Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да го преболам раскинувањето?

Како да го преболам раскинувањето?

Поглавје 31

Како да го преболам раскинувањето?

„Бевме пријатели пет години, а во врска бевме шест месеци. Кога сакаше да раскинеме, немаше храброст дури ни да ми го каже тоа в лице. Едноставно престана да зборува со мене. Се чувствував беспомошно. Многу бев разочарана. Постојано се прашував каде згрешив“ (Рејчел)

РАСКИНУВАЊЕТО може да те столчи и одеднаш твојата радост да ја претвори во очај и солзи. Размисли за Џеф и Сузан, кои две години биле во врска. За тоа време, станале многу блиски. Секој ден си праќале љубовни СМС-пораки. Одвреме-навреме, Џеф ѝ давал подароци за да ѝ покаже дека мисли на неа. „Џеф вистински се трудеше да ме сослуша и да ме разбере“, вели Сузан. „Покрај него се чувствував толку сакана.“

По кратко време, Џеф и Сузан почнале да зборуваат за брак и да планираат каде би живееле кога ќе се венчаат. Џеф дури се трудел да дознае колкав прстен носи Сузан. Потоа, како гром од ведро небо, ѝ раскинал! Сузан била скршена. Продолжила со секојдневието, но не можела да се соземе од шокот. „Бев емоционално и физички исцрпена“, вели таа. *

Зошто боли

Ако си била во слична ситуација како Сузан, можеби се прашуваш: ‚Ќе можам ли некогаш да го надминам ова?‘ Нормално е да ти е тешко. „Љубовта е силна како смртта“, напишал цар Соломон (Песна над песните 8:6). Затоа, раскинувањето може да биде една од најголемите трауми во животот. Всушност, некои велат дека кога ќе раскинеш некоја врска, како да умира дел од тебе. Можеби ги поминуваш истите фази низ кои минува некој кога жали:

Одрекување. ‚Не, ова не може да биде крај. Ќе се предомисли за ден-два.‘

Гнев. ‚Како можеше да ми го направи ова? Не сакам да го видам!‘

Депресија. ‚Јас не заслужувам љубов. Мене никој никогаш нема да ме сака.‘

Прифаќање. ‚Ќе ми биде подобро. Не ми беше лесно, ама полека се враќам во нормала.‘

Нема потреба за очајување, ти можеш да стигнеш до последната фаза — до прифаќање. Колку време ќе ти треба за тоа зависи од неколку фактори, меѓу кои и тоа колку долго траела врската и до каде стигнала. Во меѓувреме, како да си го залечиш скршеното срце?

Продолжи со животот

Се вели дека времето лечи сѐ. Можеби овие зборови ти звучеле нереално кога сте раскинале. Причина за тоа е фактот што времето е само дел од решението. Да го објасниме тоа со пример: Ако се пресечеш, со текот на времето раната ќе зарасне, но сега боли. Мораш да го сопреш крвавењето и да ја ублажиш болката, а мораш да внимаваш и да не се инфицира раната. Истото важи и кога имаш емоционална рана. Моментално те боли. Но, можеш да преземеш некои мерки што ќе ти ја ублажат болката и кои ќе спречат да се „инфицираш“ со огорченост. Времето ќе си го направи своето, но што можеш да направиш ти? Обиди се со следново.

Тагувај. Нема ништо погрешно во тоа да се исплачеш. Па и Библијата вели дека има „време за плачење“ и „време за тагување“ (Проповедник 3:1, 4). Солзите не се знак на слабост. Кога му било тешко, дури и Давид, кој бил храбар воин, признал: „Цела ноќ со плачење го залевам леглото, со солзи ја натопувам постелата“ (Псалм 6:6).

Грижи се за своето физичко здравје. Вежбањето и правилната исхрана ќе ти помогнат да ја надоместиш силата што ти ја одзела емоционалната болка поврзана со раскинувањето. Библијата вели дека „телесното вежбање... користи“ (1. Тимотеј 4:8).

На кои работи можеби треба да обрнеш внимание за да си го зачуваш здравјето?

