Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како ќе знам дали е вистинска љубов?

Како ќе знам дали е вистинска љубов?

Поглавје 29

Како ќе знам дали е вистинска љубов?

Одговори на следниве прашања:

1. Како би дефинирал што е „љубов“? ․․․․․

2. Како би дефинирал што е „заљубеност“? ․․․․․

3. Според тебе, која е разликата помеѓу љубов и заљубеност? ․․․․․

ВЕРОЈАТНО не ти беше многу тешко да одговориш на овие прашања. Чисто теоретски, лесно е да се направи разлика помеѓу љубов и заљубеност.

Но, сето тоа може да се смени во моментот кога ќе го запознаеш човекот или девојката од твоите сништа. Одеднаш, како да си на седмо небо и ништо друго не те интересира. Конечно знаеш што е љубов. Но, дали е така? За што се работи — за љубов или за заљубеност? Како ќе ја препознаеш разликата? За да одговориме, прво да видиме колку се сменил твојот став кон спротивниот пол во последниве години. На пример, размисли за овие прашања:

● Како гледаше на спротивниот пол кога имаше пет години?

● Како гледаш на спротивниот пол сега?

Од твоите одговори веројатно се гледа дека кога си влегол во пубертет, си почнал поинаку да гледаш на спротивниот пол. „Некако почнав да забележувам дека девојките се поубави отколку што мислев“, вели Брајан (12). Илејн (16) се сеќава на една промена од пред неколку години. „Сите мои другарки почнаа да зборуваат за момчиња“, вели таа, „а јас почнав лесно да се заљубувам.“

Сега, кога почна малку поинаку да гледаш на спротивниот пол, што да правиш со тие силни чувства? Наместо да се преправаш дека не постојат — што докажано само уште повеќе ги подгрева — имаш одлична шанса да научиш нешто повеќе за привлечноста, заљубеноста и љубовта. Така ќе можеш да се поштедиш од скршено срце и, кога ќе дојде време, да најдеш вистинска љубов.

ПРИВЛЕЧНОСТОна што го гледаш

„Јас и другарите постојано зборуваме за девојки. Пробуваме да зборуваме и за друго, но штом помине некоја убава девојка покрај нас, веднаш забораваме за што сме зборувале!“ (Алекс).

„Кога некое момче ќе ме погледне во очи, а плус тоа има убава насмевка и оди самоуверено, веднаш ми го привлекува вниманието“ (Лори).

Нормално е да те привлекува некој што убаво изгледа. Но, проблемот е дека не го добиваш секогаш она што го гледаш. Зошто? Затоа што изгледот знае да лаже. Библијата вели: „Она што е златен прстен на рилка на свиња, тоа е жена убава, а неразумна“ (Изреки 11:22). Се разбира, истото важи и за момчињата.

ЗАЉУБЕНОСТОна што го чувствуваш

„Кога имав 12 години, бев до уши заљубена во едно момче, а кога ми помина таа фаза, сфатив зошто ми се допаѓал. Само затоа што сите мои другарки се интересираа за момчиња, а тој беше момче. Тоа е тоа!“ (Илејн).

„Многу пати сум бил заљубен, но најчесто се залетував по убавината. Кога ќе видев каква е навистина девојката, сфаќав дека баш и не си одговараме како што си мислев“ (Марк).

Кога се во прашање чувствата, заљубеноста личи на љубов. Всушност, љубовта вклучува романтични чувства. Но, заљубеноста и љубовта се разликуваат по она на што се темелат. Заљубеноста е површна реакција на површни особини. Кога човек е заљубен, слеп е за слабостите на другиот, а ги преувеличува неговите јаки страни. Како резултат на тоа, заљубеноста е стабилна колку и кула од песок. „Не трае долго“, вели една девојка по име Фиона. „Еден ден чувствуваш страшна привлечност кон некого и по еден месец пак те обзема истото чувство — ама спрема некој друг!“

ЉУБОВОна што го знаеш

„Мислам дека кога се работи за љубов, тогаш имаш причина зошто некој ти се допаѓа, и тоа добра причина, а не некоја себична“ (Дејвид).

„Јас сметам дека вистинската љубов треба да расте со времето. Отпрвин сте добри пријатели. Потоа, малку по малку, ти се допаѓа она што го дознаваш за другиот и почнуваат да ти се раѓаат чувства какви што си немала никогаш порано“ (Џудит).

