брак. Затоа, добро процени како ќе ѝ пристапиш. Ако си премногу сериозен или зборуваш со претеран жар, може повеќе да ја уплашиш отколку да ја освоиш.

Што велат девојките: „Не можам да им ги читам мислите на луѓето. Ако некој сака подобро да ме запознае, би требало да биде искрен и отворено да ми каже“ (Нина).

„Може да биде чудно ако некој што до вчера ти бил другар, сега сака да бидете нешто повеќе. Но, би го почитувала ако едноставно дојде и ми го каже тоа“ (Елена).

Почитувај ја нејзината одлука. Што ако девојката која ти се допаѓа ти каже дека не сака да има врска со тебе? Покажи ѝ дека ја почитуваш со тоа што ќе веруваш дека знае што сака и дека нејзиното ‚не‘ значи ‚не‘. Ако продолжиш да ѝ додеваш, ќе покажеш дека не си доволно зрел. Кога една девојка јасно и гласно ќе те одбие, ако навалуваш и понатаму, па дури и ѝ се лутиш, на кого мислиш повеќе — на неа или на себе? (1. Коринќаните 13:11).

Што велат девојките: „Ме нервира кога некому јасно ќе му кажам ‚не‘, а тој и понатаму ми досадува“ (Клара).

„Му објаснив на едно момче дека не сум заинтересирана за него, но тој навалуваше да му го дадам мојот број. Се обидов да бидам фина. Сигурно му требала голема храброст за да ми каже што чувствува. Но, на крајот, морав остро да му кажам да ме остави на мир“ (Сара).

Што не треба да правиш

Некои момчиња си мислат дека можат лесно да ја освојат секоја девојка. Можеби дури и се натпреваруваат со своите врсници за да покажат кој од нив може да им го привлече вниманието на што повеќе девојки. Но, тоа е сурово, а така ќе си стекнеш и лоша репутација (Изреки 20:11). Можеш да го избегнеш тоа ако ги примениш следниве предлози:

Не флертувај. Оној што флертува користи ласкави зборови и се однесува провокативно. Тој нема намера да започне сериозна врска. Ваквите постапки и ставови се во спротивност на библискиот совет да се однесуваме со ‚помладите жени како со сестри, со сета чистота‘ (1. Тимотеј 5:2). Оние што флертуваат се лоши пријатели и уште полоши брачни партнери. Паметните девојки се свесни за тоа.

Што велат девојките: „Мислам дека воопшто не е привлечно кога некој ти ласка, а знаеш дека минатиот месец истите зборови ѝ ги кажувал на другарка ти“ (Елена).

„Еден привлечен тип почна да флертува со мене и главно зборуваше за себе. Кога една друга девојка ни се придружи во групата, истото го правеше и со неа. Потоа дојде трета девојка и тој ѝ ги продаваше истите финти и нејзе. Изгледаше грозно!“ (Тина).

Не си поигрувај со нејзините чувства. Не очекувај дека едно пријателство помеѓу двајца од спротивен пол ќе функционира според истите правила како пријателство меѓу две лица од истиот пол. Зошто? Размисли за ова: Ако на твојот другар му кажеш дека добро му стои новиот костум или постојано зборуваш со него и му се доверуваш, тој сигурно нема да си помисли дека си заљубен во него. Но, ако на некоја девојка ѝ дадеш комплимент во врска со нејзиниот изглед и ако постојано зборуваш со неа и ѝ се доверуваш, таа може да си помисли дека сакаш нешто повеќе од другарство.

Што велат девојките: „Мислам дека момчињата не сфаќаат дека не можат да се однесуваат со девојките на ист начин како со своите другари“ (Сандра).

„Некое момче некако ќе го најде мојот број и одеднаш ќе добијам порака од него. Како да го сфатам тоа? Понекогаш можеш да имаш врска со некого преку СМС-пораки и да ти се родат чувства за него. Но, колку работи можеш да кажеш во една порака?“ (Маја).

„Мислам дека момчињата не сфаќаат колку брзо кај една девојка може да се родат чувства, особено ако момчето е обѕирно и пријатно. Тоа не значи дека девојката е очајна да си фати дечко. Едноставно мислам дека повеќето девојки сакаат да се заљубат и само чекаат да се појави принцот на белиот коњ“ (Ана).

ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 2, ПОГЛАВЈЕ 3

ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

Која е разликата помеѓу љубов и заљубеност?

КЛУЧЕН СТИХ

„Облечете [ја] новата личност која е создадена по Божја волја во вистинска праведност и верност“ (Ефешаните 4:24)

ПРЕДЛОГ

Прашај неколку зрели возрасни лица што мислат дека е најважно за еден млад човек да се развива како личност, и потоа процени дали ти треба да поработиш на тоа.

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?

Не е толку важно како изгледаш однадвор, туку каков си однатре.

ПЛАН!

Едно подрачје на кое можам повеќе да покажувам убави манири е ․․․․․

За да научам подобро да разговарам со другите, ќе ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

● Како ќе покажеш дека се почитуваш себеси?

● Како ќе покажеш дека ги почитуваш мислењето и чувствата на една девојка?

[Истакната мисла на страница 198]

„Момчињата мислат дека, за да привлечат некоја девојка, мораат да се облекуваат или да изгледаат на одреден начин. Добро, ова донекаде е точно, но мислам дека она што повеќе им се допаѓа на девојките се убавите особини“ (Кејт)

[Слика на страница 197]

Убавите манири не се костум кој го носиш за да ги воодушевиш другите, а кога ќе влезеш дома веднаш го соблекуваш