․․․․․

Биди активна. Немој да престанеш да го правиш она во што уживаш. Сега, повеќе од кога и да е порано, немој да се изолираш од другите (Изреки 18:1). Тоа што ќе се дружиш со оние на кои им значиш ќе ти помогне да се концентрираш на нешто позитивно.

Какви цели би можела да си поставиш?

․․․․․

Во молитва кажи му на Бог како се чувствуваш. Ова може и да не е толку лесно. Кога ќе раскинат, некои имаат чувство дека и Бог ги изневерил. Тие си мислат: ‚Толку се молев да најдам некој и, сега, гледај што се случи!‘ (Псалм 10:1). Но, дали би било во ред на Бог да гледаме како на обичен стројник на небото? Се разбира дека не. Тој не е одговорен кога еден од двајцата ќе реши да ја прекине врската. За Јехова го знаеме ова: „Тој се грижи за [тебе] (1. Петрово 5:7). Затоа, во молитва кажи му како се чувствуваш. Библијата вели: „Изнесете му ги своите барања на Бог. И мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашиот ум преку Христос Исус“ (Филипјаните 4:6, 7).

За кои конкретни работи би можела да му се молиш на Јехова додека се трудиш да го преболиш раскинувањето?

․․․․․

Гледај напред

Откако ќе ти се залечат раните, добро е малку да анализираш зошто пропадна врската. Кога ќе бидеш спремна за ова, од помош може да ти биде ако одговориш на прашањата во рамката „Поуки од раскинувањето“ на 224. страница.

Точно, врската не испаднала онака како што си очекувала. Но, запомни го ова: За време на бура, лесно е да се концентрираш на затемнетото небо и на поројниот дожд. Ама, по некое време дождот ќе запре и небото ќе се разјасни. Младите што беа цитирани во ова поглавје, со текот на времето, успеале да продолжат со животот. Биди сигурна дека ќе успееш и ти!

ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

Што можеш да направиш за да се заштитиш од сексуални напасници?

[Фуснота]

^ пас. 5 Иако во ова поглавје се цитирани девојки, истите начела важат и за момчињата.

КЛУЧЕН СТИХ

„[Јехова] ги лекува оние со скршено срце и им ги преврзува раните“ (Псалм 147:3)

ПРЕДЛОГ

Сузан, која беше спомната на почетокот од поглавјето, си направила список со стихови што постојано ѝ бил при рака за да може да си ги чита кога ќе ја притисне тага. Можеби и ти би можела да си направиш список со стиховите што се наведени во ова поглавје.

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?

Повеќето средношколски врски не завршуваат со брак, а кај оние што сепак ќе завршат со брак многу често доаѓа до развод.

ПЛАН!

За да го преболам раскинувањето, ќе ․․․․․

За да бидам подобар партнер во следната врска, би можела да поработам на ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакала да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

● Што научи за себе од врската што ти пропадна?

● Што научи за спротивниот пол?

[Истакната мисла на страница 227]

„Кога ќе помине некое време, гледаш појасно на работите. Тогаш емоциите ти се потсмирени и затоа можеш објективно да размислиш за ситуацијата и да преминеш на следното поглавје од животот. Исто така, подобро ќе се запознаеш себеси и ќе ти биде појасно каков партнер сакаш, како и од што да се пазиш за да не се најдеш повторно во иста ситуација“ (Корина)

[Рамка на страница 224]

Прашалник

Поуки од раскинувањето

Дали ти кажа зошто ти раскинува? Ако да, на линиите напиши ја причината, сеедно дали сметаш дека држи или не. ․․․․․

Според тебе, дали можеби имало и други причини? Кои? ․․․․․

Кога ќе се вратиш наназад, си можела ли да направиш нешто за да ја зачуваш врската? Што? ․․․․․

Дали раскинувањето откри некои подрачја на кои би сакала да растеш духовно и емоционално? ․․․․․

Дали и што би направила поинаку во следната врска? ․․․․․

[Слика на страница 223]

Раскинувањето е како исеченица — боли, но со текот на времето ќе зарасне