Љубовта се темели на тоа што добро ги знаеш и јаките и слабите страни на другиот. Затоа, не изненадува тоа што Библијата вели дека љубовта е повеќе отколку само чувство. Меѓу другото, вели дека љубовта е „долготрпелива и љубезна... Сѐ поднесува, сѐ верува, на сѐ се надева, сѐ трпи. Љубовта никогаш не престанува“ (1. Коринќаните 13:4, 7, 8). Љубовта го тера човек да се однесува вака на темел на она што го знае, а не од лековерност или од незнаење.

Пример за вистинска љубов

Библискиот извештај за Јаков и Рахела многу живописно покажува што е вистинска љубов. Тие се сретнале покрај еден бунар, кога Рахела отишла да ги напои овците на татко ѝ. Веднаш му се допаднала на Јаков. Зошто? Една работа е тоа што имала „убава става и убаво лице“ (1. Мојсеева 29:17).

Но, запамти дека вистинската љубов се темели на многу повеќе отколку на физичкиот изглед. Јаков сфатил дека Рахела има многу повеќе од убаво лице. Всушност, Библијата вели дека за кратко време, на Јаков не само што му се допаѓала Рахела, туку и ‚ја засакал‘ (1. Мојсеева 29:18).

Дали ова е крајот на нивната љубовна приказна? Не, приказната само што почнала. Таткото на Рахела го натерал Јаков да чека седум години за да може да се ожени со неа. Сеедно дали тоа било фер или не, љубовта на Јаков се нашла на испит. Ако бил само заљубен, немало да ја чека. Само вистинската љубов може да го издржи тестот на времето. И што се случило? Библијата вели: „Јаков служеше за Рахела седум години, но тие му се видоа како неколку дена, зашто ја сакаше“ (1. Мојсеева 29:20).

Што можеш да научиш од примерот на Јаков и Рахела? Вистинската љубов може да го положи тестот на времето. Исто така, таа не се темели само на физичкиот изглед. Всушност, брачен другар би можел да ти биде и некој што отпрвин не ти е којзнае колку привлечен. На пример, Барбара се запознала со еден млад човек за кого признава дека, на прв поглед, не ѝ оставил посебен впечаток. „Но, кога го запознав подобро“, вели таа, „работите се сменија. Видов дека Стивен се грижи за другите и дека нивното добро секогаш го става пред своето. Тие особини ми покажаа дека ќе биде добар сопруг. Ми стана многу мил и го засакав.“ Тие сега имаат цврст брак.

Кога ќе бидеш доволно зрел за да започнеш врска со намера да стапиш во брак, како ќе знаеш дека си ја нашол вистинската љубов? Можеби срцето ќе ти го кажува тоа, но верувај му на својот разум следејќи ги библиските начела. Гледај подалеку од физичкиот изглед — запознај го другиот. Остави време врската да зрее. Запамти, за кратко време заљубеноста обично избледнува. Со времето, вистинската љубов станува сѐ поцврста и ‚совршено поврзува‘ (Колошаните 3:14).

Биди уверен дека можеш да најдеш таква љубов — ако научиш да одиш подалеку од привлечноста (она што го гледаш) и од заљубеноста (она што го чувствуваш). Следните три страници ќе ти помогнат во тоа.

ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 2, ПОГЛАВЈА 1 И 3

ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

Да речеме дека си ја нашол вистинската љубов. Како ќе знаеш дали си спремен за брак?

КЛУЧЕН СТИХ

„Многу води не можат да ја угаснат љубовта и реките не можат да ја однесат“ (Песна над песните 8:7)

ПРЕДЛОГ

За да дознаеш колку навистина го познаваш оној што ти се допаѓа, одговори го прашалникот во том 2, на страница 39 (за девојките) и страница 40 (за момчињата).

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?

Младите што лекомислено влегуваат од една во друга врска, на некој начин „се вежбаат“ за развод.

ПЛАН!

За да одредам дали моите чувства кон некого се знак за заљубеност или за љубов, ќе ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

● Зошто Бог ги создал луѓето да чувствуваат толку силна привлечност кон спротивниот пол?

● Зошто многу тинејџерски „љубовни“ врски пропаѓаат?

[Истакната мисла на страница 207]

„Љубовта може да ги надмине пречките, а заљубеноста обично поминува штом ќе се сменат околностите или кога ќе се појават проблеми. Треба многу време за да се роди и да расте вистинска љубов“ (Даниела)

[Рамка на страница 209]

Прашалник

Што би направил ти?

