Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Пијанки — што има лошо во тоа?

Пијанки — што има лошо во тоа?

Поглавје 34

Пијанки — што има лошо во тоа?

Како би одговорил на следниве прашања? Означи со ✔.

Дали некои твои врсници учествуваат во пијанки?

□ Да □ Не

Дали некогаш врсниците те терале да пиеш алкохол?

□ Да □ Не

Дали некогаш си учествувал во пијанка?

□ Да □ Не

ШТО е пијанка? Некои велат дека тоа е едноставно прилика кога пиеш за да се опиеш. Но, во еден извештај на американскиот Државен институт за борба против алкохолизмот и злоупотребата на алкохол се наоѓа една поконкретна дефиниција. Во него се вели дека таквото пиење „обично се дефинира како консумирање на пет или повеќе пијалаци едноподруго кога станува збор за мажи, и четири или повеќе пијалаци едноподруго кога станува збор за жени“.

Ако и тебе ти се случило да пиеш во неконтролирани количини или да пиеш иако според законот не смееш, не си единствен. Многу млади пијат. * Но, запрашај се: ‚Зошто сакам да пијам, и колку сум свесен за тоа какви последици може да имам од алкохолот?‘ На пример, како би одговорил на овие прашања? Означи со ✔, а потоа размисли за фактите.

а. Тинејџерите пијат само затоа што им се допаѓа вкусот на алкохолот.

□ Точно □ Неточно

б. Бидејќи се млади и имаат добро здравје, тинејџерите чувствуваат помалку несакани последици од алкохолот отколку возрасните.

□ Точно □ Неточно

в. Од опивање не се умира.

□ Точно □ Неточно

г. Библијата го осудува пиењето алкохол.

□ Точно □ Неточно

д. Единствена последица од пијанките е влошено здравје.

□ Точно □ Неточно

а. Тинејџерите пијат само затоа што им се допаѓа вкусот на алкохолот. Одговор: Неточно. Во една анкета што била спроведена во Австралија за да се види колку се свесни луѓето за влијанието на алкохолот, 36 отсто од младите испитаници рекле дека пијат главно „за да се вклопат во друштво“. Една анкета во САД покажа дека 66 отсто од испитаниците рекле дека пијат под влијание на другите. Меѓутоа, повеќе од половината рекле и дека пијат за да заборават на проблемите.

б. Бидејќи се млади и имаат добро здравје, тинејџерите чувствуваат помалку несакани последици од алкохолот отколку возрасните. Одговор: Неточно. „Новите истражувања покажуваат дека младите што пијат си играат со оган“, пишува во една статија во списанието Discover. Зошто? „Тинејџерите што претерано пијат можат во голема мера да си ги уништат своите ментални способности.“

Хроничното пиење е поврзано и со појавата на повеќе акни, предвремено збрчкување на кожата, зголемена телесна тежина и со зависност од алкохол и од дрога. Освен тоа, може сериозно да ги оштети нервниот систем, црниот дроб и срцето.

в. Од опивање не се умира. Одговор: Неточно. Кога ќе се испие преголема количина алкохол, мозокот не добива доволно кислород и виталните телесни функции почнуваат да забавуваат и на крајот престануваат. Некои од симптомите се повраќање, несвестица и забавено или неправилно дишење. Во некои случаи може да настапи и смрт.

г. Библијата го осудува пиењето алкохол. Одговор: Неточно. Библијата не го осудува пиењето алкохол ниту, пак, е против тоа младите да се забавуваат (Псалм 104:15; Проповедник 10:19). Сепак, се разбира, мораш да ги почитуваш законите во твојата земја во врска со пиење алкохол (Римјаните 13:1).

Меѓутоа, Библијата го осудува прекумерното пиење. „Виното е подбивно опојниот пијалак е бучен и секој што е заведен од него не е мудар“, стои во Изреки 20:1. Под дејство на алкохол човек може да се однесува глупаво и смешно! Точно, можеби моментално ќе ти биде убаво, но ако претераш, алкохолот „каснува како змија“, создавајќи ти многу проблеми (Изреки 23:32).