Јана и Стефан излегуваат веќе три месеци, и Јана вели дека „конечно знае што е љубов“. Стефан е луд по неа — дури ѝ кажува и како да се облекува и со кого да се дружи, а со кого не. Ја третира како принцеза — или ја третираше. Минатата седмица Стефан ѝ удри шлаканица кога „ја фати“ како зборува со друго момче.

Тој вели: „Јана треба да знае дека многу ми е страв да не ја изгубам. Всушност, помислата дека друг може да ми ја украде, ме излудува! Многу ми е тешко што ја удрив. Но, просто не можам да поднесам макар и да погледне друг. Освен тоа, ѝ се извинив!“

Таа вели: „Моите родители велат дека Стефан сака да ме држи под контрола, но тој само има високи стандарди. Мислам, никогаш не се обидел да ме натера на секс. А кога ме удри — за што не им кажав на родителите — па, добро... точно е дека зборував со друго момче. Стефан знае да биде љубоморен, што понекогаш ми доаѓа убаво. Како и да е, рече дека му е жал и ми вети дека такво нешто нема да се повтори“.

Што велиш ти: Забележуваш ли некои знаци за тревога во оваа врска? Кои? ․․․․․

Што треба да направи Јана? ․․․․․

Што би направил ти? ․․․․․

[Рамка на страница 210]

Прашалник

Што би направил ти?

Гордан излегува со Леа два месеца и веќе забележа дека таа често се кара, особено со родителите. Всушност, постојано се кара со нив и обично победува. Таа ја совладала „вештината“ да си стои на своето додека родителите не попуштат затоа што им дошла преку глава. Леа му се фали на Гордан дека „ги врти родителите на малиот прст“.

Тој вели: „Леа секогаш кажува што мисли. Не попушта пред никого — дури ни пред родителите. Татко ѝ знае да биде многу досаден, и не е ни чудо што избувнува со него. Но, не останува само на викање. Леа може да плаче, да се мурти или, пак, да биде ептен слатка — сѐ што треба за да го добие од мама и тато она што го сака“.

Таа вели: „Баш ми е гајле кој си, каква титула имаш или на каква позиција си — јас ќе ти кажам сѐ без влакна на јазикот. Мојот дечко, Гордан, го знае тоа. Ме има видено со родителите“.

Што велиш ти: Забележуваш ли некои знаци за тревога во оваа врска? Кои? ․․․․․

Што треба да направи Гордан? ․․․․․

Што би направил ти? ․․․․․

[Рамка на страница 211]

Прашалник

Дали е љубов или заљубеност?

Пробај да ги погодиш испуштените зборови во изјавите подолу. На празните места стави или љубов или заљубеност.

1. „․․․․․ е слепа и сака да остане таква. Таа не сака да ја види реалноста“ (Калвин).

2. „Ако, кога сум со девојка што ми се допаѓа, треба да бидам нешто што не сум, тоа е ․․․․․“ (Томас).

3. „Можеби нешто ќе те нервира кај другиот. Но ако е ․․․․․‚ и покрај тоа сакаш да бидеш со таа личност и заедно да го решите проблемот“ (Рајан).

4. „Кога се работи за ․․․․․‚ сакаш да размислуваш само за она што ви е заедничко“ (Клаудија).

5. „Кога е во прашање ․․․․․‚ не се обидуваш да скриеш каков си“ (Ева).

6. „․․․․․ е себичен начин да добиеш нешто што сакаш — можеби само колку да кажеш дека имаш дечко“ (Алисон).

7. „Кога се работи за ․․․․․‚ ги гледаш мааните и чудните страни на другиот и можеш да живееш со нив“ (Ејприл).

8. „Кога станува збор за ․․․․․‚ не можеш да кажеш што те привлекува кај другиот — едноставно те привлекува“ (Дејвид).

9. „Кога е во прашање ․․․․․‚ другиот не знае да згреши“ (Челси).

10. „Кога се работи за ․․․․․‚ не гледаш на другите од спротивниот пол како претходно, затоа што чувствуваш верност кон личноста што ја сакаш“ (Даниел).

Одговори: Заљубеност: 1, 2, 4, 6, 8, 9. Љубов: 3, 5, 7, 10.

[Слика на страници 206 и 207]

Заљубеноста е стабилна колку кула од песок — за кратко време ја снемува