д. Единствена последица од пијанките е влошено здравје. Одговор: Неточно. Ако се опиеш, полесно е некој да ти направи нешто лошо, па дури и да те силува. Но, и ти можеш да претставуваш опасност за другите ако почнеш да се однесуваш неконтролирано. Затоа Библијата предупредува дека ако претераш со пиењето, „во умот ќе ти биде бркотница“ (Изреки 23:33, Радосна Вест). Накратко кажано, само ќе се изглупираш! Може да имаш и други болни последици — да ги изгубиш пријателите, да имаш слаб успех на училиште или на работа, да си заработиш криминално досие или да западнеш во сиромаштија (Изреки 23:21).

Но, најважно од сѐ, размисли за духовната штета што може да ја предизвика препивањето. Јехова Бог сака да му служиш „со сиот свој ум“, а не со ум што е непотребно оштетен од претерано пиење алкохол (Матеј 22:37). Божјата Реч не го осудува само ‚пијанството‘ туку и ‚натпивањата‘ (1. Петрово 4:3). Според тоа, пијанките се во спротивност на волјата на нашиот Творец, и ако учествуваш во такви пијанки, не можеш да бидеш близок со Бог.

Што ќе одлучиш ти?

Дали ќе пиеш само затоа што твоите врсници пијат? Во Римјаните 6:16 Библијата вели: „Не знаете ли дека ако му се предавате некому во ропство и се обврзувате на послушност робови сте му на оној кого го слушате?“ Дали навистина сакаш да им станеш роб било на врсниците било на алкохолот?

Но, што ако пијанките веќе се дел од твојот живот? Веднаш побарај помош од родителите или од некој зрел пријател. Зборувај со Јехова во молитва и преколнувај го да ти помогне. Впрочем, тој ни е „помош која лесно се наоѓа во неволја“ (Псалм 46:1). Бидејќи обично влијанието на врсниците е причината зошто некој почнува да оди по пијанки и да пие уште како малолетен, можеби ќе треба да направиш големи промени во изборот на пријатели. * Тоа нема да ти биде лесно, но со помош од Јехова можеш да успееш.

ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

Зависноста од дрога може да се победи. Дознај како.

[Фусноти]

^ пас. 11 Види ја рамката  „Кој пие?“ на 249. страница.

^ пас. 32 Повеќе информации има во поглавја 8 и 9 од оваа книга и во поглавје 15 од том 2.

КЛУЧЕН СТИХ

‚Пијаницата осиромашува‘ (Изреки 23:21)

ПРЕДЛОГ

Утврди зошто сакаш да пиеш алкохол. Потоа размисли за други, поздрави начини на кои можеш да се забавуваш или да си го намалиш стресот.

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?

Според едно истражување во САД, „кај оние што редовно одат на пијанки, шансите да испуштаат часови, да имаат послаб успех на училиште, да се повредат или да оштетат имот се осум пати поголеми отколку кај оние што не пијат“.

ПЛАН!

Ако другите ме тераат да се опивам со нив, ќе им речам ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

● Зошто твоите врсници сакаат и други да се опиваат заедно со нив?

● Дали со пиењето ќе бидеш попривлечен за спротивниот пол, и зошто го велиш тоа?

[Истакната мисла на страница 250]

„Кога некој од училиште ќе ми понуди пијалак, му велам дека не морам да пијам за да си поминам убаво“ (Марк)

[Рамка на страница 249]

 Кој пие?

Според една анкета спроведена во Англија, Шкотска и Велс, една четвртина од тинејџерите на возраст од 13 и 14 години „тврделе дека имаат ‚мавнато‘ најмалку пет пијачки едноподруго“. И околу половина од испитаниците на 15 и 16 години рекле дека го имаат направено тоа. Според Министерството за здравство и социјална помош на САД, „околу 10,4 милиони адолесценти на возраст помеѓу 12 и 20 години потврдиле дека пијат алкохол. Од нив, 5,1 милиони редовно одат на пијанки, а 2,3 милиони се препиваат на пијанки најмалку пет пати во месецот“. Едно истражување од Австралија покажува дека во таа земја на пијанки одат повеќе девојки отколку момчиња и пијат од 13 до 30 пијачки во една вечер!

[Слика на страница 251]

Алкохолот може да касне како змија